fbpx

Дали додека сум на боледување може да ме разрешат од функцијата директор на училиштето?

Одговара Мирјанка Алексeвска, експерт за креирање политики од областа на трудовото право.

Тука постојат неколку прашања, за да се даде поконкретен одговор потребно е утврдување на фактичката состојба од повеќе органи, но ќе се обидам да го дадам своето мислење за дел од нив или насоки за натамошно постапување.

Доколку директорот е отсутен од работа поради болест, од било која причина, вклучувајќи боледување, не значи дека истиот треба да биде разрешен затоа што поради отсуство од работа заради болест може да се врати на своето работно место и да ги извршува своите работни задачи се разбира доколку здравствената состојба тоа му го дозволува. Во однос на прашањето на скратено работно време треба да се има предвид дека истото го утврдува Комисија за оценка на работна способност, при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, се разбира врз основа на здравствената состојба на работникот.

Во однос на прашањето за остварување на право на инвалидска пензија и нејзината висина, треба да се има предвид дека исто така одлучува Комисија при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и доколку лицето се стекне со право односно комисијата утврди дека лицето има право на инвалидска пензија висината на пензијата ќе се утврди согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување.