- Миграцијата и големите бегалски бранови длабоко ја потресоа и ја трансформираа Европа последниве десетина години.
- Милиони луѓе се обидоа да избегаат од ужасите на војната, сиромаштијата и лошиот живот од Северна Африка и Азија, а многу жени биле жртви на злоупотреби, силувања и насилство.
- Една од нив е Земра (вистинско име ѝ го сменивме за да ја заштитиме) чие патување не било среќно - била силувана во кампот за мигранти на грчкиот остров Самос.
- Џовани Фонтана од италијанска невладина организација „Second tree“ знае за неколку случаи на силувања на жени мигрантки, но ниту еден некогаш бил пријавен.
- Извештајот на Хјуман Рајтс Воч од 2015 година откри случаи на обид за сексуално вознемирување и родово базирано насилство врз жени мигрантки од страна на полицаец во центар за странци Гази Баба.
- Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација „Легис“ вели дека наишле на многу ситуации кога жените мигранти и бегалци биле оставени незаштитени во земјата.
Земра имала 19 години кога го напуштила својот дом во Западна Африка кон Западна Европа. Патот, кој може да се прелета за неколку часа со авион, траел повеќе од пет месеци по криумчарски и нелегални рути.
Ова личи како среќна завршница, затоа што илјадици мигранти со години не можат да го остварат тој сон или умираат обидувајќи се. Но, патувањето на Земра не беше среќно. Таа, (вистинско име ѝ го сменивме за да ја заштитиме) беше силувана во кампот за мигранти на грчкиот остров Самос.
Никогаш не го пријавила силувањето кај властите.
Џовани Фонтана од „Second tree“, италијанска невладина организација која работи со бегалци во Северна Грција, знае за неколку случаи на силувања на жени мигрантки, но ниту еден некогаш бил пријавен. Тој појаснува дека иако слушнал за вакви случаи од жени мигрантки, неговата организација не бележи пријавен и процесуиран случај на силување или сексуално насилство.
Фонтана општо зборува за искуствата на жените низ Грција, а не само во Северна Грција, каде што е концентрирана работата на неговата организација. Тоа што не забележале процесуирани предмети не значи дека нема, со оглед на тоа што надлежното министерство не одговори на новинарските прашања.
Ивана Кекева од македонската организација „Отворена порта - Ла Страда“ вели дека жените мигранти можат да добијат психолошка помош, доколку се жртви на силување. Но, сите разговори се доверливи и ниеден кривичен процес не може да започне без жртвата да се согласи со тоа.
„Патувањето на бегалците и мигрантите до Македонија е особено опасно за жени кои патуваат сами или со деца, непридружувани деца, девојки во адолесценција, рано омажени жени, вдовици, самохрани мајки и слично, бидејќи тие се „лесен плен“ за криумчарите и изложени се на поголем ризик од родово базирано насилство и сексуална експлоатација, и поради тоа, тие бараат брза и ефективна заштита. Иако е предизвик да се дадат прецизни бројки, нашата организација во текот на својата работа има откриено повеќе од 20 случаи на жени бегалци што биле жртви на семејно насилство, насилство од криумчари или членови на групата со која патуваат. Меѓутоа, некои од овие случаи биле пријавени затоа што биле очигледни, додека, пак, некои од нив остануваат прикриени поради неинформираноста на жените бегалци за македонскиот систем за заштита. Важно е да се напомене дека овиа бројка е мала во сооднос со целокупната бегалска популација која транзитираше во нашата држава“, вели Ивана Кекева.
Бесплатна правна помош за мигрантите во случај на повреда на нивните човекови права или за барање азил обезбедува Здружението на млади правници во соработка со УНХЦР.
„Повеќето од луѓето кои се во Грција всушност сакаат да одат во друга земја. Така, дури и да се биде присутен за случај кој трае една или две години можеби не е изводлив“, рече Фонтана.
Иако има случаи на пријавени силувања во барем уште еден мигрантски камп во Грција, Фонтана смета дека најстрашни се нерегуларните гранични премини кои мигрантите ги користат за транзит во Западна Европа.
„Вие сте во шумата. Мора да се скриете од полицијата. Не можете да одите во полициска станица. И затоа станувате мета на оние коишто имаат средства да ве искористат. Ова може да има економска форма, но сексуалните услуги или сексуалната експлоатација се исто така доста распространети“, ни рече тој.
Слично на грчката организација, граѓанските организации „Легис“ и „Отворена порта - Ла Страда“ кои работат со мигранти, вклучително и жртви на трговија со луѓе, посочија сведоштва на жени мигрантки во Македонија кои биле жртви на сексуален напад или силување. Но, ниту еден случај не бил пријавен во институциите.
Македонија како слепа точка
Земра го напуштила својот дом во Западна Африка заедно со нејзиниот брат. Сиромаштијата и малите можности за работа во нејзиниот роден град ги принудиле да заминат со надеж за подобра иднина на стариот континент. Тргнале со организирана група, бидејќи во нивната земја има многу кои сакаат да заминат, но платиле водич само до Турција, бидејќи немале доволно пари за асистирано патување до крајната дестинација.
Се разделиле во Турција, бидејќи имале само 3.000 евра кои можеле да го покријат единствено првиот дел од напорниот пат од нивниот дом до Грција – за едно лице. Нејзиниот брат во Турција почнал да работи како шанкер и продавач на накит и чанти за да добие повеќе пари за патувањето на Земра.
Со 3.000 евра в рака, таа го продолжила своето патување во мај 2021 година. Се сеќава дека патувала со мал чамец околу 20 часа со непознати луѓе и пристигнала во камп за мигранти на островот Самос каде ја сместиле во приколка со неколку жени.
„Туткање со часови во преполн брод во кој се слушаат само брановите и врескањето на преплашените деца. Повеќето патници, главно жени, исплашени а и со многу надеж гледаа кон линијата каде требаше да се појави копно“, така ни го објасни Земра патувањето со чамец од Турција до Грција.
Една вечер кога се враќала во приколката, маж од групата со која патувала ја турнал во грмушките и ја силувал.
Збунета и скршена мислела на својот брат и колку тој би се чувствувал виновен за тоа што ѝ се случило затоа што ја пуштил сама. Таа молчела и не го пријавила силувањето ниту на своите цимери ниту на службите во кампот. Неколку дена подоцна, нејзината група заминала за Атина.
„Кога стигнав во кампот кај Атина исто приказни споделија уште неколку жени што ги запознав. Никој не е безбеден во камповите, на патот воопшто. Тоа го разбрав, дека сме само бројки, несакани посетители, никој не понесува одговорност за нас и нашиот живот“, вели Земра.
Земра во Македонија пристигнала пеш, како и повеќето мигранти кои се обидуваат да преминат во земјава од Грција преку премини во полиња и планини.
Нејзината група успеала да стигне до третина од патот до Србија кога полицијата ги открила во близина на градот Демир Капија и ги однела во транзитниот центар „Винојуг“ кај Гевгелија. Оттаму властите требале да ги вратат во Грција.
Во Винојуг, таа конечно ја раскажала својата приказна на еден од волонтерите кои работат со организации кои на мигрантите им нудат хуманитарна, психолошка и правна помош. Волонтерот понудил да го пријави силувањето на властите, но Земра решително одбила. Таа била решена што поскоро да стигне во Германија. За неа не било опција подолг престој во Македонија поради евентуална истрага за силување.
Силувањето на Земра не било единственото. Според тврдењата на нашите соговорници, жртви на насилство, вклучително и сексуално, биле и мигрантки кои минувале низ Македонија, но официјалните податоци се многу слаби. Полицијата не евидентирала случаи на силување на жени бегалци и мигранти во текот на 2022 и 2023 година.
„Инцидентите на сексуално насилство, семејно насилство, принудни и рани бракови, трговија со луѓе, дискриминација и сл. се често распространети кај жените бегалки. Во текот на нашето работење еден конкретен случај вклучува и жртва на силување во бегалски камп во друга земја за време на нејзиниот транзит. По нејзиното пристигнување во нашата земја, жртвата го сподели своето трауматично искуство со професионалец од Отворена порта. Нашиот тим обезбеди советување и психолошка поддршка информирана за траума за да одговори на нејзините непосредни потреби и да и помогне да се справи со емоционалните последици од инцидентот. Сепак, жртвата изрази желба да го продолжи своето патување и одлучи да не го пријави случајот до надлежните органи“, додава Кекева.
Репортерите на „Куманово њуз“ успеале да откријат еден случај што бил пријавен. Во 2019 година, жителите на Лојане, мало село во општина Липково, нападнале и ограбиле мигранти од Иран и силувале жена од Авганистан.
Мажите го пријавиле нападот во блискиот транзитен центар Табановце. На полицијата рекле дека жена од Авганистан била силувана, а потоа жената заминала во Србија.
Кога ја прашавме во министерството за внатрешни работи за овој случај, одговорија дека нема евиденција за пријавено силување на жена мигрантка. Таа никогаш не била сместена во транзитниот центар Табановце, а мигрантите кои го пријавиле силувањето „не дале никакви детални информации додека жената во тоа време повеќе не била на територијата на РСМ“, велат тие.
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека Законот за заштита и спречување на насилство врз жените и семејно насилство не ги дискриминира жените бегалци, мигранти или баратели на азил – тие ги имаат истите права како и македонските граѓани. Од МТСП велат дека сите услуги и заштита се обезбедени во строга доверливост која го вклучува и идентитетот на жртвата.
Законите само на хартија
Иако македонските власти имаат правни алатки за спречување на насилството врз жените бегалки и мигрантки, тоа во пракса не се забележува. Но, меѓународните организации предупредуваат дека македонските институции не се занимаваат активно со сексуалното насилство и родовото насилство речиси цела деценија.
Извештајот на Хјуман Рајтс Воч од 2015 година откри случаи на обид за сексуално вознемирување и родово базирано насилство врз жени мигрантки од страна на полицаец во центар за странци Гази Баба.
Извештајот опишува како полицајците на ноќна смена често биле пијани, оделе до женските ќелии и се обидувале да ги допираат, што ги исплашило жените и ги предизвикало да се чувствуваат ранливи. Поранешен полициски чувар во Гази Баба изјавил дека најмалку двајца колеги му се фалеле дека имале сексуални односи со притворенички, па дури и му понудиле да му го договорат и нему, доколку е заинтересиран.
24-годишната Фатима за Хјуман Рајтс Воч изјави дека била сведок на одреден полицаец кој сексуално вознемирувал две жени. Тој се обидел да допре една, 25-годишна Ирачанка, а кога таа одбила, тој ја навредувал. Девојчето се исплашило и ја замолило Фатима да остане со неа. Другата, 20-годишна Сиријка, која Фатима ја идентификувала, разговарала директно со луѓето од Хјуман Рајтс Воч. Им кажала дека полицаецот се обидувал да биде сам во собата со неа. Тој и шепнал и сакал да ја допре, што многу ја исплашило девојката.
Никој од мигрантите или полицијата која била присутна на лице место не пријавил во институциите што се случува во центарот.
Во тоа време, Министерството за внатрешни работи изјави за Хјуман Рајтс Воч дека жените во Гази Баба биле чувани само од полицајки, но интервјуата што ги направиле откриле индиции од жени мигранти кои рекле дека имало и мажи полицајци кои ги чувале, особено ноќе.
Поранешен чувар изјави за Хјуман Рајтс Воч дека нема доволно полицајки, па тој лично влегувал во нивните ќелии ноќе за да ги преброи жените. Жените со кои разговарале Human Rights Watch изјавиле дека полицајците биле насилни и ги удирале, а генерално се однесувале „како мигрантите да не се луѓе“.
Во тоа време, Министерството за внатрешни работи се осврна на загриженоста на Human Rights Watch за полициската злоупотреба во Гази Баба со тоа што ја увери организацијата дека властите редовно постапуваат по поднесените жалби и извештаи, дури и извештаите на медиумите, но во повеќето случаи тие имаат само општи информации , контрадикторни и без тврди податоци. Од МВР истакнаа дека Центарот редовно го посетуваат национални и меѓународни организации, што остава мала можност да не се регистрираат случаи на злоупотреба.
Но, Хјуман рајтс воч, исто така, во извештајот наведува дека тие, „Амнести интернешенел и Македонскиот Хелсиншки комитет не добиле влез во Гази Баба и покрај постојаните барања“.
Без да дадат детали за наводните сторители, Министерството за внатрешни работи ја информирале Хјуман Рајтс Воч дека одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди покренало дисциплинска постапка против пет полицајци кои работеле во Гази Баба и дека еден службеник бил суспендиран.
Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација „Легис“, која ги следи прашањата на бегалците и мигрантите, рече дека наишле на многу ситуации кога жените мигранти и бегалци биле оставени незаштитени во земјата.
Биле во контакт и со мигрантките кои биле малтретирани во Гази Баба. Се обиделе да ги убедат да пријават обид за сексуално насилство од македонски полицајци кога ќе пристигнале во Србија. Но, тие одбиле од страв и срам да не дознаат нивните семејства за тоа.
„Долго бевме во контакт со нив, нормално поради стигмата што ќе ја имаат во нивното опкружување и заедница, сепак доаѓаат од источните земји и понатаму се во контакт со своите, тие одбиваа понатамошна истрага. Но, во извештајот остана тоа нотирано, иако МВР тоа го негираше. Тогаш за првпат го слушнавме, се соочивме со жртвата која го обвини со име и со презиме лицето кое се обидело тоа да го направи. Значи тоа кога ќе се најдат во некоја заштитена позиција, сепак се во притвор колку и да е тоа лоша состојба, но се наоѓаат во институција каде очекуваат дека нема да бидат вознемирувани на некаков начин, но она што се случува понатаму во миграциите, каде што се невидливи за системот, нивното движење на ирегуларен начин, нивното движење во Македонија постојано ги изложува на разни предизвици“, објаснува Смаиловиќ.
Иако Македонија е потписник на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, попозната како Истанбулска конвенција, Смаиловиќ вели дека имало случаи кога таа не се почитува. Во 2021 година, мигрантка која патувала со својот насилен партнер не била сместена во засолниште или безбедна куќа бидејќи немала документи за идентификација.
„Одбиваа да ја стават во шелтер, во безбедна куќа. Причината беше што била неидентификувана, немала лични документи и ја вратија за жал во транзитниот центар Гевгелија, којшто е од затворен тип, служи како притвор, и замислете враќате жртва која е претепана од својот партнер кој исто така е барател на азил , беше вратена во притвор не во безбедна куќа. Социјалната работничка не знаеше, немаше насоки како да ја стави жртвата во безбедна куќа, се вадеше на ковид протоколи и слично иако тие не функционираа во безбедната куќа, имаат движење и се вадеа на моментот на регистрација. Иако Инстанбулската конвеција предвидува ставање во безбедна куќа без разлика на идентификацијата“, вели Смаиловиќ.
Полесно им е да ја носат траумата во тишина
Наташа Сарџоска, вонреден професор по социјална антропологија на Меѓународниот универзитет Шилер во Германија, порано работела како преведувач кој ја олеснувал официјалната работа со мигранти, бегалци и жртви на трговија со луѓе. Ова вклучувало помош во деликатни ситуации кои вклучуваат силувања и трговија со луѓе.
„Има еден момент на срам, на неверување дека се жртви. Многу комплексни се овие ситуации. Но, може да се каже дека некои жени се плашат дека ќе дознаат нивните блиски за таквото искуство. Дел од нив полесно се носат со траумата во тишина“, рече Сарџоска.
Иако патријархалните средини од кои доаѓаат и нивната подредена улога во овие заедници имаат влијание врз нив, според Сарџоска пресуден фактор е тоа што тие не сакаат да се вклучат во официјалните истраги. Би можеле да им донесат притвор во земјата каде што се случило силувањето и можна депортација, а сакаат што побрзо да стигнат во Западна Европа.
„Не верувам дека преовладува стравот да не се дознае, тој секако е присутен, но најмногу преовладува ужасот дека можеби ќе бидат вратени“, вели таа.
Сарџоска вели дека кај дел од жените нема развиена свест дека тие не се виновни, туку дека се жртви на кривично дело. Бидејќи веруваат дека одат на подобро место, имаат тенденција да ги апсорбираат сите неправди. Таа рече дека на македонската полиција и недостасуваат експерти кои би знаеле да работат со жртвите.
Смаиловиќ предупреди дека жените бегалци и мигранти се особено ранливи, но сепак тие ги преземаат неопходните ризици за да мигрираат на подобро место. Жените мигранти кажале на „Легис“ за „сексуално насилство, силување, физичко насилство, киднапирање, закани дека ќе одземат деца (најчесто жените патуваат со деца или без машки придружник)“.
Од 2014 година, Отворена порта-Ла Страда, европска мрежа против трговија со луѓе, обезбедува психосоцијална поддршка, заштита и подобрување на благосостојбата на мигрантите во транзитните центри Винјуг, Табановце и Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово.
Од 2014 до 2023 година, Отворена порта има регистрирано 20 случаи на насилство врз жени бегалки и мигрантки. Со оглед на бројот на бегалци и мигранти кои транзитираат низ Македонија во овие години, овие случаи веројатно се само мал дел од сите случаи.
Сексуалното насилство на балканската рута
Едно силување наводно се случило и во друга земја на балканската рута. Во мај 2018 година, едно лице дошло во полициската станица Велика Кладуша во Босна и Херцеговина и пријавил дека мигрант силувал друг мигрант, објави онлајн медиумот Tuzlanski.ba. Но, при нашето истражување не најдовме официјални податоци за овој инцидент, а на прашањата до надлежните институции не добивме одговор.
Истражувањето на 162 жени во мигрантските кампови во Србија во 2017 година од страна на „Атина“, локална невладина организација која се залага против трговијата со луѓе и родово базирано насилство, покажа дека секоја четврта жена учесничка во истражувањето преживеала некаква форма на сексуално насилство. Атина исто така истакна дека нема официјална статистика на оваа тема, додека секоја организација има свое следење на вакви случаи.
Некои од жените сведочеа дека неколку пати биле жртви на насилство. Некои од интервјуираните жени бегалки и мигрантки рекле дека биле изложени на насилство во земјите на потекло, потоа за време на патувањето во Европа, исто така и во Србија. Мнозинството жени преживеале насилство во нивните земји (81) или на пат кон Европа (71), додека 16 од нив изјавиле дека претрпеле насилство и во Србија.
Грчкото Министерство за миграција и азил, српското и босанското Министерство за внатрешни работи не одговорија на барањето за коментар за пријавени случаи на силување или сексуално насилство.
Во 2015 година, УНХЦР на прес-конференција во Женева изјавија дека добиле многу информации за насилство врз децата и жени мигрантки во земјите-членки на ЕУ, особено во Унгарија, Грција, Словенија и Хрватска. Тие веруваат дека ситуацијата е веројатно слична и во другите земји на балканската мигрантска рута.
„Децата бегалци и мигранти се изложени на зголемен ризик од насилство и злоупотреба, вклучително и сексуална злоупотреба, кога транзитираат низ Европа, особено во преполни прифатни кампови или многу локации каде што се собираат бегалци и мигранти, како што се паркови, железнички станици, автобуски станици и патишта,“, изјави на прес-конференција тогашната портпаролка на УНХЦР, Мелиса Флеминг.
Извештаите за силување и сексуално и други видови насилство врз жените бегалки и мигрантки во последните девет години се претставени во извештаите на меѓународните и локалните организации кои работат со оваа ранлива група.
Според експертите и активистите, нема едноставно решение за проблемот со недоволно пријавување на силувања и сексуално насилство во институциите, но се согласуваат дека мора да се направат напори за заштита на луѓето, особено жените и децата.
Според Џовани Фонтана, тоа може да се постигне со декриминализација на миграцијата.
„Единственото нешто што можеме да го направиме и/или најефективното нешто што би можеле да го направиме е да се обидеме да ги убедиме нашите политичари дека миграцијата не треба да се криминализира и тоа би ги направило сите овие случаи да дојдат до израз или ризикот од родово базираното насилство да се намали или да биде слично како што е за македонски државјанин, италијански државјанин како мене, грчки државјанин. Се разбира, знаеме дека такви случаи има во сите заедници. Но, сигурно, кога сте нелегални, кога не можете да одите во полиција, всушност се плашите од полиција, се плашите да одите во болница и мора да се скриете од општеството. Да се биде цел на експлоатација е многу, за жал, многу распространето“, вели Џовани Фонтана.
Под декриминализација се подразбира укинување на кривичната постапка и нивна замена со некривична во земјите на потекло, транзит или дестинација на мигрантите. Во декриминализацијата спаѓаат и незаконските активности кои произлегле од положбата на лицето кое било предмет на криумчарење. Ова го нагласува статусот на жртвата наместо статусот на сторителот.
Доколку политичарите се согласат да ја декриминализираат миграцијата, Фонтана верува дека тоа ќе го олесни пријавувањето на случаи на силување или родово базираното насилство. Според она што ни го кажа Фонтана, сериозна заштита на мигрантите ќе се постигне само кога пријавувањето насилство од мигрант ќе се смета за еднакво со она на граѓанинот.
Во 2015 година, Македонија беше една од првите земји што усвои Стратегија за жени мигрантки и бегалки која ги опфаќа и процедурите за пријавување сексуално насилство. Мерсиха Смаиловиќ од НВО Легис вели дека надлежните институции не можат да тврдат дека се немоќни. Има механизми и сервиси, но потребна е волја за нивно спроведување.
„Ние имаме институции кои немаат волја да постапуваат и кон своите државјанки да покренуваат процедури, гледаме се поголем број жртви на семејно насилство и фемицид, и едноставно сфаќате дека кога системот не функционира за една група нема да функционира за никого“, рече Смаиловиќ.
Булент Аргир, професор по политички науки на Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес во Турција, е убеден дека патот за успех е заеднички настап, бидејќи овој процес на миграција во Европа преку Турција не смее да се сведе на индивидуални решенија на секоја земја.
„Над 40 милијарди долари се потрошени за основни потреби на бегалците, Меѓународната заедница се труди да направи нешто за да се помогне, но, реков ова е голем проблем, а националните капацитети и сили се недоволни. Реков, глобален е проблемот а глобален проблем бара глобални решенија“, убеден е Аргир.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарки: Сузана Мицева, Вања Мицевска, Соња Петрушевска
Фотографии: Наке Батев (Архива)
Монтажа: Ристо Душковски