Две години од план до имплементација во Финска
Професор д-р Зоран Велковски од Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет вели дека кога се во прашање образовни реформи, во светот има два паралелни процеси. Едниот процес се одвива на глобално ниво и секогаш завршува со препораки од разни конференции, собири и сл.
„Но, мора едно нешто да се знае. Овие препораки најчесто се рефлексија од добрите практики од земјите со најразвиени образовни системи. Ако за една земја е приоритет да се подобри системот на доживотно учење, во друга земја тоа не е приоритет туку нешто друго, како на пример, писменоста, инфраструктурата, наставните кадри, базичното образование и сл. Затоа и треба да се биде многу внимателен кога се преземаат ваквите современи трендови и некритички се настојува да се имплементираат во системи коишто сѐ уште не се подготвени за нивна имплементација“, вели Велковски.
Вториот процес на реформи се одвива во самите земји. Во согласност со достигнатиот степен на развој на образовниот систем, земјите во светот ја креираат сопствената образовна политика.
„Така на пример, во Финска се јави идејата за укинување на сите предмети и поставување на целно насочена настава во текот на целото основно образование. Тие тоа можат да си го дозволат бидејќи ги имаат потребните предуслови. Сето ова го кажувам во насока дека не треба „слепо“ да се следат туѓите системи. Треба да се појде од развиеноста на својот образовен систем и да се влечат потези кои имаат шанса да донесат позитивни ефекти“, објаснува Велковски.
Голема реформа во финското основно образование кога станува збор за наставните програми е спроведена во 2016 година. Финскиот национален одбор за образование го претставило националниот основен наставен план во 2014 година, но програмата во училиштата почнала да се спроведува во август 2016 година. Општините сами подготвуваат свои локални наставни програми врз основа на националниот план. Но, националната наставна програма за основно образование обезбедува униформирана основа врз која се гради програмата на локално ниво, со што се обезбедуваат еднакви услови за сите деца. Секоја општина и училиште ја приспособува наставата земајќи ги предвид локалните потреби и перспективи.
Новиот национален наставен план за средното образование, пак, почнал да се подготвува во текот на 2017 година, со три поставени цели: да се зголеми привлечноста на општото средно образование како пат кон високото образование, да се зајакне квалитетот на образованието и резултатите од учењето и да се олесни преминот кон високото образование. Наставниот план бил објавен од страна на финската Национална агенција за образование во 2019 година. Првите ученици кои ќе учат според новата наставна програма ќе започнат со настава оваа есен.
Брзи и чести промени во Словенија не се пожелни
Тања Таштаноска од Канцеларијата за развој и квалитет на образованието при Министерството за образование, наука и спорт на Република Словенија вели дека промената на образовните програми во Словенија се одвива со свеста дека на системот му е потребна стабилност за квалитетно спроведување, па затоа брзи и чести промени во системот не се пожелни.