fbpx

Сторија: Смрт на гинеколошки стол

Против тетовскиот гинеколог, Казимир Капривњак во Основниот суд се водат два судски процеса – еден за смрт на родилката Виолета Кировска, додека вториот е по тужба на жена од Речица за тешки дела против здравјето. Гинекологот, по кратката суспензија повторно се врати на работа и редовно оперира. Денеска и Основното јавно обвинителство од Тетово побара суспензија на докторот од работно место.

Случајот со родилката Виолета Кировска стана познат во јавноста, откако прозборе сестрата на Виолета, Силвана Ѓорѓевска. kirovska „Се' почна со царскиот рез направен за породување на мојата сестра кобната ноќ на 19.08.2015 кога во 22 часот започна првиот оперативен зафат кој во тетовската клиничка болница траеше 2,5 часа. По првиот зафат доаѓа до тешко искрварување а целата медицинска екипа не презема ништо по тоа прашање“, ова го раскажува Силвана Ѓорѓевска, сестра на починатата 30-годишна родилка, Виолета Кировска.

По пет часа, лекарите се одлучуваат на втор оперативен зафат за остранување на матката или хистеротомија и на оваа операција, освен Казимир Копривњак е присутен и началникот на Одделението за гинекологија од Тетово, д-р Нагиб Руфати.

Лошата здравствена состојба на младата Виолета Кировска оди во нагорна линија и на упорно барање на семејството, таа итно е пренесена на клиниката Карил во Скопје каде се прави трета операција на отстранување на дел од грлото на матката, што, како што објасниле лекарите, довело до обилно крварење.

„За жал од преголем губиток на крв, мозокот на мојата сестра останува без кислород и на докторите на Карил не им беше оставен многу простор за интервенција. По запаѓање во длабока кома после пет дена од првата операција, мојата сестра почина. Додека персоналот на Клинички во Тетово се 'шушкаше', мојата сестра ни искравари пред наши очи со солзи во очите“, раскажува Силвана Ѓорѓевска.

Телото на младата тетовчанка е погребано на градските гробишта во Тетово, а малата Ева родена ноќта, продолжува да се бори за живот на скопските клиники.

Случајот со 30- годишната Виолета Кировска никој од надлежните од болницата во Тетово не го пријавува во полиција,иако е тоа нивна законска и службена должност.

„Се' се случи брзо и ние случајот го пријавивме во полиција по смртта на мојата сестра, затоа што оној чија што службена должност беше тоа да го стори - директорот на клиниката во Тетово, Флорим Бесими, случајот не го пријавуваше во полиција, иако е тоа негова законска и службена должност“, вели Ѓорѓевска.

Полицијата направила истрага во Болницата во Тетово и со сомнение дека против Виолета е направено кривично дело, случајот е предаден во Основното јавно Обвинителство во Тетово.

На првото рочиште на судењето за случајот со Кировска, доктор Копривњак се изјаснува за невин по обвинение за „тешки дела против здравјето на луѓето“.

Семејството на починатата родилка тврди дека од директорт на болницата не е повикана ни Комисијата за етички прашања ниту Комисијата за здравствена заштита.Под притисок на јавноста, во тетовската болница и’ требаше десет дена за да го суспендираат доктор Казимир Копривњак.

Неговото отстранување од болницата и неговата професија трае само два месеци и тој повторно е вратен на работната позиција, гинеколог на Клиникаата во Тетово.

Случајот на Кировска, не е единствен што заврши на суд

За грешки при преземање на здравствени дејствија на овој тетовски гинеколог говорат и случаите со С.Р од Речица и Б.С од Брвеница, кои ги раскажаа нивните приказни, но и уште два случаи. Кога ги побаравме да разговараме со нив, ги потврдија случаите, но рекоа дека не сакаат да се потсетуваат на тој период од нивниот живот.

Сепак и понатаму од Болницата тврдат дека тие се грижат за здравјето на своите пациенти и дека ќе реагираат соодветно по донесување на судската одлука.

Не успеавме лично да дојдеме до директорот на болницата Флорим Бесими, кој е близок роднина на висок функионер во владеачката партија ДУИ. Меѓутоа, нивниот официјален став телефонски ни го пренесе, секретарот на болницата Веби Исмаили.

„Болницата во Тетово работи за доброто на своите пациенти, но со оглед на тоа дека предметите за гинекологот Казимир Копривњак се пред надлежните органи, а во интерес на истрагата тие ќе ја чекаат пресудата на судот. Доколку судот се произнесе и го осуди гинекологот, на казна затвор подолга од шест месеци, тогаш законски ќе следува и престанок на работниот однос“, вели секретарот Исмаили за Канал 77.

Сведоштва на учесниците во останатите два судски предмети кои се водат против Казимир Копривњак

Во Основниот суд во Тетово се водат уште два одделни судски процеси против гинеколот Копривњак. Еден од нив е по тужба на С.Р од тетовското село Речица, која претрпела повеќе трауми при породувањето, а по интервенцијата на гинеколот, таа повеќе не може да раѓа.

Сопругот на оштетената С.Р од тетовска Речица, кој не сакаше да биде снимен, ни ја раскажа целата приказна. Вели дека предолго трае оваа семејна голгота и дека одењето по судниците уште повеќе го нарушува психичкото здравје на неговата сопруга, која во 2011 година едвај го преживеала породувањето на нивната сега веќе петгодишна ќерка.

„Мојата сопруга повеќе не може да забремени, а мојата ќерка е со последици по здравјето од раѓањето на Тетовската клиника и кога поради овој гинеколог ние се' уште не можеме да продолжиме нормален живот. Благодарение на докторите на Гинеколошко -акушерската Клиника во Скопје, денес мојата сопруга е жива“, раскажува Џ.Р.

На последниот претрес беше сослушан докторот од Гинеколошко - акушерската клиника од Скопје, кој даде исказ дека не се сеќава на овој случај и дека треба да се потсети и да го најде досието од лекувањето на С.Р која во 2011 година поради компликации при породувањето во Тетово итно е префрлена на клиниките во Скопје. Во овој судски предмет кој датира мај од 2011 каде тетовскиот гинеколог Копривњак се товари за несовесно лекување кон С.Р. од Мала Речица. Во претходните рочишта на овој случај гинекологот е обвинет на 6 месеци условна казна, но по неговата жалба до Апелациониот Суд во Гостивар, овој случај е повторно вратен во тетовскиот Основен суд.

Со претставките за случајот на родилката Виолета Кировска запознати се и во Државниот инспекторат за здравствена заштита, Министерството за здравство, кое и формираше комисија, која по ова прашање утврди низа грешки и неправилности при лекарскиот третман на Кировска. Но и по една година од претставките одговор на ова прашање нема.Не одговорија ниту на нашите прашања за тоа до каде е постапката по преставките на семејството.

Единствено одговор добивме од Лекарска комора на Македонија, која соопшти дека Комисијата за етички и правни прашања се’ уште нема заседавано.

Новото судење нова надеж за семејството

Семејството на Кировска се надева дека новото судско рочиште за крајот на ноември, ќе даде одговор на многу сомневања за медицинскиот третман на несреќната жена.

„Овој судски предмет можеби нема да ја врати сестра ми и внучето, кое почина по шест месеци борба за живот, но можеби ќе даде одговори на прашањата што се кријат по ходниците и кулоарите на Одделот за гинекологија во Клиничкиот центар во Тетово“, вели со насолзени очи Ѓорѓевска за Канал 77.

ЗАБЕЛЕШКА ДО ВЕБ: (ова се додатоци кон приказната)

Жена од Речица по царски рез не може повеќе да раѓа

Во Основниот суд во Тетово се водат уште два оделни судски процеси против гинекологот Копривњак. Еден од нив е по тужба на С.Р од тетовското село Речица, која претрпела повеќе трауми при породувањето, а по интервенцијата на гинеколот, таа повеќе не може да раѓа.

Сопругот на оштетената С.Р. од тетовска Речица, кој не сакаше да биде снимен, ни ја раскажа целата приказна. Вели дека предолго трае оваа семејна голгота и дека одењето по судниците уште повеќе го нарушува психичкото здравје на неговата сопруга, која во 2011 година едвај го преживеала породувањето на нивната сега веќе петгодишна ќерка.

„Мојата сопруга повеќе не може да забремени, а мојата ќерка е со последици по здравјето од денот кога се случи на тетовската клиника и кога поради овој гинеколог ние се уште не можеме да продолжиме нормален живот. Благодарение на докторите на Гинеколошко Акушерската Клиника во Скопје денес мојата сопруга е жива“, раскажува Џ.Р.

Сведоштво: Во ред е толку да се крвари

Ова ми го велеше гинекологот, Казимир Копривњак - сведочи младата Б.С (идентитетот познат на редакцијата), која по донесување на здраво бебе на свет со сарски рез, направен од Копривњак, непрекинато обилно крвари и ден по извршениот зафат.

„Го испратија мојот сопруг по некои инјекции во аптека, за што беше запознат и директорот на болницата, но крварењето не престана и започнаа процедура со која примив дополнителни количини крв и плазма. Крварењето се намали но болките во долниот дел на мојот стомак не престанаа“, се потсетува на немилиот период од животот, младата Б.С.

За четири дена лекарот ја отпушта со писмо: „Пациентката во одлична здравствена состојаба се пушта на домашно лекување. Контрола за една недела“.

„На контрола отидов со несмален интензитет на болки во стомакот, со големи отоци на рацете и нозете, а на Клиниката во Тетово ми рекоа дека повторно ќе треба примам крв и плазма. Две недели подоцна со силни неподносливи болки во доцните вечерни часови повторно ме однесоа во Болницата во Тетово каде веднаш бев ставена на оперативен кревет“, вели Б.С и додава:

„Казимир Копривњак уште следниот ден ми рече дека се’ е во ред и може да си одам дома и покрај укажувањата на анестезиологот дека мојата здравствена состојба не е добра. На упорно барање на мојот сопруг со возило на итна медицинска помош ме однесоа на клиниките во Скопје. Додека анестезиологот беше со нас во комбето, гинекологот Копривњак ладно седеше до возачот на возилото. Кога стигнавме на ГАК во Скопје на прашање на тамошните лекари за што станува збор тој одговори 'ништо сериозно сакав да ја отпуштам денес'.

По извршениот лекарски преглед скопските лекари закажаа итна операција.Веднаш по таа операција отоците на моите раце и нозе ги снема.

„Само благодарение на тие лекари моето дете денес има жива мајка“, сведочи Б.С:

„Случајот со Виолета Кировска ме охрабри после една година од моите кошмари и јас мојот случај да го пријавам во ОЈО Тетово. Приватна тужба не поднесовме затоа што никој од вработените на акушерско гинколошкото одделение во Тетово и сведоците немаше да сведочат против Копривњак“, вели Б.С.

Нејзиниот случај е пријавен во ОЈО Тетово во септевмври 2015 год., но за него се’ уште нема преземено активности.

Текстот е првично објавен на www.kanal77.mk

Тагови: