fbpx

Владата се меша во методологијата на Синдикатот за да ја намали синдикалната кошница

Владата се меша во методологијата на Синдикатот за да ја намали синдикалната кошница
  • Синдикалната кошница покажува колку пари му се потребни на четиричлено семејство финансиски да го протурка месецот.
  • Во декември 2023 година ССМ во методологијата вметна четири нови категории со нови трошоци, со што ги прошири постојните седум категории.
  • Од Министерството за економија и труд реагираат дека минималната синдикална кошница расте драстично повеќе од инфлацијата.
  • Од ССМ укажуваат дека нивната пресметка е далеку поточна од таа на Државниот завод за статика бидејќи опфаќа голем број производи кои граѓаните ги користат и секогаш се земаат најевтините.

Министерството за економија и труд (МЕТ) не ѝ верува на новата методологија според која Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја пресметува Минималната синдикална кошница (МСК). Оваа кошница покажува колку пари му се потребни на четиричлено семејство финансиски да го протурка месецот. Оваа недоверба Министерството ја темели на тоа што Синдикатот во декември 2023 година во методологијата вметна четири нови категории со нови трошоци, со што ги прошири постојните седум категории, кои беа и во старата методологија која беше на сила од декември 2010 до ноември 2023 година.

Од декември лани ССМ додаде четири нови категории во методологијата за пресметка на синдикалната кошничка (Извор: ССМ)

Поточно, во структурата на новата синдикална минимална кошница додадени се нови групи трошоци и тоа:

  • комуникации
  • образование
  • ресторани
  • хотели и останати стоки и услуги
  • кај културата е додадена и рекреација,

Поради ваквото менување на методологијата реагираа од Министерството за економија и труд:

„Според соопштението на Синдикатот од 24.02.2011 год. кога ја претстави синдикалната минимална потрошувачка кошница, извести дека само податоците за исхрана и пијалоци ги презема од Државниот завод за статистика, а за останатите групи на трошоци, Министерството за економија и труд не располага со податоци на кој начин Синдикатот ги пресметува истите. Согласно ваквите пресметкатки на трошоците, Министерството за економија и труд цени дека е потребно да се оствари конструктивен дијалог со Синдикатот, во рамки на Економско социјалниот Совет, заради утврдување на методологијата за пресметка на трошоците, која ќе се базира на реални и официјално објавени податоци од Државниот завод за статистика“.

Од ССМ пак одговараат дека новата Минимална синдикална кошница отсликува или опфаќа трошоци на семејство од двајца родители и две деца кои се ученици. Живеат во сопствен стан од 60 квадрати во Скопје (за семејствата што изнајмуваат стан синдикална минимална кошница е поголема за 15.450 денари месечно, односно 185.400 денари годишно).

Семејството ги купува само основните прехранбени производи и притоа прават споредби на производите барајќи ги тие со пониски цени. Можат да си ги дозволат само основните производи за домаќинството, а кога купуваат облека секогаш предност им даваат на производите со попуст. Поседуваат еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Сите членови на семејството се здрави и користат главно превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Не можат да си дозволат да јадат во ресторани, односно само два пати месечно можат да си дозволат храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран 7 дена во јуни.

„Доколку сметаат дека ова е премногу, еве нека се обидат да им го објаснат тоа на работниците“, велат од Синдикатот на забелешките од Министерството за економија и труд.

Повеќе од половина од трошоците во минималната синдикална кошница одат за храна и пијалоци (Извор: Анализа на ССМ)

Но, од Министерството за економија и труд посочуваат на други нејаснотии околу методологијата – и прашуваат како минималната сндикална кошница расте драстично повеќе од инфлацијата?

„Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, синдикална минимална потрошувачка кошница за четиричлено семејство за јули 2024 година изнесува 60.570 денари и истата е повисока во однос на месец јуни 2024 година за 245 денари, додека во однос на месец декември 2023 година е зголемена за 4.047 денари, односно 7 %. Овој процент на пораст е двојно повисок во однос на растот на трошоците за живот пресметани од Државниот завод за статистика, кој изнесува 3, 6 % за периодот декември 2023 до јули 2024 година“, посочуваат од Министерството за економија.

Светлана Димоски од ССМ вели дека нивната пресметка е далеку поточна од таа на Државниот завод за статика бидејќи новата методологија опфаќа голем број производи кои граѓаните ги користат, при што во пресметката секогаш се земаат најевтините производи.

Од ССМ тврдат дека нивната пресметка е далеку поточна од таа на Државниот завод за статика

„Јас лично секој месец ги проверувам цените на производите кои се дел од синдикалната минимална кошница. Ако продавниците немаат онлајн ценовници, лично одам по маркетите за да ги проверам се со цел во пресметката да бидат вметнати најевтините производи“, вели за „Само прашај“, Димоски.

Театар, кино и книги не се луксуз

Во новата методологија, која е изготвена од еминентните универзитетски професори и поранешни министри за финансии од редовите на СДСМ, Никола Поповски и Драган Тевдовски, најмногу реакции во јавноста предизвикаа трошоците за облека, за одмор, за ресторани.

Од ССМ на ова одговараат:

„Работничката борба за достоинствени плати и достоинствен живот е постојана, а ниските плати во минатото им одземаа дел од човековото достоинство на работниците кога заборавија на (не можеа да си ги дозволат) добрите работи, па поради тоа сметавме дека неопходно е да се пресметуваат трошоци за културен живот, да може најмалку еднаш месечно, едно четиричлено семејно домаќинство да посети театар и кино, да можат да купат некоја книга, а децата да можат да одат на некоја спортска активност надвор од училишниот процес, да можат сите заедно барем два пати месечно да отидат во сендвичара и да купат по еден хамбургер или пак да заминат во текот на годината на одмор во јуни во траење од 7 денови и тоа најмалку во Дојран со што ќе се почувствуваат дека не преживуваат туку дека живеат. Сметаме дека трошоците за купување на облека се неопходни за да можеме да одиме на работа, децата на училиште затоа што тоа е нужно и неопходно“, објаснуваат од ССМ.

Во методологијата точно се наведува која облека се купува годишно, која на две, а која на три години, се наведуваат и прехранбените производи како и од каде се црпи секоја ставка која е набројана.

 „Сите овие констатирани недостатоци на начинот и постапката на креирањето на синдикална минимална кошница упатуваа на тоа дека се неопходни нови анализи за тоа што се треба да содржи синдикалната

кошница за да биде реален одраз на потребите на семејствата. Целта ни беше да се утврдат принципите и вредностите на синдикалната минимална кошница која понатаму ќе послужи како репер врз основа на кој

ќе се креираат политиките и активностите за економски развој, пораст на платите и намалување на сиромаштијата. Сметавме дека ревизијата на потрошувачката кошница треба да е креирана врз основа објективна, независна и транспарентна методологија усогласена со меѓународните стандарди и препораки се со цел да се дизајнира потрошувачка кошница која би ја одразувала реалната слика на структурата на потрошувачката на домаќинствата во Македонија“, наведуваат авторите на новата методологија Поповски и Тевдовски.

Колку минимални плати се потребни за да се наполни синдикалната кошница?

Но, се отвора и прашањето, ако минималната синдикална кошница од месец во месец се зголемува, колку би требало да биде минималната плата за да може работникот да преживее. Од ССМ велат дека пресметката е јасна.

„За август 2024 година вредноста минималната синдикална кошница изнесува од 61.199 денари што претставува 68,5% од просечна нето плата за мај 2024 година која изнесуваше 41.939 денари и како таква таа не е доволна да ја покрие вредноста на МСК. Две минимални плати од по 22.576  изнесуваат  45.152 денари и претставуваат само 73,8% од вредноста на МСК што значи дека и две минимални плати не се доволни да го покријат износот на МСК. Една просечна и една минимална плата изнесуваат 64.515 ден и се повеќе од вредноста на МСК за околу 3.000 денари и тоа е доволно за преживување.Барањата на ССМ во минатото секогаш биле во насока на тоа две минимални плати да ја покриваат вредноста на синдикалната минимална кошница, а со тоа значително да се помогне на работниците со најниски плати и примања и сметаме дека ваквиот пристап треба да го следиме и во наредниот период“, објаснуваат од ССМ.

Споредба на синдикалната минимална кошница со други земји

Во Анализата се прави споредба на вредноста на синдикалната минимална кошница кај нас со неколку соседни држави. Така, во Црна Гора вредноста на СМК изнесува 1.850 евра и во споредба со нашата кошница е поголема за 957 евра. Во Босна вредноста на СМК е 1.263 евра, што во споредба со нашата е поголема е за 370 евра. Во Србија минималната кошница изнесува 425 евра и е помала од нашата за 468 евра. Но, експертите посочуваат дека мора да се нагласи дека во Србија ја изработува Министерството за внатрешна и надворешна трговија.

Од ССМ велат и дека на седниците на Економско – социјалниот совет, до сега не се случило ниту една од страните кои се дел од социјалниот дијалог, како Владата, работодавачите и синдикатите да ја оспорат методологијата за МСК имајќи предвид дека таа ги опфаќа само минимум потребите без кои е навистина тешко да се преживее месецот.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов

Фотографии Дарко Андоновски