- Владата ги објави платите на премиерот и министрите, но за многу други важни работи и алатки засега останува воздржана.
- Четири месеци Владата немаше портпарол(и), па новинарите немаа кому да се обратат за одговор на многу прашања.
- Според комуниколозите новата Влада е во процес на консолидирање и затоа има недостатоци во комуницирањето на нејзините одлуки и активности.
Назначувањето на два портпароли во Владата е добра вест за новинарите, но на останатиот дел од транспарентноста сѐ уште се чека. Вака може да се сумираат состојбите со отвореноста на Владата кон јавноста во првите четири месеци од работењето. Дури и на оваа одлука се чекаше четири месеци и имињата на Марија Митева и Венера Љатифи Азизи беа објавени околу периодот 100 дена влада.
Моменталната состојба со транспарентноста може да се опише како неповолна од повеќе причини. Алатката за отчетност која ја воспостави претходната влада, е надвор од функција уште од 2021. Платите на премиерот и министрите се објавени на веб-страницата на Владата, додека пак во делот на анкетните листови нема податоци, односно последно објавени податоци се од анкетните листови на владата на Зоран Заев и тоа од 2017 година. Алатката „Отворена влада“ освен што е ажурирана за платите на премиерот и министрите и неколку финансиски извештаи, стои празна. Листата на вработени во генералниот секретаријат е за поранешниот состав иако при смена на власта се менуваат и ударните позиции во генералниот секретаријат.
„Отворена Влада“ содржи податоци од претходните владиНема податоци ниту за надворешни соработници на претседателот на Владата, односно на веб-страницата стои листата со имиња и презимиња и сумата на хонорар од времето на претходната влада. Исто така не е ажурирана ниту листата на административни службеници во канцеларијата на претседателот на Владата. Стои празен и делот за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.
Молк за советниците на премиерот
Новинарката Фросина Димеска неодамна обелодени дека не успева од Владата да добие информација кои се советниците на премиерот. Имињата на советниците на премиерот, областа во која советуваат и надоместокот што го земаат од 2017 година доскоро беа објавувани на интернет страницата на Владата како дел од пакетот наречен активна транспарентност односно информации што институциите ги објавуваат по сопствена иницијатива.
„Но, тоа сега не е случај, па на владината интернет страница сѐ уште стојат советниците на поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Од тие причини во медиумот каде што работам се обидовме да ги добиеме нивните имиња согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер“, вели Димеска.
Новинарката Димеска во неколку наврати поставила прашање до Владата за советниците на новиот премиер Христијан Мицкоски, но доби одговор само дека сo „договор се ангажирани неколкумина надворешни советници“, и дека тимот сè уште е во фаза на екипирање, а целиот список ќе биде објавен по неговото финализирање.
„Ова е одговор со кој всушност не се одговара на нашето прашање. Сега БИРН е во фаза на жалба пред Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер“, вели Димеска.

Советниците на премиерот се важни од повеќе причини. Првата е тоа што граѓаните имаат право да знаат кој стои зад некои премиерски одлуки, на пример во енергетика или во здравството кои ќе влијаат врз квалитетот и цената на услугите што ќе ги добијат. Второ, преку советниците може да се препознае и политиката што ќе ја води премиерот, па на пример ако избере советник кој претходно се залагал за приватизација во здравството ќе може да се забележи и курсот на идната влада во таа област. И трето, ако се платени за позицијата, се работи за буџетски пари, а граѓаните секако треба да знаат како и каде се трошат тие, вели Димеска.
На крајот, дека преку имињата на премиерските советници ќе може да се види дали оваа позиција се сфаќа сериозно, или е пак само можност за вдомување на партиски подобри кадри или блиски пријатели, какви што имаше случаи во минатото.
„Кога нема информации се зголемува можноста за шпекулации и дезинформации. А тоа е штетно за општеството. Од една страна ако нема информации или тешко се доаѓа до нив јавноста прибегнува кон шпекулации. Од друга страна тоа и одговара на власта која во случај кога медиумите шпекулираат има отворена можност да демантира, а со тоа да ги деградира новинарите и медиумите“, ни изјави Димеска, посочувајќи дека транспарентноста на владата е и важна алка во борбата против корупцијата и непотизмот оти со навремени информации новинарите може да ги откријат аномалиите и да реагираат па преку своите написи да извршат притисок во јавноста за нивно коригирање.
Клуч за пристапот на јавноста до податоците од Централниот регистар
Случајно или не и Централниот регистар го запре бесплатниот пристап за новинарите до податоците од јавен карактер. Бесплатниот пристап беше овозможен со одлука на претходната влада и важеше и за Централниот регистар и за Агенцијата за катастар.
Новата влада, пак, на премиерот Мицкоски, вели дека услугата ќе биде повторно достапна дури откако ќе влезе во закон. Дотогаш новинарите ќе наидуваат на отстранета категорија „новинари“ со која медиумските работници можеа да дојдат бесплатно до бараните податоци од Централен регистар, односно медиумите веќе не се категоризирани во делот на професионални корисници. И Централниот регистар смета дека оваа владина одлука мора да биде преточена во законско решение, а во меѓувреме новинарите ќе треба да плаќаат за да добијат податоци од Централниот регистар.
Сефер Тахири, комуниколог, коментирајќи го случајот со Централниот регистар потсетува колку е важна неговата улога во информирањето на јавноста.
„Централниот регистар и другите институции треба да обезбедуваат поволен пристап за новинарите и медиумите за информации од јавен карактер и да ги ослободуваат од плаќања за добиените документи, бидејќи барањата за информации се за јавниот интерес а не за лични цели“, вели тој и потенцира дека треба да се зацврсти и улогата на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Владата вети транспарентност
Тахири нагласува и дека новата Влада е во процес на консолидирање и затоа има недостатоци во комуницирањето на нејзините одлуки и активности, но дека е клучно за транспарентноста институциите да имаат лица за односи со јавноста.
„Транспарентноста на Владата треба да биде на повисоко ниво, со тоа што министерствата и институциите треба да имаат советници за односи со јавноста. Фактот дека премиерот и заменик премиерот се постојано пред новинарите е за поздравување но треба да се децентрализира сегментот на односите со медиумите и јавноста, бидејќи премиерот или неговиот прв заменик, без разлика колку имаат волја за давање одговори на новинарски прашања, не се во состојба да ги знаат сите детали околу функционирањето на институциите“, нѝ изјави Тахири.
Во програмата за работа на Владата што ја поднесе Мицкоски на стартот на мандатот беше наведено дека транспарентноста ќе биде врвен приоритет.
„Ќе се зголеми бројот на отворени податоци во компјутерски обработлив формат. Отворените податоци редовно ќе се ажурираат и истите ќе можат да се користат слободно, без ограничувања“, стои во кусиот план за транспарентност во владината програма.

Портпаролката на Владата Марија Митева, неодамна во интервју за МРТ рече дека транспарентноста и отчетноста се важен фокус на Владата.
„Кога зборуваме за транспарентност би сакала да одам еден чекор понапред и да зборуваме за активна транспарентност. Тоа значи дека доколку транспарентноста е само обврска да го презентираме она што е основата на нашето работење, активната транспарентност е нешто што значи како сме стигнале до тоа. Еве како пример, ако нашата обврска е да информираме за донесените одлуки, активна транспарентност на Владата значи да информираме и како сме стигнале до тие политики и мерки кои што се преземени“, истакна Митева.
Околу алатката кој колку потрошил од министрите и функционерите која беше карактеристична за претходната влада, но сега ја нема во оваа влада, Митева рече дека на почетокот кога ја презеле власта постоел технички проблем при ажурирањето на податоците.
„Среќна сум што проблемот многу брзо се надмина и истата алатка во моментов е во полна функција и е достапна на граѓаните. Јас ја разбирам сензитивноста и на невладините организации и на медиумите и на граѓаните и загриженоста што ја имаа во тој определен временски период кога тие информации беа недостапни, но тоа беше само поради ажурирање. Во овој момент таа алатка е достапна и можам да ги уверам граѓаните дека ќе продолжи да функционира“, изјави владината портпаролка.

„Мојот телефон останува отворен за сите медиуми и за сите новинари, нема поделба по ниту една основа, наша цел е да соработуваме, да имаме влада која што ќе биде проактивна, која што ќе ги дава одговорите затоа што новинарите поставуваат прашања во име на граѓаните“, додаде Митева.
Владата во просек пушта три до пет соопштенија до јавноста дневно, а по исклучок и осум како што е тоа случајот со 18 октомври. Најголемиот дел од соопштенијата се со вест за говори или изјави на премиерот Мицкоски. Таа еднонасочност во владината комуникација често се нарекува транспарентност, иако како што посочивме во горниот случај вистинските новинарски прашања кои ја интересираат јавноста, остануваат неодговорени. Владата, премиерот и министрите освен класичните користат и повеќе современи канали за комуникација како што се Фејсбук, мрежата Х, Тик-Ток и други. Но ниту еден висок функционер не ги отвори своите профили за прашања и одговори, туку само за информирање по свој избор, поретко за одговор на актуелна ситуација, и секојдневно за афирмирање на сопствената улога во политиката.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Поврзани стории:
Осмислените објави и соопштенија од институциите се квази транспарентност Нетранспарентноста ја урива довербата и создава сомнеж на граѓаните во институциите Резиме на една неуспешна одлука за штедење: Цели кабинети на егзотични екскурзии



