Основците од другите заедници го изучуваат македонскиот јазик на ниво на втор странски јазик

Основците од другите заедници го изучуваат македонскиот јазик на ниво на втор странски јазик
  • Часовите по македонски за учениците од заедниците се намалени на два неделно од четврто одделение.
  • Наставниците сметаат дека ова е недоволно за соодветно совладување на јазикот и стравуваат од губење на работата поради намалените часови.
  • МОН смета дека бројот на часови по македонски јазик е доволен, а наставниците ќе бидат обучени да ги применуваат новите методи на работа.
  • БРО очекува предлози од наставниците и од образовните институции и е отворено за сугестии и промени.
  • Професорката Груевска – Маџоска предупредува дека ова ќе го ослабе познавањето на македонскиот јазик и ќе ја отежни комуникацијата во општеството.
  • Државата треба да има еден код, односно тоа е македонскиот јазик кој е јазик на мнозинството и на Македонците како државотворен народ и останатите треба да го познаваат што е обврска и од Уставот на Република Македонија.

Три децении трае постојаното намалување на бројот на часови по македонски јазик за заедниците, кои до деведесеттите години го изучуваа од прво одделение и тоа три пати во неделата. Сега, наместо во прво одделение, учениците од заедниците македонски јазик почнуваат да го учат државниот јазик во четврто одделение и со два часа неделно. За разлика од тоа, на пример, англиски кој е странски јазик, се учи по два часа неделно и тоа од прво одделение и кај учениците кои наставата ја следат на некој од јазиците на заедниците и кај учениците со македонски наставен јазик.

Бирото за развој на образование, на својата веб-страницата објави наставни програми за следната учебна 2025/2026 година каде се забележува дека и понатаму ќе се намалуваат бројот на часови во паралелките со различен мајчин јазик од македонскиот јазик.

Според објавеното, од наредната учебна година и во седмо одделение, согласно Концепцијата за основно образование од 2021, наместо три пати неделно, македонски јазик ќе се учи само двапати.

Од следната година и во 7 одделение ќе има само два часа македонски јазик, со што дискутабилно е дека ќе се оствари целта (Извор: Бро - Наставна програма за 7 одделение за учениците од другите заедници)

Новината за седмо одделение доаѓа по овогодишната (учебна 2024/2025 година) промена во шесто одделение, каде исто така, наместо три часа неделно, учениците имаат само два часа. Така, бројот на наставни часови годишно за предметот македонски јазик за заедниците од 108 часа годишно, се намалува на 72 часа.

Се доведува во прашање учењето на државниот јазик

Наставниците кои предаваат македонски јазик за заедниците сметаат дека овие образовни политики се погрешни и проблематични, а како краен, неповолен резултат го посочуваат тоа што нема доволно простор за децата да го научат државниот јазик и сè повеќе го губат интересот за негово учење.

Мирјана Софрониевска е наставник по македонски јазик кај заедниците во пензија. Таа предавала македонски јазик за заедниците во паралелките со албански и турски наставен јазик во ООУ „Истигбал“ во Тетово. Се потсетува дека укинувањето на изучувањето на македонскиот јазик за заедниците во прво одделение е во 1996 годинa, па наредната учебна година и во второ одделение.

„Кога почнав со работа, учениците од заедниците македонскиот јазик го учеа од прво до осмо одделение со по три часа во неделата и имаше поголем успех. Во прво и во второ одделение се работеше само на фонд на зборови, слуховно и говорно, без да читаат и пишуваат. На пример, јас ќе ги изговорам деновите во неделата, годишните времиња, месеците во годината и барав учениците да повторуваат по мене. Низ игра, низ песна, со слики, со препознавање, на пример табла, креда, тетратка. Имавме сликовници и прирачници како да работиме. И кога ќе дојдеа во трето одделение веќе имаа усвоено доволен фонд на зборови. Почнувавме со изучување на печатните кирилични букви и зборови кои ја содржат буквата, потоа постепено читање зборови и реченици, а подоцна и куси текстови. Сè беше постапно. Потоа се изучуваа и ракописните букви. Учениците имаа тетратки за училишна и домашна работа, и по две-три тетратки за училишна и домашна ќе пополнат во една учебна година и до деветто одделение ќе го усвоеа јазикот за комуникација. Со укинување на часовите во прво и второ одделение, во трето одделение без претходен фонд на зборови, веднаш требаше да се учи азбуката, читање, пишување и сè потешко беше и за нас наставниците и за учениците, кои пак сè помалку го познаваат јазикот“, вели Софрониевска.

Учебникот за 8 одделение по македонски јазик за 8 одделение за другите заедници

Кога се воведе деветгодишно основно образование, македонскиот јазик за заедниците се  изучува од четврто одделение и тоа со намалување на фондот на часови од три на два.

Наставниците кои сега предаваат велат дека нивното искуство покажува дека вака нема успех во учењето.

„Го пренесов ова искуство кај советниците по македонски јазик, кај обучувачите на семинарите што ни ги држат во поново време, но никој не сака да каже која е логиката официјален јазик на државата да се учи од четврто одделение со два часа неделно, кога странски јазик и тоа три часа неделно учат од прво одделение. Реформите по овој предмет доведоа до тоа заедниците сè помалку да го говорат официјалниот јазик. Кај вишите одделенија минатата учебна година, во шесто одделение се намалија часовите од три на два, од идната година и во седмо одеделение од три на два часа неделно. Програмата е збиена, без простор за повторување и вежби, писмени вежби, сето тоа придонесува да имаме помал успех во работата и учениците послабо го говорат јазикот“, вели наставничка од едно тетовско основно училиште, која сакаше да остане анонимна.

Наставниците се плашат дека ќе останат без работа

Голем број наставници по македонски јазик за заедниците кои ги споделија искуствата за Само прашај, се плашат дека со намалувањето на полниот фонд часови неделно, се доведуваат во прашање и нивните работни места. Еден час помалку од полниот фонд од 20 часа значи опасност за еден наставник да не земе цела плата.

„Ако и понатаму останува нормата, фонд на часови да биде 20 за цела плата, се доведуваат дел од наставниците во опасност да добиваат помалку плата, па дури и да се прогласуваат технолошки вишок. Не ни е познато на кој начин наставниците кои ќе имаат помалку часови ќе ги пополнат часовите до 20 часови“, велат тие.

Но, од МОН тврдат дека нема основа за вакво стравување. Од нивниот одговор за Само прашај се заклучува дека државата не гледа проблем во тоа што помалку ќе се учи македонски јазик, бидејќи наместо час по македонски јазик, учениците ќе добијат предавање од некој од изборните предмети.

„Отпуштање на наставници нема да има. Во повеќе наврати најавивме дека сите наставници кои немаат доволен фонд на часови, ќе бидат вклучени во дополнителни наставни активности, односно изборни предмети меѓу кои секако, доколку постои интерес во кое било училиште може да се изучува и овој предмет, како и во воннаставни активности од интерес на децата“, велат од МОН.

Но, од МОН се со спротивно мислење – дека обемот на изчување на македонски јазик кај заедниците е доволен да се научи, бидејќи е „планиран во согласност со сите други предмети кои во дадената учебна година се изучуваат“.

Објаснуваат дека промените се направени поради податоците дека во минатото часовите по овој предмет не се реализирале во целост и согласно наставната програма, па на овој начин очекуваат подигнување на ефикасноста и ефектуирање на наставата. На ова ќе придонесе, како што велат, новите програми по предметот македонски јазик за учениците од другите заедници имаат поинаков пристап во изучувањето на македонскиот јазик.

„Тој предвидува учење преку комуникациски модели, граматика во контекст вметната во теми актуелни и значајни за секое одделение, односно возраст. Во недостиг на учебници за оваа учебна година, се изработија материјали за учење за сите одделенија во кои се изучува овој предмет. Истите се достапни онлајн на официјалната страна на Бирото за развој на образованието“, одговорија од МОН за Само прашај.

Наставниците и МОН со спротивни мислења дали обемот на часови е доволен да се совлада официјалниот јазик во државата

Но, наставниците кои се директно вклучени во процесот сметаат дека намалувањето на часови веќе дава неповолни резултати - децата во основно образование недоволно го познаваат официјалниот јазик на државата, бидејќи овој предвиден број на часови не е доволен за да се реализира програмата.

„Треба да се вратат три часа неделно во нижите одделенија, зошто таму е основата таму почнува владеењето на јазикот. Ова е службен јазик, неопходен е и треба да го владеат. Програмата да се збогати и фондот на часови да се врати по старо. Целиот проблем е во тоа што никој не ги прашува наставниците. Некој друг носел одлуки, а ние сме биле само извршители. Македонскиот јазик како предмет со ова се сведува на изборен предмет“, истакнува и пензионираната наставничка Мирјана Софрониевска.

БРО се отворени за препораките од наставниците институциите

Од Бирото за развој на образованието потврдуваат дека со Наставниот план од 2007 година се предвидува наставата по македонски јазик за учениците од други заедници од 4 до 9 одделение, со неделен фонд од два часа, освен во шесто и седмо одделение, каде што се реализираат три часа.

„Овој пристап е резултат на интеграцијата на нови предмети и организациските барања во основното образование“, велат од БРО за Само прашај и додаваат дека се свесни за предизвиците поврзани со подоцнежното започнување на наставата и ограничениот фонд на часови, како што укажуваат наставниците.

„Бирото ја препознава потребата од поширок пристап кон изучувањето на македонскиот јазик, особено за учениците кои немаат честа комуникација на македонски јазик надвор од училиштето. Во таа насока, постојано работиме на ажурирање на наставните програми и изготвување на поддржувачки материјали, а се разгледуваат и дополнителни предлози за унапредување на процесот, кои ќе бидат доставени до МОН“, велат од Бирото.

Од Бирото за развој на образованието објаснуваат дека во текот на последните неколку години активно работат на подобрување на програмите по предметот македонски јазик за учениците од другите заедници во основното образование. Притоа наведуваат дека во 2019 година се воведени значајни промени во програмата, со цел да се одговори на предизвиците во усвојувањето на македонскиот јазик, преку акцент на основните јазични вештини: читање, пишување, слушање и зборување, а наставниците добиле обуки за примена на нови пристапи, кои вклучуваат активни методи за учење на јазикот.

Нема кој да врши надзор за спроведување на Законот за употреба на македонскиот јазик

Лани, на крајот на јануари Собранието донесе Законот за употреба на македонскиот јазик. Но, и по една година тој сè уште реално не започнал да се применува. Професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје посочува дека сè уште нема Инспекторат за заштита на македонскиот стандарден јазик и нема кој да врши надзор како се применува.

Новиот состав на Советот за македонски јазик само што започна со работа и како советодавно тело на Владата, иако немаат извршна моќ и не можат да вршат надзор, можат да даваат препораки. Поради тоа што сè уште не е востановен Инспекторатот засега немаат кому да дадат препораки за да се изврши надзор за тоа како се применува, односно како не се применува Законот за употребата на македонскиот јазик.

Како што ни изјавија, засега не добиле официјален предлог за промена на возраста за започнување на изучувањето на македонскиот јазик или за зголемување на фондот на часови. Но, велат дека остануваат отворени за разгледување на препораките од наставниците и образовните институции.

„Целта е секоја промена да биде во согласност со најдобрите практики за учење јазик и во интерес на учениците“, велат од БРО.

Но, покрај мерките за учениците од другите заедници, од БРО потенцираат и дека работат на утврдување на потребата од дополнителни методолошки обуки за наставниците, подобрување на пристапот до современи наставни материјали и воведување на иновативни наставни методи за сите ученици, вклучително и за оние на кои македонскиот јазик им е мајчин јазик.

Македонскиот јазик е кохезивно средство за сите што живеат во Македонија

Професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје, која е и претседателка на Советот за македонски јазик вели дека досега никој не побарал помош од Институтот за изработка на наставните програми и планови за македонски јазик за учениците на кои тој не им е мајчин јазик. Таа смета дека е предоцна учениците да почнат од четврто одделение со настава по македонски јазик, односно дека е предоцна за учење на државниот јазик.

Груевска - Маџоска: Никој досега не побарал помош Институтот за македонски јазик за изработка на наставните планови за македонски јазик за учениците од другите заедници

„Тоа е нешто што требаше уште одамна да се измени особено што, еве, и светските истражувања покажуваат дека учењето на втор јазик, пикот на возраста на кој најдобро се учи е шест или седум години. Тоа значи дека, еве, ако од прво одделение се почнува со мајчиниот јазик веќе од второ одделение треба да почне да се изучува државниот јазик за сите останати заедници што живеат во Македонија и со поголем фонд на часови“, вели професорката Груевска-Маџоска.

Со моменталната ситуација, пак, имаме случај на комплетно непознавање на државниот јазик и неможност за комуникација со македонскиот јазик како кохезивно средство во Македонија за сите што живеат тука, истанува професорката Груевска- Маџоска, што повлекува ред други проблеми, како на пример неможност да се најдат доволно преведувачи од албански на македонски јазик.

„Слушаме како преведувачите од Собрание преведуваат на неразбирлив македонски јазик и тоа се коси со Уставот и со Законот за употребата на македонскиот јазик“, истакнува таа.

Според неа треба да има и поголем надзор на начинот и на квалитетот на предавање на македонскиот јазик, бидејќи од сегашниот начин на изучување на македонскиот јазик, веќе се покажале резултатите, а тоа е целосно неразбирање меѓу граѓаните на една држава.

„Резултатите се комплетно неразбирање меѓу граѓаните на една држава, значи меѓу себе да не може комплетно да се разберат и да го користат англискот јазик, оние што го знаат, за меѓусебна комуникација. Што е трагично. Државата сепак треба да има еден код, односно тоа е македонскиот јазик кој е јазик на мнозинството и на Македонците како државотворен народ и останатите треба да го познаваат што е обврска и од Уставот на Република Македонија“, рече проф. Груевска-Маџоска.

Михајло Марковиќ, кој е професор по македонски јазик на Универзитетот во Тетово и исто така член на Советот за македонски јазик смета дека намалувањето на часови е и во директен судир со Закон за употреба на македонскиот јазик каде во член 1 став 2 стои дека употребата на македонскиот како службен јазик е право и должност на сите граѓани, особено за луѓето што се вработени во институциите.

„Функцијата на јазикот е во суштина да се запознаваме со сè околу нас и да можеме заеднички да комуницираме, а всушност има четири функции, а тоа се обединувачката, културната, симболичката и естетската функција. Прва од нив и најважна е обединувачката функција. Доколку нашите деца, млади не го познаваат доволно македонскиот јазик, на кој начин ќе имаме обединувачка функција на јазикот. Со намалувањето, на часовите немаме таква можност. Не се зема предвид можноста дека познавањето на македонскиот јазик, им ги отвора вратите кон сите словенски земји за комуникации, со оглед на сличностите во јазикот“, вели проф. д-р Марковиќ.

Советот за македонски јазик побара од Вадата и од МОН измена на наставниот план

Откако Само прашај побара мислење од Советот за македонски јазик за овој проблем, тие испратија барање до МОН и до Владата за измена на наставниот план за основното образование за предметот Македонски јазик за учениците од другите заедници - да се започне со изучување на државниот македонски јазик уште од прво одделение со фонд од 3 часа неделно, со оглед на досегашното искуство со степенот на познавање на македонскиот јазик кај граѓаните на кои им е немајчин.

Познавањето на македонскиот јазик е обврска на сите граѓани на РС Македонија и неговото непознавање или недоволно познавање ги намалува можностите за нивно вработување, како и меѓусебна комуникација. Досегашниот начин на учење на македонскиот јазик доведе помладите генерации меѓусебно да комуницираат на англиски јазик, што е недозволиво. Исто така, нема доволен број квалитетни преведувачи од албански јазик со што директно се крши Уставот и Законот за употребата на македонскиот јазик, а што е видливо секојдневно и од преводот на говорите на пратениците во Собранието“, се наведува во барањето.

Ова анализа ги даде двете гледишта на проблемот. Заклучокот е дека за целосно решение потребно е комбинирањето на предлозите од наставниците и од институциите. Со зголемени часови, модерни методи и материјали, како и посветеност на сите нивоа, се создава можност за успешно совладување на македонскиот јазик од страна на учениците од различни заедници.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Александар Самарџиев и Елица Бочвароска

Снимател: Наке Батев

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Поврзани стории:

Ниту има пари, ниту институциите се подготвени за да се спроведе Законот за употреба на македонскиот јазик

Македонскиот јазик пред голем пораз

Се „крстат“ во македонскиот и во албанскиот јазик, а самите ги сквернават

Суштински промени или нов хаос во образованието