fbpx

На мала врата се турка нов урбанистички хаос

Власта подготвува терен за полесно задоволување на градежни апетити со измените на Законот за урбанистичко планирање. Еколошки здруженија предупредуваат дека се заканува нов пустош на природата и се олеснува пристапот на градежниците до атрактивни парцели коишто досега беа надвор од дофатот на нивните раце. Истовремено, се оневозможува правото на граѓаните преку жалби да ги оспорат плановите за урбанизација.

Маврово и Шар Планина се пример за многубројни бесправни градби, а со новата регулатива би се овозможило понатамошно уништување на природата

Измените на законот, напишани на 8 страници кон средината на декември лани беа поставени на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР).

„Се предлага поедноставување на постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови и урбанистичките проекти“, наведуваат од Министерството за транспорт и врски во образложението.

Куп забелешки за предлог-законот

Екологистите алармираат дека во измените на Законот за урбанистичко планирање има многу спорни работи и нелогичности, но и одредби коишто доколку се применат ќе предизвикаат долгорочни штетни последици по природата и животната средина – урбанизација во шуми, села, заштитени подрачја и сето тоа преку поедноставна трансформација на земјиштето во градежно.

Првата „квака“ според невладината Фронт 21/42 е што со предложените измени урбанистичкото планирање и спроведувањето на урбанистичките планови наместо во функција на јавниот интерес се дефинираат како дејност од јавен интерес. Постои сомнеж дека ваквата одредба лесно може да се искористи за урбанизација на местата кадешто сега има шуми и земјоделско земјиште на кои во иднина би никнале викендички и згради.

„На пример Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, а со предложените измени се отвара оваа врата“, објаснуваат од Фронт 21/42.

Екологистите се сомневаат дека законските измени ќе се искористат за полесно да се гради на земјоделско земјиште и во шуми

Друг спорен момент е што се отвора можноста за урбанизација на села во заштитени подрачја и тоа без проценка на влијанието врз животната средина. Со измените се овозможува реализација на општите акти за села кои беа укинати со актуелниот Закон за урбанистичко планирање и којшто наложува да има урбанистички планови со проценка на влијанието врз животната средина. Токму тука, според Фронт 21/42 „лежи зајакот“ за носењето на новиот закон, бидејќи ова значи дека багерите ќе забревтаат и во подрачјата под заштита на УНЕСКО или во национални паркови, како Љубаништа, Елшани, Лагадин, Скудриње во Маврово.

Ања Јованова од здружението на граѓани „Фронт 21/42“ вели дека законските измени се загрижувачки и дека може да предизвикаат долгорочни штетни последици.

Измените предвидуваат и автоматска трансформација на секаков тип земјиште во градежно, доколку е во рамки на урбанистички проект надвор од урбанистички план. Практично, секое земјиште на територија за која нема урбанистички план, а кое ќе се најде во рамки на проект за урбанизација станува градежно.

Член 9 Во член 54 ставот (4) се менува и гласи:

„Земјиштето опфатено со проектниот опфат на урбанистички проект од членот 58 став (6) од овој закон добива статус на градежно земјиште освен доколку во урбанистичкиот проект биде уредено со посебна одредба дека го задржува статусот на земјоделско, шумско или друго земјиште.“

Последна во низата забелешки на невладините е дека власта сака да им ја отежни работата на граѓаните кога ќе сакаат да ги оспорат планските програми за урбанизација, вметнувајќи го терминот „потврда за заверка“, што не е поединечен акт против кој може да се поднесе жалба.

Се бара јавна расправа

Дури 35 еколошки здруженија, невладини организации, институти и граѓански иницијативи му пишаа писмо на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски со предупредување дека е противзаконски измените да се усвојат без да се организира јавна расправа. Тие посочија дека урбанизацијата има влијание врз животната средина и затоа важат прописите од областа на животната средина, коишто предвидуваат широка дебата за законските измени.

Јавна расправа се одржува најмалку 15 дена од денот на ставањето на прописот и/или планскиот документ на јавен увид, а најдоцна пет дена пред денот на истекувањето на рокот за јавниот увид.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека по втор пат се прави обид да се направат измени на Законот за урбанистичко планирање, бидејќи при неговата примена се појавиле нејасности. Според него, и со првото предлог-решение што беше блокирано во Собранието и потоа повлечено, целта била да не се дозволат штетни урбанистички планови и нивна изработка за 1 евро, како на пример во случајот „Холидеј Ин“.

Министерот вели дека реакциите за предложените измени се разгледуваат во ресорот, по што постапката се сели во Владата и во Собранието. Во однос на барањата за јавност во целата постапка, тој уверува дека ќе има јавна расправа.

Тој признава дека практично, една од главните причини поради коишто се носат законските измени е враќањето на општите акти за села, оти тоа од него го побарале градоначалниците, особено од помалите општини. Бочварски не ја споделува загриженоста дека ова ја отвора вратата да се направи пустош, дури и во места коишто се под заштита.

Но, во делот на измените коишто предвидуваат автоматска трансформација на земјиштето во градежно, Бочварски најавува можна преработка на спорниот член.

„Веројатно не е доволно добро разбран овој член, но пак ќе кажам, ние сме овде подготвени дури доколку овие здруженија сметаат дека со тоа ќе се направи некаква штета, ние тој член да го преработиме со цел да укажеме дека заедно со граѓаните и здруженијата водиме грижа и носиме законски решенија коишто ќе бидат целосно применливи за граѓаните, но ќе бидат и прифатени со цел да им помогнеме на граѓаните, да урбанизмот го ставиме на правилниот колосек како што треба да биде“, вели Бочварски.

Првите измени на Законот за урбанистичко планирање беа повлечени кон средината на минатата година. Тогаш најмногу реакции имаше за Членот 35, којшто оставаше можност да се протнат градби според ДУП-ови коишто се во спротивност на ГУП. Тогаш архитектите изразија голем сомнеж дека практично се прави обид да се олесни спроведувањето на ДУП за паркингот спроти „Холидеј Ин“.

Ризик од хаос во корист на урбаната мафија

За луѓето коишто доаѓаат од редовите на активистите и невладините организации, проблематичен е начинот на којшто Владата гледа на целиот процес. Драгана Велковска од Охрид СОС/Е.Д.Е.Н. укажува дека постојаниот комитет на Бернската конвенција веќе им има издадено препораки на нашата Влада, меѓу кои и ангажирање тим од експерти за спроведување независна анализа на сите закони коишто допираат во сферата на просторно и урбанистичко планирање, градежништво, заштита на животна средина и природа.

Na mala vrata se turka nov urbanisticki haos 1„Во Нацрт-извештајот за проценка на влијанието на регулативата од Владата за крајно спорните измени на Законот за урбанистичко планирање, чијшто актуелен текст е исто така спорен, се зборува за поедноставување на постапки и улоги на учесници во процесите. Наместо во Нацрт-извештајот да се презентираат позитивните и негативните влијанија на можните законски решенија, нафрлани се само произволни флоскули за тоа што е детектирано како „проблематично“ во постојното решение, но нема на пример проценка на ризик и наведени потенцијални негативни исходи од „поедноставување“ на постапките за усвојување на планските документи, „флексибилизирање“ на улогите на учесниците во постапките предвидени со измените, како и „флексибилизирање“ на постапката за усвојување урбанистички проект – опции со кои може да се направи хаос во урбанизмот во корист на урбанистичката мафија и на огромна штета на јавниот интерес, вели Велковска.

Дополнително, Велковска реагира дека владата во Нацрт-извештајот ги препознава како засегнати страни единствено институциите, а не и граѓанските организации и движења кои со децении се борат за заштита од непланска и дива урбанизација.

Во Македонија урбанистичките планови се кројат за да го задоволат приватниот интерес што доведува до хаос и влошување на квалитетот на живеење

Досегашната практика покажа дека надлежните институции се на страната на приватниот наместо на јавниот интерес кога е во прашање урбанистичкото планирање. Тоа резултира со лоши детални урбанистички планови и нехумани услови за живот. За да има промени во позитивна насока потребно е пред да се носат законски измени да има широка дебата во која што ќе бидат вклучени граѓанските организации и стручната јавност. Тоа е единствен начин новите прописи да станат гаранција за подобрување на урбанистичките решенија и на квалитетот на живеење.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски Снимател: Иван Поповиќ Монтажер: Ристе Душковски

Тагови: