fbpx

Среќна нова енергетска, економска и здравствена криза

Голем број македонски граѓани најверојатно ќе ги избегнат СМС-пораките со честититки за претстојните новогодишни празници за да заштедат, бидејќи во 2022 година буквално ќе им треба секој денар за да преживеат. Нецели две години по почетокот на пандемијата со Ковид-19, парите ја изгубија куповната моќ. Цените во маркетите се многу „посолени“, а торбите на излегување не тежат како порано.

Ако на тоа се надоврзат и очекувањата за значителен пораст на цената на струјата, но и за појава на нов бран од Ковид-19 станува јасно дека нема место за многу оптимизам во пресрет на годината што доаѓа. На слично дереџе се наоѓа и државата, којашто е презатрупана во долгови што ќе ги плаќаат идните генерации.

По свадба, тапани

Попусто Владата се пофали со замрзнување на цените на основните прехранбени производи на почетокот на декември, годинава кога поскапувањето веќе почна да кулминира. Имено, податоците на Државниот завод за статистика откриваат воочлива разликата во цените од почетокот на 2020 до крајот на септември, годинава. Најголем скок на цената од 29 денари има маслото за јадење, потоа јаболкото од 18 денари, компирот од 12 денари, свинскиот врат од 10 денари. Повисоки цени имаат и лебот, јајцата, солта, шеќерот, пилешкото месо, оризот...

Благица Петрески, извршна директорка на „Фајненс тинк“ вели дека има три клучни фактори коишто влијаат врз порастот на цените на прехранбените производи од коишто два се од привремен карактер.

Според Марјан Николов од Центарот за економски анализи, порастот на цените на основните прехранбени производи дополнително ќе влијае на продлабочување на сиромаштијата. Тој посочува дека проблемот е тоа што социо-економските параметри се разгледуваат во просек, а во услови на висока нееднаквост кај населението.

Srekna nova energetska ekonomska i zdravstvena kriza 1„Зголемувањето на цените на пример во октомври во однос на септември на гасот за скоро 10%, на горивата за повеќе од 5% или на прехрамбените производи околу 2% не ги засега исто сите граѓани. Во просек во државата на храна и енергенси се трошат скоро 40%, а 50% од луѓето не можат да си дозволат да јадат месо или риба секој втор ден. Понатаму важно е да се знае дека половина од населението користат меѓу 60% - 77% од своите средства на храна, а најбогатите само 20 - тина % од своите употребени средства ги користеле на храна“, смета Николов.

Според Петрески, ценовните ефекти коишто веќе се чувствуваат во моментот, изразени во лебот, млекото и млечните производи се резултат на порастот на цената на струјата.

Таа смета дека повисоките цени негативно ќе се одразат врз буџетот на домаќинствата, но нема да предизвикаат драстичен пораст на инфлацијата.

Долгови „до гуша“

Голема неизвесност во државата носи и забревтаниот пораст на јавниот долг којшто од 2007 година до јуни, годинава се зголеми од 1,5 на 7,3 милијарди евра. Македонија всушност е доведена во ситуација во којашто не би можела да функционира без нови задолжувања.

Експертите предупредуваат дека задолжувања ќе има и во иднина и укажуваат дека крајно време е тие да се користат во продуктивни цели. Мора да има кратење на непродуктувните трошоци и сузбивање на сивата економија, со цел да има пораст на даночната база.

Според поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев главен проблем е што Македонија има премал економски раст, а парите кои се позајмуваат, не се употребени во вистинска насока.

Srekna nova energetska ekonomska i zdravstvena kriza 2„Нема држава во светот што не позајмува пари. Но, има држави кои успешно управуваат со јавниот долг, водат сметка за нивната способност за отплата, водат сметка еден позајмен долар во домашната економија да се оплоди барем со коефициент од два, три и повеќе. Ние, за жал, не сме од таа група на земји. Според тоа, државата не може да функционира без нови позајмувања. Но, мора под итно да почне да го намалува јавниот долг како процент од БДП. Во спротивно, ниту во иднина нема да биде во состојба да одговри на ниту еден евентуален нов екстерен или интерен шок врз економската активност. Всушност, ние веќе сме во таа состојба. Капацитетот за реакција на државата е речиси потрошен“, смета Гошев.

Сепак, поранешниот гувернер вели дека периодот на „евтини’’ пари веќе привршува и следува период на зголемување на цената на капиталот. Претпоставеното зголемување на цената на капиталот на меѓународните пазари, на нашите кредити ќе има додаде дополнителна премија за ризик - поголема од таа што досега ја плаќаме бидејќи, како што вели, држави како Македонија плаќаат секогаш повисока премија за ризик.

Дека задолжувања во иднина ќе има, потврдуваат и од Народната банка. Но, од централната финансиската институција велат дека постои кредибилна излезна стратегија. Тоа значи постепена и паметна фискална консолидација, во која фискалните мерки ќе се прилагодуваат на фазите на кризата и ќе се насочуваат кон одредени области, особено оние кои ќе значат пост ковид структурна трансформација и поддршка на потенцијалниот раст.

Srekna nova energetska ekonomska i zdravstvena kriza 3Претстојат големи предизвици за Народната банка

„Последната фискална стратегија тоа и го покажува, предвидувајќи буџетскиот дефицит од 8,1% од БДП колку што изнесуваше во 2020 година, постепено да се сведе под 3% во 2024 година, па до околу 2% во 2026 година. Секако, оваа проектирана патека опфаќа и нови задолжувања на државата наменети за финансирање на буџетскиот дефицит и за отплата на доспеаниот долг. Но, важно е оваа зацртана траекторија на фискална консолидација да се спроведува доследно и кредибилно. Во позитивна насока ќе делува и постепеното закрепнување на економијата, кое веќе се случува и кое го гледаме во податоците за растот на бруто домашниот производ во првата половина од оваа година од 5,2% и очекувањата за солидна динамика на економски раст на среден рок од околу 4%, согласно проекциите на НБ“, одговорија од Народна банка.

Во вакви околности, велат од Народна банка, треба цврсто да се „усидрат“ инфлациските очекувања на економските субјекти и со тоа да придонесе тие да не бидат дополнителен фактор на ценовниот раст. Во тој контекст, институцијата будно ги следи промените кај увозните цени и факторите кои ги придвижуваат, прави постојана оцена на потенцијалните ефекти и ризици.

Стотици милиони евра за камати

Гошев низ неколку примери посочува што значи сегашната цена која државата ја плаќа за задолжувањето според актуелните услови на позајмување.

„Во оваа и идната година вкупниот износ на камати за јавниот долг изнесува околу 320 милиони евра. Во Буџетот за 2022, пресметаните камати се 10,1 милијарди денари (164 милони евра). Овој износ за едногодишната камата е поголем од вкупниот буџет на судската власт за 4,4 пати (2,3 милијарди денари), поголем од буџетот на Министерстото за одбрана за 35 проценти (7.5 милијарди денари.) Или, вкупно планираните пари во Буџетот за водоводи и канализација, за водоснабдување и одводнување на отпадни води, како и изградба на еден систем за водоснабдување (во Сопиште) изнесуваат само 56 милиони денари (помалку од милион евра), наспроти 164-те милиони евра за камата, при што државната власт очекува донации за водоводи и канализација за општините во износ од 50 милиони денари. Ова го наведувам само како мал број примери од огромниот број апсурди на нашите јавни финансии и грижата за јавниот интерес“, вели Гошев.

Во овој момент, смета Гошев, јавните финансии, без ново задолжување, над износите за кои вели дека се неприфатливи, немаат капацитет да им помогнат на оние кои имаат нужна потреба од тоа, без поригорозни промени во дистрибуцијата на доходот што се создава во нацијата.

Граѓаните повеќе им веруваат на девизите

Во услови кога денарот губи од својата вредност поради континуираните поскапувања разбирливо е што се појавија шпекулации за можна девалвација. Последните податоци на Народната банка покажуваат дека граѓаните избираат да штедат во странска валута.

Ќе се брани стабилноста на денарот

  • „Народната банка има арсенал на мерки кои што може да ги спрегне доколку дојде до ситуација на штитење на девизниот курс. Еден од тие мерки се девизните резерви. Во моментот, девизните резерви се на ниво од над 3.5 милијарди евра кои покриваат повеќемесечен увоз и тие се доволни ако има потреба за потреба на курсот на денарот. Но, се' уште сметам дека нема да дојде до таква потреба“.

Благица Петрески

  • „НБРМ ќе го брани и може да го добрани девизниот курс на денарот. Има инструменти и средства за тоа. Но, колку е понеодговорна фискалната политика, колку полош политички амбиент создаваат политичарите во државата, толку е поскапа одбраната на девизниот курс на денарот за самата економија и воопшто животот во државата. Не е добро никој неодговорно да ја турка НБРМ да презема рестриктивни мерки, зашто тоа би било на штета на економската активност. Засега, нема основа за страв од девалвација на денарот“.

Петар Гошев

  • „Евентуалната материјализација на ризичните настани секако нема да имаат одраз врз стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како стратегиска определба на монетарната политика. Нашиот став и комуникација се јасни – курсот останува стабилен, нивото на девизни резерви е високо и адекватно, впрочем затоа и ги градиме во добрите времиња, за да имаме конфор во вакви епизоди кога сме погодени од некој шок. Народната банка е подготвена да реагира со сите инструменти кои и стојат на располагање со цел да се зачува стабилниот курс на денарот кон еврото. Ова впрочем сме го докажале повеќе од две децении наназад“.

Народна банка

Srekna nova energetska ekonomska i zdravstvena kriza 4Граѓаните во изминативе месеци преферираат штедење во странска валута

Енергетска криза на долг рок

Пред крајот на летото, првиот човек на Комората за енергетика при Сојузот на стопански комори, Ѓорѓи Манасков, буквално прогласи вонредна енергетска состојба. Ваквата прогноза се должеше по наглото поскапување на цената на струја на европските берзи пред крајот на летото.

Од тој временски период до сега, како за „инает“ се случи хаварија со пожарот во РЕК Битола, кога се запали третиот блок. Извесен период, термоелектраната не произведуваше струја, со што државата стана исклучиво зависна од увоз од странство. Незаконското повлекување на струја од европскиот систем за три месеци, јули, август, веќе стигна за наплата - МЕПСО ќе треба да плати 18,5 милиони евра. Тогаш енергетските власти признаа - трошиме двојно повеќе електрична енергија отколку што произведуваме.

Македонија со децении го користи РЕК Битола како главен капацитет за производство на струја

Речиси месец и половина по предупредувањата на Комората за енергетика, и Владата прогласи енергетска кризна состојба. Во меѓувреме, пропадна и тендерот на ЕСМ за набавка на јаглед на РЕК Битола, по што се набавија само 90 тони од Косово. Паралелно со информацијата, стигна и известување од Владата дека се разрешени директорите на РЕК Битола и РЕК Осломеј и дека се поставени нови. Подоцна како своевиден успех беше прикажан договорот за набавки на поголеми количини јаглен од Косово.

Вештачките акумулации Маврово и Глобочица се одамна испразнети

АД ЕСМ тврди дека следната година ќе го обезбеди потребното количество на електрична енергија за тарифните потрошувачи, односно за домаќинствата и малите потрошувачи со сопствено производство. Евентуалните кусоци кои повремено би можеле да се појават, ќе се покриваат со мали количини од дополнителното производство на електрична енергија на ТЕЦ Неготино, која се става во погон поради енергетската криза. Планот е да не се набавува на берза, поради исклучително високите цени, туку наместо тоа да се произведе дополнително преку ТЕЦ Неготино, чија производна цена во нормални услови беше висока, но сега истата е значајно пониска во споредба со продажната на берзите.

Меѓутоа, извесно е дека цената на струјата значително ќе поскапи, а тоа ќе биде дополнителен удар врз смејните буџети и воопшто врз економијата.

Со сите овие збидувања и во вакви услови, првиот човек на Комората за енергетика, Ѓорѓи Манасков, вели дека е потребна промена на составот и првите луѓе на Регулаторната комисија за енергетика, АД ЕСМ и Министерството за економија.

Srekna nova energetska ekonomska i zdravstvena kriza 5„Мора да се укине данокот од 18% на 0% за компаниите, а од 5% на 0% отсто за домаќинствата. Мора да се воведе рестриктивен план за штедење на струјата. Потоа, мора да направи една баланса група во МЕПСО, а не секој снабдувач да има сопствено балансирање на електричната енергија. Тука е укинувањето и на трошоците за макси граф и ангажираната активна моќност кај компаниите. Ова се само дел од мерките. Ако сакаат да ја спасат државата можеме слободно да предочиме на многу работи за излез од кризата“, посочува Манасков.

Доколку не се посегне по овие мерки, предупредува Манасков, енергетската криза може да трае и повеќе од 6 месеци. Во моментов, немаме електрична енергија и ќе мора да увезуваме по Нова година по многу високи цени.

Можни рестрикции

Она што јавноста веќе подолго време ја мачи е дали е оправдан ли е стравот за евентуални рестрикции на струја за домаќинствата и населението. Косово веќе воведе двочасовни рестрикции на струја.

Според економистот Марјан Николов, дилемата ќе биде дали да се плаќа прескапа струја или да се штеди.

„Социјализираните трошоци за плаќање на висока премија за цената на електричната енергија која ќе ја увезуваме директно ќе влијае на буџетот и на зголемување на јавниот долг. Оние кои ја водат државата ќе треба да одлучат дали ќе го зголемат задолжувањето или ќе се одлучат за рестрикции, бидејќи електрани не се градат преку ноќ“, вели Николов.

Srekna nova energetska ekonomska i zdravstvena kriza 6ЕСМ е пренатрупано со вработувања под партиски клуч, а сега воведува принуден одмор како мерка за штедење

Пребродувањето на енергетската криза, велат од ЕСМ, мора да биде преку системски пристап. Одговорноста за ситуацијата во која се наоѓа државата, ја префрлаат на невложувањето на претходните власти во старите и дотраени капацитети.

РЕК Битола со години ја загадува Пелагонија

Оние зафати кои пак биле преземени, како во случајот со РЕК Битола, биле половични или неквалитетно изведени.

„Изминатите три – четири години, АД ЕСМ сериозно инвестираше во подобрување на кондицијата на своите производствени капацитети стари повеќе децении. Во РЕК Битола беше направен ремонт на блоковите за првпат после осум години, иако тоа требало да се случи многу претходно, Ние, како компанија која произведува ги ставаме во погон сите ресурси со кои располагаме за да го зголемиме производството на струја – ќе се рестартира ТЕЦ Неготино, се зголемува ископот на јаглен во РЕК Битола, се набавува јаглен за термоелектраните во Битола и Осломеј. Секако, од помош е и свеста на сите нас во однос на одговорното трошење на енергијата, енергетската ефикасност и штедењето на ресурсот“, велат од АД ЕСМ.

Димитров: Три сценарија

Професорот на Машинскиот факултет, Константин Димитров, посочува на три сценарија, за кои вели дека во помала мера зависат од надворешните услови, а многу повеќе од решенијата и одлуките на Владата.

Srekna nova energetska ekonomska i zdravstvena kriza 7

1. Може владата да инсистира ЕСМ и понатаму да произведува загуби, со ниска цена на продажба на електрична енергија, а државата да му ги покрива загубите со дотации. Тие дотации ги зема од данокот што го плаќаат квалитетните фирми, оние кои работат позитивно и со задолживање во странство. Тогаш нема да има рестрикции, цената ќе биде ниска. Ама сепак, ќе платиме двојно поскапо отколку да произведуваме или купиме на берза.

2. Да се наплати цената на електричната енергија која е реална. Тука има два дела во цената. Едната е домашното производство и делот кој ќе се увезе, бидејќи сигурно нема да можеме потребната количина да ја произведеме, не ни се во добра кондиција производните капацитети, хидролошката состојба е лоша. Ако дојде реална цена, реалната цена на производството на електричната енергија, најмалку би била за 40% поскапа во однос на сегашната цена. Увозната цена ако ја внесеме и нема субвенции од државата, проценките на експертите се дека во средината на 2022, може да се очекува 80 евра мегават час. Ако го купите толку на берза, не можете да го продадете и тука за 80. Има трошоци на транспорт, тука се и ЕВН, МЕПСО, навистина цената на електричната енергија, да не речам дека цената реално треба да биде двојно повисока, но ќе биде така.

3. Произведуваме нешто колку имаме јаглен, немаме пари да увеземе електрична енергија, ќе трошиме колку произведуваме и доаѓа делот на рестрикции. Пак зависи од способноста на Владата како ќе се справи.

Импровизации наместо издржани мерки против КОВИД-19

Во период кога во Македонија поради недостиг од соодветна контрола во затворени јавни простории може да се влезе со принт скрин од каков било документ наместо сертификат за вакцинација се соочуваме со нов бран на заразата од Ковид-19, сега од подвидот Омикрон.

Микробиологот Никола Пановски вели дека Владата повторно не презема мерки за да се спречи засилено ширење на пандемијата и дека се водат контрадикторни политики.

Неодамна, Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство предложија задолжителна вакцинација на здравствените работници и државната администрација, предлози за кои Владата остана резервирана и побара поткрепа со детални анализи.

За Пановски, ваквите мерки се немаат логично оправдување. Според него, до некаде е разбирливо да се бара еден вид присилна вакцинација за медицинскиот персонал, но ја оценува како неприфатлива поделбата на јавниот и приватниот сектор.

„Кога влегувам да плаќам сметка во Телеком, таму не мора да бидат вакцинирани. А може во „Водовод и канализации“ бидејќи е државно. Зошто во приватното е со препорака? Двете работи немаат разлика во дејноста. Не знам правно колку е издржана таа мерка. Нешто што е неиздржано е да вакцинирате луѓе што се штотуку прележани. Луѓе кои имаат многу солиден имунитет, по седум - осум месеци да не ги пуштате на работа. Имам и пријатели што дарувал пет пати крвна плазма спасил животи. Има неколку илјади антитела. Со новите мерки ако бидат усвоени нема да може да оди на работа, бидејќи не е вакциниран. Тоа е сулудо. Тоа е очаен потег, им се дава материјал на антиваксерите“, смета Пановски.

Тој вели дека дури и да се спроведат најавените мерки за вакцинација, тие ќе дадат ефект во јануари или февруари и нема да го спречат четвртиот бран.

Пановски предлага задолжително носење на маски во затворен простор, поголема кампања за вакцинацијата, објаснувања какви резултати има во европските земји, компаративни анализи за смртноста кај вакцинирани или невакцинирани.

Владата одамна ја препушти борбата со Ковид-19 на совеста на граѓаните, илјадници ги загубија животите

Станува очигледно дека на прагот на 2022 година, бројките не се на страната на македонските граѓани. Ќе се брои колку треба да се намали на храна за да се амортизира ударот од поскапувањата на прехранбените производи. Ќе се брои колку да се скрати на облека, обувки и други потреби за да може да се платат „посолените“ сметки за струја. Ќе се брои колкав е долгот што утре ќе треба да го враќаат новороденчињата затоа што денес се родиле во земја заглавена во бескраен должнички лавиринт затоа што е водена од политичари чијшто капацитет „заборавил“ да порасне над личниот и над партискиот интерес.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Петар Клинчарски Снимател: Владимир Димовски Монтажер: Ристе Душковски

Тагови: