- За неполн месец, едно возило имаше сообраќајка со неколкумина повредени, два автобуси се запалија, а десетици пати интервенираше и Итната помош.
- Вработени потенцираат дека ситуацијата во ЈСП е крајно критична, дека финансиската состојба е исклучително лоша, а состојбата на автобусите е алармантна.
- Долгогодишен вработен во ЈСП, кој работел и како механичар и како возач, обвинува дури и дека се кријат налозите со кои е пријавен дефектот, се заменуваат и возилото се враќа на улиците.
- Внатрешна контрола во ЈСП нема, бидејќи не постои внатрешна ревизија откако последната, и во еден период единствена, ревизорка во претпријатието била отпуштена во 2023.
- Од ЈСП тврдат дека возилата кои се пуштени во сообраќај се безбедни и единствено признаваат дека имаат недостиг од автобуси.
„Влегувате на сопствен ризик“ – веројатно ваков знак како предупредување за граѓаните треба да стои на дел од автобусите на Јавното сообраќајно претпијатие (ЈСП) „Скопје“, откако, во неполн месец, едно возило имаше сообраќајка со неколкумина повредени, два автобуси се запалија, а Итната помош десетици пати интервенираше кај патници.
Проблемите што со години се таложат во јавното претпријатие задолжено за градскиот превоз како да кулминираат летово. Граѓаните постојано се жалат на нередовни автобуси, во кои многу ретко има нормални услови, особено за лето како скопското, со 40 и повеќе степени Целзиусови. Вработени, пак, потенцираат дека ситуацијата во ЈСП е крајно критична. Велат дека финансиската состојба е исклучително лоша, а состојбата на автобусите е алармантна. Од ЈСП тврдат, иако неубедливо, дека возилата кои се пуштени во сообраќај се безбедни. Иако градоначалничката Данела Арсовска во изборната кампања вети набавка на 250 екоавтобуси и по три години од нејзиниот мандат, ова ветување не се реализира.
Во вакви околности, патниците и возачите на автобусите се оставени практично – на среќата.
Од ЈСП не кријат дека немаат доволно автобуси. За летниот возен ред им недостасуваат 40 возила, а од септември, кога ќе почне зимскиот возен ред и ќе има многу повеќе патници, ќе фалат 100 автобуси. Истото е и со возачите. Возачи имаат за оние автобуси со кои ЈСП располага сега, но нема доволно возачи за да се покријат потребите на градот. Вработените велат дека нема никаков интерес да се работи во ЈСП затоа што претпријатието е постојано во финансиска криза.
„Состојбата во ЈСП никогаш не била полоша од сега. Еве зошто: се изротираа раководните структури, за кратко време многу луѓе поминаа низ ЈСП, возниот парк е стар, неодржуван, автоделови нема, технички прегледи не се прават редовно од причина што, едноставно, и персонал нема, почнувајќи од возачи, механичари и целата работна фела што е потребна за да одржува автобусот во исправна состојба. Тие се вадат, еве и нашиот почитуван директор, дека технички неисправно возило не излегува од гаража. Не е точно. Слаба организираност, комплетно. Мора и граѓаните да сфатат дека нашиве вработени имаат проблеми. Дефинитивно станува збор за незадоволство. Колку и да сака и да биде мотивиран, треба мотивација да има, а всушност нема. Проблемите треба од повисок ранг да се разгледаат“, вели Елизабета Тошевска, претседателка на СО на СПАЈС при ЈСП Скопје, која работи како диспечерка во ЈСП.
Вработените и управата живеат во два различни света
Таа објаснува дека е во постојана комуникација со колегите - преку радиостаница, на телефон или преку џипиес-системот што го имаат за комуникација меѓу диспечерите и возачите, и може да потврди дека секојдневно се соочуваат со неисправни возила.
„Велат, што да правам? Нема што да правиш. Значи, тој е тој, непосредниот и одговорен за сè, носи на душа 200 луѓе. Поради тоа, јас го советувам, ако забележи некоја неисправност на возилото нека застане во моментот и нека чека интервенција од сервисната служба. Секојдневни се проблемите, немање клима првично, грее возилото, нема, неодржување. Возилата беа добри, но кога не се одржуваат, тоа е тоа. Општата состојба на возилата е катастрофална. Набавување на нови автобуси нема, тоа се така чаршиски муабети, ќе има, вакви или такви, или ЕКО или не знам какви, вушност, никакви досега. Капацитетот на овие возила е многу мал. Не го задоволува град Скопје. И планираните, на пример, возила за денеска да бидат вклучени – не се вклучени. Затоа кај патниците има револт. Имаме веб-страница на којашто пишува возен ред, но возниот ред, за жал, не е испочитуван ниту еден ден комплетно, 100 отсто“, вели Тошевска.
Сообраќајката што се случи во центарот на градот кога автобус се качи на жардињера, а имаше и двајца повредени патници, беше првиот погласен аларм за она што се случува. Потоа се запалија два автобуси. Од ЈСП се децидни дека автобусите што ги пуштаат во сообраќај се исправни. Нивните тврдења се сосема спротивни на она што го кажуваат вработените.
„Во моментов ЈСП располага со околу 190 автобуси кои се во исправна состојба и можат да се пуштат во сообраќај, но мора да бидеме искрени дека состојбата се менува секојдневно, во зависност од тоа дали некое возило ќе биде сервисирано и пуштено во сообраќај или, пак, ќе биде повлечено доколку настане дефект. Просечната старост на возилата е околу 12,5 години. За да се покрие летниот возен ред во моментов имаме недостиг од околу 40 автобуси, а за постоечкиот зимски возен ред – од околу 100 автобуси. Од возачи, во моментов, нема недостиг, со оглед на бројката на возила која ни стои на располагање секојдневно“, велат од ЈСП за „Само прашај“.
Она што сепак е клучната грижа на граѓаните е исправноста на автобусите во кои се возат. Од ЈСП велат дека автобусите редовно се сервисираат во двете бази и дека редовно, на секои шест месеци, одат на проверка во овластени сервиси. Но, дел од вработените сведочат дека поради недостигот од автобуси, во случај на помал дефект, возилата, наместо на сервис, се враќаат во сообраќај.
„Исправноста на возилата е под ингеренции на двете автобази, едната во населбата Ѓорче Петров, а другата во Автокоманда. Секојдневно во овие автобази се сервисираат тековно возилата, во зависност од типот на нивниот дефект во соодветното одделение. Но, исто така, автобусите поминуваат и технички преглед кај овластени станици за тоа, на секои 6 месеци. Во согласност со процедурата, работоводителите на одделението во постоечките автобази, според систематизацијата на работните места, потпишуваат за исправноста на возилата. Возилото во сообраќај го пушта сменоводителот на оддел во автобазата. ЈСП Скопје ги набавува резервните делови по утврден План за јавни набавки и со спроведување постапка за јавна набавка. Сите возила кои секојдневно се пуштаат во сообраќај ги поминуваат секојдневните процедури на проверка за исправност на возилото“, посочуваат од ЈСП Скопје за „Само прашај“.
Се кријат налозите за дефекти
Многу поинаква, речиси спротивна е сликата што за исправноста на автобусите и за нивното одржување и сервисирање ја посочуваат вработените. Нема ниту доволно автобуси, ниту делови, а што е исто така многу важно, нема ни оддалеку доволно вработени во сервисот, тврди за „Само прашај“ Меџит Идризи, генерален секретар на СО на СПАЈС при ЈСП Скопје, инаку долгогодишен вработен во ЈСП, кој бил и механичар и возач. Тој бил еден од првите што интервенирале кога на почеткот од јули се запали автобусот во близина на Железничката станица. Тврди дека ЈСП во сообраќај пушта автобуси кај кои се пријавени помали дефекти. Обвинува дури и дека се кријат налозите со кои е пријавен дефектот, се заменуваат и возилото се враќа на улиците.
„Состојбата е многу критична. Јас сум вработен од 2005 година. Работев како автомеханичар. Работев шест години, речиси седум. Знам како беше ситуацијата претходно, ама знам како е и сега. Тогаш во нашата група бевме 12 механичари, сега целата група, целата гаража се 12 механичари. Значи, толку е намален бројот на механичарите, неверојатно. Гаражата на ЈСП сега работи со дури помалку од една третина“, вели Идризи.
Тој е дециден дека нема никаков напредок во компанијата – недостасуваат работници, делови, нема апарати за поправка на автобусите. Тој нѝ покажа како изгледа еден патен налог: во него има картон, во којшто секогаш се запишува дефектот на возилото. И бидејќи сега нема доволно возила за една линија, тој тврди дека, за да ги покријат линиите, ако возилото има мал дефект, се стуткува налогот, односно картончето, и се става друго.
„Можам да потврдам зошто мене ми се случи тоа. Не можат да речат дека не. Сега, луѓето почнаа да ги сликаат картончињата, тие имаат бројче. И бараат ‘дај да видам кој број пишува таму’ за да видат дали е тоа исто, и откриле дека навистина така практикуваат во нашата гаража и затоа се случи она со автобусот пред ‘Мавровка’. И вториот случај, кога се запали возилото. Јас бев тука присутен, со апарати трчавме од сите страни да го гасиме возилото, не можевме да го изгасиме. Зошто, можам да потврдам со сигурност дека три апарати ги донесов овде неисправни, само воздух, а прашок нема. Тоа јас го видов, бидејќи јас трчав да гасам, бев на работа. И што направивме тогаш, среќа што имав два апарати кај мене, ги извадив апаратите, состојбата малку ја намаливме, го намаливме пламенот и дојде Противпожарна служба и почна да гаси. Среќа што само двајца патници беа, и тие избегаа и се спасија. Што ако беа повредени или изгорени? И повторно ли возачот да биде виновен? Не, туку раководството. Рибата мириса од главата, не од опашката, а се чисти од опашката и затоа страдаат возачите“, вели Идризи, ветеран во ЈСП.
За сообраќајната несреќа на автобусот, но и за тврдењата дека возилата на ЈСП се неисправни, зад кои застана и возачот на автобусот од сообраќајката кај „Мавровка“, случај отвори и Јавното обвинителство.
„Јавен обвинител ги испитува наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата. Ангажирано е вешто лице од областа на машинството и е издадена наредба за преземање мерки до МВР, за да обезбеди податоци и документација од ЈСП Скопје во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и во однос на организацијата на работниот процес“, велат од Јавното обвинителство.
Единствената ревизорка во ЈСП добила отказ лани
ЈСП не кажува по кои конкретни акти, правилници и процедури за одржување, сервисирање и контрола на исправноста на автобусите работи. На нашите прашања за тоа кои се конкретните документи за овие постапки, каков е начинот на внатрешна контрола за почитување на интерно пропишаната регулатива, кусо велат дека актите и процедурите не се документ од јавен карактер.
И почитувањето на овие акти мора да подлежи на проверки внатре во ЈСП. Но, внатрешна контрола во ЈСП нема, со оглед на тоа дека внатрешната ревизија не постои откако последната, и во еден период единствена, ревизорка во претпријатието, била отпуштена во 2023. Николина Кузманова сега судски се докажува со ЈСП за, како што вели, неправедниот отказ.
„Во ЈСП, според Законот за јавна внатрешна финансика контрола, треба да има пет искусни ревизори. Во моментов нема ниту еден. Откога ме отпуштија затоа што излегов во медиумите да зборувам за мобингот што ми се правеше, добив отказ за ‘навреда и клевета во медиуми’. Сега сме на суд и јас докажувам дека немало никаква навреда, ниту пак клевата“, вели за „Само прашај“ поранешната ревизорка во ЈСП Николина Кузманова.
Контролата на исправноста на автобусите што сообраќаат е надлежност на Министерството за внатрешни работи. Откако се случија последните инциденти, зачестија контролите од страна на МВР. Кога забележува неисправност, полицијата го исклучува возилото од сообраќај и го праќа на вонреден технички преглед, каде што треба да се констатира неисправноста, а потоа, според процедурата, автобусот треба да оди на поправка, објаснуваат од МВР.
Најчестите проблеми на кои се жалат возачите се неисправноста на климите и прегревањето на моторите. На дневно ниво се импровизира, се ризикува со полуисправни автобуси за да се одржи каков-таков ред во линиите, вели Идризи.
„Јас работам како снимач на сообраќај, ги гледам, јас водам речиси 55 возила на влез и знам дека кога недостасува возило не можат да вклучат друго. Има дефект, кога е дефектно возилото, јас морам да го пријавам дека возилото има дефект и нема друго возило да го покрие. И велат, ај нека повлече возачот назад. Како ќе повлече кога температурата е 120 степени. Велат, отворете капаче, ставете вода и полека полека повлечете го во гаража. Како ќе го повлече тој возач во гаража кога температурата е 120 степени, 120 степени во мотрот и уште 120 степени надвор и ќе отвори капаче тој да види дека има температура. И ако се случи нешто, изгори дихтунг на глава, ќе направи некоја штета на возилото и велат одма „зошто ја доведе вака ти ситуацијата, напиши изјава затоа што е дефект возилото“, објаснува Идризи.
За ваквите тврдења, од ЈСП одговорија дека не сакаат да навлегуваат во секакви непрофесионални коментари од чија било страна или коментари за кои нема материјални докази.
Еден од најголемите непријатели на скопскиот градски превоз е политиката. Вообичаената практика новите гарнитури да не ги продолжуваат проектите на претходниците ја гледаме и во овој случај. Данела Арсовска не го прифаќа проектот за „Бас рапид транзит систем“, којшто го наследи од Петре Шилегов. Таа инсистира на набавката на 250 екоавтобуси кои ги вети во кампањата. Но, спротивно на изреката „кога двајца се караат, третиот користи“, во случајов – кога двајцата се караат, третиот страда, а тоа се граѓаните. Градоначалничката влезе во војна со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ѝ помогна да биде избрана, па сега во Советот на Град Скопје не ѝ поминува предлогот за набавката на автобусите. Точката со овој предлог беше повеќе од 20 пати на дневен ред на Советот на Град Скопје.
ЈСП „Скопје“ со години е во длабока финансиска криза, а во повеќе наврати добиваше помош од Градот за да им бидат исплатени платите на врботените кои се закануваа дека ќе го блокираат градскиот превоз. Со неколку „популистички“ одлуки на владите, беше овозможено во автобусите бесплатно да се возат ученици, студенти, пензионери. Од ЈСП велат дека ова е една од повеќето причини за лошата финансиска состојба. Целата слика за хаотиичната состојба во ЈСП ја комплетира и честата смена на директорите. Само во мандатот на актуелната градоначалничка, Данела Арсовска, на чело на претпријатието се сменија четворица директори.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател и фотограф: Наке Батев
Монтажа: Ристо Душковски