- На истекот на претходната година, поминаа измените на Законот за основно образование со одредба познавањето на странски јазици.
- Но, наместо предлогот, познавањето странски јазици да се полага во Државниот испитен центар, во конечниот текст на Законот и во предлогот за средно образование стои дека тоа ќе се потврдува со сертификат.
- Министерот за внатрешни работи најави дека МВР ќе ги проверува информациите за 500 функционери за кои постојат индиции дека приложиле лажни сертификати за познавање на англискиот јазик.
- Ако некоја институција сака да провери одреден сертификат, тоа може да се направи преку Центарот за странски јазици, но никој досега од нив не побарал ваква услуга.
- Поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска вели дека и за време на нејзиниот мандат имало повеќе специфични случаи, од кои и функционер именуван од Собранието кој никогаш не ги доставил потребните документи до Комисијата.
- Главниот проблем кај нас е што нема систем на контрола на сертификатите.
Министерството за образование во последен момент се откажа од идејата, кандидатите за директори на основните и средните училишта да ја добијат функцијата откако ќе го потврдат нивото на познавање странски јазик со испит спроведен од Државниот испитен центар. Во првичните верзии што беа објавени на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), стоеше дека е непоходно познавање на еден од најзборуваните јазици во Европската унија (англиски, француски, германски, италијански) и дека за тоа треба да се помине филтерот на испит кај ДИЦ. Сепак, во верзијата усвоена во Собранието и објавена во Службен весник на 3 јануари 2025, во Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование сепак стои дека е непоходно познавање странски јазик Б2 ниво, но тоа ќе се докажува и натаму како досега со приложување сертификат. Единствена разлика во однос на претходното законско решение е дека со овие измени е потенцирано сертификатот/потврдата да биде од институција регистрирана за оваа дејност. Опцијата да се приложуваат сертификати издадени во други држави и натаму „останува во игра“.
„Да има потврда или сертификат за положен испит за познавање на еден од четирите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски и италијански) на ниво Б2 од Европската референтна рамка за јазици, издадени од установа или институција во државата или од странство, регистрирана како давател на оваа услуга, не постари од пет години, освен за наставниците по предметот англиски јазик, француски јазик, германски јазик и италијански јазик“, стои во усвоениот Закон за изменување и дополнување на законот за основно образование.
За разлика од ова во конечниот текст на законот, во првичната верзија на ЕНЕР стоеше дека „ (4) Испитот од ставот (2) алинеја 6 на овој член е за проверка на знаење на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски германски и италијански) и го спроведува Државниот испитен центар преку одговарање на прашања во вид на компјутерско тестирање“.
Идентичен е случајот и со Законот за изменување и дополнување на законот за средно образнование, кој пак беше повлечен од собраниска процедура поради причини неповрзани со оваа проблематика
Ако останеше на првото решение, МОН ќе беше првата државна институција која ќе воведеше суштински промени на ова поле откако избија скандалите со лажните сертификати за познавање странски јазик со веќе осудената директорка на основно училиште од скопско Драчево. Таа доби условна казна за тоа што приложила лажен сертификат за познавање странски јазик во документацијата потребна за аплицирање за директорското место.
Случајот „лажни сертификати„ експлодираше по откритието дека директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски приложил идентичен ТОЕФЛ серификат, како осудената директорка, од бугарското јазично училиште „Јулија“ од Пловдив. За идентичен сертификан, условна осуда доби и директорка на Здравствен дом.
Приказната доби нови димензии откако стана јасно дека во Пловдив нема ТОЕФЛ сертифициран центар за полагање, а повеќе медиумски истражувања покажаа дека училиштето одамна и не работи. Документот на Христовски е од 2022 година.
Случајот доби политички димензии и го карактеризираа преметките на власта и опозицијата околу тоа во чие време имало повеќе лажни сертификати. Дополнително, министерот Панче Тошковски најави дека ќе се испитуваат 500 случаи во кои има индиции за лажни сертификати на функционери. Оваа најава Тошковски ја крена јавноста на нозе и го отвори прашањето, колку функционери има во државава со лажен сертификат, или можеби подобро, колку има што имаат вистински. Затоа што ако МВР има индиции за 500 лажни сертификати, тоа значи дека поднесувањето фалисификуван документ при избор или именувањето функционери во земјава има пандемиски карактер.
Две институции го проверуваа случајот на Христовски, Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство.
ДКСК ја затвори постапката со заклучок дека сертификатот кој го приложил директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски е валиден затоа што ДКСК нема можности ниту ингеренции да ја проверува веродостојноста на документот кој го приложил. ДКСК процени дека за Христовски нема услови за постапка затоа што кога тие побарале, од него и од инстуцијата каде што е вработен, како и од Владата која го именуваше, ги добиле сите документи. Клучниот аргумент на ДКСК за спорниот сетификат на Христовски, од бугарско јазично училиште „Јулија“, е дека тие не се надлежни да проверуваат дали документот е вистински или лажен. Од Антикорупциската комисија упатуваат на Јавното обвинителство.
„Поради сомневање за автентичноста за наведениот сертификат, ДКСК истакнува дека нема овластување да проверува и утврдува автентичност на документите кои бараат експертиза надвор од надлежностите на ДКСК, согласно закон. Надлежноста е на основно јавно обвинителство каде што е доставена кривична пријава, а документот е валиден додека не се докаже спротивното“, вели Цвета Ристовска, членка на ДКСК.
Од Обвинителството пак, за „Само прашај„ потврдија дека за случајот побарале и помош од колегите од Бугарија.
„Основното јавно обвинителство Скопје постапува по поднесени три анонимни кривични пријави и презема дејствија во предистражна постапка. Меѓу другото, надлежниот обвинител упати и барање за меѓународна правна помош до Република Бугарија, а се вршат и други проверки“, велат од Обвинителството од каде потврдуваат и дека има истраги за уште неколку случаи за лажни сертификати за кои се поднесени кривични пријави.
Од сето ова излегува дека, единствено при кривична пријава, односно само кога случајот ќе стигне во Обвинителството може да се проверува дали сертификатот за странски јазик е вистинит или лажен. Ова пак ја отвора дилемата за тоа дека веројатно никој и не проверува каков сертификат е поднесен и дека институциите практично ваквите документи ги земаат „здраво за готово“.
Од овде произлегува и главниот проблем, смета поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска. Вели нема систем на контрола на сертификатите.
„Баравме да се воспостави јасен начин за верификација на овие сертификати. Ние пративме барање до институцијата да ни достават документи, тие ни одговорија дека кандидатот има таков сертификат и освоил толку и толку поени. Ние не верувавме во тоа, ниту пак можевме да проверуваме и од тие причини дадовме таква препорака, Министерството за образование заедно со сите релавентни институции повикани во овој случај да воспостават јасен систем за проверка, за верификација на сертификатите или да обезбедат начин на полагање, решение за тоа како ќе се полага во државата и на кој начин тоа може да се проверува“, вели Ивановска која потврдува дека за време на нејзиниот мандат, Комисијата се соочила со повеќе вакви случаи.
Никој не побарал проверка од Центарот за странски јазици
Но, ако некоја институција сака да провери одреден сертификат, тоа може да се направи преку Центарот за странски јазици. „Ние би излегле во пресрет, но никој од нас никогаш не побарал ваква услуга“, вели за „Само прашај“ координаторката на Центарот за странски јазици, Олга Паунчева.
„Проблемот кај нас е што не се проверуваат. Ако институцијата ни се обрати со официјално барање за одреден серификат, да потврдиме дали е веродостоен секогаш излегуваме во пресрет дури и во многу куси временски рокови. За некои тестови постои и можност за верификација на официјалните странци, секој може бесплатно да се регистрира како институција за да може да ги проверува сертификатите“, вели Паунчева.
Значи, голем дел од сертификатите се практично лесно проверливи, за најголемиот дел од нив, како што е спорниот ТОЕФЛ на директорот на АНБ, постои можнот за проверка на официјалниот веб сајт. Слично е и за другите сертификати.
Иако, контролата на сертификатите се посочува како еден од главните проблеми, од Владата засега не сметаат дека треба да има некои законски измени кои би значеле систем на проверка. На нашите прашања за тоа дали има план да се воведе систем на контрола, или начин на кој институциите би проверувале со како сертификат се именуваат и избираат функционерите, ни одговорија дека практично, одговрноста е кај тоа што поднесува, затоа што приложувањето на лажен документ, како што велат е кривично дело.
„Согласно законските одредби, приложувањето на фалсификувани документи е кривично дело и сѐ додека се постапува согласно важечките законски одредби, не би постоеле дополнителни услови за проверка на вакви документи. Доколку се утврди злоупотреба, надлежните органи имаат обврска да постапуваат. Исто така, да почекаме од надлежните институции особено за конкретниов случај да донесат одлука, па потоа да се направи проценка дали состојбите кои се пласираат со јавноста се реални или станува збор за креирање лажна перцепција од други субјекти“, одговорија од Владата за „Само прашај“.
Но, не прецизираа кои би биле тие „други субјекти“ кои креираат лажна перцепција во јавноста, кога самиот премиер на седница за пратенички прашања, држеше в рака огромен број документи кои ги покажуваше кон опозицијата велејки дека еве има документација за функционери од нивните редови кои наводно имале лажни сертификати. На нашето прашање до Владата дали премиерот ги предал овие документи до надлежните институции, ни одговрија со потсетување дека министерот за внатрешни работи најавил дека МВР ќе ги проверува информациите за 500 функционери за кои постојат индиции дека приложиле лажни сертификати за познавање на англиски јазик.
Се намножија сертификати од странство, сите функционери треба да се проверат
Вториот клучен проблем кој го отвори оваа афера е прашањето, зошто воопшто се дозволува приложување сертификат за познавање странски јазик од друга држава, кога во земјава има неколку центри сертифицирани за спроведување ваков вид тесирања, а уште повеќе и поради фактот дека, ваквите тестови како што е ТОЕФЛ, АПТИС или ИЕЛТС се унифицирани, односно со иста тежина и комплицираност во сите земји. Токму ова е главната можност за корупција смета Ивановска. Особено што бројот на ваквите сертификати, обезбедени во странство е голем.
„Па од тука произлегува ризикот од корупција и зошто тоа е масовна бројка плус, автоматски укажува на ризик од корпуција, дека тука не можат да положат, затоа што тестовите не се прегледуваат во Скопје, се прегелдуваат во центрите. Јас кога полагав, тестовите се прегледуваа во Лондон, значи тестовите си се прегледуваат во центрите и тие се плашат од тоа и поедноставно им е, како што кажа таа директорката од Дрчаево, „јас си платив 800 евра, ми побараа број на пасош и толку. Од тие причини ние баравме Министерството за образнование да постави филтер за сертификатите од странство. Затоа што многу се намножија сертификати од странство. Има регистар во ДКСК на именувани функионери, треба сите да се проверат. Не е фер кон овие што експресно го осудија двете диркеторки, а ситео вие другиве да си седат како да е се во ред, а не е“, вели Ивановска.
Паунчева дополнува, дека и изговорите од типот дека немало термини за полагање во земјава, не „држат вода“, затоа што како што тврди, и Центарот за странски јазии, а и другите акредитирани центри секогаш излегуваат во пресрет ако треба да се организира дополнителен термин.
И Ивановска и Паунчева се согласни дека има и проблем околу одредницата за важноста за сертификатот. Во одредени случаи се бара, да се приложи документ не постар од пет години. Но, овие сертификати, најчесто имаат важност од две години. Потоа институцијата кој го издеала веќе не ви гарантира за степено на познавање на јазикот.
„Серитфикатите најчесто имаа важност од две години, потоа во суштина треба да не се прифаќаат, постои теоретска можност институцијата да ви го прифати ако вие докажете дека сте го користеле јазикот, сте студирале, сте работеле на тој јазик, па може да ви прифатат дека уште сте на тоа ниво на знаење кое стои во сертификатот. Има сертификати на кои не пишува важност, но, на пример по три години нема веќе податоци за вас. Ние не сме биле консултирани кога се изработувале законите, покрај овие пропусти, во Законот стојат многу исписти коишто се укинати пред повеќе години“, вели Паунчева која додека била вработена во „Британскиот совет“ го информирале надлежното министерство дека дел од овие тестови се укинати, но, вели тие и натаму си стојат во законското решение.
Лажните Кембриџ сертификати во 2017
Ова не е првпат да се појавува проблем со сертификатите за странски јазици. Претходно во 2017 година беше поништен огласот на Академијата за прием на 60 слушатели на почетна обука за кандидати за јавни обвинители, откако беше утврдено дека 30-тина од пријавените доставиле лажни Кембриџ сертификати за познавање на англиски јазик на ниво Б2.
Од Обвинителството објаснуваат дека оваа предистрага завршила со резолуција, тоа значи дека во таа фаза се исцрпени сите истражни дејства и дека не се обезбедени доволно докази за утврдување на кривично дело.
Дека подолго време се провлекуваат проблеми со сертификатите потврдува и Ивановска. Во нејзиниот мандат во ДКСК имало неколку специфични случаи, дури и функционер именуван од Собранието кој никогаш не ги доставил потребните документи до Комисијата.
„Ние работевме неколку предмети, најчесто по анонимни пријави за лажни сертификати. Имаше еден предмет за меѓуопштински центар, еден предмет за функионер именуван од Собранието, имаше и предмет за директор на институција тука во Скопје, меѓутоа она што е заедничко, можам да кажам дека, Дрѓавната комисија како превентивен орган, реално не може да ги вештачи сертификатите. Тоа е едно. Второ, има пропусти и во законите. На пример, предметот што беше за директорот на Меѓуопштински центар, во материјалниот закон стои дека потребно е да достави сертификат или уверение што е многу различно. Сертификатот го покажува нивтот на знаење, а уверението потврдува присуство. Понатаму стои дека е потребно сертификатите да не се постари од пет години, а ние гледаме дека сертификатите важат по две години, така што има и законски пропусти коишто овозможуваат луѓето да се протнат. Меѓутоа ние се соочивме и со еден пример кадешто функционерот не ни ги достави документите. Се обративме до институцијата што го именувала, Собранието на Република Северна Македонија. Од таму добивме одговор дека му се вратени документите. Така што, три години се допишуваме. Немавме одговор ниту од институцијата каде што работи, ниту од него лично. Не добивме документација по што издадовме прекршочен платен налог којшто го плати. Го плати и со тоа фактички си ја признава вината. На јавна седница го причитавме по име и презиме и толку. Препораката до Собранието за сите избрани и именувани лица, исто и до другите институции, на пример и Валдата, сите оние коишто бираат, препоракта беше да се запази принципот на транспарентност односно да се објавата биографиите и сите документи коишто кандидатот ги доставува и тогаш на многу лесен начин документите ќе бидат достапни за новинарите и ќе може лесно да се открие дали се вистински или не“, вели Ивановска.
Познавање странски јазици е неопходно и при вработување и унапредување на јавната администрација, но во овие случаи се полага тест кој го спроведува Агенцијата за администрација. Според Законот за административни службеници, потребно е познавање на еден од најзборуваните јазици во Европската унија, но пониско ниво од она што се бара за именуваните или избрани функционери. За директорите останува одредбата, знаењето да го докажуваат со сертификати.
Во меѓувреме, јавноста и натаму останува да ја чека разврската од „најпознатиот“ случај со сомнителен јазичен сертификат во Јавното обвинителство, но и од сите други за кои властите најавија проверка, а тоа е огромната бројка од 500 потенцијални лажни сертификати.
„Ние гледаме колку луѓе полагаат, а колку функционери има. Порано мислев дека половината се лажни, сега мислам дека се повеќе“, вели Паунчева.
Ивановска, пак, не очекува суштинска разврска, затоа што ќе треба да излезат на виделина лажните сертификати од повеќе политички гарнитури кои биле или се на власт.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.