Сепак, под знак прашалник е димензионирањето на овој раст. Додека еден ГУП „црта“ нови станбени четври, тој мора да предвиди соодветно зголемување и на инфраструктурата и зеленилото.
Доколку го погледнеме синтезниот план од 2012 забележуваме дека тој повеќе се посветува на сообраќајното поврзување на новите населби и дека навистина потфрла во однос на зеленилото. На мапата на доминантни намени, никаде не можеме да сретнеме соодветно зголемување и на површините за зеленило, токму напротив, дел од претходните зелени зони стануваат зони за домување или комерцијални намени.
Веројатно урбанистите би ни одговориле дека зеленилото е планирано во посебните услови по четврт, каде во табелите ќе забележиме дека оваа намена добива одреден процент. Но што тој процент значи во реалност? Единствен начин јасно да ги претставиме ова е преку неколку примери. За таа цел ќе разгледаме две од новите населби кои ги предвидува овој ГУП.








