- Причина е што не можат да најдат медицински сестри, кои се неопходни за да постои ординацијата.
- Ако не се оформи тим лекар - медицинска сестра Фондот за здравство според договорот престанува да им исплаќа капитација.
- Проблемот за прват се појави пред шест години, кога рокот за формирање ваков тим од 35 е продолжен на 60 дена, но сега и тој се чини недостижен.
- Најкритично е на Истокот, каде дури осум ординации во овој регион наскоро ќе престанат да работат.
- Поради малиот број пациенти во иселените предели, овие матични лекари можат да исплатат едвај минимална плата, и затоа нема ниту интерес за вработување.
- Од ФЗО за Само прашај велат дека се работи на измени на Уредбата на Владата и на Правилникот на ФЗО кои ќе ја земат реалноста во предвид и кои би требало да бидат донесени до крајот на годината.
Матични лекари во селата речиси и да нема. Жителите од руралните краишта патуваат во најблиската општина за преглед, но како што одат работите тие наскоро таму ќе станат реткост. Најкарактеристично и можеби најкритично е на Истокот. Осум ординации во овој регион наскоро ќе престанат да работат. Причина е што не можат да најдат медицински сестри, кои се неопходни за да се оформи тим заедно со лекар за да постои ординацијата. Поради тоа стравуваат дека Фондот за здравство поради тоа ќе им го прекине договорот.
Амбулантата во виничкото село Пеклани три години е празна. Жителите раскажуваат за докторката Јадранка која освен што ги прегледувала, на болните им носела и лекови ако немало кој да им купи, одела дома да им стави инјекции и инфуизија на изнемоштените. Сега за сето ова, мора да одат во градот.
„Патуваме во Виница, имаме стари луѓе тука изнемоштени што мора да ги носиме со автомобил, бидејќи некои имаат, некои немаат. Се молат, такси доаѓа. Им земаат 300 – 400 денари во еден правец и уште толку за назад, 800 денари на ден даваат само за такси“, вели Игорчо Николов од селото Пеклани.
Седумдесетгодишната Ленка од село Пеклани ја затекнавме на преглед во Виница.
„Двапати или трипати во месецот мора да дојдеме по лекови, само по лекови, тука. А ако имаш потреба, мора и секој ден да доаѓаш. Редовен превоз немаме, наутро има за работници во 6 часот и во 7 часот за учениците. Цел ден нема до 14 часот“, објаснува Ленка Велкова.
Со месеци работат без пари
Со истиот проблем како Ленка ќе се соочат и жителите на подплачковичкото село Блатец, но и на Виница и на Радовиш. Прашање на ден е кога некои амбуланти ќе престанат да работат, бидејќи немаат медицински сестри. Според договорот со Фондот за здравство, ординацијата мора да има тим од лекар и медицинска сестра, и ако не вработат сестра во рок од 60 дена, фондот престанува да им исплаќа капитација.
Докторката Виолета Петковска во 2018 година прва се соочила со овој проблем. Тогаш докторите се обединиле и го кренаа гласот, па рокот за составување на тим лекар-сестра од 35 дена бил продолжен на два месеца. По шест години таа е исправена пред ист предизвик.
„Во Агенцијата за вработување нема баратели на работа од тој профил, а и да има тоа се пасивни баратели. Значи, не сакаат моментално да тргнат на работа, а ние со договор со Фондот имаме потпишано дека мора да имаме формирано тим, мора да работиме со медицинска сестра. Тоа беше во ред, иако немаше медицински сестри последните години, од 2007 година, веќе 17 години сме матични. Иако немаше медицински сестри сепак немаше одлив на кадар, сега има и не можеме да се снајдеме“, вели д-р Виолета Петковска која е матичен лекар во Виница.
Поради малиот број пациенти во иселените предели, овие матични лекари можат да исплатат едвај минимална плата, поради што нема ниту интерес за вработување. Пред пандемијата, матичните лекари во Виница вработувале медицински сестри од Берово, од Кочани, но поради укинување на превозот, сега нема ни како да патуваат.
И додека докторката Виолета е во трка со времето за да успее да ја задржи ординацијата, бидејќи на почетокот на ноември ѝ истекува рокот, неколку лекари од Радовиш, како и лекарот од Блатец веќе работат надвор од рокот. Но, тоа значи дека за услугите не добиваат пари од Фондот, туку ги држат ординациите отворени за да не ги оставаат пациентите без лекарска грижа и со надеж дека властите ќи имаат слух за овој проблем и ќе најдат решение.
„Вие си работите ама без пари, додека можете да функционирате со печат. Ни треба помош“, заклучува д-р Петковска.
Од Здружението на приватни матични лекари во неколку наврати побарале помош од министерството и од Фондот за здравство.
„Мислам дека ситуацијата е многу сериозна, бидејќи сега го имаат овој проблем овие осум ординации, утре ќе го имаат други осум ординации. Малите места постепено умираат. Затоа ги замолувам здравствените власти, апелирам до министерот под итно да се најде решение и од страна на управниот одбор на Фондот да се донесе решение, ако има негативен оглас, ако на биро не може да се најде медицинска сестра, фирмата да не смее да згасне. Бидејќи постоењето на овие ординации се вистинско богатство за тој народ. Тие им требаат во тие мали места“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова која е претседателка на Здружението на приватни лекари.
ФЗО најавува решение до крајот на годината
Освен јавниот апел, и Само прашај побара одговор од Фондот за здравство, за овој многу итен проблем, кој засега е најалармантен во еден регион, но наскоро може да стане и проблем во многу други региони. Она што го добивме како одоговор од Фондот дава искра надеж дека проблемот би можел да биде решен многу брзо, до крајот на годината.
„ФЗО е во континиуран дијалог со Здружението на приватни лекари на Македонија, вклучувајќи и за наведените прашања. Уредувањето на тимовите е со Уредба на Владата и Правилник на ФЗО. Се работи на измени кои ќе ја земат реалноста во предвид и истите би требало да бидат донесени до крајот на годината. Во меѓувреме постои посветеност да се овозможи работа на приватните лекари во општините каде нема невработени медицински сестри. Измена на начин на финансирање на приватните лекари (капитација) бара одреден период на консултации на сите засегнати чинители“, се вели во одговорот од Фондот за здравство.
Според Чолакова-Дервишова една од причините за незавидната состојба во која последниве години се докторите е и тоа што нема Закон за лекари. Според податоците на Здружението на приватни матични лекари, една третина од ординациите се на раб на егзистенција. Капитацијата им се исплаќа со задоцнување - последната исплата им била во јули.
„Ние многу долго бараме како здружение исто како судиите. Ако имаат загарантирани плати судиите и која висина на плата ја добиваат, не гледам зошто за доктор со шест години факултет со континуирана едукација, со специјализации, има огромен број на специјалисти по семејна медицина, педијатри, по школска, по трудова коишто работат како примарни доктори не би имало закон за плати во оваа лекарска фела“, вели д-р Чолакова - Дервишова.
Дека матичните лекари не биле високо на агендата на ниту една од досегашните влади покажува висината на капитацискиот бод. Само изминативе 10 години, од 2013 до 2023, парите во фондовската каса за здравство се зголемени двојно од 354.154.383 евра на 694.345.776 евра. А за повеќе од две децении бодот се качил за 30 денари. Во 2001 бил 45 денари, во 2024 година, 75 денари. Годинава добивме нова влада, матичните лекари добија нови ветувања. Догодина за нив ќе има повеќе пари, но и повеќе обврски.
Правото на здравствена заштита во Македонија е загарантирано со Уставот и се регулира преку различни закони и подзаконски акти, при што основниот закон што ја регулира оваа област е Законот за здравствена заштита. Конкретно, примарната здравствена заштита, која вклучува матични лекари, стоматолози и здравствени установи за општи услуги, е организирана на ниво на локалните заедници. Така, секој граѓанин може да се регистрира кај матичен лекар во местото на живеење и да добива здравствени услуги блиску до својот дом. Затоа овој проблем бара итно и постојано решение.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател и монтажа: Давид Милошевски
Поврзани стории:
Општински центар три години без матичен лекар
Болниците остануваат без кадар, а триста лекари чекаат вработување подолго од една година
Миграцискиот ураган на Балканот ја однесе работната сила, се увезуваат странци
Македонските здравствени работници го открија „Елдорадо“