Која е постапката за признавање на патент и колку трае важноста на добиениот патент?

Одговара Златко Обрадовиќ, извршен директор на ​​Патентцентар – Консалтинг АД Скопје.

Постапката отпочнува со поднесување на пропишано барање за признавање на патент во чиј прилог се поднесува техничка документација согласно регулативата која ја пропишува нејзината содржина, по што отпочнува постапката на испитување која покрај останатото вклучува и пребарување на бази на податоци на состојбата на техниката, со цел утврдување на новоста на пронајдокот. По завршената постапка за испитување на поднесеното барање, надлежниот национален завод за индустриска сопственост донесува решение со кое го признава патентот за пронајдокот во целост како што е побарано, го признава делумно или го отфрла во целост.

Важноста на патентот признаен на територијата на одредена држава трае дваесет години сметано од денот на поднесувањето на барањето за признавање, во случај на навремено плаќање на годишни такси за одржување во важност на патентот. Со добивањето на правото на патент, носителот на правото го поседува исклучивото право на користење на пронајдокот во форма на легален монопол на територијата на земјата која го признала истиот.