fbpx

Криптовалутите на Балканот: Од сива зона до мејнстрим

  • Иако во многу земји на развојот на криптопазарот се гледа како на еволуцијата на парите, на Балканот постои некаква стигма околу блокчејн- технологијата и недоволно доверба во криптовалутите кај поголем дел од населението.
  • Нашето истражување во Македонија, Србија и Црна Гора покажа дека работите се менуваат, но со различно темпо.
  • Во Црна Гора не постои законска регулатива за тргување со криптовалути и не се знае кога Министерството за финансии законски ќе ја регулира оваа област.
  • Иако никој не ја знае точната бројка, во Македонија фукционираат околу 50-тина криптоменувачници, но во повеќето од нив, не сакаат јавно да зборуваат.
  • Србија е малку понапред во однос на останатите земји и веќе има воспоставено систем за регулирање на крипто-средствата.
  • Очигледно е дека криптовалутите веќе подолг период се присутни на Балканот и ќе мора да се воведе попрецизна регулатива за зголемување на безбедноста, но и за наплата на даноците од активностите со крипто-средства.

Злоупотреби

Во светот сè уште е актуелна дебатата околу безбедноста на криптовалутите иако тие се повеќе се прифаќаат како легитимно средство за инвестирање и уште поважно како легално средство за плаќање. Иако во многу земји на развојот на криптопазарот се гледа како на еволуцијата на парите, на Балканот постои некаква стигма околу блокчејн- технологијата и недоволно доверба во криптовалутите кај поголем дел од населението. Загриженоста околу крипотпазарот е до некаде оправдана посебно ако се земат предвид неколкуте големи финансиски измами што се случија преку крипто-шеми, а до некаде е резултат на првичните реакции на монетарните власти во регионот кои појавата на криптовалутите ја оквалификуваа како несигурна бидејќи не е дел од финансискиот систем на државите.

 

Сепак, нашето истражување во Македонија, Србија и Црна Гора покажа дека работите се менуваат, но со различно темпо. Факт е дека во регионот има интерес за криптовалутите и дека тој постојано расте. Србија е пионер во регулирањето на оваа област и една од првите во светот што го донесе Законот за дигитална сопственост. Всушност таа вози во прва брзина кога станува збор за прифаќање на криптовалутите од страна на државата. Македонија вози бавно напред со оглед на тоа што државата почнува да ги препознава криптосредствата како дигитална сопственост, но нема прецизна регулатива за криптопазарот. Црна Гора е во лер и нема поместувања кај регулативата, но тоа не значи дека нема активности со криптовалути.

Не е легализирано ама нема ни забрани

Во Црна Гора не постои законска регулатива за тргување со криптовалути и не се знае кога Министерството за финансии законски ќе ја регулира оваа област. Во меѓувреме, бидејќи трговијата не е експлицитно забранета, таа се одвива непречено и без никаква контрола на црногорскиот финансиски и даночен систем.

Неодамна избраниот премиер на Црна Гора, Милојко Спајиќ, во своето премиерско излагање изјави дека за време на неговиот четиригодишен мандат ќе работи на диверзификација на слабата црногорска економија и дека фокусот ќе биде ставен на развојот на ИКТ секторот, особено за позиционирањето на Црна Гора како препознатлива дестинација за развој на блокчејн технологијата. Поранешната Дирекција за блокчејн и крипто, која ја формираше Спајиќ кога беше министер за финансии во Владата на Здравко Кривокапиќ, никогаш не заживеа, а целта беше да се воспостави безбедна и правична регулаторна рамка за раст на оваа економска гранка.

Основачот на невладината организација „Bitcoin Network “ и трговец со криптовалути Никола Грбовиќ објасни како трансакциите во Црна Гора се одвиваат во „сивата зона“ и на два начина, преку онлајн размена и директно преку лицето кое е со „готовина во рака“ за завршена трансакција.

„Што се однесува до овој прв метод, опасноста е дека кога ќе ги задржите тие средства на берзата, тие пари можат да исчезнат преку ноќ. Нешто слично се случува во банкарскиот систем во 2008 година, кога почна кризата, тоа беа проблемите. Менувачниците едноставно понекогаш немаат пари да платат сè и години подоцна можеби ќе можете да ги очекувате тие средства. Што се однесува до вториот начин директно преку личност, тој е посигурен затоа што пред вас имате личност која ќе ја направи трансакцијата со биткоин и вие лично ќе му ги дадете кешот. Дури сега се развиваат некои апликации кои овозможуваат тоа да се прави во живо на сосема безбеден начин“, објасни Грбовиќ.

Бидејќи трансакциите поврзани со криптовалутите не се законски регулирани, нивното извршување е бесплатно, соопшти Централната банка на Црна Гора. Тие посочуваат дека овие бизниси не се под надлежност на Комисијата за пазар на капитал и дека не постои соодветна методологија за проценка на нивото на трансакции со криптовалути во Црна Гора.

Недостигот од регулатива носи ризик од злоупотреби

Сè додека областа на крипто-пазарот не е регулирана и законодавецот не ја признава таквата активност како оданочена, Управата за приходи и царина не се меша во однос на наплатата на приходите.

kriptovalutite na balkanot od siva zona do mejnstrim 1
Додека областа на крипто-пазарот не е регулирана и законодавецот не ја признава таквата активност како оданочена

Се надеваме дека наскоро во собраниска процедура ќе се најде закон кој ќе ја регулира материјата на дигиталниот имот и оданочувањето на неговиот промет, со што ќе се создаде можност за инспекциски надзор и во оваа област“, ​​соопштија од Управата за приходи и царина.

Сè додека не се воспостави регулатива, ќе има висок ризик од злоупотреба на тргувањето со криптовалути, вели аналитичарот на криптопазарот Новак Свркота. Тој исто така предупредува дека лошата вест за Црна Гора може да биде што вредноста на криптовалутите продолжува да паѓа и дека не се знае каква динамика ќе потрае враќањето на оваа индустрија. Сепак, како што вели тој, тоа време дефинитивно треба да се искористи за зајакнување на институциите и банкарскиот сектор, кој денес нема доверба во крипто заедницата, па компаниите кои се занимаваат со овие бизниси не можат ни да отворат сметка во банка.

Свркота, исто така, смета дека во наредниот период треба да се работи на промоција на Црна Гора како „крипто пријателска“ дестинација и дека сите предуслови за тоа веќе постојат, бидејќи основачот на „Етериум“ (Ethereum), Виталик Бутерин, е сопственик на црногорско државјанство и тој го доби токму како дел од развојните напори за крипто индустријата во земјата.

Први чекори во Македонија

За да добиеме подетална слика за состојбите во Македонија ги прашавме надлежните и лица кои се занимаваат со криптовалути каква е регулативата во Македонија, дали и колку се оданочуваат трансакциите и добивките од тргување со криптовалути, дали постојат менувачници и криптомати и врз каква законска основа работат, дали има кражби на струја за рударење криптовалути и дали има граѓани кои биле измамени при инвестиции во криптовалути. 

Иако никој не ја знае точната бројка, во Македонија фукционираат криптоменувачници. Во повеќето од нив, не сакаат јавно да зборуваат, а уште помалку пред камера.  Од скопската менувачица „Money trade“ (Coinprime – Partner for Crypto Exchange) велат дека според нивните сознанија има над петнаесетина вакви субјекти во земјата.

„Ги примаме сите криптовалути што се примарни, од најјаките онлајн менувачници. Има интерес доста. Иако е уште рано за крипто во Македонија, со оглед на тоа што само четири проценти од светот е инволвиран, тоа ќе биде иднината “, велат од менувачницата.

Оттаму објаснуваат дека за да смениш или купиш крипто се зема провизија која варира во зависност од сумата што се купува.

„Најмногу работиме со токен на доларот – USDT. Тарифата се менува секој час “, велат од менувалницата.

Од Народната банка велат дека зад издавањето на криптовалутите не стои ниту една држава во светот заради што и не се суверени (од државата издадени) валути, иако во називот, уште при нивната појава, го содржат зборот валута.

kriptovalutite na balkanot od siva zona do mejnstrim 2
Заклучно со 22 мај 2023 година, пријавени се вкупно 12 случаи на различни видови измами со криптовалути

„Тие се издаваат во нематеријална форма од приватни субјекти коишто најчесто не се ни идентификуваат и коишто вложувањето и тргувањето со нив за некоја суверена валута го овозможуваат преку електронски платформи. Со оглед на нивната се поголемата појава со најразлични називи и електронски платформи за тргување во интернет просторот ширум светот, во глобални рамки се зајакнати иницијативите и напорите за регулирање и воспоставување надзор над издавањето и тргувањето со овие, сега веќе со меѓународно прифатен назив, крипто-средства“, велат од Народната банка.

Оттаму објаснуваат дека целта е да се обезбеди транспарентен и регулиран пазар со познати издавачи којшто ќе овозможи поголема заштита и информираност на корисниците за ризиците на кои се изложуваат, како и податоци за обемот и опфатот на тргувањето со цел минимизирање на ризиците по финансиската и макроекономската стабилност.

Дузина случаи на измами во изминативе две години

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во Македонија во периодот од 2020 година заклучно со 22 мај 2023 година, пријавени се вкупно 12 случаи на различни видови измами со криптовалути. Од нив четири на подрачјето на СВР Скопје, три на подрачјето на СВР Охрид, по два на подрачјата на СВР Струмица и СВР Тетово и еден настан на подрачјето на СВР Штип.

„Пријавените настани се однесуваат на сторени измами кон граѓани од страна на физички лица преку изнудување и уплата на парични средства за наводно инвестирање во криптовалути и компјутерска опрема за таа намена, како и кражба на криптовалути од електронските паричници кои ги поседуваат“, наведуваат од МВР.

Покрај ова, пријавени се уште четири настани (по еден на подрачје на СВР Велес, СВР Куманово, СВР Струмица и СВР Тетово) во кои од страна на непознати лица извршена е злоупотреба на личните профили на социјални мрежи кои подоцна се користени за рекламирање на содржини за трговија со криптовалути.

Од НБМ посочуваат дека во меѓувреме, скоро сите централни банки на најразличен начин ја информираат јавноста за  ризичноста која произлегува од анонимноста на издавачите и високата променливост на вредноста на крипто-средствата на платформите на кои се тргуваат, од кои некои дури и целосно пропаднаа.

Оттаму потенцираат дека крипто-средствата не се пари и дека централните банки се единствени кои во име на државата можат да издаваат суверени валути и се грижат за одржување на нивната вредност.

Можен дигитален денар

Трендот на дигитализација на финансиските услуги, особено на платежните услуги, ја намали улогата на готовината како средство за плаќање во многу земји.

„Како одговор, централните банки во повеќе земји во светот започнаа да ги истражуваат начините како да обезбедат граѓаните да продолжат да имаат неограничен пристап до пари издадени од централна банка на начин кој ги задоволува нивните потреби во дигиталната ера. Исто така централните банки ги имаат предвид и можностите за поширока финансиска инклузија кои ги нуди дигиталната валута.“, велат од Народната банка.

Управата за финансиска полиција води постапки

Од Управата за финансиска полиција велат дека превземаат мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност, а поврзани со деловното работење на повеќе правни субјекти, меѓу кои и тргување со криптовалути и нивна контрола.

„Имајќи в предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица во правните субјекти, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“, велат од Управата.

Досега само неколку земји во светот имаат воведено дигитална валута користејќи ги можностите што ги нуди дигиталната технологија, но тоа се дигитални суверени валути издадени од централната банка на земјата и немаат никаква сличност со криптовалутите.

 „Во овој контекст, Народната банка, како што беше најавено, започна со иницијални анализи за можностите, предностите и евентуалните ризици од издавање дигитална валута, дигитален денар, како дигитална форма на нашата суверена валута- денар. Во оваа насока Народната банка се обрати за техничка помош до Светската банка“, велат од Народната банка.

Помошта се состои од изработка на студија која ќе опфати повеќе области: утврдување на потребата за воведување на дигитален денар за секојдневни плаќања на граѓаните и компаниите; проценка на можни бариери за извршување на електронски плаќања во земјата; проценка на ефектите од воведување на дигиталниот денар врз постојните функции на Народната банка, а особено врз спроведувањето на монетарната политика и одржувањето на финансиската стабилност итн.

„По комплетирање на оваа студија, согласно начелата на транспарентност и отчетност соодветно би информирале за резултатите и видувањата од истата и евентуално, согласно исходот на студијата, за следните чекори за воведување на дигитален денар, како платежно средство во дигиталната ера“, велат од НБМ.

Започнат процес на регулација

Од Управата за финансиско разузнавање објаснуваат дека го започнале процесот на регулирање на виртуелните средства и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства со донесувањето на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам од 2022 година (ЗСППФТ – во понатамошен текст).

„Со законот за прв пат се воведоа сет на дефиниции поврзани со давателите на услуги и самите виртуелни средства, како и се вметнаа давателите на поврзани услуги во рамки на категоријата на субјекти над кои се применува законот. Оттука, секако дека постојат контролни механизми имајќи предвид дека Управата за финансиско разузнавање, во овој момент е надзорен орган согласно Законот“, велат од Управата.

Од друга страна, појаснуваат дека во моментот освен ЗСППФТ не постои друг закон којшто ја регулира трговијата и другите поврзани услуги со нив ( пр. Заштита на потрошувачите и начинот на вршење на активноста) иако на европско ниво постои посебна легислатива т.н Markets in crypto-assets (MiCA) каде што ESMA-европскиот регулатор за хартии од вредност и EBA – европскиот банкарски авторитет го предводат процесот.

Во врска со механизмите за редовна контрола, согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам од 2022 година се пропишува дека секој кој се занимава со активности поврзани со виртуелни средства се смета за субјект којшто е должен да применува мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам кои подразбираат изготвување на проценка на ризик од перење пари и финансирање на тероризам, програма за идентификување и управување со ризикот од перење пари и финансирање на тероризам, воспоставување на внатрешни контроли и механизми, идентификација и анализа на клиентите, водење регистри, доставување на податоци до Управата и слично.

„Во моментов, во законодавна постапка, односно во процес на усвојување е правилникот за начинот на водење на регистарот на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства со кој се пропишува начинот на водење како и податоците кој ќе треба сите даватели на услуги поврзани со виртуелни средства да ги достават до Управата со цел да бидат запишани во регистарот и објавени на веб страницата на Управата согласно членот 8 од ЗСППФТ “, велат од Управата.

kriptovalutite na balkanot od siva zona do mejnstrim 3
Во Македонија фукционираат околу 50-тина криптоменувачници, но во повеќето од нив не сакаат јавно да зборуваат

Дополнително, Управата во изминатиот период извршила и низа на подготвителни активности во врска со целокупниот сектор на давателите на услуги поврзани со виртуелни средства преку одржување на состаноци со приватниот сектор за запознавање со обврските коишто произлегуваат од ЗСППФТ, но исто така продолжи спроведува подготвителни активности за мапирање на секторот како и воспоставување на целокупни механизми за комуникација.

„Ова подразбира и активности за  усовршување и надградба на институционалните ИТ капацитети за исполнување на обврските за пријавување на трансакции до Управата. Потребно е да се има предвид дека воспоставување на целокупен механизам за контрола и усогласеност со прописи претставува една комплексна задача за институциите како и дополнителен предизвик особено на полето на виртуелни средства имајќи ја предвид нивната природа и посебност“, велат од Управата.

Оттаму не можат да откријат детали, но посочуваат дека Македонија не е исклучена од глобалните трендови и нелегални активности на полето на виртуелните средства преку најразлични облици на измами, изнуди, злоупотреби на лични податоци како и компјутерски криминалитет, па и перење пари со користење на виртуелни средства. 

Што е со оданочувањето?

Од Управата за јавни приходи велат дека оданочувањето на доход/добивка остварена од  трговија со криптовалути од страна на физички лица е уредено со Законот за данок на личен доход. Добивката од продажба на криптовалутите  во Законот за данок на личен доход е уредена како капитална добивка.

„Капитална добивка е доходот што обврзникот го остварува од продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот. Според член 58 од ЗДЛД, под капитална добивка се подразбира разликата помеѓу продажната и набавната цена при продажба  на друг подвижен  и нематеријален имот. Обврзник на данокот на доход од капитални добивки е физичко лице кое остварува добивка“, велат од УЈП.

Според член 60 од ЗДЛД, основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на  нематеријален имот и нивната  куповна (набавна) цена. 

„Оттука, доколку физичкото лице остварува капитална добивка  има обврска  добивката да ја пријави во Управата за јавни приходи преку системот Е-персонален данок најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот (член 88 од ЗДЛД). Во пресметката износот на остварениот доход се искажува како -Вид на доход Т8 – Капитални добивки и Подвид на доход S8.6. Капитални добивки од нематеријален имот“, велат од УЈП.

За доходот остварен во странство, се внесуваат дополнителни податоци за: датум на прилив од странство, износ на остварениот доход во странска валута, валута во која е исплатен доходот (се врши избор од понудено мени).

Кај трговски друштва  кои имаат обврска да плаќаат данок на добивка стапката за оданочување зависи од режимот на даночење.

„Имено трговските друштва кои се класифицирани како мали и микро трговци и ги исполнуваат условите од Законот за данок на добивка, доколку остварен вкупен приход до 3.000.000 денари на годишно ниво се ослободени од плаќање на данок. Доколку вкупниот приход е од 3.000.001-6.000.000 денари на годишно ниво, плаќаат данок на вкупен приход по стапка од 1% “, велат од УЈП.

Трговските друштва кои не ги исполнуваат условите согласно Законот за данокот на добивка за оданочување на вкупен приход, како и трговците поединци  се оданочуваат преку даночен биланс односно се оданочуваат со стапка од 10% на остварената добивка (финансискиот резултат од билансот на успех зголемен за непризнаените расходи).

Инаку, согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам  давателите на услуги поврзани со виртуелни средства се должни сите информации за извршените трансакции над 1.000 евра да ги пријават во Управата за финансиско разузнавање во вид на извештај во електронска форма најдоцна три работни дена по трансакцијата.

Забрзан развој во Србија

На почетокот на 2023 година, Даночната управа на Србија објави дека досега има издадено 129 решенија за данок на капитална добивка од продажба на дигитални средства, односно криптовалути и наплатила даноци во износ од 84,4 милиони динари (околу 715.000 евра). Србија е малку понапред во однос на останатите земји со оглед на тоа што веќе има воспоставено систем за регулирање на крипто-средствата.

Законот за дигитални средства од 2020 година, прв од ваков вид донесен во регионот, ја препозна не само можноста за стекнување дигитални средства, туку го регулираше и прашањето за нивното оданочување, а не само во однос на „заработката“, која се оданочува по стапка од 15% како капитална добивка, но и во однос на данокот на наследство и подарокот на дигиталните средства, кои се оданочуваат со стапка од 1,5% и 2,5%, соодветно. За „заработка“ се смета разликата помеѓу куповната и продажната цена на дигиталните средства, па во оваа смисла се поднесува соодветна даночна пријава, во зависност од тоа дали се работи за правно или физичко лице. Законот не признава данок на трансакции. Во случај на рударење криптовалути од физичко лице, данокот се плаќа во вид на други приходи и придонес. Трансферот на дигитални средства помеѓу физички лица од првата линија на наследување не подлежи на данок на имот. Меѓутоа, ако странките се од вториот ред на наследување, данокот се плаќа по стапка од 1,5%, а за третата или понатамошната реда на наследување, данокот е 2,5%.

Нема работа без дозвола

Според регулативата, лицата кои даваат услуги поврзани со дигитални средства се должни да го усогласат своето работење со законот и општите акти и подзаконските акти и да достават до надзорниот орган соодветно барање за дозвола за давање на тие услуги. Една од причините за за донесувањето на законот беше да се воспостави регулаторна рамка со цел да се обезбеди правна сигурност за лицата кои користат дигитални средства како корисници, но и за инвеститорите во дигитални средства.

kriptovalutite na balkanot od siva zona do mejnstrim 4
Србија е малку понапред во однос на останатите земји и веќе има воспоставено систем за регулирање на крипто-средствата

„Во оваа смисла, овој закон регулира: издавање на дигитални средства и секундарно тргување со дигитални средства во Република Србија; обезбедување на услуги поврзани со дигитални средства; заложни и фидуцијарни права на дигитални средства; надлежности на Комисијата за хартии од вредност и Народната банка на Србија, кои како надзорни тела вршат надзор над спроведувањето на овој закон и одлучуваат во доменот на нивните активности“, објаснува адвокатот Жарко Птичек.

Според тој закон, дигиталните средства, т.е. виртуелните средства, се „дигитален запис со вредност што може дигитално да се купи, продаде, размени или пренесе и кој може да се користи како средство за размена или за инвестициски цели, при што дигиталните средства не вклучуваат дигитални записи на валути кои се легални средства за плаќање и други финансиски средства кои се регулирани со други закони”. Самиот закон препознава два вида такви средства, имено виртуелна валута (како, на пример, биткоин) и дигитален токен (кој се препознава како начин правните лица да прибираат капитал).

Изменети повеќе прописи

Паралелно со донесувањето на Законот за дигитални средства, направени се измени и дополнувања на други прописи поврзани со оданочување и спречување на перење пари и финансирање тероризам, со цел регулацијата на дигиталните средства да биде законски комплетна.

„Во согласност со меѓународната практика поврзана со инвестициите и проценката на ризикот поврзана со инвестициите, законот ја дефинира таканаречената „бела хартија“ што издавачот на дигитални средства е должен да ја објави при издавање на дигитални средства. Законот ја пропишува и содржината на „белата хартија“ и детално ја уредува постапката за издавање дигитални средства преку: првичната понуда и нејзиното рекламирање, изготвување и одговорност за содржината на „белата хартија“, постапката за поднесување барање. за одобрување на објавување на „белата книга“, како и негово одобрување и отфрлање, односно одбивања, објавување по одобрување, како и регистрација и уплата на дигитални средства и известување за исходот од првичната понуда.“, објаснува Птичек.

Законот предвидува секој давател на услуги поврзани со дигитални средства прво да добие соодветна лиценца за давање на тие услуги и пропишува услови за минималниот основен капитал за давателот на тие услуги.

„Законот конкретно го регулира секундарното тргување со дигитални средства и ги признава операциите на организирање платформа што може да ја врши само „организатор на платформа“ за тргување со дигитални средства, со соодветна дозвола. „Организаторот на платформата“ според закон е должен да ги објавува тековните цени и обемот на понудата и побарувачката за дигитални средства по цени објавени преку системот за тргување со дигитални средства вклучени во тргувањето, а таквите податоци редовно и континуирано се доставуваат за јавноста. инспекција за време на нормалното тргување, колку што е можно во реално време, со цел да се обезбеди транспарентност пред да се направат трансакции.“, вели Птичек.

Две менувачници и три криптомати

Инаку, во моментов во Србија има само два регистрирани и лиценцирани даватели на услуги на дигитални средства/виртуелни средства (ПУДИ). Тие се лиценцирани да обезбедуваат само одреден број услуги). Станува збор за ECD.rs и Crypto12. Тие добија лиценци од Народната банка на Србија и Комисијата за хартии од вредност на Република Србија за конкретно дефинирани услуги. Во Србија има три достапни криптомати во Србија и сите се во сопственост и управувани од ECD.rs.

Марко Богдановиќ, маркетинг менаџер во ЕЦД (ECD.rs) раскажува како пред 12 години ја основале компанијата и сведочеле како се развива криптопазарот.

Злоупотребите на пазарот се препознаваат и како предмет на кој се однесува законот, а го регулира и прашањето на инсајдерски информации и размената и забраната за нивна злоупотреба, како и механизмите и процедурите за спречување злоупотреба на инсајдерски информации. Покрај истражувањето на пазарот, беше препознаена можноста за пазарна манипулација и беше пропишана соодветна забрана.

Законот за дигитални средства прави јасна разлика помеѓу валутата што е признаена како платежно средство во Република Србија и дигиталните средства што не се признаваат како платежно средство. Затоа, во Србија нема обврска за прифаќање виртуелна валута од продавачите на стоки и даватели на услуги, како и од самата држава, но оваа можност е создадена.

Она што е интересно е дека стекнувањето на дигитални средства преку учество во обезбедувањето на услугата за компјутерска потврда на трансакции во информациски системи поврзани со одредени дигитални средства (т.н. „рударење“) е дозволено со овој закон. Исто така, важно е да се напомене дека Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам исто така ги признава дигиталните средства и дека давателите на услуги поврзани со дигитални средства се обврзани со овој закон, како што се, на пример, банките, компаниите за управување со инвестициски фондови, брокерско – дилерски друштва.

Очигледно е дека криптовалутите веќе подолг период се присутни на Балканот и дека прашање на време е кога државите, по примерот на Србија, ќе мора воведат попрецизна регулатива доколку сакаат да создадат ефикасни алатки за зголемување на безбедноста во оваа дејност, но и за наплата на даноците од добивките и приходите кои се остваруваат од активности со крипто-средства.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Ангела Рајчевска (Македонија), Александра Мудреша Крачковиќ (Црна Гора) и Денис Колунџија (Србија)
Снимател: Слаѓан Фатиќ
Фото: Наке Батев
 
На оваа сторија работеше и новинарот на Autonomija.info Денис Колунџија, кој минатата недела ненадејно почина. Колунџија како врвен професионалец со богата новинарска кариера соработуваше со ИКС на најголем број од досега објавените регионални стории, оставајќи свој печат, што претставува исклучителна чест за нас.