
- Македонија не е имуна на онлајн радикализацијата: вештачката интелигенција, социјалните мрежи и криптопазарот го олеснуваат врбувањето за радикални, насилни и терористички активности
- Во подготовка Закон за следење и спречување на радикализација и насилен екстремизам и формирање посебна единица која ќе се занимава со овој проблем
- Социјалните мрежи расадник на екстремистички гледишта и бутик за купување приврзаници
- Неколку актуелни случаи деновиве во училиштата како тој со девојчето кое беше садистички малтретирано од свои соученички, покажуваат дека онлајн радикализацијата може да има повеќе форми
Кратка вест своевремено предизвика големо внимание во земјава а нејзината содржина беше дека Министерството за внатрешни работи уапси седум лица борци на ИСИЛ. Подоцна бројката растеше за во 2023 година медиумите да јават дека 143 граѓани на Северна Македонија во годините претходно патувале или се обиделе да отпатуваат во Сирија, во Ирак или во двете земји за да им се придружат на терористичките групи. Во тој период и Стејт Департментот во извештаите посочи дека нивото на терористичка закана во нашата држава е „просечно високо“ или средно, бидејќи има присуство на членови и симпатизери на ИСИС во земјата. Притоа имаше и случај на 18-годишна девојка од Куманово која загина на боиштата на Блискиот исток.
Безбедносни експерти, анализирајќи го случајот тогаш рекоа дека девојката е регрутирана преку социјалните мрежи. Исто така имаше и случаи на платени лица од Балканот да регрутираат доброволци од Србија и од Босна и Херцеговина за да се борат на страната на Русија во војната против Украина. Тие за своите цели ја користеле мрежата Телеграм каде прво врбувале борци а потоа и им давале инструкции како да стигнат на боиштето без да бидат пресретнати од властите.
Ова се само неколку примери кои кажуваат дека технолошкиот напредок отвори нови канали за екстремистичките организации да ги шират своите пораки и да придобијат поддршка за своите цели. Социјалните мрежи исто така им олеснија на гласовите на омраза да шират екстремистички гледишта и да ја јакнат својата мрежа на приврзаници.
„Категоријата помеѓу 14 години и 25 години е најпорозна во однос на можноста да бидат радикализирани“, вели нашиот соговорник професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во Скопје. Тој нагласува дека радикализацијата е најмногу присутна во онлајн просторот затоа што таму постојат најмногу можности за неконтролиран пристап, скролање, следење и отворање на секакви содржини.
„Интернетот е денеска толку моќна алатка што за една секунда може да ве однесе на другиот крај на светот, и затоа младите се особено незаштитени и се ранлива категорија по однос на можноста за радикализација“, истакнува Дујовски.
Расте етно-националистичкиот екстремизам
И регионот на Западен Балкан е сѐ уште „под висока температура“ од последиците на некогашните конфликти. Оттука и интернетот стана простор за театар и битки кои не биле извојувани во минатото кога немало технологии за онлајн организирање и радикализација. Мрежата Radicalization Awareness Network (РАН) во својата анализа насловена како „Радикализацијата преку интернет и пристапите на спречувањето и спротивставувањето на насилниот екстремизам“ во 2022 алармираше дека во регионов постои растечка закана за безбедноста со подемот на етно – националистичкиот и десничарски екстремизам, како и реципрочната радикализација предизвикана од поларизација, историски ревизионизам и политички наративи.
„Радикализацијата речиси секогаш почнува со акумулирана лична фрустрација – изгубено достоинство, неуспех, чувство дека некој не е сослушан или разбран. Тоа мислам дека е основа. Самата идеологијата доаѓа подоцна, како рамка која на нивните внатрешни чувства им дава име, виновник и насока“, оцени во разговорот што го водевме за оваа тема Горан Илиоски, пензиониран армиски полковник.
„Кога ги набљудувам најчестите мотиви, ги делам на два слоја. Првиот се лицата со чувство на неправда, етничка маргинализација, идентитетска криза кај младите, разочарување од политиката – и кај нас и пошироко. Вториот, за мене поинтересен, се радикалните заедници кои нудат припадност, статус и ‘мисија’ односно трите работи кои денешното општество се помалку ги испорачува, особено на млади“, вели Илиоски.
Македонија само пред една деценија се соочи со два крупни настани кои добија масовност со повици преку социјалните мрежи: Шарената револуција на опозицискиот камп и протестите на приврзаниците на тогашната влада кои ескалираа во насилен упад во Собранието. Еден од протестите беше најавен на социјалните мрежи под мотото „Црвената линија ја поминавте. Црвено-жолтата, не“. Двата настани се показател за тоа колку брзо можат да поминат посакуваните пораки од оние што ги влечат конците до оние кои треба да ја заземат улицата и да покажат сила и масовност.
Во анализата што ја спомнавме претходно, се посочува дека во сржта на ранливоста на радикализација преку интернет се недостатокот на критичка проценка на содржините и невозможноста за критичко размислување. Притоа се предупредува дека во Западен Балкан каде што припаѓа и Македонија има недостаток на експертиза и стратешки пристап кон справувањето со интернет радикализација.
Македонија не е имуна на онлајн радикализацијата, при што вештачката интелигенција, социјалните мрежи и криптопазарот го олеснуваат врбувањето за радикални, насилни и терористички активности, беше кажано и на конференцијата на тема „Онлајн радикализацијата како безбедносен предизвик за Северна Македонија: ризици, политики и законски решенија“, што ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС), во соработка со Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот.
Националниот координатор на овој комитет, Павле Трајанов притоа рече дека се подготува Закон за следење и спречување на радикализација и насилен екстремизам, што треба да биде донесен до крајот на годината и најави формирање посебна единица која ќе се занимава со овој проблем.
„Во Германија и Холандија користат платформа која ги следи сите содржини на социјалните мрежи и има посебен тим кој проценува што треба да се отстрани. Министерство дава налог да се симне во рок од два часа, во спротивно, се поведува постапка и има други законски мерки. Ова да се прави кај нас вака би се сметало за задушување на човекови права. Затоа прво треба да донесеме закон и за таа цел е формирана работна група. Со законот исто така ќе се штитат човекови права и слобода на изразување“, рече Трајанов.
Младите на мета
Македонските институции неколку пати досега беа ставени на тест во обидите да спречат терористичко дејствување на поединци или групи кои се радикализирале преку Интернет. Овие закани, како што посочија и безбедносните експерти на конференцијата, особено ескалираа во периодот кога избувнаа воените конфликти во Сирија и Ирак, кога значителен број државјани на земјава заминаа таму од идеолошки побуди, а потенцијални закани се забележани и во последните две години.
Она што посебно загрижува е што се регрутираат млади лица. Врбувањето се одвива постепено и не со повици за насилство туку преку ширење заговорнички наративи што создаваат чувство на неправда, изолација или потреба за припадност. Најчесто се користат канали како Телеграм или Дискорд, за потоа да се воспостави и физички контакт а како локација за средба обично се избира некој параверски објект. Но онлајн радикализацијата во Македонија не се ограничува само на религиозни движења, присутни се и етно-националистички групи кои продолжуваат да шират идеолошки мотивирана пропаганда велат безбедносните експерти.
Професорот Дујовски, во нашиот разговор нагласи дека такви конференции и работилници се клучни за превенцијата.
„Порано бевме многу послаби во однос на капацитетите да се спротивставиме. Денеска, не само во Македонија туку и пошироко често се организираат различни настани на кои што се дискутира со различни целни групи, најчесто во средните училишта, на факултетите, во невладините организации кои што отвораат теми за значењето и за опасноста која што ја предизвикува радикализацијата“, вели тој.
Нашиот соговорник ја потенцира и важноста во семејството да се препознае кога синот или ќерката се изложени на онлајн кампања за радикализација.
„Имаме обврска сите заеднички да провериме што прават нашите деца, што прават нашите ученици, нашите студенти. Со кого комуницираат, дали има промена во неговото или нејзиното однесување, дали можеби станале понервозни, отсутни во разговорите. Тоа се знаци преку кои сите можеме да препознаеме млади луѓе кои што веќе тргнале по тој пат. И ако не успееме навреме да ги препознаеме тие знаци, три недели се сосема доволни еден млад човек од сосема пристоен и воздржан граѓанин да стане човек кој размислува да изврши терористичко дело“, подвлече Дујовски.

Како дел од обврските од Акцискиот план за борба против тероризмот подготвен од ЕУ, Македонија изготви Патоказ со кој се предвидуваат повеќе заеднички активности со Институтот за комуникациски студии како што се: онлајн радикализација, странско влијание преку медиумите и социјалните мрежи, вмешаност во внатрешните состојби и за странско финансирање на радикални процеси во Македонија.
Кога станува збор за младите и онлајн-просторот, како и за суптилните методи на регрутирање, експертите ја истакнуваат и улогата на семејството и училиштата, локалната заедница, медиумите и граѓанскиот сектор. Важна е, велат, и способноста да се препознае манипулацијата, да се развие критичко мислење, да се гради доверба, да се разговара за идентитет, фрустрација, неправда и припадност пред тие чувства да бидат присвоени и злоупотребени од радикални наративи.
Македонското општество, вели пензионираниот армиски полковник Горан Илиоски, ги има сите познати „ранливости“ кои онлајн радикализацијата ги бара.
„Социо-економската сиромаштија на дел од населението создава гнев што бара виновник, етничките тензии како македонско-албанските, верските, историските тензии, со манипулација може да еруптираат во гнев. Посебно треба да се напомене и слабата доверба во институциите која што прави секоја официјална порака да биде сомнителна“, смета тој.
Како податливи теми за радикализација, дополнува нашиот соговорник се македонско-албанските односи, јазот меѓу христијаните и муслиманите, и историските тензии со Грција и Бугарија.
„Особено е интересно тоа што македонските и албанските националистички наративи функционираат како огледало ама преку различни идентитети, но со иста структура на жалба. И двата говорат за историска неправда, и двата нудат идеја за ‘обединување’, и двата служат како портал кон поострите содржини“, додава Илиоски.
Манипулацијата најсилно оружје
Нашите соговорници посочуваат дека манипулацијата е сѐ уште најсилното оружје.
„Манипулацијата е всушност и сто отсто од радикализацијата. Одвлекување на вниманието на младиот човек кој наместо да биде добар ученик, добар студент, добар граѓанин и да ги користи можностите на 21 век, и насочување дека доколку стори терористичко дело ќе добие некаква награда. И за жал се користат верските принципи“, вели Дујовски.
Како што потенцира тој, во моментов нема причина за загриженост во земјава на таа тема, но треба да се следат мигрантските текови и да се зголеми будноста по завршувањето на војната на Блискиот Исток.
„Ако пред членството во НАТО можевме секојдневно да сведочиме на млади луѓе, особено на млади кои што се впуштаат во непознатото најмногу и најчесто преку онлајн, по членството во НАТО и благодарение на информациите кои што на дневна основа ги разменуваме ние сме навистина малку поотпорна држава во однос на можностите на онлајн радикализација“, истакна професорот.
Нашите соговорници се согласни дека заштитата на младата популација, сепак, треба да се одвива континуирано, затоа што во трката помеѓу превенцијата и онлајн радикализацијата се побрзи личностите кои седат зад компјутерот или го држат во рака својот паметен телефон и бараат жртви.
„Лицето прво го убедуваат дека е жртва, потоа гневот се канализира кон ‘другите’. Тоа е едноставен модел но ефикасен. Она што е ново не е пораката, туку инфраструктурата преку која се испорачува. Социјалните мрежи рангираат содржина според еден клучен параметар — интеракција. А провокативните и контроверзни ставови речиси секогаш имаат поголема интеракција отколку нормалните ставови. Алгоритамот тоа го регистрира, ги шири масовно, и така создава ‘фидбек-јамка’ во која корисникот гледа сè поостри верзии од истата идеја“, објаснува Горан Илиоски.

На спротивната страна, дополнува Илиоски, контра-наративите, играат во асиметричен „натпревар“.
„Тие не нудат провокација, па генерираат помала интеракција, и алгоритамот ги потиснува. Дополнително, кога доаѓаат од институционални актери, кредибилитетот им е уште по намален, бидејќи општата доверба во институциите е веќе еродирана. Заклучокот, според мене, е дека манипулацијата не е технолошки проблем со чисто технолошко решение. Бара три работи едновремено: регулација на платформите, технолошко модерирање, и медиумско образование“, порачува Илиоски.
Студијата на Центарот за истражување и креирање политики во 2021 со наслов „Премин кон превенција: употреба на образованието за спречување онлајн радикализација кај младите“ покажа дека над половина од испитаниците средношколци многу често имаат пристап до содржини со тролање, малтретирање и навреди, проследени со насилна содржина како физички напад, палење и тепање или говор на омраза што ги охрабрува луѓето да се однесуваат насилно. Притоа над 20 отсто од анкетираните рекле дека барем половина од нивните пријатели споделуваат таква насилна содржина.
Неколку актуелни случаи деновиве во училиштата како тој со девојчето кое беше садистички малтретирано од свои соученички, можат да бидат своевидна потврда дека трендот од 2021 продолжил да се движи по нагорна линија. И дека онлајн радикализацијата има повеќе форми од класичните што ги знаеме.
Новинарка: Соња Крамарска

