fbpx

Македонскиот јазик пред голем пораз

Покрај со намалениот интерес за упис на нови студенти, насоките на коишто се изучува македонскиот јазик и македонската книжевност се соочуваат со низа проблеми, како неусогласени студиски програми со пазарот на трудот, неинвентивни содржини, затвореност за изборни предмети, но и недостиг од наставнички кадар. Нашата анализа покажа дека секој факултет што нуди студии по македонски јазик и книжевност на државните универзитети носи своја тежина на грбот, но сите се соочени со истата судбина – системско уназадување на македонистиката.

Невработувањето лектори во државните институции води кон слаб интерес кај младите за избор на оваа професија, бидејќи со неа тешко наоѓаат работа. Големо влијание, пак, врз немотивираноста кај младите за упис на насоките на коишто се изучува македонски јазик има и перцепцијата во јавноста дека е потребна партиска книшка за кариера во образовните институции.

Makedonskiot jazik pred golem porazСè помалку „предвесници на бурата“ за македонскиот јазик

Нашите соговорници, македонисти и лингвисти, сметаат дека и слабите постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања што мерат јазична писменост укажуваат на тоа дека се потребни коренити промени во начинот на којшто се учи нашиот јазик од најмала возраст, промена на учебниците, но и поголема посветеност на наставниците и нивно подобро познавање на македонскиот стандарден јазик. Македонските лекторати во странство се посебно тажна приказна, бидејќи или ги нема, или функционираат со минимална поддршка од државата.

Што се „готви“ на Филолошкиот факултет во Скопје?

Прашањата за состојбите и предизвиците со коишто се соочуваат катедрите на кои се изучува македонскиот јазик повторно добија медиумско внимание откако проф. д-р Јасна Котеска на Твитер предупреди дека, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, се планирале реформи со коишто таа не се согласува, односно формирање два оддели, лингвистика со сите јазици сосе македонскиот и книжевност со истиот план.

Makedonskiot jazik pred golem porazОткако дел од медиумите го презедоа твитот со најава дека се планира укинување на македонистичките студии на Филолошкиот факултет на УКИМ, министерката Мила Царовска ја демантираше оваа вест. Професорската Котеска потоа повторно „твитна“ дека не пишала дека се планира, туку дека се планирало вакво нешто.

„Се планирало (без да имаме писмен допис) реорганизирање на Факултетот на лингвистички и на литературен дел, каде што македонскиот јазик оди во лингвистички, а македонската литература во литературен дел“, напиша таа на Твитер.

Ја побаравме професорката Котеска за дообјаснување на нејзините сознанија за наводните промени на овие катедри, но таа не одговори на нашите СМС и е-пораки.

За тоа какви промени се планираат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каква е состојбата со бројот на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик и со какви проблеми се соочуваат, одговори побаравме од деканката, проф. д-р Анета Дучевска, која го тера вториот мандат на оваа позиција.

Makedonskiot jazik pred golem porazДосегашните промени на Филолошкиот факултет донесоа намалување на интересот за македонистиката

Таа ни објасни дека во тек се подготовките за редовната реакредитација на студиските програми на сите катедри, којашто е законска обврска на секои 5 години. Последната реакредитација е направена во 2018 година, а во моментов факултетот е во првата фаза од подготовките за промените што би се применувале од 2023 година.

Makedonskiot jazik pred golem poraz 4„Тоа не значи дека не можете и порано да направите промени ако имате потреба, но петте години се некој максимум за реакредитација на постојните, а може да се акредитираат и сосема нови студиски програми. Тоа ние решаваме што ќе правиме“, вели Дучевска.

Таа потенцира дека секоја катедра решава дали ќе менува нешто во студиските програми или не. Формирани се работни групи за сите три циклуси студии, коишто се среќаваат и разговараат за тоа што треба да се промени. Планирани се три фази од по шест месеци, а во моментов трае првата фаза, во која се разменуваат идеи.

„Навистина е пожелно да има промени, не се за џабе ставени тие 5 години за реакредитација на програмите. Потребни се промени прво во однос на литературата, бидејќи таа застарува. Потоа да се увиди дали некој предмет треба да остане задолжителен или да се стави изборен. Или обратно“, објаснува деканката.

Во врска со пишувањето на професорката Котеска, таа вели дека нема укинување на ништо на факултетот, туку дека се оди кон развој.

„Промена не значи укинување. Секоја студиска програма си планира свои промени. Детали не можам да кажам затоа што само што почнавме“, вели Дучевска.

Проф. д-р Људмил Спасов вели дека на факултетот се најавиле промени, но дека тие предизвикуваат отпор кај дел од професорите.

Makedonskiot jazik pred golem poraz 4„Затоа што се најавија подрачја, на пример лингвистика, книжевност, странски јазици. Тоа автоматски предизвикува отпор, бидејќи некои професори се загрижени дека ќе го загубат предметот или дека тој ќе им стане изборен. Факт е дека изборни предмети секаде во Европа се воведуваат, малку се оние што се задолжителни. А тие носат сигурност за професорот, во смисла на тоа дека не се грижи ако има тројца студенти, плата ќе добие секако“, вели Спасов.

Какви промени се потребни на Катедрите по македонски јазик и по македонска книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ го прашавме и проф. д-р Марјан Марковиќ, кој е редовен професор тука, но е и дописен член на МАНУ. Тој смета дека покрај главната програма којашто овозможува студентите да се здобијат со звањето дипломиран професор по македонски јазик и книжевност, потребни се и други профили, од коишто некои постоеле во минатото, а некои ќе бидат вклучени во следната акредитација.

Makedonskiot jazik pred golem poraz„Покрај наставната насока, се работи за лекторската и научната насока, потоа за можноста македонскиот јазик да се изучува како прва (главна) насока во комбинација со некој друг странски јазик и/или книжевност, а се оди во правец и на создавање кадар од типот македонист балканист и македонист славист, при што главната насока (македонистичката) би се комбинирала со изучување на другите балкански или словенски јазици“, вели Марковиќ.

Катедрите во Скопје се премногу затворени за изборни предмети

Дека на Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици и на Катедрата по македонска книжевност и јужнословенски книжевности во Скопје е потребна промена во насока на поголема отвореност е ставот и на професорот Спасов, кој е и претседател на Советот за македонски јазик при Владата.

Тој вели дека со реакредитирањето на програмите пред три години е направена голема грешка, бидејќи студентите изгубиле право да избираат предмети од другите катедри, што ги чинело и загубен интерес на младите за упис.

Makedonskiot jazik pred golem poraz Доколку не се променат политиките за поттик на интересот за студирање македонски јазик во иднина нема да има воопшто студенти кои би да држеле растојание

Спасов смета дека многу нешта поврзани со македонскиот јазик тапкаат во место и поради недонесувањето на предлог-законот за македонски јазик, кој остана заглавен во Собранието. Кога е во прашање состојбата на неговиот матичен факултет, вели дека најголем проблем се затворените програми што на студентите не им даваат голем избор.

„Причините за намалениот број студенти на нашиот факултет ги барам на две места. Прво, се отворија многу катедри по македонски јазик и по македонска книжевност на други универзитети. Кај нас се направи голема грешка со последната акредитација на програмите, можностите се стеснија. Порано, на пример, студентот од една од овие катедри по македонски јазик и по книжевност можеше да земе и германски јазик, албански или некој друг. Студентите собираа кредити и правеа комбинации што подоцна многу им помагаа при кариерен развој, во можностите за вработување. Сега нема право на избор, спречено е. Тоа е огромна грешка која се одрази и врз бројот на студентите. Замислете, годинава имаме само 5 студенти по книжевност, тоа е трагично. И програмите ретко се обновуваат, не се иновира“, вели Спасов.

Деканката Дучевска се согласува дека затвореноста на катедрите не е добра и вели дека размислуваат да се отворат програмите, при што студентите ќе имаат повеќе изборни предмети.

„Да го наречеме и грешка нивното затворање со последната реакредитација. Но, да не заборавиме дека таа реакредитација се работела пред 2018 година, кога важел друг Закон за високо образование, којшто беше прилично рестриктивен и ограничуваше во тоа како треба да изгледа една студиска програма. Таму точно се кажуваше колку задолжителни, колку изборни предмети треба да има и сл. Немавме можност за креација. Со новиот закон е порелаксирано и имаме поголема слобода“, вели Дучевска.

Отвореноста на една катедра, објаснува таа, би значела таа да нуди предмети и за студентите од други катедри, а не само за своите.

„Ова било вака и порано, студентите можеле да прават повеќе комбинации од предмети од повеќе катедри. Студентот така може да добие повеќе знаења и вештини“, објаснува Дучевска.

Ваква поголема отвореност постои на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Деканката, проф. д-р Драгана Кузмановска, вели дека промени прават на секои 4 години. Во моментов чекаат одобрување за новите студиски програми од Одборот за акредитација.

Makedonskiot jazik pred golem poraz 4„Студентите имаат голема можност за изборни предмети, широка палета. Оние што студираат на Катедрата по македонски јазик може да бираат и од јазиците на другите катедри, како германски, италијански, шпански, руски како изборен. Исто така, македонскиот јазик е ставен како изборен во сите 4 години на сите нематични катедри. Нашиот став е дека сите треба прво македонскиот јазик да го научат добро“, вели Кузмановска.

Поразителни бројки на новозапишани студенти во последните години

Ако се погледнат бројките на запишани студенти во прв циклус на сите насоки на коишто се изучува македонскиот јазик на македонските универзитети, заклучокот е дека сега, за разлика од минатото, тие се бројат на една рака.

Деканката на Филолошкиот факултет при УКИМ вели дека бројот на студенти е намален и тоа е факт, но потенцира дека ако нивна цел како факултет е да нудат само професорски кадар за училиштата, тогаш бројките се во ред.

„Инаку, опаѓањето тргна со отворањето вакви катедри на другите универзитети. Има во Штип, во Тетово и во Битола. Но, ако го земеме предвид и наталитетот, иселувањето, намалениот број на средношколци, овие бројки се очекувани. Намален број на студенти во прва година има на сите факултети на УКИМ. Се разговара за ова и се прават стратегии на ниво на универзитетот“, вели Дучевска.

Професорот Спасов, пак, споделува и еден многу емотивен момент:

„Кога во минатото влегував во училница, ме чекаа и по 100 студенти. Последните години, по тројца, четворица. Ужасно е чувството да влезеш во празна училница“, вели професорот Спасов.

Тој додава дека ако нема студенти, ќе нема ниту професори по македонски јазик, книжевници, лектори... „Како ќе бараме вработување на факултетите, за кого?“, прашува тој.

Makedonskiot jazik pred golem poraz Една од причините за одлив на студенти од Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет е отворањето на студиските програми на новите универзитети, но бројките покажуваат дека и таму интересот е многу мал

„Подмладок на нашиот факултет нема, а и оние што остануваат таму ќе бидат вишок ако нема студенти. Јас сум веќе пензиониран, имам само студенти во втор и трет циклус. А мене никој не ме наследи, односно наследникот што го подготвував да ме замени не ми го дозволија. Моите предмети завршија кај мои колеги кои немаа часови по нивните предмети. А мојот наследник заврши во Институтот за македонски јазик. За мене ова е понижување на струката бидејќи кадарот се создава со децении“, вели Спасов.

Деканката Кузмановска од Филолошкиот факултет во Штип вели дека интересот за студии на Катедрата по македонски јазик и книжевност се намалува како и на сите други факултети и тоа се должи на повеќе фактори. Тие се обиделе да привлечат студенти и од оваа година сами ги финансираат стипендиите за првата година на сите запишани студенти на оваа катедра.

„Ние имаме поинаков концепт на студиските програми на Катедрата. Во трета година тие се делат на применета и на наставна насока. Интересот за наставната насока е поголем затоа што тие кадри се вработуваат во училиштата. А со применетата може да работат како лектори, но проблемот е што институциите не вработуваат вакви кадри, па затоа интересот е насочен кон наставната насока. Од друга страна, и во училиштата нема многу работа. Работно место се отвора откако некој ќе замине во пензија“, вели Кузмановска.

Деканката Дучевска, пак, додава дека тие како факултет се одговорни за студентите, најважно е да им овозможат квалитетно образование, а дека некој друг треба да се грижи за тоа што ќе прави овој кадар по дипломирањето.

„Дали ние треба да мислиме подоцна да им овозможиме и други работи, по дипломирањето? Јас мислам дека некој друг е задолжен за тоа. Овој факултет е високообразовна институција со свои правила и цели. И нашата цел е да создадеме што подобар кадар“ – вели Дучевска.

Makedonskiot jazik pred golem porazУниверзитетската професорка Виолета Јанушева, која предава предмети од областа на македонистиката на Педагошкиот факултет на Универзитетoт „Св. Климент Охридски“ – Битола, вели дека бројката на студенти што се запишуваат да го изучуваат македонскиот јазик на Педагошкиот факултет не надминува повеќе од 15.

Минатата година се запишале 14 студенти, а годинава само 10. Но бројот на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик е мал и на другите наставнички факултети во државата, а не само тука.

Таа вели дека потребни се, меѓу другото, коренити промени и во уписната политика на наставничките факултети. Истакнува дека е добро што Министерството за образование и наука оваа година за првпат понуди стипендии за студентите што го изучуваат македонскиот јазик и смета дека е тоа голема мотивација за идните студенти. Но, сепак, потребно е да се направи многу повеќе за да се оспособи навистина добар наставен кадар.

Тие кубурат и со професорски кадар на факулетот. Таа е единствениот македонист на Педагошкиот факултет.

(Не)загрозеноста на македонскиот јазик

Чувството на загрозеност на македонскиот јазик и на неговиот несоодветен третман во нашата држава е понагласено во последните неколку години поради политичките случувања, сметаат македонистите.

Професорот Спасов вели дека јазикот не може никој да ни го земе. Загрозен е во смисла на снижување на нивото при неговата употреба и зголемување на неписменоста.

„Мене многу непријатно ме изненадија тестирањата за јазичната писменост на нашите ученици. Од друга страна, пак, наоѓам феноменално преведени книги, нонстоп се отвораат книжарници, книги се продаваат во маркетите, се печатат македонски дела. Сум забележал и подобрување во новинарските текстови. Јазикот напредува, не уназадува. Има напредок и не сум песимист во однос на ова прашање“, вели Спасов.

Професорот Марковиќ, пак, смета дека изучувањето на македонскиот јазик на сите нивоа (основно, средно и високо образование) треба да биде на највисоко ниво, а и да биде задолжително на сите универзитети во државата.

Makedonskiot jazik pred golem porazНаместо да биде водечка институција за заштита и промовирање на македонскиот јазик, Филолошкиот факултет станува празен храм на образованието

„Мислам дека тука се направени одредени чекори и, на ниво на УКИМ, македонскиот јазик се изучува на повеќето факултети членки на Универзитетот. Но, за правилната употреба на македонскиот јазик треба да се грижат и другите институции од општествената сфера преку воведување лектори кои би се грижеле за задржување на високото ниво на писмено изразување на македонски јазик, како многу важен сегмент за подобрувањето на статусот на македонскиот јазик на сите нивоа“, вели Марковиќ.

Деканката Кузмановска вели дека за да може другите да нѐ ценат, пред сѐ треба самите да се цениме.

„Ние самите треба да ставиме поголем акцент врз македонскиот јазик. Не можеме ние да не вработуваме лектори во државните институции и да велиме: Ние се грижиме за јазикот.“

Учени професори писмени генерации

Нашите соговорници го отворија и прашањето каков кадар им предава на учениците и колку и самите го познаваат и го негуваат македонскиот јазик. Професорот Спасов објаснува дека во предлог-законот за македонски јазик се предвидени задолжителни обуки за сите наставници во средните и основните училишта.

„Тие наставници се тука, па нема сигурно да ги избркаме. Но можеме да ги научиме оние што не го научиле македонскиот литературен јазик“, вели Спасов.

Како проблем професорката Јанушева го посочува и вработувањето на кадарот по македонски јазик/македонски јазик и литература во основните и средните училишта, зашто од него зависи јазичната писменост на новите генерации.

„Во оваа смисла треба да се преземат сериозни мерки. Тестот за познавање на македонскиот јазик што го полагаат сите нововработени во основните и во средните училишта ни оддалеку не е доволен и не дава јасна слика за нивните компетенции. Иако и оценката не мора да е пресудна за нечии компетенции, сепак, при вработувањето, треба да се земе предвид просечната оценка со која дипломирал студентот. Отсекогаш постоеле и постојат пофалници, награди и сл. за најдобрите. Овој принцип би требало да се применува и при вработувањето. Тоа не значи дека оние студенти кои имаат помала просечна оценка нема да се вработуваат. Напротив, тоа значи дека ќе се зголеми мотивацијата на студентите македонисти да постигнуваат подобри резултати, што ќе овозможи нивно побрзо вработување“, вели таа.

Според неа, јазичната писменост на студентите на групата Македонски јазик и книжевност на Педагошкиот факултет не е на задоволително ниво, за што причината, меѓу другото, треба да се бара и во самите студенти.

„Факт е дека и студентите треба да покажат поголема заинтересираност за она што се одлучиле да биде нивна идна професија. Тие ќе бидат професори по Македонски јазик и книжевност и ќе бидат одговорни за развојот на јазичните компетенции на голем број ученици, но и за афирмацијата и унапредувањето на македонскиот јазик“, објаснува Јанушева.

За оваа проблематика одговори побаравме и од Министерството за образование и наука и, посебно, околу прашањето каква стратегија има државата за да го оживее изучувањето на македонскиот јазик, но до објавувањето на текстот не добивме одговори.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Милена Атанасоска Манасиева Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

Тагови: