fbpx

Купуваат генератори зашто не веруваат дека ќе има струја

  • Граѓани трошат повеќе од една просечна плата за да купат генератори како резервно решение ако нема струја.
  • Од Министерството за економија знаат за алтернативите кои се набавуваат, но убедуваат дека домаќинствата нема да подлежат на рестрикции со струја.
  • Паниката сериозно го бранува пазарот и ги деформира цените на други производи, како што се огревното дрво и генераторите за струја, предупредуваат експертите.
  • Струјата за домаќинствата нема да поскапи, уверуваат од Министерството за економија. Прогнози за после Нова година нема.
 

Повеќе од една просечна плата се троши за да се обезбедат генератори кои би се користеле како алтернативно решение за време на рестрикции со струја. Неколку литри бензин ќе обезбедат енергија за основните апарати во домаќинството, велат граѓаните кои веќе набавиле генератори. Недовербата во власта има поголем ефект во кревањето паника и креирањето на цените на пазарот отколку официјалните владини информации дека државата ќе набави струја.

Се бара план Б ако евентуално снема струја

На есенското сонце не треба многу да му се верува, исто и на ветувањата дека ќе има струја. Со ваква девиза Божидар Трајкоски од струшко Мороишта одлучил во екот на светска енергетска криза да инвестира за да спие мирно. Малку маалски муабети, малку медиуми, му влеале страв на стружанецот дека е подобро да вложи 22 илјади денари за генератор за да знае дека секогаш ќе има на што да ги приклучи најнеопходните апарати.

„Ако снема евентуално струја во Струга, во државата да речеме, тоа е барем за парното греење да можеме да ја вклучиме пумпата на генераторот за да работи парното греење. Луѓево се плашат, општо, криза е светска и од струја се плашат и за храна. Подобро да си имаме бидејќи ова е Македонија, така што подобро да си имаме план Б отколку да немаме струја“, вели Божидар Трајкоски, земјоделец од Струга.

Недовербата кон официјалните информации според кои државата нема да остане без струја Божидар ја има од пред седум години, кога тој и неговите сожители останале неколку дена во мрак кога поголем снег ги турнал далекуводите во Струга. Сега генераторот го купил од локален маркет, а на сличен начин се снашле и неговите пријатели и роднини.

Дека генераторот се гледа како алтернативно решение се уверивме и во Битола. Компанија која 30 години, меѓу другото, се занимава со продажба на генератори, вели дека се бараат.

„Генератори бараат конкретно за во домаќинства, не толку за во индустрија. Обично се движат од шест киловати и нагоре. Тој генератор може да работи од 4-8 часа во текот на денот. Цената не им е зголемена, ако се спореди со покачувањето на железото и сето тоа математиката може да се искалкулира, но драстично зголемување на цената нема“, вели Николче Митриќески од фирмата „Синтекс“.

На лице место ваков апарат бараше и битолчанецот Никола Трајковски.

„Мора план Б да се има за актуелната ситуација, затоа што секој ден се менува ситуацијата во државата и веќе не се знае ништо утре што ќе биде. Официјално велат многу работи, ама...“, вели Трајковски.

Власта тврди дека струја ќе има, но паниката ги деформира цените на пазарот

Владата се фали со транспарентност, министрите уверуваат дека прават сè да набават струја за тековната зима, но недовербата ги тера граѓаните да трошат од и така плиткиот џеб за алтернативни решенија.

Од Министерството за економија се запознати за алтернативите кои се набавуваат, но убедуваат дека нема потреба од тоа.

„Домаќинствата нема да подлежат на рестрикции во снабдувањето со електрична енергија. Засега нема најавено прекини во снабдувањето со електрична енергија за граѓаните, па секоја набавка на агрегати би им го оптоварила домашниот буџет за купување на нешто што нема да го користат“, велат од Кабинетот на министерот Крешник Бектеши.

Александар Дединец од Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) со години работи на Стратегијата за енергетика на државата и вели дека дезинформациите сериозно влијаат на флуктуациите на пазарот.

„Кога зборуваме во јавноста мораме да бидеме внимателни во изјавите кои што ги даваме, затоа што апсолутно се согласувам дека граѓаните се збунети и исплашени, меѓутоа не треба да стравуваат во делот на снабдување со електрична енергија. Онаа паника која што се создава оди во насока да се зголеми потрошувачката на огревно дрво, набавуваат огревно дрво, враќаат стари печки и така натаму, кое што не би требало да се случува затоа што прави дисторзија и на другите пазари. Значи и на пазарот гледаме дека и огревното дрво поскапува, ако истото се случува со генераторите – ќе се зголеми цената на генераторите. Нема потреба воопшто да набавуваат такви генератори“, посочува Дединец.

Ако веќе се размислува за алтернатива, Дединец упатува на друго решение кое би била долгорочна инвестиција.

„Она што искрено ме радува во целата оваа паника е дека голем број луѓе сакаат да постават фотоволтаици на своите покриви, голем број домаќинства и тоа е за поздравување. Треба да се насочиме кон тој дел и што е можно повеќе да имаме такви луѓе, такви домаќинства кои што ќе си стават фотоволтаици на своите покриви и на тој начин ќе го растеретат системот од една страна и ќе си ги намалат трошоците“, објаснува Александар Дединец од МАНУ.

Идеално алтернативно решение во фотоволтаиците гледаат и од Министерството за економија. Оттаму се дури и оптимисти дека цената на електричната енергија нема да се менува.

„Согласно методологијата за пресметка на нова цена на електричната енергија, засега нема најавено зголемување на цената за оние потрошувачи кои се на регулираниот пазар и чија цена ја одредува Регулаторот“, соопштуваат од Министерството за економија.

Овие прогнози се слични и во Европа, со тоа што нема одговор за цената на електричната енергија после Нова година.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова
Снимател: Агим Џељо и Иван Поповиќ
Монтажер: Борче Крстевски