fbpx

Луна парк – таен план за скапа забава

Трета мајка за скопскиот Луна парк. Дваесет и шест реквизити на постоечкиот простор се ново ветување дека следната есен ќе бидат забава за најмладите скопјани.

Ако прошетате во работни денови низ Градскиот парк, ќе забележите движење меѓу 'рѓосаните катанци на Луна паркот меѓу кои е обрасната трева. Нема кој знае каква динамика, но очигледно е дека нешто се работи на местото.

  1. „Новиот Луна парк во Скопје ќе се протега на 24.000 метри квадратни и ќе чини 6,5 милиони евра“. Ова е информација од Град Скопје пласирана во медиумите. Ве молам одговорете ми дали во планот за изработка е планирано да се користат реквизити набавени од претходното раководство или ќе бидат сосема нови?
  2. Како ќе се обезбедат 6,5 милиони евра?
  3. Колку пари за проект Луна парк во последните 10 години се одлеани од градскиот буџет?
  4. Дали за реализација на последниот проект за Луна парк се планирани сечење на дрвја од градскиот парк?
  5. Дали се планирани паркинг места?

Со овие прашања по електронска пошта се обративме до градските власти, но оттаму не добивме никаков одговор. Во директна комуникација на Вајбер со одговорните од кабинетот на градоначалничката побаравме одговор и дали со Луна паркот ќе се направат и повисоки згради и што точно ќе се гради таму, но ниту на тоа не добивме одговор.

Се обративме и до Општина Карпош.

  1. Што стои во урбанистичкиот проект одобрен од Општина Карпош, кој се однесува на изработка на Луна парк во Градски парк?
  2. Дали во урбанистичкиот план освен реквизити се планирани и ресторан, продавници и кафе бар?

Иако градоначалникот директно ни посочи личност која ќе даде одговор во камера на овие прашања, сепак, вработената се премисли и на маил добивме кус одговор:

Во врска со Вашето прашање Ве упатувам на линкот подоле, каде е содржан одговорот од интерес, а објавен на Огласна табла од страна на Општина Карпош. За дополнителни информации може да се обратите до Град Скопје како надлежна институција. https://karpos.gov.mk/wp-content/uploads/2017/08/2_12.07.2022_UP-Luna-park-PR-1.pdf

Молкот на градските власти отвора простор за ширење на секакви информации. Во последниот период за оваа тема, социјалните мрежи се платформа на разменување на тврдења, сомнежи и слободни толкувања. Дел од нив се дека се планираат продавници и бутици, ресторани и кафулиња, дека на местото на Луна паркот ќе има многу повеќе од реквизити за забава.

Секој градоначалник со нов план за Луна парк

Визијата за тоа на која страна да вртат коњчињата и каде да се постават шините на вовчето, редовно на секој нов градоначалник во последните шест години се разликувале со претходникот.

Таман ќе стигне во завршна фаза – градот ќе добие нов шеф, а со тоа и нова идеја за градската забава, па така метрополата редовно плаќа за нешто што упорно не може да го добие.

Основан во 1955 година, а целосно обновен 1973 година, десет години по земјотресот од 1963 година, скопскиот Луна парк броеше 20 објекти кои повеќе од 40 години не беа ниту заменети, ниту пак неговата содржина беше збогатена со нови.

Коце Трајановски, градоначалник на Град Скопје 2009 - 2017

Во 2015 година, градските власти на чело со Коце Трајановски излегоа со информација дека ќе се гради нов Луна парк. Се најавија два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити. Идејниот проект беше изработен од „Билд урбан“ ДООЕЛ Скопје, а за изведувач на градежните работи беше избрана фирмата „Жикол“. Почна да се гради во април 2017 година, а 2018 година беше зацртана како година кога новиот забавен парк требаше да биде завршен. Вкупната инвестиција беше 6,5 милиони евра, а Трајановски најави дека средствата ќе бидат обезбедени од градскиот буџет во три фискални години.

Од 25.327 метри квадратни, вкупната површина требаше да порасне на околу 40.000 метри квадратни. Годишниот капацитет на забавниот парк беше прогнозиран на 200.000 посетители.

Петре Шилегов, градоначаник на Град Скопје 2017 - 2021

Но во годината кога требаше да биде завршен, проектот за Луна паркот беше прекинат по смената на градските власти. Со доаѓањето на Петре Шилегов на чело на градот, дојде и нова идеја за изгледот на најзабавното катче на скопјани. Шилегов рече дека ја стопирал реализацијата бидејќи неговото раководство имало нов концепт за изгледот и содржините.

Шилегов во буџетот за 2019 година на Град Скопје издвои средства за изградба, набавка и монтирање на реквизити. За проектот беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“ која беше презентирана во 2019 и подарена на Град Скопје. Шилегов најавуваше дека вкупната сума ќе чини 1,3 милиони евра, дека тој ќе го зафати и просторот на сегашните летни дискотеки, дека ќе се вика Забавен, наместо Луна парк и дека ќе нуди забава за различни возрасти.

Данела Арсовска, актуелна градоначалничка на Град Скопје

Во 2021 година, со изборот на Данела Арсовска за нова градоначалничка на Скопје, дојде и нова информација за Луна паркот. На брифинг со новинарите рече оти ќе го продолжи почнатиот проект од претходниот градоначалник, дека наследиле 7 реквизити кои треба да се постават, и дополнително уште 20 кои треба да се тендерираат и треба да се набават.

Најави дека на почетокот од 2022 година со новиот буџет ќе се отпочне прво со партерно уредување, вградување на елементите кои се веќе набавени, а потоа набавување на останатите реквизити кои постепено ќе бидат вметнати во новиот Луна парк. 2023 на есен ќе има Луна парк, рече Арсовска. Во последното соопштение на Град Скопје, стои дека Луна паркот ќе се протега на 24.000 метри квадратни и ќе чини 6,5 милиони евра.

Оваа сума се совпаѓа со онаа која беше најавувана од последниот градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски. Разликата е во тоа што Трајановски најавуваше дека ќе ги потроши овие пари за Луна парк на 40.000 метри квадратни. Од достапните информации Арсовска планира да потроши исто толку пари, за речиси двојно помала квадратура на која планира да стави ист број на реквизити како што планирал и Трајановски.

Планови на тројца градоначалници за изградба на Луна парк

До есента 2023, до кога е најавено да биде готов Луна паркот има уште точно 12 месеци, а одговори од градоначалничката Арсовска нема речиси воопшто. „Тенки“ во одговорите се и од Општина Карпош.

Советот на Град Скопје веќе донел одлука дека реализацијата на програмата за забавен парк е предвидено да се одвива фазно, во пшериодот од 2022-2024 година.

Понатаму во образложението стои дека Град Скопје, со правниот субјект Прима инженеринг ДОО Скопје, има склучено договор на 29.7.2021 година за изработка на проектно техничка документација за изградба на Забавен парк, позиционирање на забавни реквизити и пропратни содржини, во кој е предвидено да се постават реквизитите согласно склучени договори за набавка, транспорт и монтажа на реквизитите кои се со вкупна вредност од 130.485.698 денари (повеќе од 2 милиони 109 евра).

Усвоена точка на седница на Совет на Град Скопје

Интересен е фактот дека сите досегашни градски власти се согласни дека на Скопје му треба нов забавен парк. Но оваа идеја била на мета на сериозни критики од опозицијата секогаш кога актуелната власт ќе најавела план за изградба и особено план за сумата на чинење. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кога се во опозиција, секогаш „ваделе“ дополнителни документи, договори и тајни планови, дека за Луна паркот всушност се планира да се потроши многу повеќе од најавеното. Така во времето на Коце Трајановски, СДСМ направи десетици прес конференции во кои обвинуваше дека градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ планира да потроши двојно поголема сума од најавената.

Во времето на Петре Шилегов, пак, лично Трајановски излегуваше од партиската говорница и обвинуваше дека градоначалникот лажно најавува дека ќе изгради Луна парк за 1,3 милиони евра, зашто тврдеше дека Шилегов планирал да потроши 18 милиони евра за оваа намена.

Актуелната градоначалничка Арсовска, која на власт дојде како независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ засега е поштедена од секакви обвинувања и критики од двете партии.

Ќе се протнат ли градби под завесата на Луна паркот

Од Министерството за транспорт и врски потврдија дека нема барање за нов Детален урбанистички план, што значи дека новиот Луна парк ќе се гради според правилата од Деталниот урбанистички план од 2011 година, односно нема да зафати поголема површина од веќе постоечката.

Но за да се реализира проектот, предвидено е да се исече вкупно 19% од зеленилото, со предлог да се насадат нови садници.

Графички приказ за зеленилото што го опфаќа проектот за Луна парк

Од Зелен хуман град потсетуваат дека за нови садници постојат точни правила.

Горјан Јовановски, советник во Град Скопје од Зелен хуман град

Кога станува збор за дрвјата што ќе треба да се отстранат, тука мора многу внимателно да се постапи. Сите оние што можеме да ги извадиме со интактен коренов систем, да се преместат на нови локации во забавниот парк. Сите оние околу кои може да се гради – да се зачуваат. За оние кои мора да се исечат, да се засадат дрвја чиј збир на пречници ќе биде двојно поголем од оној на исечените,“ вели Горјан Јовановски од Зелен хуман град.

Од Зелен хуман град апелираат да се консултираат професори од шумарскиот факултет за тоа кој тип на дрвја ќе е најпогоден и да се ангажираат ЈП Паркови и зеленило да ги вметнат дрвјата во нивната програма за одржување на јавното зеленило.

На влијанието врз живиот свет во паркот од гласната музика и звуците кои ќе доаѓаат од паркот упатува и професорката Стефанка Хаџипецова која потсетува дека тоа би можело да биде смрт за околу 150 видови птици.

Арсовска тврди дека нема да се градат згради, ниту пак други објекти кои нема да му бидат во служба на Луна паркот, но во табелата со нумерички показатели на урбанистичките параметри за градбите има објекти кои се со по еден кат но и со висина дури и повеќе од 30 метри.

Од „Тајфа архитекти“ , фирмата која ја прави просторната организација на идејното решение, потпишано од Урбанистичкото одделение на Град Скопје, велат дека тоа се однесува на висината на предвидените реквизити.

Стефан Лазаревски - „Тајфа архитекти“

„Во врска со катноста се дадени параметри приземје и приземје + еден кат, во ограничен простор на градежна парцела, кој што ние стручно велиме парцела за градба, ограничена со градежни линии. Додека висината, таа не е одредена и според деталниот урбанистички план е дозволено да се утврди со урбанистичкиот проект зависно од типот на градбата која што ќе се предвиди на таа површина за градба, затоа што нормално, не може да се антиципира каков тип на градби ќе се предвиди, какви ќе се инсталираат бидејќи се работи за специфична локација и специфична градба.“

Список на реквизитите предвидени во Луна паркот запишани во урбанистичкиот проект

Универзитетската професорка Дивна Пенчиќ упатува на фактот дека ваков проект ќе биде тежок за менаџирање, особено ако се земат предвид бројот на реквизити и бројот на посетители предвидени на овој простор.

Дивна Пенчиќ - Професорка на Архитектонски факултет

„Ние што сме малку повозрасни го паметиме стариот Луна Парк, таму не можев точно да се сетам но има околу 6, 7 реквизити, кога зборуваме реквизити тука се нели Панорамското тркало, авиончињата, нели вовчето, па малото вовче, па количките за удирање, тие се 6-7 и паметиме кога беше полно во некој шпиц дека таму нема игла каде да се фрли. Сега за мене е прашањето, ако сега има 26, ми се чини, што правиме? 20 повеќе, тоа ќе навлече повеќе луѓе и во студијата и во проектот си стои дека се очекува 1000 до 1400 посетители дневно. Мене ми се чини дека тоа во некои моменти ќе направи сериозен проблем и она што би рекла е дека сега ќе треба добро да се менаџира и да е таков проектот, прашањето е на менаџирање – колку луѓе вие ќе дозволите во ист момент да бидат присутни? Како ќе се наплаќаат карти? Значи ми се чини дека и да го прифатиме проектот како ќе се експлоатира ќе биде знак прашање и тоа многу треба добро да се внимава.“

Друга отворена дилема е како градските власти планираат да обезбедат паркинг за посетителите на Луна паркот.

Ако очекувањата се дека во забавниот парк дневно ќе има од 1000 до 1400 посетители, тогаш според некоја груба проценка излегува дека ќе пристигнат околу 350 возила.

Пензионираната професорка за хортикултура, Стефанка Хаџипецова, потсетува дека токму заради овој проблем, во плановите за Градскиот парк во 1965 година, било предвидено да се обезбедат 1000 паркинг места. Во тоа време, во Скопје имало двојно помалку автомобили.

Сега, речиси сите посетители на Градскиот парк пристигнуваат со возило, а од плановите од 1965 година нема исполнето ниту 10%.

Но од Зелен хуман град имаат друга идеја, предлагаат во плановите за новиот забавен парк да бидат со одржлив пристап, односно наместо со возила, да се прилагоди јавниот превоз за да ги носи посетителите од сите краеви на Скопје. Да се зајакне вело-инфраструктурата и да се постават голем број велосипедски паркинзи за посетителите да се мотивираат да користат велосипед.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова
Снимател: Слаѓан Милошевиќ
Монтажа: Борче Крстевски