Прилепското Езеро е вештачка акумулација, лоцирана на местото викано Гладно Поле, во прилепската област Присад, на  4 km североисточно од градот. Езерото е изградено на Оревоечка Река, а  се храни и со малите водотеци: Пештерска и Стара Река, како и водите кои доаѓаат од атарот на село Крстец. Изградено е во 1967 год. и од тогаш се користи за наводнување и како технолошка вода. Тоа зафаќа површина од 0,54 km². Долго е 1,4 km, а широко 400 до 600 m. Најголема длабочина му е 28 m. Во езерото можат да се акумулираат 6.000.000 m3 вода.  Под езерото се наоѓа потопеното село Пештерица.

Прилепското Езеро е најголемата микроакумулација во Општина Прилеп и  како вештачка акумулација служи за наводнување на Прилепското Поле и дел од околните села, кои имаат изградено хидросистеми. Исто така,  служи за спортско – рекреативни цели како и излетнички локалитет, а со своето амбиентално опкружување нуди можности за велосипедизам, натпревари во спортска ориентација, организирање на излети, кајак на мирни води, како и натпревари во спортски риболов.

  • DSC 0051
  • DSC 0054
  • DSC 0058
  • DSC 0064
  • DSC 0067
  • W
  • DSC 0051
  • DSC 0054
  • DSC 0058
  • DSC 0064
  • DSC 0067
  • W

На брегот на езерото близу браната сега се наоѓаат само рушевини од некогашниот мотел Пелагонија. Денес,  дел од просториите околу мотелот служат како простор на шумарската и рибочуварната служба.

Ридот Паде кој се наоѓа над езерото е пошумен со густа борова шума, која во последните години неконтролирано се сече и дрвокрадци постојано може да се сретнат по патот кој води од Прилеп кон езерото.

Водата на Прилепското Езеро е клучна за земјоделскиот успех на локалните фармери кои најчесто одгледуваат тутун- како типичен продукт за регионот. Промената на количеството на водата во езерото е честа причина за несогласување помеѓу земјоделците и АД подружница Прилепско Поле под чија надлежност е езерото.

Пред повеќе од пет години општината Прилеп најави изградба на нова акумулација која требаше да ги подобра состојбата со вода во Прилепско Поле, но од тој план за сега нема резултати.