Време е изградба на национален систем против хибридни напади

  • Странското мешање и дезинформации ја поткопуваат демократијата, создаваат недовербата кон институциите и таргетираат ранливи граѓани.
  • Државата мора да гради функционален и координиран механизам кој рано ќе препознава закани и ќе реагира професионално.
  • Трите предложени модели за институционален одговор се: независен национален центар, координативен механизам при Владата или проширување на надлежностите на постоечкиот Совет за координација, со јасна политичка волја.
  • Хибридните закани постојано се еволуираат и се шират преку сајбер-операции и пропагандни мрежи, а Западниот Балкан е особено ранлив поради геополитичките и општествените услови.
  • Усвојувањето стратегии, закони, обуки за службениците и создавање платформи за соработка со граѓанскиот сектор се клучни за интегриран и ефективен национален одговор.

Македонија е сè повеќе изложена на хибридни и дезинформациски влијанија и доколку не изгради функционален национален систем за брза реакција и отпорност државата и натаму ќе остане отворена на манипулации и закани од ваков тип. Со оваа оценка заврши годишната конференција „Хибридни и информациски закани: од препознавање кон национален системски одговор“, организирана од Институтот за комуникациски студии во партнерство со Британската амбасада. На конференцијата беше понудена јасна слика за состојбата – дека државата реагира на кризите откако тие веќе се случиле и се претставија неколку национални модели како позитивни примери за градење на отпорност наместо ретроактивно мерење на штетата.

Настанот привлече голем број на државни претставници, дипломати, експерти, претставници на академската заедница, граѓански организации, со заедничка цел – отворање јавна дебата и градење национален модел за справување со странското мешање и манипулирање со информации (СММИ).

Македонија на линијата на хибриден оган

Хибридните закани се глобална опасност која влијае на безбедноста, јавната доверба и демократските процеси. Тие се подмолна и моќна закана која ја поткопува и урива демократијата и има за цел да го подели општеството по сите можни линии – создаваат страв, нервоза и недоверба кон институциите и ги напаѓаат ранливите категории граѓани и основните политички и индивидуални слободи и права. Македонија која е на крстосница каде се преклопуваат различни геополитички влијанија е подложна на висок степен на ранливост од ваков тип влијанија.

На конференцијата, премиерот Христијан Мицкоски рече дека заканата денес не се појавува во униформи туку „војната се води со збор, манипулации и дезинформациски кампањи - тоа е ново бојно поле на демократијата“. Премиерот истакна дека Македонија веќе започнала процес на градење систем за отпорност, но предупреди дека овој процес мора да биде постојан и стратешки, а не реактивен и привремен.

Македонија ќе гради систем, не импровизација. Нашата визија е јасна – државата која ќе препознава рано, институции кои ќе реагираат брзо, службеници кои ќе постапуваат професионално, граѓани кои ќе препознаваат дезинформации, општество кое нема да биде жртва туку отпорно. Нашата задача е јасна - да ја вратиме довербата. Да изградиме силни институции и да создадеме систем што нема да падне при првиот силен удар на дезинформациска кампања, нагласи премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека преку континуирани обуки на сите службеници, создавање бази на податоци, посилна координација меѓу институциите и отворање на национална платформа за соработка со истражувачките центри државата ќе развива стабилни институции, способни да реагираат брзо и професионално, без импровизации и без зависност од политички случувања.

Амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон порача дека борбата за вистинитост е еден од најзначајните предизвици на современото време. Во обраќањето тој нагласи дека во време на брз проток на информациите низ границите, точноста на содржината станува витално за нашите демократии и за безбедноста на нациите.

„Странското мешање и манипулирање со информациите се растечки закани во време кога нашите противници сѐ повеќе ги користат овие алатки за да се спротивстават на наративите за кои ние како партнери на НАТО и како демократии се залагаме“, истакна амбасадорот Лосон, најавувајќи континуирана поддршка за зајакнување на отпорноста од дезинформациските напади.

Годишната конференција посветена на хибридните и информациските закани ги заокружи напорите да се истражи кој и како влијае на нашето секојдневие однадвор и на кој начин тоа се рефлектира врз одлуките што ги носи државата - тема која оваа година беше во фокусот на Институтот за комуникациски студии како логично продолжение на досегашните истражувања на ИКС за дезинформациски и штетни наративи што потекнуваат од домашни извори.

Директорката на Институтот Жанета Трајкоска во своето обраќање нагласи дека Македонија, како држава што се наоѓа на крстосница на различни геополитички интереси, мора што поскоро да воспостави интегриран и функционален систем за одговор на ваквите влијанија.

„Решението мора да е и обединувачко, да го рефлектира општеството како целина и да ги вклопува јавните институции, медиумите, академијата и цивилниот, односно граѓанскиот сектор. Само така можеме да изградиме систем кој е проактивен, координиран и отпорен на реалните закани што ја загрозуваат нашата демократија и држава“, порача Трајкоска.

Каде сме сега: Три можни модели на институционален одговор

Анализата на сегашната состојба идентификува неколку системски слабости. Националниот пристап за справување со хибридните закани е фрагментиран, институциите реагираат реактивно, нема редовно следење, предвидување и анализа, недостасуваат човечки и технички капацитети и стабилен буџет.

Анализата произлезе од документот за јавна политики што го изработи ИКС „Институционален одговор на странското мешање и манипулирање со информации во Северна Македонија: модели и опции за политика“. Ова е прв ваков документ за јавни политики кој дава интегрален увид во состојбата со СММИ во Македонија и кој беше изработен во соработка со координативната група од претставници од десетина клучни институции.

Професорот Александар Грижев ги изложи клучните наоди од истражувањето. Тој потенцира дека иако во земјата има воспоставени механизми, системот за справување со странско влијание и манипулација со информации е нецелосен, недоволно координиран. Како особено важно беше наведено дека недостига единствен институционален центар со јасно дефинирани надлежности и стабилен модел за размена на информации.

Презентирани беа три можни модели - да се формира независен национален центар, да се воспостави координативен механизам при Владата или да се прошират надлежностите на постоечкиот Совет за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Секој од моделите има свои предности и ограничувања, но за било кој вистински да заживее неопходно е да има јасна политичка волја.

Професорката Весна Попоска порача дека либералниот периметар – просторот меѓу слободата и безбедноста, сè повеќе се стеснува под влијание на современите безбедносни ризици. Хибридните закани, според неа, со развојот на технологијата стануваат сè подоминантни и потешки за препознавање и справување. „Одговорот на заканите може да биде само повеќе демократија, а не ограничување на слободите“, истакна Попоска, упатувајќи повик за подигање на отпорноста на државите, институциите и граѓаните.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека веќе е усвоена новата сајбер стратегија, стратегијата за ИКТ, како и првиот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската директива NIS2. Следниот чекор, како што рече, е суштинската имплементација: усвојување на  повеќе од 20 подзаконски акти, сертификација на сајбер професионалците и стандардите кои што се однесуваат на набавките во сајбер-безбедноста, како и постепено проширување на обврските кон приватниот сектор, особено во енергетиката, телекомуникациите, банкарството и други критични индустрии. Министерот посочи дека паралелно со системските реформи, државата работи и на заштита на најранливите категории – децата и младите. Центарот за побезбеден Иинтернет е во последна фаза на оформување, а веќе е конституиран и Национален комитет за заштита на деца на интернет.

„Мораме да размислиме кој е моделот. Тој модел да го избереме и да видиме дали можеме да го реализираме. Затоа што потребни се размена на податоци во реално време, обучен кадар во сите сектори кои ни се од значење и кој е институционалниот одговор во време на криза. Секако не ја исклучувам медиумската писменост, образовните програми, обуките за сите засегнати – новинари, институции, здруженија“, кажа министерот Андоновски.

Меѓународни искуства и регионална ранливост

Експерти од регионот и од Европа предупредија дека Западен Балкан е зона со силни влијанија, поделеност и слаби институции, што го олеснува ширењето на дезинформации.

Мирослав Саздовски, виш аналитичар во Европскиот центар за извонредност за спротивставување на хибридни закани (Hybrid CoE) во Хелсинки, Финска, нагласи дека најсилниот заштитен механизам против дезинформации е сеопфатен пристап.

„Хибридните закани постојано еволуираат. Тие оперираат под прагот на детекција што значи дека и одговорот, справувањето на тие закани е навистина сложен и тежок процес“, истакна Саздовски.

Според него, концептот на „сеопфатна безбедност“, кој е основа на финскиот модел, подразбира дека безбедноста не е задача само на државата, туку ги вклучува и приватниот сектор, медиумите, академската заедница и граѓанското општество.

Македонија под хибриден напад на Дигиталниот самит за Западен Балкан

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски рече дека за време на Дигиталниот самит на Западен Балкан, што се одржа во Скопје во септември, имало хибриден напад кој бил од домашни актери, иако се претставувал како да е странско замешателство. Биле испратени мејлови до сите медиуми во кои се тврдело дека државата е изложена на напади и дека за време на самитот дополнително ќе се покаже слабоста на Министерството за дигитална трансформација и Владата.

„Беа испратени таканаречени пасворди на институции - десетици, стотици од нив, но за 98 % откривме дека се лажни. Но, со тоа што се случи закана еден ден пред самитот, се сакаше да се покаже неспособноста на државата и на владата да се справи со овој тип на закана. Го мониториравме сообраќајот за време на самитот поинтензивно, ништо не се случи за време на тие два дена. Фактот дека имаше закана, дека се претставуваше дека доаѓа од една соседна земја и повикуваше на некои конфликти од подалечното минато од пред 25 години, зборува дека се настојува да се искористат овие наративи на сајбер безбедност, но да се комплетираат со поширока безбедносна закана“, рече министерот Андоновски.

Хрватскиот истражувач Миран Чокло нагласи дека секоја хибридна закана е индивидуален проблем, но вистинскиот одговор е да се лоцира и адресира изворот, а не само последиците. Според него, долгорочната отпорност на државите зависи од две работи: меѓународната соработка и националните капацитети, кои државите треба да ги развиваат системски и континуирано.

Регионален контекст: Западен Балкан како зона на висока ранливост

Западниот Балкан е особено ранлив на хибридни и информациски закани поради геополитичките, општествените и институционалните фактори.

„Регионалната геополитичка сцена е сложена: од една страна се Европската Унија и НАТО кои настојуваат да го интегрираат регионот, а од друга страна Русија, Кина, Турција и земјите од Блискиот Исток кои го зголемуваат својата влијание“, истакна професорот Кире Бабаноски од Факултетот за безбедност.

Тој појасни дека овие надворешни фактори се дополнително потенцирани од слабите институции и политичката нестабилност во земјите од Западен Балкан. Според него, дезинформациите се шират преку странско мешање, манипулација со информации, сајбер операции и психолошки влијанија. Значаен фактор е и јазичната блискост на земјите од Западен Балкан, која овозможува брзо прелевање на пропагандни содржини меѓу државите.

Професорот ја посочи мрежата „Правда“ во која се појавија голем број на веб портали, секаде низ светот, но и во земјите од Западниот Балкан, почнувајќи од Србија, а која користела автоматизирани системи за брзо дистрибуирање на вести од профили на Телеграм до веб портали низ целиот регион. Просечниот временски интервал за пренос на содржините бил 8 до 10 минути, што овозможувало ефективно ширење на дезинформации.

Дискусиите меѓу експертите, професорите, претставниците на институциите и меѓународните партнери потврдија дека странското мешање и манипулацијата со информации одамна не се само теоретска опасност, туку секојдневие. Тие не доаѓаат со фанфари, туку тивко го разјадуваат демократскиот систем преку сомнеж, недоверба и поделби. Затоа прашањето што останува отворено по конференцијата е суштинско: ќе изгради ли државата интегриран и ефикасен систем или ќе продолжи да биде лесна мета? Тоа ќе зависи од изборот и темпото со кое ќе се воспостави моделот за отпорност. Одложувањето е де факто избор во корист на дезинформациските актери.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Ристо Душковски