fbpx

Никој не ги прашува учениците

Последните загрижувачки податоци дојдоа од народниот правобранител. Истражувањето од Канцеларијата на омбудсманот покажа дека средношколците низ земјава не учествуваат во донесувањето важни одлуки во своите училишта, што укажува на тоа дека тие се само „патници" низ образовниот процес, без можност посериозно да партиципираат и ги искажат своите потреби.

mkd 294173

„Анализата на прашалниците добиени од 103 средни училишта во Македонија ја потврдува констатацијата дека не е законски уредено прашањето на учество на децата во донесувањето одлуки. Анализирајќи го Законот за средно образование, утврдивме дека учениците, нивните родители или старатели имаат можност на некој начин да учествуваат само преку форма на поднесување приговор, и тоа во три случаи ¬кога не се задоволни од оценка на крајот на годината, во случај на резултатите од екстерното проверување или за изречена педагошка мерка“, изјави Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик народен правобранител.

Истражувањето покажало дека учеството на учениците во донесувањето одлуки не е унифицирано, т.е. подеднакво во сите средни училишта и дека во 61 средно училиште тоа е уредено со некаков интерен акт на училиштето, а во 42 нема форма на организираност за учеството на децата во донесувањето одлуки. „Во нашите препораки до МОН, препорачавме измени на Законот за средното образование, каде што ќе му се даде посебна, правна форма на правото на учество на децата и правото на ученичко здружување, каде што претставниците на учениците квалитетно ќе може да ги застапуваат правата на децата, да ги изразат нивните ставови и интереси, и тоа не само за небитни прашања туку за многу посуштински прашања“, истакна Бајрамовска-Мустафа.

Дискриминаторство и хомофобија во образовниот процес

Кога периодов во јавноста се појави лекцијата за брак и семејство од учебникот по Општество за 4 одделение, родители реагираа бурно, напоменувајќи дека содржи дискриминаторски елементи. На страна 18 се учи за брачен живот и брачни улоги и, меѓу другото, се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите или да ги нацртаат. Притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат, дали родителите се венчале во матично (општина), црква или друго. Оваа вежба наставниците вообичаено им ја даваат на учениците за домашна задача.

„Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или пак еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом“, анализира за МКД.мк Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

mkd 294174

Преку задачата, нагласува таа, бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено „нормални“ заедници и поведенија, па авторката ги исклучила сите други форми на заедници и семејства со што учениците и родителите од неконвенционалните семејства се стигматизирани и дискриминирани.

„Преку вака зададена задача, учениците се наоѓаат во позиција да објаснуваат пред соучениците и наставниците дека можеби нивните родители се разведени или дека воопшто не стапиле во брак или на пример дека воопшто не го запознале едниот од родителите, со што дополнително се изложени на вознемирување, чувство на неприпаѓање и траума. Понатаму, во самата вежба е дадена опција учениците да заокружат дали нивните родители се венчале во црква, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон учениците и родителите кои припаѓаат на други религии или не се религиозни“, реагира Цветковиќ.

Дополнително, во текстот авторката изложува и други тврдења со што го фаворизира конвенционалниот брак и семејство, наспроти другите форми на заедница во кои можат да живеат луѓето, без разлика дали е тоа нивен избор или околности. На пример, забележува Цветковиќ, на страна 8 семејството се дефинира како заедница на родители и деца, без да се споменат други роднини со кои децата многу често живеат во семејство.

„Понатаму, се тврди дека сите сме се родиле во семејство или семејството настанало со нашето раѓање, со што не се води сметка за децата без родители и посвоените деца. Авторката, исто така, тврди дека најважен облик на сродство е крвното или ‘природното’ што настанува со раѓање, со што се фаворизираат родените, наспроти посвоените деца иако согласно Законот за семејство имаат исти права и положба. На страна 10, иако авторката објаснува дека семејствата можат да имаат и еден родител, посвоители (иако и тие се родители), дом, роднини итн., повторно ‘потесно семејство’ дефинира како двајца родители кои ги одгледуваат своите деца. На страна 10 стои следната реченица: ‘Во последно време значително се зголеми бројот на еднородителски семејства. Тоа се семејства каде што децата живеат со еден родител поради нивно несогласување’. Ваквата дефиниција е крајно морализаторска и вознемирувачка за децата со разведени родители и им ја наметнува сликата дека нивните родители не се согласуваат па затоа се развеле, наспроти вообичаените напори на родителите, разводот на децата да им го претстават како нормален и што е можно помалку стресен и трауматичен за децата. Не сите родители се разведуваат поради несогласување, дополнително еднородителските семејства можат на настанат и на многу други начини освен развод (смрт на еден родител, посвојување од страна на еден родител, или воопшто непостоење на едниот биолошки родител во животот на детето). Во понатамошниот текст на учебникот има и други содржини кои се неточни, вознемирувачки и дискриминаторски на други основи, па затоа сметаме дека учебникот треба целосно да се повлече од употреба“, нагласува Цветковиќ.

Поради сите овие аргументи, таа реши да покрене иницијатива за измена на учебникот, и за таа цел ги повика јавно сите родители што се согласуваат да се приклучат како подносители на претставки. Ги контактирала правничките од Мрежата за недискриминација, кои предложиле да подготват претставки против учебникот и да ги поднесат до народниот правобранител и Државниот просветен инспекторат.

„На мое огромно задоволство, претставките се подготвени и потпишани од страна на повеќе од 30 жени (самохрани мајки, жени од вонбрачни заедници, вдовици, но и жени во брак) и повеќе од 5 граѓански организации. Заради комплексноста на собирање на податоци и своерачни потписи, иницијативата сѐ уште е во тек, а претставките се планира да се поднесат до крајот на ноември. За првпат самите жени решаваат да покренат ваква иницијатива пред надлежни организации и овој потег на жените заслужува посебно внимание и почит. Сепак, останува фактот дека вакви поединечни иницијативи не можат да го коригираат целокупниот систем“, вели активистката.

mkd 294175

Според Цветковиќ, потребна е сеопфатна анализа на официјалните учебници и нивно системско подобрување. Носител на овој процес, вели таа, може да биде единствено Министерството за образование и Бирото за развој на образование. Овој процес мора да почне веднаш затоа што секое пролонгирање значи продукција на нови генерации чие образование е карактеризирано со сериозна системска грешка.

Биљана Гинова, ЛГБТИ-активистка, за Радио МОФ потенцираше дека образовните институции се уште едно место каде што, за жал, во Македонија се раѓа хомофобијата, наместо таа да се сузбива. Мало истражување од ЛезФем, во кое проверувале учебници, покажало дека во нашето образование пред сè се родово небалансирано прикажани улогите, со зацврстување на бинарните позиции и на некој начин го оправдуваат насилството врз жените, а има и учебници што сè уште се користат на факултетите што имаат директно хомофобична содржина. Надлежните институции не ги препознале како хомофобични, но на барањата да се разгледа тој дел, добиле одговор дека се работи за авторска слобода на авторите што го напишале учебникот да користат референтен материјал по сопствен избор.

mkd 294157„Образованието има многу силно влијание. Проблемот е што во самото образование се учи хомофобичноста. Не учиме да ги разбираме разликите и да ја почитуваме слободата за изразување. Проблем е и што немаме сеопфатно сексуално образование (ССО). Не се работи само за луѓе со различна сексуална ориентација, полови карактеристики или родов идентитет, туку сеопшто за сексуалноста како прашање. Тоа е сè уште табу, не се зборува за тоа. А кога се зборува, се зборува на дискриминирачки начин“, рече Гинова.

Таа забележа и дека како и во другите институции, и во образованието има поединци кои се желни за работа, па во воншколските активности воведуваат такво образование. На пример, по предметот Граѓанско општество се таргетираат и родовите улоги и сексуалноста, но дали ќе се предава за тоа на учениците, смета дека „останува на добрата волја на наставникот“. Но, од нивното искуство на терен, нагласи дека е видливо дека никој не го спроведува тоа.

Гинова како особен проблем го истакна и укинувањето на единствениот факултет за родови студии, а на негово место воведување на факултет за семејни вредности. „Тоа особено ја прикажува политичката волја, односно неволност и наметнувањето на некои патријархални, хетеронормативни вредности, со што се придонесува за бришење на ЛГБТИ-луѓето во тие програми. И кога се прикажуваат како да постојат, прикажани се како болното во општеството што треба да се отстрани“, рече Гинова.

Бојан Шашевски

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk

Тагови: