Изгради си на диво, па легализирај го криминалот

Досие Охрид, Струга, Матка: Барајќи одговори за дивоградбите во овие заштитени подрачја стигнавме до колабиран систем

Невозможна мисија

Дивоградбите го преземаат приматот на староградските куќи како заштитен знак на Охрид. Бесправно изградени викендички, семејни куќи, поткровја, станбени згради, па дури и хотели се распослани во срцето на Националниот парк Галичица, на крајбрежјето и во централното подрачје на градот на УНЕСКО.

Еден од најатрактивните делови на Охридското Езеро од автокампот Градиште до автокампот Љубаништа, вклучително и селото Трпејца, е под постојан притисок од бесправно градење

Во последните препораки, УНЕСКО, меѓу другото, побара да се направи детален инвентар на сите бесправно изградени објекти и да се спроведат постапки за оцена на влијанијата врз животната средина (ОВЖС) и оцена на влијанијата врз културното наследство (ОВКН), за да се процени целосното влијание на дивоградбите врз исклучителната универзална вредност на доброто . Беше побарано и да се отстранат сите бесправни изградени објекти, а особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки, ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста.

Од Општината одговорија на првото барање, но бавно оди отстранувањето на бесправните објекти. Повеќето дивоградби сѐ уште се на истото место, а голем дел од нив најверојатно ќе се легализираат доколку се утврди дека немаат негативно влијание врз природното наследство.

Илјадници бесправно изградени објекти во Охрид

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 0115.700 барања за добивање правен статус на 19.624 објекти во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти се евидентирани во Општина Охрид до октомври 2019 година

 

ikoni infografik 1 bel outline 02

 

5.645 барања се веќе одобрени

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 03

2.432 барања се одбиени, а 2.414 барања биле доставени без потребната документација или истите биле повлечени.

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 04

 

11.059 барања се однесуваат на семејни куќи

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 05

 

420 барања се однесуваат на станбени згради

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 06

 

28 барања се однесуваат на хотели

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 07

 

279 барања за земјоделски објекти

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 08

414 барања за кои тече постапката за легализација се евидентирани во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро

 

 

ikoni infografik 1 bel outline 09

2.321 барање се за објекти во границите на Националниот парк ,,Галичица“.

Во овој план, на чиешто донесување се чекаше десет години, се потенцира дека во Охрид има несоодветна урбанизација. Се зафаќаат слободните простори покрај брегот на езерото и се пополнуваат слободните зелени површини во старото градско јадро со нови градби.

Со интензивната урбанизација се уриваат постојните градби и на нивно место се градат нови, со зголемен габарит и фасаден изглед којшто не ги одразува традиционалните карактеристики на урбаното јадро.

Претежно се градат индивидуални семејни ку%�1и, коишто честопати се со несоодветен габарит и висина, како и несоодветна архитектонска форма. Со овие градби се менува препознатливата силуета на градот.

Илјадници бесправно изградени објекти во Охрид

 

gif 1 kuka zgrada outline bel

 

драстично зголемување на висините со катови и некарактеристични поткровја

 

 

gif 2 zgradi bel outline 1

внесување нови локации на слободните зелени површини, без анализи на просторот на старите јадра со нерешена инфраструктурна мрежа и без претходно извршени анализи за станбен, односно урбанистички максимум

 

 

gif 3 legalizacija beloutlinee

легализирање на дивоизградени објекти, доградби и надградби на узурпирани простори, без решена нова инфраструктура на градовите, без соодветен сообраќаен концепт

 

 

gif 4 izlozi bel

менување на ликот на старата градска чаршија со промена на фасадите и излозите на дуќаните, како и зголемување на нивната висина со несоодветното поплочување 

 

 

gif 5 veter bel

внесување нови локации на слободните зелени површини, без анализи на просторот на старите јадра со нерешена инфраструктурна мрежа и без претходно извршени анализи за станбен, односно урбанистички максимум

 

Извор: План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион 2020-2029

Во Општина Охрид велат дека станува збор за наследени проблеми коишто се обидуваат постепено да ги решаваат. Градоначалникот Константин Георгиески вели дека уривање на сите бесправно изградени објекти е невозможно. Тој укажува дека промените на законската регулатива со која се овозможи легализација на бесправно изградените објекти создала аномалии. Според него, државата во некои случаи би била принудена да плати отштета доколку реши да отстрани одредени дивоизградени објекти.

„По законот за бесправно изградени објекти и нивна легализација, во 50 метри може да се легализира само А1, значи домување, меѓутоа и тој бесправен објект не се вклопува во урбанистичкиот план. И тоа е еден, да речам меѓу-простор, значи тој објект ќе е легален но нема да биде во урбанистички план, за утре државата ако реши тој потег да го чисти, ќе треба да го отстрани и ќе треба да му плати отштета на сопственикот на тој објект којшто претходно по закон го легализирал. Сѐ друго ќе биде предмет на отстранување и тоа е една процедура којашто ќе продолжи цела година, ќе продолжи и наредната година, може јас нема да сум градоначалник, друг градоначалник ќе треба да продолжи“.

Од Општината признаваат дека за сегашната состојба вина треба да се бара и во бавното урбанистичко планирање. Но, загрижувачки е што оттаму најавуваат дека во иднина ќе евалуираат дали одредени дивоградби можат да се вклопат во новите урбанистички планови, што остава простор за сомнеж дека при планирањето главна водилка може да биде желбата да не се урне нечија дивоградба.

И покрај сите слабости, во Охрид и понатаму се гради. Општината продолжува да издава одобренија за градба иако една од препораките на УНЕСКО беше да се прогласи мораториум на каква било урбана и крајбрежна трансформација во рамките на светското наследство.

Мораториумот требаше да важи додека не се донесат сите релевантни плански документи (план за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, план за крајбрежјето што е заснован врз исклучителната универзална вредност итн.), да се усвојат сите правни акти што се неопходни за ефективна заштита на доброто и да се воспостават соодветни контролни механизми.

Од сите наведени работи, донесен е само Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Од Општината велат дека одобренија за градба за издаваат само за објекти коишто се усогласени со овој план.

Видете повеќе на темата

Георгиески: не е возможно да се отстранат сите дивоградби

Дивоградби го менуваат срцето на Галичица и Охрид

Безвластие

За разлика од Охрид, каде што локалната самоуправа барем покажува свест за потребата да се задржи статусот на Светско природно и културно наследство, во соседната Општина Струга на дивоградбите и уништувањето на крајбрежјето гледаат со изместена диоптрија, односно го игнорираат овој проблем.

izgradi si na divo pa legaliziraj go kriminalot 4

Во Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион е објавена мапа од анализата на крајбрежната трансформација за периодот 2012 – 2018, преку следење промени на сателитски снимки што се однесуваат на изведување градби на крајбрежјето и поставување платформи во езерото, како и промени (намалување) на ареалот на трската.

На мапата јасно се гледа дека токму кај Струга и во нејзината околина има најинтензивно уништување на трската и најзабележителни се крајбрежни градби и платформи.

Се констатира дека во поединечни подрачја трската е неконтролирано уништувана од страна на човекот со сечење, палење, корнење, натрупување со земјиште и градежен шут, со цел добивање на т.н. „корисни површини“ за различни цели (обработливи површини, места за депонирање земја и градежен шут, плажи, хотелски комплекси и друг вид сместувачки капацитети, паркиралишта и др.).

Број на нелегални објекти на струшкото крајбрежје

 

36 нелегални градби

19 урбана опрема, од кои 18 во државна сопственост

2 огради во приватна сопственост

2 потпорни ѕида, еден во државна, еден во приватна сопственост

2 автокампови во приватна сопственост

2 натстрешници во приватна сопственост

1 бунгалов во државна сопственост

2 помошни објекти во приватна сопственост

1 верско обележје во приватна сопственост

1 објект на Црвен крст во државна сопственост

1 деловен објект






Уште еден доказ за постоењето на дивоградби во заштитениот дел на струшкото крајбрежје е одговорот што во јануари годинава го добила од Општина Струга невладината организација Охрид СОС, на барањето за пристап до информација за тоа колку нелегални градби се изградени во овој појас во периодот март 2011 – август 2019 година

Неволноста за соработка во однос на прашањето за дивоградбите се гледа и по тоа што Општина Струга, наместо инвентар на бесправно изградени објекти, до Министерството за транспорт и врски достави Регистар на барања за стекнување правен статус за 3.330 објекти.

„Од Регистарот не може да се определи за колку од овие барања Општината дала одобрение, колку биле одбиени и колку се во постапка. Исто така, не може да се утврди колку бесправно изградени објекти се лоцирани во крајбрежниот појас. Доколку Општина Струга не постапи по задолжувањето од Министерството за транспорт и врски и не достави детален инвентар на бесправно изградени објекти, ќе се применуваат други правни инструменти што ги овозможуваат позитивните законски прописи“, се вели во Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

Ramiz Merko 200x250 1

На сите овие забелешки, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во негов стил одговара дека извештај за дивоградбите е поднесен, дека има 18 платформи во заштитената зона и 250 во останатиот дел од општината. За него, една мала платформа или шанк не е дивоградба бидејќи може да се отстрани во секое време.

Тој неодамна „блесна“ во јавноста со изјавите дека ги отстапува надлежностите околу урбанистичките пршања на државата бидејќи бил под притисок. Но, потоа ретерира со сосем спротивен став дека тој е на власт во Струга и дека нема намера да урива, туку дека ќе поттикнува градење.

Goran Sugareski 200x250 1

„Секако, во државата постојат и други институции кои постапуваат за секое кршење на законите. И во таа смисла нема дилеми, правната држава мора да функционира и секој оној што постапува спротивно на законите треба да поднесе одговорност. Носителите на јавни функции исто така се еднакви пред законот и доследно мора да ги почитуваат сите законски прописи во државата“, вели поранешниот министер Горан Сугарески.

Во однос на прашањето дали има конфликт меѓу локалната и централната власт во однос на урбанизацијата и градењето во Струга, министерот вели дека не постои конфликт со ниту една општина.

„Со процесот на децентрализација, интенцијата е на општините кои ги исполнуваат одредбите од Законот за градежно земјиште да им се предаде на управување земјиштето за да може подобро да менаџираат со него. Струга веќе ги има преземено сите ингеренции и во тој контекст, локалната самоуправа сама ги одредува развојните планови во општината, било да се урбанистички, економски или социјални“, вели Сугарески.

Тој додава дека никогаш не ни било побарано од Министерството за транспорт и врски да ги преземе ингеренциите во делот на градежното земјиште од Општина Струга, ниту, пак, има таква одлука од Владата.

Иако Владата во Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион најавува примена на други правни прописи доколку Општината не достави инвентар на дивоградби, а министерот Сугарески порачува дека законите мора да се почитуваат, на терен ништо не е сменето.

Против градоначалникот на Струга или Општината не се преземени никакви мерки во однос на непостапување по дивоизградените објекти.

Едмонд Адеми, претседател на Националната комисија за УНЕСКО, вели дека градоначалникот на Општина Струга покажал дека е некооперативен и објаснува дека преземањето на ингеренциите не е толку едноставно, но дека ќе се случи доколку продолжи ваквото однесување.

„За да се одземат ингеренциите од општините по прашање на урбанизмот, надлежно е Министерството за транспорт и врски. Има редица законски процедури коишто општините не треба да ги испочитуваат за да може Владата, односно Министерството за транспорт да ги преземе тие ингеренции. Иако доколку тоа така продолжи, новата Влада тоа ќе го направи, јас повеќе се залагам за можноста, откако ќе се формира Владата, да се донесе лекс специјалис за Охрид и Охридскиот Регион, за заштитениот дел, за да може државата целосно да стави капа на сите процеси таму, сѐ со цел да можеме поефикасно да ги завршуваме работите. Но, еве да почекаме да се формира новата влада. Тоа е мое лично размислување и мислам дека на тој начин, институциите ќе можат да ги спроведат препораките на УНЕСКО, од една страна, и нема да може, да речеме, да се префрлува вината од едните на другите. Имавме и таква ситуација, една институција вели таа е надлежна, оваа вели другата е надлежна и на крајот на краиштата работата останува незавршена, а поентата е работата да се заврши.“

Повеќе на темата

Државни и верски објекти меѓу дивоградбите во Струга
Адеми: Државата да стави рака врз Охрид и Струга

Гнил систем

Кањонот Матка е уште еден споменик на природата којшто поединци сакаат да го искористат за личен профит, спротивно на законите за заштита на вакви подрачја. Тоа најдобро го покажаа бесправно изградените платформи.

Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети вели дека барањето за легализација на платформите е одбиено и дека придржувањето кон законските процедури е главната причина за одолговлекување на постапката. Тој зад целата врева што се крена во јавноста гледа политички игри.

„За жал, имало пристапи од различни централни власти во име на средства, на пари, да се одземат надлежностите. Тоа ниту е коректно, ниту во ред, ниту коренспондира со развојот. Бидејќи идејата на локалните власти и европскиот ред на децентрализација е спротивно на ова што се зборува. Затоа, уште тогаш најодговорно сум тврдел дека е поврзано со политиката и дека зад таа врева што се крена нема ништо конкретно.“

Беџети додава дека барањата за легализација на овие објекти биле одбиени во текот на летните месеци, но не прецизира кога истекува рокот за поднесување жалби до Министерството за транспорт и врски, а потоа и до Управниот суд како последна инстанца, по што би следувало нивно уривање во зависност од решенијата на овие две институции.

На прашањето зошто не се отстранети бесправно изградените платформи на Матка, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека Министерството, според своите законски надлежности, ниту е инспекциски орган, ниту пак има ингеренции да врши уривање на дивоградби.

„Бидејќи надлежностите за управување со градежното земјиште се пренесени на Општина Сарај, општината е должна да ги спроведува постапките во согласност со закон. Во однос на жалби поврзани со предметите за платформите, до второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски нема пристигнато жалби“, вели Сугарески.

Академик Владо Матевски, кој учествуваше во Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, вели дека негрижата за ова подрачје трае подолг период.

„Ненавременото донесување законска регулатива за заштита на одреден простор со големи природни вредности е проблем сам за себе од една страна, меѓутоа, од друга страна, и во случаи таа да е донесена, ние сме сведоци многу често на нејзиното непочитување, така што од сето тоа не е исклучен ни просторот на кањонот Матка. Денес сме сведоци дека таму на тој простор, постојано се преземаат дополнителни интервенции, кои претставуваат еден груб, насилен незаконски пристап, кој долго време се толерира и не може да биде санкциониран, што покажува дека зад тоа стои политичката моќ, која е често посилна од законот“, вели Матевски.

Повеќе на темата

Од платформите на Матка „мириса“ на расипан систем

Институции дивоградби

Заедничко за Охрид, Струга и Матка е што со години се чека да се донесе потребната регулатива која би требало да овозможи механизми за нивна заштита. По десет години чекање, беше донесен План за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, а цели осум години се чекаше да се формира Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

Сѐ уште се чека донесување на потребниот закон за Матка. Уште еден голем проблем се преклопувањето на ингеренциите меѓу локалната и централната власт, нејасната надлежност на општинските и државните инспектори и процедурите што се одолговлекуваат до бескрај. Убедливо најголем проблем е што постојано се носат закони коишто овозможуваат градење на диво, засилена урбанизација или легализација на бесправно изградени објекти.

Легализирање на криминалот

  • Се укинува Генералниот урбанистички план за крајбрежниот простор на Општина Охрид со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што предизвикува појава на поголеми проблеми со зголемувањето на урбанизацијата во крајбрежниот простор.
  • Стапува на сила нов Закон за просторно и урбанистичко планирање, што доведува до зголемување на урбанизацијата.
  • Стапува на сила Законот за постапување со бесправно изградени објекти, којшто без исклучок се однесува за целата територија на државата и којшто овозможи легализација на бесправно изградените објекти.
  • Се менува Законот за просторно урбанистичко планирање и се овозможува фрагментација на планирањето.

Извор: План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион 2020-2029

Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, многу прецизно ги објаснува состојбите со дивоградбите во Охрид, Струга и Матка. Таа вели дека политичките партии во меѓусебен договор го кочат уривањето на утврдените дивоградби и носат закони коишто раѓаат корупција.

„Честопати, би рекла, дека општинските инспектори изглегуваат на терен и прават решенија. Зошто потоа не се руши, тоа веќе ќе ги прашате политичките сили и партии коишто се договараат меѓусебе. Тоа е резултат само на политичко договарање. Затоа, за да се справиме со корупцијата воопшто, пред сѐ е потребна политичка волја којашто ќе се отслика во Парламентот. Којашто ќе има доблест да ги промени законите што значат законска корупција. И политичка волја што ќе престане со договарање меѓу политичките партии за лични и партиски интереси и ќе застане на страна на граѓаните, односно на страна на јавниот интерес.“

На прашањето што мисли за впечатокот дека во земјава е многу полесно да се изгради дивоградба отколку да се урне, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека дивоградбите во државата се состојба која се провлекува не со години, туку со децении и децении наназад.

„Претходно имавме еден Закон за легализација на бесправно изградените објекти. Ние, како влада, ги продолживме роковите за легализација и сметам дека дадовме доволно голем простор на сите што имаат вакви објекти да ги легализираат.  Верувам дека  состојбата со дивоградбите е намалена, можеби оваа состојба се јавува поради малата екипираност на градежните инспекции во општините, но сепак тоа е мое лично мислење. Секако, сведоци сме и на изолирани случаи каде што поединци грубо го кршат Законот за градење, но пак ќе спомнам, во оваа држава има закони и институции. Никој не е над законите и секој што ќе ги прекрши треба да одговара за тоа. Нашата интенција во периодот што следи е сериозно да ги засилиме капацитетите на инспекциските органи заради поефикасно спроведување на постапките“, вели Сугарески.

Еден од проблемите во однос на ефикасното функционирање на општинските инспектори е што тие им се подредени на градоначалниците, односно на некој начин треба да ја контролираат работата на нивните претпоставени и колеги од администрацијата кои ги издаваат одобренијата за градење. Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателката на Инспекцискиот совет, укажува  дека овој проблем може да се реши со воведување регионални инспекциски служби.

Според д-р Донка Барџиева Трајковска, поранешен член на Комисијата за заштита на светското природно и културно наследство, континуираното уништување на вредностите во Охридскиот Регион се случува поради отсуство на контрола по вертикала на централната и локалната власт и на институциите за заштита.

Donka Bojadzieva Trajkovska 200x250 1

„Доколку постоеше контрола по вертикала со континуирано следење на работата на институциите, повикување на  одговорност за непостапување, проверка на квалитетот и откривање на врските со дивоградителите, сега ќе можевме  да ги лоцираме конкретните причини/причинителите за  уништувањето на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Изминатите децении недостасува политичка волја на сите нивоа во однос на културното и природното наследство, недостасува елементарно чувство за нашите старини, односно минатото како да не учествува во тековите минато – сегашност – иднина. За жал, процесот на уништување на   исклучителните  универзални вредности  премногу долго трае  и крајно време е за радикални реформски зафати на целиот систем за  заштита и управување со ова наследство, бидејќи донесениот План за управување само ја одржува и ја прикрива  лошата состојба“, вели Барџиева Трајковска.

Според неа, за вистинска промена во овие сфери на прво место треба да се постави образованието бидејки необразованоста резултира со варварски однос, односно непрепознавање на високите вредности.

Дивоградбите во Охрид, Струга и Матка откриваат дека кај голем број граѓани на Македонија владее лош менталитет. Од себичност или за остварување профит, тие се подготвени да приграбат за себе дел од природното и културното наследство коешто ни припаѓа на сите. Трагично е што институциите коишто се надлежни да го спречат уништувањето на македонските убавини покажуваат дека немаат капацитет да се справат со негативните трендови.

Уште потрагично е дека политичките елити не покажуваат волја за решавање на проблемите, туку се нивниот извор. Тие го избираат полесниот пат и гледаат да ги озаконат нелегалните дејствија.

Јасно е дека е неопходно низ образовниот процес да се работи врз промена на лошиот менталитет, иако образованието со децении неуспешно се реформира. Јасно е и дека граѓаните ќе мора да ги земат работите во свои раце и да вршат континуиран притисок врз политичарите и институциите за спроведување на законите и казните. Но, тешко ќе може да се реизгради систем за заштита од бесправно градење, којшто и самиот сега е дивоградба.

Повеќе на темата

Барџиева Трајкоска: Необразованоста раѓа варваризам кон културното наследство
Donka Bojadzieva Trajkovska 200x250 1
Ивановска: Со став „баш ме брига“ не се гради држава

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Уредник: Владимир Николоски
Новинари: Мартин Пушевски, Соња Петрушевска, Катерина Топалова, Ана Зафирова
Сниматели: Тони Стојановски, Здравко Петрушевски, Зоран Догов 
Монтажери: Борче Крстевски, Ристе Душковски
Фотографија: Томислав Георгиев
Веб развој и адаптација: Дарко Малиновски, Стефан Стојановски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

Тагови: