На врвот на Водно им пркосат на багерите, а долу во име на сите Скопјани ја бијат институционалната битка „Не низ Водно“. Само прашај ги праша трите активистки Жаклина Мијалковиќ-Анастасова (машински инженер), Мира Беќар (доцент на Филолошкиот факултет “Блаже Конески“) и Татјана Стојановска (машински инженер), дел од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ од каде ја црпат истрајноста и мотивираноста со месеци неуморно да ги изложуваат аргументите зошто трасата за изградба на гасоводот не смее да минува низ Водно.
Од каде ја црпите мотивираноста, волјата за еко-активизам?
Жаклина Мијалковиќ-Анастасова: Се грижам за здравјето на своите деца и не ми е проблем да одвојам 2-3 часа дневно за доброто на сите граѓани на Скопје, особено кога се работи за почист воздух, достапност за велосипеди, понормален живот за социјално загрозени луѓе. Ако успеам барем малку да придонесам за остварување на замислата за кандидатурата на Скопје за најзелена метропола во 2025та, ќе бидам многу среќна бидејќи ќе имам убава приказна за внуците.
Мира Беќар: Јас стекнав кондиција со Професоркиот пленум. И тогаш и сега имавме поддршка од многу луѓе но таа е во вид на ,,Со вас сум, само напред. Браво!". Не ја потценувам таквата поддршка и благодарана сум, но потребни се конкретни активности. Просто е, само треба да решите дека општата благосостојба е повaжна од личната. Јас од дете верувам дека за што повеќе луѓе се грижиш, на повеќе им се враќа со добро.
И знаете што ми дава екстра мотив? Фразата ,,Џабе (ви) е!“ Неодамна ги замолив таквите ,,џабе-ви-е ликови“ ако не помагаат, бар да не одмагаат со немање верба во ништо. И со пленумот и сега со одбраната на Водно ми се потвдува дека ако имам чиста мисла и нешто не ми е логично, а истовремено сум 100% убедена дека има подобра опција, тоа ме води напред. Има нешто околу тоа што го прави човек да се чувствува жив. Некого го прави жив личното профитерство. Мене не. Би го илустрирала она што мене ме прави жива и корисна за општетсвото со песна од Емили Дикинсон: If I can stop one heart from breaking, I shall not live in vain, If I can easy one life the aching, or cool one pain, or help one fainting robin unto his nest again, I shall not live in vain.
Имаме заедничка цел: Колективното здравје пред профитот! Не сме против гасовод. Само НЕ низ Водно и бараме надлежните да смислат друга траса. Водно не може само да се брани од човечката деструктивност.
Татјана Стојановска: Секоја борба почнува полека, но оној момент кога ќе разбереш дека навистина можеш да смениш нешто, тоа те мотивира. Отсекогаш сум сметала дека граѓанскиот глас е најбитниот во едно општество и дека мора да се слушне. Политичарите ја имаат таа несреќна околност да се заробени во светот на компромисите и влијанијата од својата партија. Наша единствена водилка е квалитетот на живот и доброто на заедницата. Наше е тоа да побараме да го исполнат. И кога ќе започнеш со тие активности, не се вртиш назад, ги бараш сите модуси да ја исполниш целта.
Сите сте со дневни обврски. Како стигнувате да пишувате дописи, да бидете на состаноци, на јавни настапи и да ги биете институционалните битки?
Жаклина Мијалковиќ-Анастасова: Без оглед на многуте обврски на работното место, кога борбата за чиста животна средина ми е поставена како приоритет, лесно ги координирам останатите активности.
Мира Беќар: Чудно им е на многумина што бараме горе кога се сопрени градежните работи. Одговорот е дека нонстоп некој доаѓа, дали пензионери, дали странци, дали планинари и љубители на природата кои сакаат да видат и прашаат што се случува. И горе ги дискутираме и наредните чекори. Мирно е и инспиративно. Искрено изгубивме доверба во институциите кога работеа на празник. Никој не веруваше дека ќе се работи на 29.08.2018 (Богородица) и никој не отиде горе кај багерите тој ден. Утредента кога дојдовме бевме шокирани од сцената.
Свесна сум дека имам среќа што работам во образование, па се' уште ги немам секоjдневните обврски за кои е потребно да бидам по 8-9 часа физички на работа. И секој слободен момент не го користам за пријатели, кафиња, хобија, туку за Водно. Неделата ја жртвував за да можам во понеделник да дојдам на Водно.
Татјана Стојановска: Некаде секако запоставуваш, активизмот бара време и посветеност. Но обично активностите се во бранови, така што тоа може да се надополни запоставеното. Затоа е битно да се инволвираат што повеќе граѓани. Во битката за Водно се повеќе луѓе помагаат и се намалува главниот товар на иницијаторите.
Во земја каде егзистенцијата е примарен проблем, граѓанските активности се на многу ниско ниво токму од тие причини. Луѓето знаат што сакаат, но немаат време да се посветат на борбата за да го подобрат својот живот бидејќи основно е да обезбедат финансиски средства за преживување.
Како го доживувате Водно?
Жаклина Мијалковиќ-Анастасова: Како жив организам. Разговарам со шумата, животните што живеат тука и секое искачување до крстот е ново полнење „батерии“, нова енергија која ми помага во остварување на зацртаните цели во животот. Секое нарушување на рамнотежата (секое исечено дрво), многу болно го дожувувам.
Мира Беќар: Секој од нас си носи некое сеќавање и некоја фамилијална приказна која на еден начин може да претставува товар, но истовремено и благослов. Со други зборови кога ќе ти остават аманет твоите предци, се чувствуваш како да ги изнверуваш доколку си пасивен и не го заштитуваш она што го сториле за тебе. Контекстов ме потсетува на „Сенки“, филмот на Манчевски.
Големите парк-шуми: Гази Баба и Водно и делумно ридот Француски гробишта и Зајчев Рид се пошумени со акции (во кои учествуваат масовно и граѓаните), од 1946 до 1950, кога грижата ја преземала Шумската дирекција. Потоа се вршеле големи пошумувања низ цела Македонија и во наредните години. Ете благодарение на сите генерации пред нас сега можеме да уживаме во и да се фалиме пред странците со убавата, зелена Македонија.
Полично и интимно е тоа што како мало дета гледав дома цртежи за заштита на шуми и планирање на дрвната индустрија во тогашна С.Р. Македонија. Дедо ми беше редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје. Да беше жив дедо ми, сега ќе беше на врв на Водно, на свои 108 години, и ќе бараше најдобро решение за гасоводот со максимална заштата на шумите. Сигурно се превртува во гроб што ниту едeн професор од Шумарски факултет не застанува отворено во оваа борба за заштита на Водно. Од дете ми е вгнездено чувствтото дека природата треба да се заштити, оти кога ќе реши таа да враќа, ќе биде бајаги деструктивна.
За крај, си мислам, па треба и јас да им оставам некој аманет на студентите и помладите, а богами да бидам пример како би можеле да се борат за животната средина. ЖИВОТ(НА) средина.
Како очекувате да заврши борбата за Водно?
Жаклина Мијалковиќ-Анастасова: Се надевам ќе надвладее разумот над профитот. Надлежните институции мора да разберат дека проектот „Гасовод низ Водно“ е штетен за сите. Воздухот во Скопје дополнително ќе се загади, има опасност од свлечишта кои ќе отворат и може да ги урнат најблиските куќи, ќе се зголеми опасноста од пожари поради цевките под притисок. Противпожарните возила ќе имаат отежнат пристап во зимски услови.
Мира Беќар: Многу тешко прашање. Во оваа земја се' e неизвесно. Оваа битка чекам да заврши како што завршила во градови чии граѓани, градоначалници и вицепремиери имаат високо-развиена свест. Очекувам да заврши со наоѓање на нова траса, иако сите ми велат ,,Ова е готово. Решено е.“
Очекувам наместо да губиме време и се докажуваме дали Водно е заштитена парк-шума или не е, веднаш да донесат акт, регулатива со која ќе го заштитат Водно од сите можни слични активности, како оваа со гасоводот.
Сакам да верувам дека има можност да се раскине договорот со банките. Сакам со овој пример да научиме дека кога ќе се наследи некој проект треба да се ревидира и да почнeме покрај економскиот фактор, да го вреднуваме и еколошкиот. Ова да се запамети за сите идни ,,проекти“ без разлика на тоа кој е на власт. Кога се работи за доброто на сите, не смее да дозволиме партиски игри и лични профитерства во ниту еден сектор.
Верувам дека ако повеќе луѓе се вклучат во оваа битка без страв дека нешто лично ќе загубат, Водно ќе биде спасено. Тераме до крај ,,НЕ низ Водно!“ (дур не не згази багер). :)
Татјана Стојановска: Во изјавите на владините и градските претставници еден момент ми остави впечаток: дека ни дале можност да не’ сослушаат, но јас никаде не слушнав дека ќе се обидат да не’ послушаат. Нашиот став од почеток беше ист: минувате низ заштитена парк шума и тоа е недозволиво. Отстапките од типот „сега сечеме помалку дрвја“, не се отстапки, туку здрав разум, ако веќе претходно тој што ја проектирал трасата не рамислувал за тоа.
Ние ќе се бориме до крај. Многу пати рековме и ќе повториме: Ако сакаме здрава иднина и просперитет во оваа држава, мора целосно да ги решаваме проблемите, а не со компромиси и оправдувања дека некои одлуки не можат да се сменат. Секоја одлука може да се смени. Единствено е потребна волја тоа да се направи.