fbpx

Сторија: Каменоломите го трујат Лабуништа?

На секои 1000 жители во струшкото село Лабуништа има по еден каменолом. Жителите на оваа некогашна општина знаат дека работат осум, а можеби и девет активни каменоломи. Загрижени се дека каменоломите сериозно им го загрозува нормалното живеење како и нивното здравје.

Околу 9000 жители на Лабуништа, стравуваат дека наскоро почнува со работа нов каменолом или ископ за некој вид на руда во близината на населбата.

За да ги заштитат сопствените интереси пред надлежните институции, лабуништани пред неколку месеци се организираа и го формираа Еколошкото здружение Натура Лаб, кое има за цел заштита на животната средина. Претседателот на ова Здружение, Алим Салоски вели дека Лабуништа последниве 20 години е затруено село.

Доколку нема институционална разрешница на случајот, тој вели, дека ќе преземат поригорозни чекори, како што се протести или граѓанска непослушност.

map odbelezhani so broj

Првите каменоломи се на само 50 метри од првите куќи

„Моменталната ситуација со каменоломите е за никаде. Се работи на повеќе локации односно има повеќе каменоломи. Дел од нив се уредно документирани, други работат горе доле на диво. Бидејки немаме никакви информации како се издадени дозволите, тоа за нас претставува диво копање. Мислам дека моментално се околу седум на една многу мала површина и сето тоа е во непосредна близина на куќите, односно на 50 метри од куќите на нардот. Секој нормален граѓанин реагира бидејки му е нарушено и здравјето и животот. Посебно од детонациите кои се прават, кои мислам дека се забранети да се користат, а се користат. Има оштетување и на самите куќи кои се во близина на тие каменоломи“, вели Салоски.

Активностите кои од ова Здружение ги преземаат, доаѓаат во предизборен период. Сепак, Салоски вели дека штетните последици се чувствуваат секојдневно без разлика дали има или нема избори.

„Ќе пробаме да извршиме притисок врз политичите партии бидејки предизборието ќе го користат секој на свој начин со разни маркетинзи. Ќе бараме одговорност од било која влада што ќе дојде овој проблем да не го остави туку да го реши“, истакнува Салоски.

kamenolom 3 11

Општина Струга неодамна формираше комисија составена од инспектори по животна средина и градски советници која треба да ја утврди состојбата на терен, колку вкупно каменоломи работат на територијата на целата струшка општина и колку од нив се со уредна документација. Од општина Струга тврдат дека тие немаат никакви ингеренции за давање на дозволи за отварање на каменоломи.

„Се надевам дека ова е почеток на крајот на тие каменоломи. Не само за да се утврди бројот на каменоломите туку и да се намали бројот на каменоломи. Да гравитираат само оние каменоломи оние кои ги заслужуваат односно ги исполнуваат оние еколошки критериуми и да се искористуваат благодетите на оваа земја“, вели Абдула Ќазимоски, претседател на совет на Струга кој е од Лабуништа.

Од каменоломите исплашени и соседните села

Нема точни информации кога бил отворен првиот каменолом во селото, но според кажувања на жители, тоа се случило пред дваесет години во 1995 или 1996 година, кога Лабуништа беше општина. Се зборува и дека зад некои од каменоломите стојат политички и бизнис моќници, но никој за тоа не сака да зборува јавно и да ни го потврди.

Од каменоломите стравуваат и жителите во околните села. Според нив, ископите влијаат не само врз Лабуништа туку и врз селата Подгорци и Боровец кои воздушна линија се на само 500 метри одалеченост.

Бизнисменот и поранешен пратеник од Подгорци, Мевмед Џемаилоски бара да се преземат конкретни чекори.

„Во Лабуништа е зголемен бројот на луѓе, кои заболуваат од канцер. Иако има сомневања, не може да се тврди дали причина за тоа е прашината од каменоломите“, вели Џемаилоски.

„На теренот на Лабуништа и на потегот од Лабуништа до Боровец функционираат пет каменоломи со одобрение од државата и мислам дека уште два три без никакви одобренија. Екстремно многу го загадуваат посебно населеното место Лабуништа. Се појавува и еден феномен кога доста млади луѓе почнаа да заболуваат од многу лоши болести. Некои починаа од рак, а има и други со такви заболувања. Државата треба да води сметка за тоа на кого и на кои места дава такви одобренија за искористување на тие природни богатства“, додава тој.

Од Министерството за економија не ја кажуваат точната бројка

Побаравме договор и од Министерството за економија кои се надлежни за издавање на концесиите. Од таму писмено ни одговорија дека во атарот на општина Струга вкупно се доделени 17 концесии за експлоатација на минерални суровини.

Ministerstvo vizuelizacija ok11При тоа, дадоа пошироко објаснување дека концесиите се доделуваат за период до 30 години, во зависност од утврдените рудни резерви на минерални суровини, со можност за продолжување за период од триесет години.

Од Министерството рекоа дека со експлоатација на минерални суровини и изведување на рударски работи може да се отпочне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација и оти дозволата ја издава министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.

Наспроти реакциите на жителите, копањето по ридовите не запира. Ниту постапките за доделување на концесиите.

Неодамна на социјалните мрежи беа споделени фотографии на кои се гледа голема дупка направена во срцето на планината Јабланица во близина на Лабунишки Бачила во месноста викана Стрижак.

Strizak fotografija koja se pojavi na socijalnite mrezi 11Каменолом на Стрижак - фотографија која се појави на социјалните мрежи

Жителите со денови немаа информации за што точно станува збор и за каква намена е тој ископ. Жителите на струшко прашуваат дали има институција во државатна која во нивно име ќе направи анализа за ископувањата и нивната штетност по здравјето.

Засега профитот е пред здравјето - велат тие.

Текстот е првично објавен на www.kanal77.mk

Тагови: