- Хибридните напади се нов облик на конфликт без физички фронт, кои комбинираат сајбер-напади, дезинформации и политички/економски притисоци со цел да се разниша довербата и да се внесе страв.
- Наместо физичка штета, нападите предизвикуваат психолошки ефекти, разнишување на довербата и ослабнување на општествените институции.
- Покрај техничките мерки, клучна е медиумската писменост, критичкото размислување и свеста на граѓаните за влијанието на дигиталните закани.
Хибридните напади се новото лице на конфликтите. Нема експлозии, нема фронт, но има последици. Тие комбинираат сајбер-напади, дезинформации, економски и политички притисоци – со една цел: да се разниша довербата, да се наруши системот и да се внесе страв ивознемиреност. Истражувавме како изгледаат тие напади кога ќе се преведат во наш контекст – и направивме хронологија на најзабележливите случаи во кои Македонија стана цел на дигитални и информативни удари.
2020: Изборен ден под дигитална опсада
На 15 јули 2020 година, денот кога граѓаните гласаа, веб-страницата на Државната изборна комисија беше недостапна. DDoS напади и неовластени пристапи го оневозможија следењето на резултатите во живо.
За многумина тоа беше само „технички проблем“, но експертите предупредуваа дека токму ваквите инциденти се тестови за отпорност на институциите – мали дигитални потреси што можат да ја разнишаат довербата во изборниот процес.
Февруари 2023: Кога се урна дигиталниот систем на ФЗОМ
Во средата, 8 февруари 2023, Фондот за здравствено осигурување се соочи со нефункционални сервери и парализирани услуги. Сајбер-нападот го блокираше системот за исплати, рефундации и евиденции. Сè беше стопирано – пациенти, аптеки, административни процедури.
Институцијата ја смируваше јавноста дека работи „нон-стоп“ на враќање на системот, но јавноста никогаш не дозна што точно се случило, колку биле оштетени податоците и дали лични информации протекле. Гласините за откуп во криптовалута само ја зголемија недовербата.
Е-пораки за бомби и тивка паника
Истата година, државата се соочи со нов тип закана. Десетици училишта, јавни институции и објекти во периодот од 2023 до 2024 добиваа е-пораки со наводни закани со бомби. Ниедна не се потврди како вистинита, но секоја од нив предизвика паника, евакуации и цела година нередовна настава.
Наместо експлозии – страв. Наместо физичка штета – психолошки ефект. Токму тоа е суштината на хибридните напади: да погодат онаму кадешто најмалку се очекува, без да се знае кој стои зад тоа.
Дезинформациски фронтови
Покрај сајбер-инцидентите, Македонија со години е изложена и на поинаков вид напад –преку наративи. Координирани кампањи и медиумски спинови ја извртуваат реалноста, ги искривуваат фактите и ја насочуваат јавната перцепција.
Од изборни манипулации до геополитички теми, дезинформациите станаа тивко оружје во битката за перцепцијата на јавноста.
Како се браниме?
Во последниве години, институциите постепено го јакнат штитот – со нови тела за сајбер-безбедност, стратегии против хибридни закани и поблиска соработка со меѓународни партнери. Но, експертите предупредуваат: техничката заштита е само половина од одбраната. Другата половина е во луѓето – во критичкото размислување, во медиумската писменост, во свеста дека нападите денес не секогаш се гледаат, но секогаш се чувствуваат.
Во ерата на дигитални мрежи и алгоритми, нападот не мора да дојде со оружје. Доволно е неколку редови код, неколку внимателно насочени лажни вести за да се предизвика потрес во општеството.
Целта на хибридните закани не е само системот. Целта е и довербата. А кога довербата ќе се разниша, државата станува најранлива – без ниту еден истрел.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Поврзани стории
Дигитална џунгла: Европа воведе правила, Балканот сè уште бара механизми
Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание
Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција
Дали порталите од странство повторно ќе оживеат во предизборието?
Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста
Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?
Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот
На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани

