
- Управниот суд го поништи негативното мислење на Конзерваторскиот центар за изградбата на зградата кај Воената болница и потврди дека првото позитивно мислење е законско.
- Парцелата се наоѓа во втора и трета зона на заштита, што ја ограничува катноста и габаритот на нови градби, поради што од Конзерваторскиот центар не се согласуваат со одлуката на Управниот суд и бараат кривична одговорност од поранешниот ВД директор.
- Поранешниот директор на Конзерваторскиот центар, кој го издал позитивното мислење веќе е осомничен за несоодветно работење за случај во Старата Чаршија.
- Професорот Борче Давитковски смета дека одлуката на Управниот суд е исправна, бидејќи не може да има две мислења, а одговорност треба да се бара кај оној кој ја донел првата одлука.
Додека конзерваторското мислење за зградата кај Воена болница во Карпош шета низ судските ходници, инвеститорот ги „засади“ првите две нивоа од бетонското здание наречено „Рубик Тауер“ против чија изградба минатата година се одржаа протести на граѓаните. Неодамнешната одлука на Управниот суд со која изградбата на 17 катницата е легално ја отвори Пандорината кутија на правни и административни несогласувања, поставувајќи го прашањето: Кој ја згреши постапката?
Конзерваторскиот центар Скопје во февруари лани го поништи позитивното мислење за изградба на зградата кое го потпиша екс вд директорот Константин Димитровски и врз основа на него Општина Карпош издаде градежна дозвола на инвеститорите „ЗСФ Ком“ ДООЕЛ Скопје и „Делта 2015 Констракшн“ ДООЕЛ Скопје за Проектот „Домување во станбени згради“ кој предвидува нови 420 станови, 2.000 жители и дневна фреквенција на дополнителни 1.000 возила. Според урбанистичкиот проект, зградата ќе биде со два ката деловни објекти и 17 ката станбен дел.
По поништувањето, инвеститорите поднесоа тужба, барајќи да се поништи решението на Управниот одбор на „Конзерваторскиот центар“ - Скопје, со кое нивната жалба е одбиена како неоснована. Тужбата беше уважена, а негативното решение на Конзерваторски центар е поништено. Предметот се врати на повторно одлучување на тужениот орган, кој е должен да постапи согласно со одлуката на Управниот суд.
Инвеститорите победија
Барајќи поништување на решението на Управниот одбор на Конзерваторскиот центар – Скопје со кое жалбата им се одбива, тврдејќи дека е незаконито поради суштествени повреди на постапката, погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, инвеститорите тврдат дека се направени низа повреди на Законот за општа управна постапка и решенијата се донесени без законска основа. Тие истакнуваат дека позитивното конзерваторско мислење е поништено во вонредна постапка, што е на нивна штета.
Во одговор на тужбата, Конзерваторскиот центар Скопје вели дека тужбата е неоснована. Според нив, конзерваторското мислење е реален акт, а не управен акт, и е услов за добивање на одобрение за градење. Тие истакнуваат дека ги разгледале формалните пропусти и недостатоци, кои влијаеле издаденото позитивно конзерваторското мислење да е незаконито.
Но, на крајот, Управниот суд пресудува во корист на инвеститорите и утврдува дека тужбата е основана. Спротивно на Конзерваторскиот центар, Управниот суд смета дека конзерваторското мислење претставува управен акт, а не реален акт. Во пресудата стои дека позитивното конзерваторско мислење е поништено без да има законска основа за тоа, а жалбата е одбиена без да бидат разгледани суштинските прашања.

Пресудата наложува Конзерваторскиот центар Скопје да постапи согласно со одлуката на Управниот суд во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, при што ги применува правното сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд.
Конзерваторски центар го лоцира проблемот во поранешниот ВД директор
По објавувањето на пресудата, Само прашај се обрати до Конзерваторскиот центар – Скопје, од каде ни одговорија дека нема да ја коментираат одлуката на Управниот суд, но нагласија дека за нив е нејасна идентификацијата на конзерваторските мислења како управни акти. Тие иако остануваат на тоа дека не смее да се гради на ова место, сепак немаат начин да ја сменат одлуката и Управниот суд, бидејќи таа е конечна и нема можност за жалба.
„Конзерваторските мислења се стручни мислења со кои се проценува дали одреден основен проект ги почитува претходно пропишаните мерки на заштита за предметен објект во контактна зона на културно добро. Конзерваторските мислења самостојно не предизвикуваат правно дејство туку истите се дел од управна постапка за издавање на одобрение за градење, што ја водат општините. НУ ‘Конзерваторски центар’ - Скопје нема друг избор (не е дозволена жалба на пресудата) освен да постапи по истата. Независно од тоа, мораме да нагласиме дека со тоа не се менува ставот на институцијата дека позитивното конзерваторско мислење е незаконско во смисла на формата и содржината утврдени со Правилникот за формата и содржината на образецот на Конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на Конзерваторското мислење (‘Службен весник на РМ’ бр. 109/16). Особено е спорна содржината која воопшто не содржи мерки на заштита ниту проценка дали предметниот објект е во согласност со мерките на заштита за Контактната зона на Споменикот - Воена болница во Скопје“, се вели во одговорот од Конзерваторски центар за Само прашај.

Според нив, позитивното конзерваторско мислење во 2023 година е тенденциозно издадено од тогашниот ВД директор Константин Димитровски – тој како дел од Комисијата за урбанизам во Општината Карпош го потпишал и Урбанистичкиот проект за предметната градежна парцела, во кој не е вцртана јужната граница на Споменикот - Воена болница во Скопје, заради што предметниот објект се наоѓа истовремено во две различни зони на заштита.
„Проблемот е исклучиво во човечкиот фактор олицетворен во тогашниот ВД директор, чие незаконско постапување ги создаде сите проблеми со конзерваторските мислења за предметниот објект. Со позитивното конзерваторско мислење инвеститорот е доведен во заблуда дека со градежната парцела нема ништи спорно (а реално не е така) и нашите обиди да се исправи незаконското работење на тогашниот ВД Директор, претпоставуваме дека инвеститорот ги доживува како личен напад, што не е наша намера. Освен тоа, не е исклучена можноста инвеститорот да е погрешно информиран од Општината Карпош дека со неговата парцела се е во ред, иако за службите и одговорните лица во Општината е повеќе од јасно какви прекршувања на закони и процедури се направени за да се дојде во денешната форма на предметната градежна парцела“, велат од Конзерваторски центар.
Парцелата се наоѓа во две зони на заштита, едната во втора, другата во трета зона
Северниот дел на градежната парцела со површина од околу 1.690 м² влегува во границите на споменикот - Воена болница и има режим на заштита од втор степен, што подразбира нови објекти со габарит и катност прилагодени на вредностите и значењето на доброто, изведување на сите интервенции според конзерваторски проекти каде треба да се почитува и доминантната класа на намени В - Јавни институции, утврдена со ГУП-от на Град Скопје од 2012-2022. За овој дел потребно е обезбедување Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како услов за издавање на одобрение за градење.
Јужниот дел на парцелата со површина од околу 2.880 м², пак, е во границите на контактната зона на Споменикот (Воена болница) и има режим на заштита од трет степен, што подразбира можност за доградба и надградба на постојните објекти и изградба на нови објекти, со габарит и катност што нема да ги нарушуваат визурите на Споменикот. За овој дел потребно е да се обезбеди конзерваторско мислење од „Конзерваторски центар“ - Скопје, како услов за издавање на одобрение за градење.
По реакциите на стручната јавност и граѓанските организации дека дозвола за зграда не може да се даде за заштитено подрачје, Министерството за култура формираше работната група која оцени дека тоа е издадено спротивно на Законот за заштита на културно наследство. Потоа, Конзерваторски центар Скопје донесе ново, негативно мислење, во кое се оценува дека во овој дел не смее да се гради станбен и деловен објект. Но, и покрај тоа, Општина Карпош не ја поништи градежната дозвола, а инвеститорите не престанаа да градат.
Посочуваат дека надлежните органи треба да започнат истрага зошто воопшто е издадено позитивно конзерваторско мислење.
„Зошто воопшто е издадено позитивното конзерваторско мислење треба да се испита од надлежни истражни органи и соодветно кривично да се санкционира. Мислењето е продолжување на прекршување на закони и процедури, започнато уште во 2013 година. Со донесувањето на ГУП на град Скопје е предвидена многу помала површина за градење позиционирана само во Контактната зона на Споменикот - Воена болница во Скопје. Во 2013 година донесен е ДУП за ‘Градска четврт З 05’, Општина Карпош, во кој се ‘случајно заборавени’ границите на Споменикот, особено јужната, и прекршен е ГУП од 2012 година со драстично зголемување на површината за градење и дозволена висина на градба од 88,00 метри (а мерките на заштита утврдени со Заштитни-конзерваторските основи дозволуваат висина со која нема да се нарушат визурите на Споменикот). Ваков „случајно модифициран план“ е одобрен и од Управата за заштита на културното наследство, која утврдила дека во истиот се вградени основите. Понатаму, следува Урбанистичкиот проект одобрен под сомнителни околности (во кои учествува и тогашниот ВД директор, што е конфликт на интереси) и истиот тој го донесува позитивното конзерваторско мислење ‘за услугата да биде комплетна’“, се вели во одговорот.

Со оглед на наведеното, како што велат, било неопходно „институцијата да се врати на прав пат“ кој подразбира законско работење, поради што било поништено позитивното конзерваторско мислење и по кратко време било донесено негативно конзерваторско мислење усогласено со фактичката состојба во однос на Правилникот и надлежностите на НУ Конзерваторски центар - Скопје. Но, посочуваат дека Управниот суд одлучил
правната сигурност да се најде во „незаконското позитивно конзерваторско мислење а се поништува негативното конзерваторско мислење, кое е единствено одраз на реалната фактичка состојба“.
Инаку, Димитровски беше еден од осомничените за незаконското уривање на хотелот „Шар Ан“ во Старата скопска чаршија. Тој се спогоди со Обвинителството за условна казна, признавајќи вина за несовесно работење во службата и злосторничко здружување.
Давитковски: Тој што го дал позитивното мислење требало да одговара
Професорот Борче Давитковски смета дека одлуката на Управниот суд е исправна во делот на тоа дека не може да постојат две спротивставени мислења за истиот проект. Според него, еднаш донесеното конзерваторско мислење не може да биде заменето со друго. Но, смета дека во Македонија често се случуваат вакви ситуации кога се даваат одобренија без одговорност, што води до корупција и неправилности, а на крајот граѓаните ги трпат последиците. Во овој случај смета дека одговорноста е кај оној кој потпишал позитивно мислење.
ФОТО Двитковски мала„Доколку имало позитивно мислење, не може да има негативно. Се давале решенија како ќе им текне. Одлуката е во ред, бидејќи дале позитивното мислење претходно. Требало да се води сметка, тој што го дал требало да одговара, а во Македонија, на крај, кога ќе видите, никој не може да одговара, тоа е нашиот проблем. Се ставаат луѓе склони кон политика, кон мито и корупција, кои што даваат разни одобренија и потоа ‘пу-не важи’, ајде ќе го поништиме. Нема поништување, доколку еднаш се дало, инвеститорот инвестирал пари, платил комуналии и мора да гради. Тоа е абецедата на пазарна економија. Тие требало воопшто да не му дадат, и сега кој е крив, граѓаните на Карпош. Градоначалникот ќе остане чист, инвеститорот чист, а ние граѓаните ќе ги трпиме последиците“, вели Давитковски.
Од Општина Карпош веднаш по пресудата „се пофалија“ дека Секторот за урбанизам на Општина Карпош постапил законито при издавањето на дозволата за градба.
„Практично, со оваа одлука на Управниот суд на РСМ се потврдува дека Секторот за урбанизам на Општина Карпош постапил законито, при издавањето на дозволата за градба на горенаведената зграда“, се вели во соопштението од Општина Карпош.
Од советничката група „Независни за Карпош“, сметаат дека со одлуката, Управниот суд ја аминува корупцијата.
„И која е пораката? Слободно корумпирајте и вршете криминали? Мора да се заштити правото на профит на поединецот, тоа е најголемото право во државава, какво право на здрава и хумана животна средина! Судијата го потврдува незаконското и криминално решение под превез на правна сигурност, а другото законското не го уважува“, велат од советничката група.
Управниот суд ја уважи тужбата на инвеститорите, но останува прашањето дали оваа одлука ќе донесе правна сигурност или ќе отвори нови проблеми. Инвеститорите продолжуваат со градежните активности, додека Конзерваторскиот центар и граѓанските организации остануваат на своите ставови дека проектот е незаконит и штетен за културното наследство, урбанистичкото планирање и животот, воопшто. Најверојатно тоа ќе остане само на осуда, бидејќи веќе нема законски пречки огромното здание да постои. А овој случај ќе остане уште еден пример за несанкционирана одговорност и наместо правна сигурност, ќе ја продлабочи кризата во урбанистичкото планирање и заштитата на културното наследство.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Ангела Рајчевска
Фотографии: Дарко Андоновски
Поврзани стории:
Општина Карпош ќе ја плати цената за незаконското градење кај Воена болница
Гласањето за бетонизацијата на Влае се турка пред да има техничка влада
Со познат рецепт сакаат да го уништат Влае
Нова битка меѓу приватниот и јавниот интерес во скопско Влае