Само прашај

Реформите во образованието треба да почнат од училишните тоалети

Настава во објекти „од турско“

Македонија е најверојатно единствената земја во Европа во која се туркаат реформи во образованието што се базираат врз зборови како инклузивност, родова сензитивност, рамноправност, дигитални вештини, технологија, откривање таленти…, додека истовремено голем број од децата се принудени да учат во дотраени објекти стари над 100 години, коишто едвај се затоплуваат со печки на дрва и во кои нема никакви, а не пак посебни машки и женски тоалети.

Нашите деца се нерамноправни во однос на пристапот до основни услови за пристојно образование. Затекнавме очајна состојба во руралните места, а проблемите се големи и во училиштата во Скопје. И покрај доказите за неефикасноста на државата во реализација на инвестициите во образованието, сега се тврди дека најавените реформи во наставата ќе донесат „ренесанса“. Истражувавме колку се реални ваквите најави.

Повеќе нови училишта пред Втората светска војна отколку во 21. век

Според публикацијата на Државниот завод за статистика „Попис на училишниот простор во основните и во средните училишта во Република Македонија“, којшто за првпат е спроведен по електронски пат во 2016 година, во земјава има 1.342 училишта. Податоците откриваат дека во нашата земја поголем број  училишта се изградени во периодот од 1900 – 1945 година отколку во 21 век.

Староста на училишните објекти можеби би била своевиден престиж доколку би имало континуирани инвестиции во обнова и во обезбедување услови со коишто лесно би се задоволиле новите нормативи и стандарди за простор, опрема и наставни средства.

Меѓутоа, нашето истражување покажа дека во основните училишта во различни краишта од земјава времето застанало и дека поради недостиг од инвестиции, има дискриминација на децата во однос на пристапот до еднакви услови за образование. Разликите најмногу се истакнуваат меѓу училиштата во руралните и во градските средини.

За физиолошка потреба – во ќенеф

Не им е лесно на децата и наставниците од основното училиште во селото Иванковци во Велешкиот Регион. Во текот на зимските месеци тие премрзнуваат додека да се затоплат училниците од печките на дрва коишто ги разгоруваат служителите пред почетокот на наставата. Во уште понезавидна состојба се оние во подрачното основно училиште во месноста Ѓорѓовци. За физиолошка потреба мора да трчаат надвор во ќенеф, којшто потсетува на нужник од затворите од 19. век.

Слична е состојбата и во училиштата во селата Непроштено и Селце во Тетовскиот Регион. Стари или привремени училишни објекти коишто тешко се затоплуваат, тоалети надвор и импровизации на наставниците за, колку-толку, да се исполнат наставните програми.

Статистичките податоци откриваат дека состојбата во овие училишта од Велешкиот и Тетовскиот Регион всушност се пресликува во повеќе места во земјава. Имено, во 21. век, кај нас има сѐ уште има основни училишта во кои нема тоалет и во кои нема никаква канализација. Во некои училишта сѐ уште се пие вода од бунар, а во однос на затоплувањето, доминираат училиштата коишто користат печки на дрва.

Училишни згради според инсталациите

Вкупно 1.133 редовни основни училишта

Извор: Државен завод за статистика „Попис на училишниот простор во основните и во средните училишта“, прв пат спроведен во 2016 година

Крпени буџети и за скопските училишта

Проблеми ги мачат и основните училишта во Скопје, коишто важат за најдобри во однос на инфраструктурните услови. Иако повеќето училишни објекти се посовремени и во многу подобра состојба отколку оние во руралните средини, сепак и во главниот град има училишта кои се изградени по Втората светска војна, со дотраени објекти во коишто очигледно се потребни значителни инвестиции.

Сѐ уште има училишта без спортски сали, а загрижува фактот што и училиштата коишто сега се градат тешко ќе ги исполнат новопоставените стандарди. Директорите на училиштата и локалните власти укажуваат дека располагаат со скромни буџети коишто претежно се одлеваат за плати на наставниот кадар и дека без финансиски средства од државата, тешко оди обновувањето на постоечките објекти и обезбедувањето на потребните наставни материјали.

Државата признава дека „си ја има мувата на капата“

Постојат големи разлики и во инфраструктурните и во другите услови за работа во малите рурални основни училишта и оние лоцирани во поголемите градови, се вели во новата концепција за основното образование.

„Малите рурални училишта, особено подрачните, имаат помал пристап до ресурси, помалку наставници на располагање и честопати се принудени да изведуваат заедничка настава со ученици од различно одделение (комбинирани паралелки) и/или да вработуваат наставници коишто не го задоволуваат нормативот за наставен кадар. Од друга страна, има училишта што имаат проблеми поради големиот број ученици, што ги принудува да работат во две смени (поретко и во три смени), како и училишта во кои учат ученици коишто се принудени да користат организиран превоз. Во овие училишта многу често се жртвува реализацијата на „проширената програма“ (воннаставните активности, додатната и дополнителната настава итн.) поради дополнителни организациски проблеми“, пишува во концепцијата.

Се додава дека има неквалитетни учебници, слаба опременост на училиштата со наставни ресурси и непостоење можност за кариерен развој на наставниците.

„Неконтинуиран професионален развој, недоволна спремност на наставниот кадар за примена на нови дигитални пристапи во наставата проследени со организациски и инфраструктурни проблеми се предизвици со кои со години се справува системот на основното образование“, пишува во концепцијата.

За тоа како државата планира да ги спроведе реформите предвидени со новата концепција за основното образование во услови кога во Македонија сѐ уште се учи во објекти „од турско“ и во прилично лоши услови за настава, одговор побаравме од министерката за образование и наука Мила Царовска.

Неефикасноста ја кочи изградбата на нови училишта

Колку ефикасно се реализираат инвестициите во изградба на нови и во реконструкција на постоечките училишта најдобро покажува извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Министерството за образование и наука во 2019 година. Имено, во него се констатира дека Владата во буџетот за 2019 година предвидела 536 милиони денари за финансирање на програмите за изградба и реконструкција на основните и средните училишта и на ученичките и студентските домови. Подоцна, со ребаланс на буџетот, оваа сума била намалена за 40 отсто и сведена на 321 милион денари.

„Во 2019 година, реализирани се активности во износ од 115 милиони денари, што претставува 36 отсто искористеност во однос на одобрените 321 милион денари буџетски средства за овие намени. Од вкупно реализираните активности, 97 милиони денари или 85 отсто се однесуваат на продолжување на започнатите градби од минатите години, а 17 милиони денари или 15 отсто се однесуваат на нови градби, доградби и и надградби на објекти“, се вели во извештајот на ревизорите.

Со други зборови, од вкупниот државен буџет во 2019 година тежок 3,7 милијарди евра, биле потрошени само околу 2,7 милиони евра за изградба на нови училишта.

Од ДЗР укажуваат дека нискиот степен на реализација на инвестициските програми во образованието во најголем дел е резултат на ненавремено започнување и прекини на градежните активности и непредвидени работи во  текот на извршувањето.

„Поради тоа роковите за реализација на изведбените работи, во согласност со основните договори, повеќекратно се пролонгираат и по неколку години. Слабата реализација на програмските активности има влијание врз постигнувањето на основните стратешки цели за коишто е наменето финансирањето, а тоа се подобрување на условите за изведување на наставата од основното и од средното образование и подобрување на сместувачките капацитети во ученичките и студентските домови“, пишува во извештајот.

Видете повеќе на темата

Основното училиштето „Грм“ во Ново Место е пример за тоа како со едноставен проект може да се намали сообраќајниот метеж и децата да се раздвижат пред почетокот на наставата. Веќе четврта година по ред, стотици деца одат на училиште пешки во организирани групи и придружени од возрасно лице по осмислени патеки и според редовен распоред. На дел од нив воопшто не им тешко да пешачат по 45 минути за да стигнат на училиште.

So-Pesbus-na-uciliste-vo-Slovenija-880x489

Шминка или вистински промени

На 50. седница одржана на 2 март годинава, Владата даде целосна поддршка и ја усвои новата концепција за основното образование.

„Во подготовката беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници, граѓански и меѓународни организации. Во подготовката на документот од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнатите страни и широка јавна расправа во Собранието. Со дел од усвоените стручни мислења, концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование“, соопшти Владата.

Сепак, оттаму „подзаборавија“ да кажат дека имаше различни реакции за промените и за динамиката на имплементирањето.

Какви измени носи новата концепција?

Во новата концепција се вели дека со неа наставата се ориентира кон продлабочено и смислено учење, базирано врз критичко мислење и логичко заклучување.

„Таквото учење бара осмислување и поврзување на информациите и решавање проблеми наместо помнење факти, кои, во современи услови, не само што се лесно достапни, туку се и подложни на манипулација“, пишува во документот.

Сепак, освен фузијата на одредени предмети, во него не се посочува начинот на којшто ќе се постигне оваа цел.

Се предвидува наставниот план да содржи задолжителни предмети, изборни предмети и други активности понудени од училиштето, сите распределени по одделенија и по број на часови неделно и годишно.

  • Македонски јазик/Албански јазик/Турски јазик/Српски јазик/Босански јазик од 1 до 9 одделение
    • Македонски јазик за учениците кои следат настава на друг јазик од 4 до 9 одделение
  • Математика од 1 до 9 одделение
  • Англиски јазик од 1 до 9 одделение
  • Природни науки од 1 до 3 одделение
  • Општество од 1 до 3 одделение
  • Природни науки од 4 до 9 одделение (опфаќа содржини што традиционално припаѓаат на биологијата, физичката географија, хемијата и физиката)
  • Историја и општество од 4 до 9 одделение (опфаќа содржини што традиционално припаѓаат на историјата, општествената географија, граѓанското образование, религиите, етиката)
    • За Природни науки и за Историја и општество во предметната настава ќе има тимска работа на наставниците, заедничко планирање и оценување со одделна реализација по дисциплините, поврзување и синхронизирање на содржините од секоја дисциплина. Се предвидува една завршна оценка со опис на преференциите на ученикот во додатокот на свидетелството.
  • Техничко образование и информатика од 4 до 9 одделение
  • Музичко образование од 1 до 9 одделение (1 час неделно)
  • Ликовно образование од 1 до 9 одделение (1 час неделно)
    • Се предвидува вклучување на предметните наставници во 4 и 5 одделение во тандем со одделенскиот по предметите Музичко образование и Ликовно образование
  • Физичко и здравствено образование од 1 до 9 одделение

Слободни изборни предмети (ученикот избира два слободни изборни предмети во текот на една учебна година, еден во прво полугодие, друг во второ полугодие, од листа на слободни изборни предмети утврдена во училиштето).

Листата на слободни изборни предмети ја сочинуваат четири категории предмети:

  • изборни предмети за проширување/продлабочување на наставните содржини од задолжителните наставни предмети (на пример: математичко-логичко резонирање, програмирање, сликање/цртање, историја на културата, сексуално образование);
  • изборни предмети за поддршка на интереси на учениците што не се дел од наставните предмети (на пример: фотографија, градинарство/хортикултура, театарски работилници, танцување, готвење, вајарство, резбарство, моделарство)
  • изборни предмети за поддршка на личниот и социјалниот развој на учениците (пример: образование за животни вештини, мултикултурни работилници)
  • изборни предмети од спортско-рекреативен карактер (пример: фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, пинг-понг, планинарење, јога, пилатес, велосипедизам)

Втор странски јазик

  • Јазик на заедницата (Со предметот се нуди учење на вториот службен јазик во општината каде што е лоцирано училиштето. Учениците што учат на друг наставен јазик може да го изберат како дополнителен предмет);
  • Албански јазик (може да се учи како дополнителен изборен предмет);
  • Јазик и култура на Ромите, Јазик и култура на Власите, Јазик и култура на Бошњаците, Јазик и култура на Турците, Јазик и култура на Србите (На учениците од влашката, ромската, бошњачката, српската и турската зедница училиштето им овозможува да го изучуваат својот јазик и култура како изборен предмет, со добиена согласност од родителите. Учениците кои ќе изберат еден од овие предмети го изучуваат континуирано, како дополнителен предмет).

Видете повеќе на темата

Новата концепција за основното образование што ја прифати Владата ја разбранува јавноста. Сомнежот во промените е оправдан ако се земе предвид дека сите досегашни реформи во образованието беа неуспешни. Брзоплетоста на институциите скапо ја платија цели генерации коишто останаа полуписмени. Истражувавме дали повторно се брза со имплементација на реформите без да се подготват сите засегнати страни.

Sustinski-promeni-ili-nov-haos-vo-obrazovanieto-880x489

Со новата концепција се предвидуваат промени и во начинот на одржување на часовите и во оценувањето.  Наставните програми од различните предмети треба да овозможат синхронизирана реализација на сродни теми.

„Додека се обработува „Дневникот на Ана Франк“, како активност предвидена во наставната програма по Мајчин јазик во рамките на една тема, во наставната програма по Историја и општество за истото одделение паралелно е предвидено да се обработува Втората светска војна“, се наведува во примерот за синхронизирана настава.

Во однос на времетраењето на наставата, се предвидува задолжителниот престој на учениците од 1. до 5. одделение во училиштето да биде 5 часа на ден, од кои околу 3 до 3,5 часа поминуваат на наставни часови, а преостанатото време на други активности (продолжен престој по завршување на задолжителните 5 часа).

Учениците од 6. до 9. одделение ќе престојуваат во училиштето по 6 часа дневно, од кои 4 до 4,5 часа се посветени на наставните часови, а преостанатото време на други активности.

Проверка на државни и меѓународни тестирања

Редовни, објективни и релевантни информации за постигањата на учениците на ниво на целата земја првенствено се обезбедуваат преку државно тестирање, предвивува новата концепција. Тоа се спроведува на крајот на трето, петто и деветто одделение, при што се оценува јазичката и математичката писменост.

„По потреба се утврдуваат и постигањата во други подрачја за да се обезбеди поточна и поширока слика и да се воспостави сигурна основа, според која може да се следи идниот напредок на учениците.  Учеството во меѓународни тестирања на државата ѝ обезбедува увид за тоа какви се постигањата на нашите ученици споредено со меѓународнo дефинираните нивоа на постигања. Нашата држава редовно учествува во мерењата на математичката писменост и писменоста во природните науки – ТИМСС (TIMSS), во мерењата на читањето со разбирање – ПИРЛС (PIRLS) и во тестирањата со кои се мери оспособеноста на учениците на возраст од 15 години да ги користат знаењата и вештините од читање, математика и природни науки во реални животни ситуации – ПИСА (PISA). Државата може да се вклучи и во други веќе воспоставени меѓународни мерења, како што се оние од областа на граѓанското образование – ЦИВЕД (CIVED) или информатичката писменост – ИЦИЛС (ICILS)“, се вели во новата концепција.

Во неа се додава дека тестирањата обезбедуваат информации и за различни позадински фактори коишто служат за процена на ефективноста од преземените вложувања, од користењето на ресурсите, од соодветноста на применуваните стратегии во поучувањето и учењето итн.

„Резултатите од ваквите анализи се користат при донесување одлуки за подобрување на квалитетот на образованието и спроведување активности во насока на користење на ресурси и наставни стратегии за кои има докази дека се поефективни кога се работи за постигањата на учениците. Ефективноста на преземените активности потоа се покажува во следните циклуси на државните и меѓународните тестирања“, пишува во концепцијата.

Колку и да звучат убаво на хартија најавените промени, останува нејасно  како без сериозни инвестиции во училишните објекти ќе им се овозможи на учениците, а посебно на оние во руралните средини, пријатен продолжен престој во училиштата кога денес се смрзнуваат за време на наставата. Нејасно е како ќе им се овозможи да изберат ракомет или кошарка како изборен предмет од спортско-рекреативен карактер, кога не виделе спортска сала. Или пак, како и досега, тие ќе бидат принудени да се приспособуваат и единствен избор за нив ќе остане градинарството, само затоа што толку дозволува средината каде што живеат.

Во однос на времетраењето на наставата, се предвидува задолжителниот престој на учениците од 1. до 5. одделение во училиштето да биде 5 часа на ден, од кои околу 3 до 3,5 часа поминуваат на наставни часови, а преостанатото време на други активности (продолжен престој по завршување на задолжителните 5 часа).

Учениците од 6. до 9. одделение ќе престојуваат во училиштето по 6 часа дневно, од кои 4 до 4,5 часа се посветени на наставните часови, а преостанатото време на други активности.

Една реченица за пад на целиот концепт

Креаторите на документот за новиот концепт што го прифати Владата со една реченица се оградуваат од обезбедување еднакви услови за сите деца во државата.

„Секое училиште има слобода да понуди изборни предмети кои произлегуваат од пројавените интереси на учениците коишто учат во тоа училиште и истовремено ги зема предвид можностите на наставниот кадар што работи во училиштето и на ресурсите со кои располага училиштето“, пишува во документот.

Министерката за образование и наука Мила Царовска во интервјуто за „Само прашај“ вели дека самата реформа значи и подготовка на системот за помодерно и поприспособено образование и дека плански се предвидува во наредните шест години каде и каква инвестиција е потребна за да може целосно да се имплементира новиот концепт за основно образование.

Видете повеќе на темата

Голем број реакции во јавноста предизвика новата концепција за основото образование што на предлог на Министерството за образование и наука ја усвои Владата. Со министерката Мила Царовска разговаравме околу прашањата дали македонскиот образовен систем е подготвен за најавените реформи, каква ќе биде одговорноста на локалната самоуправа во нивната имплементација, како ќе се менуваат учебниците и за низа други дилеми поврзани со новата концепција.

Mila-Carovska-Obrazovanieto-ima-potreba-od-osovremenuvanje-multimed

Поспособни од Финците?

Министерството за образование и наука, на 29 октомври 2020, соопшти дека е формирана работна група за реформи во основното и во средното образование  составена од претставници од Министерството, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието, претставници од меѓународни институции и од граѓанскиот сектор. Групата веќе работела врз анализа на најдобрите искуства и практики од неколку европски, скандинавски и земји од регионот, врз основа на која изготвила целосно нов систем за унапредување на квалитетот на наставата.

МОН и Бирото за развој на образованието, во текот на ноември 2020 година, спроведоа истражување на примерок од 4.168 наставници од основното образование (2.168 предметни и 2.000 одделенски наставници) кои одговориле на електронскиот прашалник за да го изразат своето мислење за потребата од реформирање на образованието.

Врз база на нивното мислење и на истражувања на меѓународни организации, работната група ја подготви новата концепција за основното образование, којашто како нацрт-верзија беше презентирана на крајот од декемеври минатата година.

Се планира промените во основното образование да почнат да се применуваат од  септември годинава.

На прашањето дали може за период помал од една година, во услови на пандемија, да се направи квалитетна реформа и тоа да профункционира до септември, директорот на Бирото за развој на образованието,Зеќирија Хасипи вели дека едно е подготовка на реформи, изготвување нов концепт, а сосема друго е имплементација.

„Секако, не може тоа да се спроведе со целиот образовен систем, со целото основно образование. И тоа е она што се обидуваме постојано да ѝ го објасниме на јавноста. Ние не имплементираме реформи во сите одделенија од септември, не ја завршуваме реформата. Таа ќе се одвива сукцесивно, во наредните 5 години. Влегувањето со нови програми ќе оди постепено, постепено ќе оди обуката на наставниците, изготвувањето на материјалите ќе оди постепено. Така што, сѐ ќе оди постепено, нема да влегуваме во сите одделенија од септември наредната учебна година. Затоа, потребно е да се смират стравувањата и да се посветиме на нашата  работа што нѐ очекува, а тоа е нови наставни програми за прво и за четврто одделение од учебната 2021/2022 година, обука само за тие наставници, материјали само за тие наставници“, вели Хасипи.

Видете повеќе на темата

Директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи во интервју за „Само прашај“ одговара на повеќе прашања поврзани со новата концепција во образованието, за улогата на оваа институција во креирањето на реформите и за тоа во колкав степен промените во образовниот систем се подложни на политичко влијание односно дали се поттикнати од партиските програми.

Zekirija-Hasipi-Nepotrebno-se-stravuva-deka-se-brza-so-reformite-vo-obrazovanieto-multimed

Две години од план до имплементација во Финска

Професор д-р Зоран Велковски од Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет вели дека кога се во прашање образовни реформи, во светот има два паралелни процеси. Едниот процес се одвива на глобално ниво и секогаш завршува со препораки од разни конференции, собири и сл.

„Но, мора едно нешто да се знае. Овие препораки најчесто се рефлексија од добрите практики од земјите со најразвиени образовни системи. Ако за една земја е приоритет да се подобри системот на доживотно учење, во друга земја тоа не е приоритет туку нешто друго, како на пример, писменоста, инфраструктурата, наставните кадри, базичното образование и сл. Затоа и треба да се биде многу внимателен кога се преземаат ваквите современи трендови и некритички се настојува да се имплементираат во системи коишто сѐ уште не се подготвени за нивна имплементација“, вели Велковски.

Вториот процес на реформи се одвива во самите земји. Во согласност со достигнатиот степен на развој на образовниот систем, земјите во светот ја креираат сопствената образовна политика.

„Така на пример, во Финска се јави идејата за укинување на сите предмети и поставување на целно насочена настава во текот на целото основно образование. Тие тоа можат да си го дозволат бидејќи ги имаат потребните предуслови. Сето ова го кажувам во насока дека не треба „слепо“ да се следат туѓите системи. Треба да се појде од развиеноста на својот образовен систем и да се влечат потези кои имаат шанса да донесат позитивни ефекти“, објаснува Велковски.

Голема реформа во финското основно образование кога станува збор за наставните програми е спроведена во 2016 година. Финскиот национален одбор за образование го претставило националниот основен наставен план во 2014 година, но програмата во училиштата почнала да се спроведува во август 2016 година. Општините сами подготвуваат свои  локални наставни програми врз основа на националниот план. Но, националната наставна програма за основно образование обезбедува униформирана основа врз која се гради програмата на локално ниво, со што се обезбедуваат еднакви услови за сите деца. Секоја општина и училиште ја приспособува наставата земајќи ги предвид локалните потреби и перспективи.

Новиот национален наставен план за средното образование, пак, почнал да се подготвува во текот на 2017 година, со три поставени цели: да се зголеми привлечноста на општото средно образование како пат кон високото образование, да се зајакне квалитетот на образованието и резултатите од учењето и да се олесни преминот кон високото образование. Наставниот план бил објавен од страна на финската Национална агенција за образование  во 2019 година. Првите ученици кои ќе учат според новата наставна програма ќе започнат со настава оваа есен.

Брзи и чести промени во Словенија не се пожелни

Тања Таштаноска од Канцеларијата за развој и квалитет на образованието при Министерството за образование, наука и спорт на Република Словенија вели дека промената на образовните програми во Словенија се одвива со свеста дека на системот му е потребна стабилност за квалитетно спроведување, па затоа брзи и чести промени во системот не се пожелни.

Таа укажува дека во Словенија постои свесност дека видливите резултати од промени на програмата одземаат многу време. Значи, ако воведеме нова програма за деветгодишно основно училиште, тогаш треба да поминат 9 години за да ce видат кумулативните ефекти од некои промени во програмата.

Во Македонија речиси секоја втора година се зборува за некакви реформи во образованието. „Компјутер за секое дете“, екстерно тестирање, програмите „Кембриџ“ се само некои од позвучните во изминативе години. Ниту една од досегашните реформи во образованието не доведе до подобрување на знаењата на учениците, а за тоа најдобар показател се катастрофалните оценки на меѓународните тестирања. Спротивно на ветувањата со реформите, резултатите беа сѐ полоши.

Оттука, оправдан е сомнежот во јавноста во најавата за нови реформи во образованието, коишто очигледно се подготвени за неколку месеци и се туркаат без поширок консензус од просветната фела.  Јасно е дека реформи се повеќе од потребни, но доста од паушални промени кои очигледно го влошуваат квалитетот на образованието. Во нашата земја приоритет во образованието треба да биде создавање пристојни услови за настава во училиштата преку многу поголеми инвестиции во нови училишни објекти и спортски сали и квалитетна реконструкција на постоечките. Тоа би бил добар почеток за ново, модерно образование, бидејќи е очигледно дека на нашиот образовен систем сега буквално му се гнили темелите.

Видете повеќе на темата

При најавата за воведување нова концепција во основното образование во Македонија, словенечкиот образовен систем беше спомнат како пример од кој биле црпени искуства. Тања Таштаноска од Министерството за образование на Словенија во интервју за „Само прашај“ објаснува како се случуваат реформите таму, а особено оние во наставните програми.

Reformite-vo-nastavnata-programa-vo-Slovenija-ne-gi-povrzavme-so-PISA-sokot-multimed

На кратко, би можеле да кажеме дека функционалната писменост на словенечките студенти од 2006 година е или над просечната писменост на студентите од земјите на ОЕЦД (2006, 2015, 2018) или, незначително под просекот на земјите од ОЕЦД (2009, 2012).

Nema-golemi-promeni-na-povidok-malite-se-vo-igra-celo-vreme-multimed

 

Уредник: Владимир Николоски
Новинари: Милена Атанасоска-Манасиева, Катерина Топалова, Владимир Тевчев, Мартин Пушевски, Наташа Јанчиќ, Сандра Ханџиќ (Словенија)
Фоторепортери: Томислав Георгиев, Лука Тронтељ (Словенија)
Сниматели: Иван Поповиќ, Иван Камчев, Нуша Тронтељ (Словенија)
Монтажери: Ристо Душковски, Костадин Анастасов, Борче Крстевски
Веб развој и адаптација: Стефан Стојановски, Дарко Малиновски, Дамјан Темелковски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

 

Views: 6901