fbpx

Гласноста на Филимена ѝ донесе правда

  • Филимена Бошковска Мишевска за време на породилно отсуство добила отказ, а од Фондот за здравствено осигурување побарале да ги врати парите од изминатите три месеци, со известување дека нема веќе да добива надоместок за породилно отсуство.
  • Две недели откако правниот тим од „Гласен текстилец“ испратил барање до Инспекторатот за труд, Филимена добила абер дека случајот е решен во нејзина корист.
  • Од Здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“ од Штип велат дека ова не е единствениот случај и оти многу жени поминуваат низ слична сага.
 

Пари нема да врати, а исплатата на надоместок за породилно отсуство ќе продолжи до крај. Вака стои во писмото од Државниот инспекторат за труд во случајот со Филимена Бошковска Мишевска, по извршен вонреден надзор.

Две недели по испраќање на барањето до Инспекторатот за труд , Филимена добила писмо дека случајот е решен во нејзина корист. Извор: Државен инспекторат за труд

Таа во приказната објавена во емисијата „Само прашај“ јавно го објави проблемот и раскажа дека за време на породилно отсуство без да биде информирана, добила отказ од компанијата во која работела, па Фондот за здравствено осигурување писмено побарал од неа да ги врати парите од надоместокот кој го добила за три месеци, со известување дека понатаму нема да го добива пари за породилно отсуство.

По гласноста на Бошковска, од „Гласен текстилец“ ѝ била понудена помош во барањето на правдата.

„Две недели по испраќање на барање до Инспекторатот за труд од страна на ‘Гласен текстилец’, добив писмо дека случајот е решен во моја корист“, вели Бошковска Мишевска.

Следната недела се очекува целосна правда

Оваа жена, врз основа на претходните горчливи искуства, не ни очекувала дека за толку кус период ќе добие разврска и правда за нанесената неправда. Од Фондот за здравствено осигурување веќе ја контактирале Филимена за потребни измени од страна на фирмата.

Но, и покрај сѐ, таа и натаму е внимателна.

„За сега промената е направена во Агенцијата за вработување. Се чека и Фондот за здравствено осигурување да направи промена и се надевам дека ќе продолжи исплатата на породилното боледување во целост, вели Бошковска.

Кристина Ампева од Здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“ Штип е убедена дека веќе нема простор за маневри во овој случај и дека до крајот на идната недела сѐ ќе биде завршено во полза на Филимена и правдата.

„Во финална фаза сме со случајот и таа треба да продолжи да го користи своето право на платено породилно отсуство и секако, да не враќа ни денар кон Фондот за здравствено како што беше првично побарано од неа. Надминати се сите препреки низ сите институции. Малку сум лута на одредени инспектори што не ја користат својата моќ до крај бидејќи имаат ингеренции, но еве гледате дека 'Гласен текстилец' го оправдува своето постоење“, потенцира Ампева.

За проблемот директно ја прашавме и инспекторката за труд, Оливера Лазаревска, која гостуваше во студиото во истата емисија.

„Ако работодавачот му даде престанок на работен однос на работникот заради потешко кршење на работен ред и дисциплина, каде што отказот е без отказен рок, во тој случај работодавачот, ако има синдикална организација или ако работничката е член на синдикат, треба да побара согласност од синдикатот. Доколку нема таква ситуација, тогаш работодавачот е должен да се обрати до Државниот инспекторат за труд и да побара таква согласност. Во тој случај гледаме конкретен предмет дали има основа или не. Доколку нема основа, ги поништуваме таквите престаноци, дека се ништовни доколку се донесе отказ на бремена жена или на породилно“, истакна Лазаревска за „Само прашај“.

Во истата емисија, Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикатите на Македонија рече дека е многу важно работниците да знаат дека за остварувањето на правото за породилно отсуство треба да се исполнат неколку основи, односно работникот да работи најмалку шест месеци кај работодавачот и да се плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување, за да можат да ги уживаат правата при користење на породилно отсуство, односно боледување.

„Работниците треба да се охрабрат и да се спротивстават на таквите работодавачи, а спротивставувањето да го направат единствено преку синдикат. Навистина е тешко сами, колешката го доживеала тоа на сопствена кожа, да се борат против работодавачот, кој патем слушнавме дека бил во Франција, дека во исто време биле откажани договорите и на управителот и на уште една нејзина колешка, и сметам дека ДИТ ќе ги ја заврши својата работа на ниво на задачата и дека ќе ги преземе сите законски надлежности за овие луѓе да бидат неоштетени во конкретниот случај и на таков начин да се спречат охрабрувањата на некои други работодавачи кои можеби ваквиот пример ќе го земат за пример“, истакна Трендафилов.

Кога молчењето не е злато

Институционалното игнорирање ја натера Филимена во очај јавно и гласно да проговори за прекршувањето на работничките права. Искрено, како што и самата кажа, не очекуваше позитивен исход, а нејзината цел беше, ако може, преку нејзиниот случај да спречи да се повтори ваква неправда и на друга жена.

„Јас на тоа не гледав како проблем кој го изнесувам јавно, туку како на скршено право на жена која живее и работи во Македонија, која ги исполнила сите услови за да добие надоместок за породилно отсуство, а не го добива и истовремено и се прекинува, што за мене беше тотално нелогично. По објавувањето добив помош од 'Гласен текстилец' и поддршка од многу знајни и незнајни луѓе. Затоа ги охрабрувам сите жени на кои им се прекршени работничките права да бидат гласни и да зборуваат јавно“, вели Филимена.

Филимена ги охрабрува сите жени на кои им се прекршени работничките права да зборуваат јавно и гласно

Од „Гласен текстилец“ велат дека ова не е единствениот случај и оти многу жени поминуваат низ слична сага.

„Најчесто завршуваат неуспешно, особено ако се работи за жени во рана бременост со договори на определено работно време. За еден месец имаше два случаи споделени медиумски од храбри жени. Замислете колку се оние кои се плашат, никаде не пријавуваат, никаде не споделиле, немаат доверба ниту пак сакаат во време на бременост да водат постапки , да минат низ стресови и докажување на дискриминација во институционални или судски лавиринти. Затоа и сме една од ретките организации која бара заштита за бремените жени со договори на определено работно време“, кажа Ампeва.

Таа посочува дека актуелните закони за работни односи и за заштита и спречување од дискриминација не даваат никаква заштита на бремените жени ако им е истечен договорот за вработување. Тогаш законите не гледаат дискриминација и не сметаат дека е сторено прекршување, вели Ампeва од „Гласен текстилец“.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Катерина Топалова

Поврзани написи