fbpx

Бледнее границата меѓу злоупотребата на децата и политичката идеологија

„Моето дете е малолетник. Јас сум му старател, а не наставниците и директорот. Тие имаат обврска да го образуваат, а не да му ја полнат главата со лични идеологии и да го тераат да протестира. Ако само одлучи, јас може и да го сфатам, па и да го поддржам, но не смее некој друг да го злоупотребува и манипулира. Тоа е недозволиво!“

Ова е ставот на Весна К. од Прилеп, која заедно со повеќе родители реагираше и побара одговорност откако во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ директорот Кире Николоски, воедно и професор по историја, држеше говор пред децата дека „не дај боже да се спроведе она што се кажува за двојазичноста на целата држава... менување на химна, на знаме, албански симболи на монети...“.

Овој случај создаде вулкан од незадоволство кај повеќе институции, организации, мајки и татковци. Директорот рече дека не ги терал децата на протести, но во сиот заострен политички и општествен амбиент, случајот отвори нова димензија на прашања каде е границата на политичкото агитирање, злоупотребата на децата и каде институциите треба одлучно да „пресечат“. Да работат согласно со законите, да изречат потенцијални санкции и со тоа да остават пример за сите наредни генерации кадри, за нивната улога и функција во образованието. Истовремено, да се создаде подлога за младите луѓе да се оформат како индивидуалци со сопствено расудување, без стереотипи и омраза кон неистомислениците.

Од кај народниот правобранител велат дека направиле увид во училиштето во Прилеп, разговарале и со овластениот просветен инспектор во општината и со градоначалникот Марјан Ристески, и по собирањето на целата документација, неоспорно констатирале дека станува збор за повреда на правата на детето, согласно со правните акти и Конвенцијата за правата на децата.

„И побаравме вклучување на Државниот просветен инспекторат, кој согласно со надлежностите е должен да се грижи за законитоста на училиштата и да го испита постапувањето на директорот во едната гимназија, а и воопшто генерално за случувањата во училиштата во земјава, од аспект на почитување на правото на детето на непречено образование и заштита од секаква злоупотреба. Но констатираа дека не се исполнети елементите за преземање мерки, што е контрадикторно од она што ние го констатиравме. Јавноста беше информирана лично од изјавата, преку видеоматеријалот, каде што и самиот директор на гимназијата не го негираше фактот дека им се обратил и ги поттикнувал децата на учество, сметајќи дека со тоа прави некој вид ‘образование’, или не знам како да го наречам. Повеќе не запрепасти одговорот на еден државен орган, којшто треба да постапи објективно и согласно со законските надлежности, а целиот заклучок го засновува на изјава, на исказ од директорот дека ‘станува збор негов личен став’“, вели заменик-народната правобранителка Васка Бајрамовска-Мустафи.

Васка Бајрамовска-МустафиАко се анализира случајот, ќе се увиди дека за директорот беа поднесени и две кривични пријави, претставки од родители, а Државниот просветен инспекторат го амнестира од одговорност. Односно „нема услови за прекршок и изрекување санкција согласно со Законот за средно образование“.

Не се лоцира одговорност ниту на надлежните од Охрид. Иако медиумите на повеќе пати објавуваа реки од средношколци како излегуваат од училишните клупи и протестираат по улиците, сепак Инспекторатот констатира „дека часовите во ОСУ ‘Св. Климент Охридски’ - Охрид се одржуваат според наставниот план и програма, евидентирани се отсутни ученици поради болест, но нема групни отсуства од наставата“.

Бајрамовска-Мустафи потсетува дека основна дејност на раководно лице на училиштето е воспитување и образование на децата, а таквиот начин на однесување во текот на работното време, пред учениците, е недозволиво. Па, ова ги поттикнало да напишат посебен извештај и до министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу, каде што лично го информираат за целата состојба, нивните активности и заложби.

Од учениците не треба да се прават пасивни послушници

Во разговорот со Бајрамовска-Мустафи, таа го потенцира фактот дека големо влијание врз правилното воспитување на која било единка го има првиот чекор семејството, училиштето, а и генерално воопшто средината. Апелот е на децата да им се дозволи да бидат образовани во духот на разбирањето, толеранцијата, меѓусебното почитување.

Поточно, да не се игнорираат, да не се држат на страна од тоа што се случува, затоа што, вели таа, детството е еден период, а потоа тие треба да бидат совесни граѓани и да знаат што се случува со предизвиците што ги носи општеството и секојдневието.

„Меѓутоа, постои поинаков метод и начин како тие деца да инволвираат, односно да се едуцираат како да препознаат определена активност од друга, односно како да се бара нивно активно вклучување. Едно е децата да бидат вклучени и да се слушне нивното мислење за одлуки што ги засегнуваат нив, како што впрочем наложува Конвенцијата за заштита на детето, а друго е некој да им врши притисок. Да ги поттикне на работи со кои наместо активни граѓани од нив правиме пасивни послушници на определени нешта, што е многу лошо. Нашиот апел како институција е - да им се дозволи на децата непречено образование“, вели таа.

Според психологот Ана Попризова, во едно политизирано општество тешко е да веруваме дека децата ќе бидат заштитени од влијанието на политиката. Децата знаат и примаат многу повеќе од возрасните, вели таа, колку што сме ние свесни за тоа.

Ана Попризова„И затоа е многу важно да не се игнорира темата политика, со идеја дека децата треба да се заштитат од неа, туку напротив, да се зборува за тоа. Дали некој ќе трпи притисоци на работа, или дали ќе добие плата, или дали ќе може да се купи нешто што е неопходно, такво е доживувањето на децата за политиката. Тие тогаш живеат во неизвесност и страв за своите родители и својата судбина. На долг рок ова може да доведе до напнатост кај децата“, нагласува психологот.

Во нашите училишта премногу се негуваат понизноста и покорноста, за сметка на развојот на критичкото мислење. Ова важи на сите нивоа, смета Попризова, во рамките на наставничките колективи, а секако и многумина од наставниците го пренесуваат во училница, бидејќи тие самите не знаат поинаку. Колку е поголем притисокот врз наставниците, толку притисокот врз учениците се зголемува.

„Во училиштата како да постојат две наставни програми, едната е експлицитна и формална, која ја има во наставните планови и учебниците, во кои се зборува за демократија и граѓански вредности, а другата е неформална, непишана, а се однесува на начинот на кој работи училиштето, какво однесување поддржува и поттикнува, какво однесување се казнува и какво се игнорира. Оваа непишана програма има големо влијание врз учениците. Учениците секојдневно се судираат со неа обидувајќи се да се изборат за нивните права и да го искажат својот став. Во зависност од отвореноста на училиштето за прифаќање на овие вредности на ученикот, тој ќе го гради својот карактер, вредности, ставови и целокупната личност. Наставниците како составен дел на училишниот систем преку своите ставови и вредности, животен стил и однесување во училницата влијаат врз развојот на секоја личност. Сега е прашање во која насока влијаат врз нив“, потенцира Попризова.

Доколку некои од наставниците се покорни партиски послушници, кои предано ги извршуваат партиските задачи, таа не верува дека истите тие можат да ги научат учениците критички да размислуваат. Не е до тоа што го зборуваат, туку како се однесуваат.

„Од друга страна, секогаш постојат наставници што со својот интегритет ќе бидат модели за идентификација за учениците“, констатира психологот.

Од детската амбасада Меѓаши потенцираат дека учеството на деца и ученици на протести го загрозува соживотот.

„Политичките партии изгледа си играат со оган. Треба да бидат многу внимателни, бидејќи зад себе треба да остават генерации што во иднина треба да живеат заедно и доколку сега се манипулирани, не знам како во иднина ќе ја пронајдат способноста и мирот за да живеат заедно во периодот што доаѓа. Нашиот апел е директорите на училиштата и наставните кадри да се фокусираат на функцијата во образованието и навистина да работат за тоа за што се избрани, независно на која политичка партија ѝ припаѓаат“, изјави Драги Змијанац, претседател на Првата детската амбасада во светот Меѓаши.

Периодов се редат контроверзни случаи и скандали со ученици

За време на протестите на „За заедничка Македонија“, регистрирано е како протестираат средношколци низ повеќе градови од земјата.

Евидентирано е како ученици од други училишта упаднаа во дворот на прилепската „Мирче Ацев“, повикувајќи ги соучениците да се приклучат на протест. Средношколка од прозор довикува „Да си одите во вашето училиште“, на што толпата возвраќа со скандирање „Продадени души“.

Битолски ученици од средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ тврдеа дека сами се организирале преку социјалните мрежи, бидејќи не се согласуваат „да учат албански јазик“.

Широк сокак беше преплавен од лажни банкноти на албански јазик. На влезните врати во училишта во Општина Центар, пак, беа налепени натписи „Парични казни од 5.000 евра за секој што не знае албански“. Во некои средни училишта осамна и повик за бојкот на наставата.

Понатаму, средношколци од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ сведочат како во почетокот на март добиле наредба да излезат од училиштето, со цел да се види група насобрани ученици, а потоа таа да биде „фотографирана“ од новинарска екипа „како бојкотира против двојазичност“.

„Децата излегоа и никој не знаеше зошто. Им се обративме на новинарите – дали смеат да снимаат, додека тие ме прашаа – ‘Па нели протестирате за двојазичност, нели сте спонтано излезени на протест?’Како спонтано, кога ни кажаа професорите да излеземе надвор“, вели средношколец од гимназијата.

Тој додава дека неколку средношколци се собрале и дале изјава додека во заднината на „сцената“ се гледале учениците што излегле од училниците. За оваа прилика, во заднината било извадено и знаме. Ова се случувало меѓу втор и трет час, во втората смена, кога на училиште одат 1-ва и 2-ра година. Тврди дека и претходниот ден имало повици за протест.

„По училниците носеа соопштенија со цитати од Крсте Петков Мисирков, од Кирил Пејчиновиќ, од разни писатели, со порака дека треба да си го зачуваме јазикот и да не дозволуваме двојазичност во државата, да не си ја продаваме државата“.

Од училиштето досега не произлезе реакција, барем не официјална, додека Средношколскиот пленум го осуди вршењето притисок за сиов период, потенцирајќи дека „додека сме на училиште, не сме ваша сопственост“.

„Во моментот кога го кренавме нашиот глас против проектот што ја загрозуваше нашата иднина, бевме таблоидно, јавно и транспарентно осудени, заклучувани во училиштата како во поправни домови и тоа беше осудено како начин на кој се узурпира и бесполезно се прекинува наставата. Сега, по само 2 години, истите тие господа, директори, професори, нѐ тераат да се приклучиме кон нешто што го компромитира и го тангира нашето битисување во училиштата и училишниот систем. Исто така строго го осудуваме обидот и револтирани сме, на изнесените написи во одредени медиуми што преку спин и манипулација сакаат да ги претстават учениците што се на одмор – како се упатуваат на протести во Скопје. Искрено се надеваме дека ваквото пропагандистичко и таблоидно изнесување вести ќе престане, а средношколците нема да бидат на удар на политичките групации. Повикуваме на зрелост и смиреност, а од надлежните институции и ресорното министерство недвосмислена и итна реакција“, соопшти Пленумот.

Бојан Шашевски

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk

 

 

Тагови: