Само прашај

На визијата за Скопје ѝ недостига здрав разум

На визијата за Скопје ѝ недостига здрав разум

Без зелени оази животот во градот ќе стане неподнослив

Граѓаните на Скопје веќе навикнаа на местата на некогашните куќи и зелени површини да се градат висококатни деловно-станбени објекти. При тоа, не се запазуваат основните урбанистички правила за квалитетен живот на населението. Трката за профит на градежниците и отворената поддршка од политичките елити за заобиколување на регулативата  доведе до бескрупулозно деградирање на веќе изграден систем којшто гарантираше каква-таква контрола на развојот на градот. Всушност, сега новите закони од оваа област се пишуваат по диктат од градежниците, чијашто единствена цел е максимална заработувачка од секој изграден квадрат. Истовремено, институциите надлежни за изработка и спроведување на урбанистичките планови си поигруваат со нив и ги менуваат како што сакаат, најчесто на штета на јавниот интерес.

Скопје денес е пред пресвртница бидејќи во фаза на подготовка е нова визија за градот за следната декада. Анализиравме дали се можни промени кон подобро.

Каков град нѝ остава „скопскиот Генерал“?

Сателитска снимка од Скопје, со исцртани граници

Во изминативе години навистина се „дупнавме“ од зборување за скопските детални урбанистички планови (ДУП-ови). Стари, нови, спорни ДУП-ови…. Татко на сите овие планови е ГУП. „Г“ не е за „голем“, туку за „генерален“. Бидејќи овој Генерален урбанистички план на Скопје, ги дава главните насоки кои потоа неговите „чиновници“ – ДУП-овите ги имплементираат во своите градски четврти.

Моменталниот ГУП на Скопје е донесен во 2012 и како сите планови од овој ранг има траење од најмалку 10 години. Овој план нема да потрае повеќе од неговиот минимален рок. Град Скопје минатата година ја започна процедурата за изготвување на новиот ГУП, кој ќе биде во силa од 2022 до 2032 година.

Пред да се збогуваме со актуелниот „генерал“ би сакале малку подобро да ве запознаеме со него. Кои беа неговите задачи, какви беа неговите политики, во кои населби предвидуваше развој на градот и што нѝ донесе и остави за аманет.

Слика на која е прикажан ГУП на Скопје 2012 (синтезен план)
Генерален урбанистички план на град Скопје 2012-2022 – синтензен план / www.skopje.gov.mk

Првата улога на овој план е исцртување на границата на градот Скопје. Моменталниот ГУП не ја опфаќа целата површина на 10-те скопски општини. Неговите граници некогаш се поклопуваат со границите на општините, но во суштина повеќето периферни општини само делумно спаѓаат во опфатот на овој план.

Граници на опфат на ГУП Скопје 2012
Граници на опфат на ГУП Скопје 2012

Оваа територија планот ја дели на 11 реони, во кои спаѓаат 162 градски четврти. За секоја четврт планот задава генерални параметри како намена на земјиштето, максимална густина на домување, максимална височина, просечен процент на изграденост и слично. Дополнително планот ги регулира и градските инфраструктурни и сообраќајни мрежи.

ГУП 1965, план на намени за 1981г.
ГУП 1965, план на намени за 1981г.
ГУП 2001, план на намени
ГУП 2001, план на намени
ГУП 2012, план на намени

Дополнително, планот повеќе ја документира моменталната состојба и го предвидува идниот раст, наместо да даде јасни и смели решенија на некои од градските проблеми, како градската инфраструктура или недостигот од зеленило.

Потфрлање кај зелените зони

Во слободните зони планот предвидува сместување на што поголем процент на површини за домување, наспроти сите останати намени. Ова е многу нормално за главен град кој треба да расте во идните 10 години.  Планот работи со жива материја, и не смее да го кочи природниот развој на метрополата.

Мапи на урбанистички параметри / „Посебни услови по четврт, нумерички показатели“ и „План на намена на површините“ - www.skopje.gov.mk

Сепак, под знак прашалник е димензионирањето на овој раст. Додека еден ГУП „црта“ нови станбени четври, тој мора да предвиди соодветно зголемување и на инфраструктурата и зеленилото.

Доколку го погледнеме синтезниот план од 2012 забележуваме дека тој повеќе се посветува на сообраќајното поврзување на новите населби и дека навистина потфрла во однос на зеленилото. На мапата на доминантни намени, никаде не можеме да сретнеме соодветно зголемување и на површините за зеленило, токму напротив, дел од претходните зелени зони стануваат зони за домување или комерцијални намени.

Веројатно урбанистите би ни одговориле дека зеленилото е планирано во посебните услови по четврт, каде во табелите ќе забележиме дека оваа намена добива одреден процент. Но што тој процент значи во реалност? Единствен начин јасно да ги претставиме ова е преку неколку примери. За таа цел ќе разгледаме две од новите населби кои ги предвидува овој ГУП.

Зони за идни населби во северниот дел на Скопје, локалитет Зајчев Рид и покрај Касарната Илинден.

Двата квартови се наоѓаат во северниот дел на Скопје. Првиот е во четвртата ССЗ 02 на Зајчев Рид, а вториот во ССИ 03 покрај Касарната Илинден и Скопскиот Аквадукт. Во двата случаи станува збор за неизградени зони, за коишто Општината Карпош веќе има развиено ДУП-ови и полека го подготвува теренот за градба. Преку овие ДУП-ови ќе можеме да видиме како посебните услови во ГУП-от се материјализираат на дело.

Фотографија од дрон на новата населба близу касарната „Илинден“
Фотографија од дрон на новата населба близу касарната „Илинден“
Фотографија од дрон на новата населба близу касарната „Илинден“
Денешна состојба на локацијата покрај Касарната Илинден - четврт ССИ 01

Пределот околу Касарната Илинден (дел од четврт ССИ 01) во минатиот ГУП беше планиран како зеленило, но со сегашниот план тој доби мешана намена – комерцијални/деловни намени и домување. Во параметрите на оваа четврт беа планирани 6% парковско и 2% заштитно зеленило.

Четтврт ССИ03
Опфатот на ДУП-от покрај Касарната Илинден е дел од четвртта ССИ 03. Извадоците од ГУП и доделуваат домување и комерцијални и деловни намени. / извор: „Посебни услови по четврт, нумерички показатели“ и „План на намена на површините“ - www.skopje.gov.mk

Овие параметри резултираа во следниот детален план, каде среќаваме сегментирани површини зеленило, поделени со широки улици и високи блокови. Тие ни одблиску не надоместуваат за целата слободна површина којашто ќе биде изгубена. Едноставно не се доволно големи за да ја подобрат локалната микро клима, или да обезбедат еден здрав еко-систем.

Детален урбанистички план за Градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.02, Општина Карпош и Општина Бутел – Скопје, Плански период 2020-2025
Детален урбанистички план за Градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.02, Општина Карпош и Општина Бутел – Скопје, Плански период 2020-2025 / www.karpos.gov.mk

На локалитетот Зајчев Рид (дел од четврт ССЗ 02) се планира населба уште со претходниот ГУП од 2002 година. Во 2008 година Општина Карпош објавува ДУП, кој отвара простор за развој на нова населба. Сегашниот ГУП од 2012 ја продолжува истата намена како и претходно, предвидувајќи и 14% заштитно зеленило. Сепак, тоа подразбира само дрвореди и мали зелени појаси, оставајќи простор како и претходно тие да бидат сегментирани и распоредени по периферијата на опфатот, додека центарот би бил уште еден асфалтиран остров.

Опфатот на ДУП-от на Зајчев Рид е дел од четвртта ССЗ 02. Извадоците од ГУП и доделуваат домување, комерцијални, деловни и јавни намени и заштитно зеленило. / „Посебни услови по четврт, нумерички показатели“ и „План на намена на површините“ - www.skopje.gov.mk
ДУП за локалитетот Зајчев Рид, 2008-2013 / www.karpos.gov.mk
ДУП за локалитетот Зајчев Рид, 2008-2013 / www.karpos.gov.mk
Фотографија од дрон на Зајчев Рид
Фотографија од неасфалтиран пат на Зајчев Рид
Фотографија од отворени полиња на Зајчев Рид
Слики од моменталната состојба на Зајчев Рид

Дополнително на проблематичниот однос кон зеленилото, овие два плана тангираат заштитени историски зони – локалитетот Скупи и Скопскиот аквадукт, кон кои не развиваат никаков урбанистички однос.

Поглед кон Скопскиот Аквадукт во близина на касарната Илинден
Поглед од локацијата покрај Касарната Илинден кон Скопскиот Аквадукт

Одржлив развој наместо максимален раст

Покрај двете населби во северниот дел на Скопје, ГУП-от остава простор и за други резиденцијални зони. Само во неколку од нив се предвидува процент на зеленило, како четвртта СЗ 01 или З03, но за повеќето квартови ГУП-от не планира никакви паркови или зелени појаси.

Мапа на нови населби и четврти со зголемена густина на домување

Генералниот урбанистички план, како план од највисок степен мора да е построг во планирањето на јавните површини. Сè додека зеленилото е само одреден процент во рамки на станбените четвртти, тоа секогаш ќе биде секундарно и сместувано во крајните ќошиња од новите населби.

Типови на урбанистичко зеленило / Правилник за урбан планирање бр.225 од 18.09.2020
Типови на урбанистичко зеленило / Правилник за урбан планирање бр.225 од 18.09.2020

Исто така, клучно е планирањето на парковското зеленило наспроти заштитното. На Градот Скопје му недостига рехабилитирање на зелените пространства, вистински паркови кои завземаат доволна површина за да се спротистават на изобилието штетни гасови во нашиот воздух. За вистински подобрувања ни се потребни зелени оази, а не зелени островчиња заробени помеѓу високи згради и булевари.

Со новиот ГУП мора да се поправат грешките од минатото. Тој мора да содржи визија за Скопје, која нема да се заснова на максимален раст, туку на одржлив урбанистички развој.

Заборавени урбанистички принципи

Дали ќе стане Скопје град со кој повторно ќе може да се гордееме или место неподносливо за нормален живот најмногу ќе зависи од параметрите во новиот Генерален урбанистички план 2022-2032 и од начинот на неговата примена. Овој план се изработува со финансиска поддршка на Министерството за транспорт и врски, а во неговата подготовка директно е вклучена Агенцијата за просторно планирање. Од Град Скопје чијшто Совет го има последниот збор за усвојувањето на финалната верзија на новиот ГУП велат дека интензивно се работи на овој стратешки документ.

Се предвидува до крајот на годинава да се соберат потребните податоци коишто се неопходни за планирањето, по што ќе следува конкретната изработка. Од Градот најавија дека ГУП-от ќе се подготвува со поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, академската заедница, невладиниот сектор, како и од граѓаните коишто како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа ќе можат да учествуваат со свои предлози.

Во однос на прашањето каков развој на градот може да очекуваме во иднина и дали постои простор да се исправат досегашните грешки разговаравме со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Тој вели дека ќе настојува ГУП-от да биде изработен во максимално транспарентен процес.

Фотографија од Петре Шилегов

„ГУП-от треба да биде донесен некаде до крајот на 2022, значи наредната година. Тогаш ќе влеземе во вклучување на останатиот дел од јавноста и мислам дека сум должен тоа да го направам заради тоа што станува збор за документ којшто ќе го креира градот или развојот на градот до 2032 година. Мислам дека тука немаме право на монополско одлучување во смисла на тоа дека имаме определени функции или заради тоа што номинално некои од органите се дел од таа прикаска. Сметам дека треба тој процес да биде максимално транспарентен и да го донесеме заедно ГУП“, вели Шилегов.

Не чувствуваат потреба да зборуваат за развојот на Скопје

Меѓутоа, надлежните во делот на транспарентноста се сопнаа уште на првата пречка. Од Агенцијата за планирање на просторот, институција задолжена за изработка на урбанистички планови, не чувствуваа за потребно да одговорат на новинарските прашања до каде е постапката и дали ќе се исправат грешките од минатото во однос на густината на население и дозволените градби. Оттаму решија да молчат, иако се финансираат од јавни пари, а ГУП е документ што засега огромен број граѓани. Со тоа, тие покажаа дека принципите на работење на Агенцијата утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање се само „букви на хартија“.


Принципи на работење на Агенцијата за просторно планирање
  • стручност
  • професионалност
  • транспарентност
  • одговорност во работењето и постигнатите резултати.

Извор: Закон за просторно и урбанистичко планирање

Градоначалникот Шилегов вели дека визијата е градот да се развива на северната страна, што според него ќе го намали притисокот врз останатиот дел на Скопје.

Се предвидува подобрување на инфраструктурните услови за живеење на потегот Бутел-Волково

И покрај тоа што во централното градско јадро никнуваат зданија и се спроведуваат детални урбанистички планови коишто се спротивни на ГУП и неколкупати ги надминуваат неговите параметри, градскиот татко тврди дека тоа повеќе нема да биде случај.

„Мораме да ги подобриме условите, особено инфраструктурните за живеење во делот на пример, да речам од Бутел 2 до Волково, за тој дел зборувам, со цел да го намалиме притисокот на граѓаните да сакаат да живеат на таканаречената јужна или десна страна на Вардар што, пак, доведува до сериозни урбанистички девијации коишто како аномалија, за жал, во многу сегменти во нашиот град се имаат покажано како трајни аномалии. Доволно е поглед на определен дел од градот да упатите. Нема да дозволиме интензивирање на градба со параметри коишто се надвор од здравиот ум“., вели Шилегов.

Новиот ГУП за Скопје отвора можност да се поправат грешките од минатото

Скопје да се развива според научно утврдени вредности

Испуштена е малку работата со уредување и со урбанизација на Скопје. Некои основни принципи коишто на времето беа поставени од врвни македонски, југословенски и светски стручњаци се испуштени, вели архитектот Миодраг Радоњиќ-Бато со кого разговаравме за оваа проблематика.

„Во целата оваа транзиција од осамостојувањето наваму, доста од тие се напуштени или комплетно се исклучени. Така што, мојата размисла околу развојот на Скопје е дека сепак ние треба да се вратиме на тие основни вредности, научно докажани и потврдени од сите аспекти.“, вели Радоњиќ-Бато.

Според архитектот Миодраг Радоњиќ-Бато Скопје треба да се развива во насока на задоволување на неговите главни корисници - граѓаните

Тој укажува дека ГУП-от е еден комплексен вид на планирање кој мора да ги акцентира сите чинители коишто учествуваат и коишто придонесуваат за понатамошен развој на градот. Направените грешки може да се поправат.

„Овде не се работи само за урбанизам и архитектура, се работи за инфраструктура, се работи за демографска анализа и студија, за економска анализа и студија…така што сите тие аспекти, па дури, да кажеме во современово планирање вклучени се и социолози и психолози, кои на некој начин ги предвидуваат и ги претпоставуваат предизвиците што ги носи развојот на градот. Мислам дека може да се исправи! Во денешно време, со оваа технологија и техника се` е можно, само е потребна добра волја. Потребно е почитување на струката, и потребно е соодветно и правилно вложување. Не треба само да се вложат средства, многу е важно да се вложат правилно затоа што лошо направена работа и добро направена работа чинат исто, а разликата е огромна!“, вели Радоњиќ-Бато.

Не може градоначалниците да бидат главни урбанисти

Секој урбанистички план е законски документ, а ГУП е закон од повисок ред од ДУП. ДУП има обврска да ги почитува одредниците на ГУП. Ако тие зацртани параметри што се обврзувачки, не се наоѓа начини да се избегнат и на некој начин да се девалвираат, во тој случај ДУП би требало апсолутно да ги почитува параметрите и програмски зададените услови од ГУП, укажува архитектот Миодраг Радоњиќ-Бато.

„Ние мораме да направиме некои системски измени, не може градоначалниците да бидат главни урбанисти во нашава држава! Не може и никаде тоа не постои! Тие само треба да ги спроведуваат плановите кои се изготвени од стручни лица! Мораме да ја ставиме струката на прво место. Ние имаме добри закони, и урбанистички планови имаме добри, но не можеме да бараме дупки во тие закони, да ги избегнуваме и пак се да биде законски!“, вели Радоњиќ-Бато.

Една погрешна линија носи реперкусии низ генерации

Иван Мирковски, универзитетски професор по урбан дизајн вели дека при планирањето на развојот треба прво да се запрашаме што сакаме да направиме од градот?

„А за да размислиме што сакаме да направиме со градот треба прво да размислиме што сакаме да направиме со нас самите, понатаму треба да знаеме што сакаме да направиме со општеството во кое што живееме, во делокругот каде што делуваме, со државата…тогаш градот следствено како процес ќе дојде и тој, ќе му дојде и нему редот. Кај нас мислам дека се уште не му е дојден редот на градот, за жал.“, вели Мирковски.

Тој објаснува дека сè уште се плеткаме со процеси на себезапознавање, на идентитет, на кои сме ние и на кој начин треба ние како Македонци да се поимаме себеси.

„Така што мислам дека на градот се‘ уште не му е време, се‘ уште тоа некако насилно го правиме без некои познавања, како деца што играат игри, без да знаеме кои се тие реперкусии. Во урбаното планирање секоја една мала линија што се влече има реперкусии низ генерации, буквално низ генерации. Таа една мала линија може да биде продор низ урбано ткиво“, вели Мирковски.

Имплементацијата на плановите е клучен проблем

Во однос на страните кои треба да бидат вклучени во изработката на новиот ГУП, Мирковски вели дека тоа што е зацртано по документ ја покрива целината.

Агенција за просторно планирање, животна средина, индивидуалци, академија, политичари, економија, сектор, приватен, јавен итн. Сите тие треба и се вклучени. Но тука има и еден клучен проблем, тие се вклучени, нешто се создава, но тие не треба да бидат вклучени само во некои тематики во градот, тие треба да бидат вклучени заедно како тоа после ќе треба да се аплицира во реалност. Реалноста и апликативноста на тие работи се оние клучни за кои што треба да дискутира. Како од хартија ќе се пренесе тоа во градското ткиво? И тука мислам дека има еден остар рез каде што нам ни е тоа сосема непознато, каде што влегуваме во некоја дистопија.“, укажува Мирковски.

Досегашната практика покажа дека при урбанистичкото планирање на Скопје главна водилка се апетитетите на инвеститорите за што поголема заработувачка. Тие користејќи го трулиот систем и со помош на политичарите успешно ги изигруваат законите и влијаат врз промена на регулативата за да ја свртат водата на својата воденица. Истовремено, се прекршуваат основните правила за квалитетен живот и не се води сметка за негативното влијание од неконтролираното градење што допринесе кон зголемено загадување на воздухот и катастрофални последици по здравјето на граѓаните.

За тоа да се смени, потребно е во новиот Генерален урбанистички план да се променат старите „дотраени“ урбанистички решенија превземени од актуелниот и од поранешните ГУП-ови. Уште повеќе од тоа, потребно е да се обезбедат правни механизми коишто ќе гарантираат дека во иднина нема да може деталните урбанистички планови да се прават и да се менуваат во зависност од желбите на инвеститорите без да се води сметка дали се почитуваат параметрите во Генералниот урбанистички план. А, тој треба да се базира на единствениот можен рецепт за правилен и одржлив развој на Скопје – јавниот да биде пред приватниот интерес.


Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Само прашај“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада. 

 

Каков град ни остава „скопскиот Генерал“ 

Автор: Ноеми Чаусидис
Фотографии: Борис Јурмовски
Графички прилози: Мартин Ефремовски, Љубен Трајаноски, Мартина Штериова 

На визијата за Скопје ѝ недостига здрав разум 

Новинари: Мартин Пушевски, Катерина Топалова
Сниматели: Здравко Петрушевски, Зоран Догов
Монтажер: Ристо Душковски
Веб-развој и адаптација: Дарко Малиновски