fbpx

Отворен Балкан ги подотвори границите, но бариерите останаа

  • На 21 декември 2021 година, Албанија, Србија и Северна Македонија финализираа пет нови договори во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, меѓу кои и договор за слободен пазар на труд, кој обезбедува можност и право на непосреден и еднаков пристап до дозволи за работа и престој.
  • Дали „експлозијата“ информации за „Отворен Балкан“ е само дел од репертоарот на владините пропагандни машинерии во трите земји или пак вестите што се лиферуваат за успешноста на иницијативата се блиску до реалноста.
  • Марјан Забрчанец, координатор за „Отворен Балкан“ во Македонија вели дека услугата наречена „идентификациски број“ со која ќе се урнат бариерите при вработувањето ќе заживее во април годинава.
  • Иако „Отворен Балкан“ овозможи непречен проток на луѓе и стоки меѓу трите земји, различни параметри покажуваат дека ситуацијата на терен е речиси идентична како пред покренувањето на оваа иницијатива.
  • Во Македонија имаме работници од Индија, Турција и Кина, но нема работници од земјите партнери во „Отворен Балкан“ Албанија и Србија.

Балканската реалност се менува потешко од европската. Оваа порака не е нова, но последниов период може да послужи за да се тестираат новите раздвижувања, пред сѐ „Отворен Балкан“, чија примарна цел е создавање заедничко инвестициско портфолио за пазарот кој опфаќа над 12 милиони граѓани во Северна Македонија, Србија и Албанија. Ударната вест беше дека граѓаните од овие земји ќе можат да се вработуваат било каде во „Отворен Балкан“, без бирократски процедури, работни дозволи и други малтретирања кога се вработувате во странска држава. Но, дали е тоа остварливо?

Аманта Џ., Албанка од Северна Македонија, живее во Албанија веќе 6 години. Од Тетово заминала за Тирана, каде студирала меѓународен маркетинг и логистика на државен  универзитет. По одредено работно искуство во компанија за недвижнини, 24-годишната жена се приклучила на една компанија како менаџер за проект и дигитален маркетинг.

Кога ја прашавме дали иницијативата „Отворен Балкан“ придонела за подобрување на заедничкиот пазар на труд меѓу земјите-членки, таа спомна дека има изразен недостаток на информации за апликантите од Македонија за овие капацитети.

Знам дека има позитивно влијание, бидејќи работодавачот повеќе нема да ми бара работна дозвола. Сепак, има нејаснотии и неинформираност во однос на придонесите и социјалното осигурување што ги плаќам како вработен. Немам многу информации. На пример, со бројот на лична карта и податоците за дозволата за престој, кои ги обновувам секоја година, сега можам да пристапам до е-Албанија (онлајн државната служба за податоци за граѓаните), но за разлика од албанските граѓани, податоците за придонесите и социјалното осигурување за странските државјани кои работат во Албанија не се објавени таму“, ни одговори Аманта.

Младата жена е нестрплива да настапат ветените промени во однос на вработувањата откако на 21 декември 2021 година, Албанија, Србија и Северна Македонија финализираа пет нови договори во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, меѓу кои и договор за слободен пазар на труд. Овој договор на сите граѓани на трите земји треба да им обезбедува можност и право на непосреден и еднаков пристап до дозволи за работа и престој.

Аманта е само една од многумината кои служат како „тест“ за капацитетите на „Отворен Балкан“ и лакмус за одговорот на прашањето – дали оваа широко пропагирана идеја може да стане реалност или е една од многуте балкански заблуди. И дали „експлозијата“ информации за „Отворен Балкан“ е само дел од репертоарот на владините пропагандни машинерии во трите земји или пак вестите што се лиферуваат за успешноста на иницијативата се блиску до реалноста.

Во Албанија, договорот за размена на работници беше одобрен од Советот на министри на 2 февруари 2022 година, заедно со шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Сега сме 2023 година, во октомври ќе се навршат четири години од иницијативата „Отворен Балкан“, а ефектите се незначителни. Особено за слободното вработување меѓу земјите членки кое е клучната цел која требаше да го запре одливот на работна сила и да ги зајакне економските перформанси на земјите членки и на регионот.

Условите се создадени и „Отворен Балкан“ треба да го манифестира својот економски потенцијал на долг рок, вели Драган Шормаз, претседател на Евро-атлантскиот совет на Србија и поранешен пратеник.

Но, нагласува дека не може веднаш да се видат економските придобивки.

„Денес имаме албански компании и работници во градежништвото во Србија. Во Србија се гради толку многу а знаете дека нашите градежни мајстори и работници, особено квалитетните и искусните одат да работат на Запад. Ние имаме недостиг од работници. Дел од тој недостиг го пополнуваме од Македонија и Албанија, благодарение на ‘Отворен Балкан’. Разговарав со некои градежни работници во Тирана кои градат згради таму… Сепак, тие само чекаат кога ќе дојдат во Белград. Зошто? Затоа што платите им се три пати поголеми кога работат во Белград отколку да работат на градежништво во Тирана“, вели Драган Шормаз.

Доцни идентификацискиот број

И вистина, платата на градежен работник во Србија е поголема од платата на работникот во Албанија. Сепак, вкупниот број на работници од Албанија во Србија е занемарлив. Според податоците што ги добивме од Националната служба за вработување на Србија, бројот на работни дозволи издадени на албански државјани во 2022 година е само 148 и е значително зголемен во споредба со 2015 година, кога беа издадени 23 работни дозволи. Од друга страна, ако се навратиме на 2020 година и на имплементацијата на мерките за слободно движење од „Отворен Балкан“, резултатите покажуваат дека бројот на издадени работни дозволи на годишно ниво тогаш почнува да се намалува. Поточно, во 2020 година се издадени 164 работни дозволи, во 2021 година тој број е 157, а во 2022 година е 148.

Надежите се дека бројките ќе тргнат нагоре со воведувањето на таканаречениот идентификациски број. Марјан Забрчанец, координатор за „Отворен Балкан“ во Македонија вели дека услугата наречена „идентификациски број“ со која ќе се урнат бариерите при вработувањето ќе заживее следниот месец односно во април 2023 година.

Во фаза сме на тестирање на софтверите, односно на системите за електронски услуги. Како што кај нас има e-uslugi.gov.mk, такви системи има и во Србија и во Албанија. Во финална фаза сме од усогласувањето на трите системи коишто значат електронско извршување на услуги. Се вмрежуваат агенциите за вработување на трите држави. Штом се завршат овие технички подготовки и тестирања, очекувам дека до крајот на април ќе може и официјално да се промовира и да се лансира оваа мерка, ни изјави тој.

Како што претходно наведовме, договорите со вообичаената балканска помпезност беа потпишани на 21 декември 2021 година во Тирана од српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама.

otvoren balkan gi podotvori granicite no barierite ostanaa potpisuvanje dogovor
Од потпишувањето на договорите во Тирана во 2021 година

Првичните информации беа дека првите идентификациски броеви ќе бидат издадени кон крајот на мај или почетокот на јуни – 2022 година. На истиот линк во новинарска статија се посочени официјални изјави кои тврдат дека постапката за добивање идентификациски број не е задолжително да се спроведува од домицилната земја. На пример, ако македонски или српски граѓанин се затекнале во Тирана, тоа ќе може да го сторат и од таму, да побараат и добијат број и веднаш да бараат работа, без да се враќаат дома. Тоа повторно нѐ води до случајот на А.Џ.

Тетовката Аманта Џ. наведува дека недостигаат ажурирања за капацитетите за вработување во Албанија за странски државјани.

„Дури и кога пребарувате на интернет за вработување на странски државјани, наоѓате многу стари написи. Не е јасно каква документација е потребна за оваа намена“, вели таа.

Но, властите и за тие недоследности имаат објаснувања.

„Се разбира дека се работи на извесни технички протоколи околу тоа како целата мерка ќе се спроведува vis-à-vi софтверите, електронските услуги и поврзувањето на системите на трите држави, меѓутоа тоа е оперативна работа и не е поврзана со легислативата“, вели координаторот од македонска страна Забрчанец.

Бројките ги демантираат прогнозите

Сепак, дали е само до техникалиите?

Информациите од Србија говорат дека иако „Отворен Балкан“ овозможи непречен проток на луѓе и стоки меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, ситуацијата на терен е речиси идентична како пред покренувањето на оваа иницијатива. „Празните“ работни места што ги оставија граѓаните на Србија кои заминуваат на Запад не можат да ги пополнат ниту работници од Северна Македонија ниту од Албанија. Трговската размена расте нешто поинтензивно отколку пред „отворањето на границите“. Се чини дека единствената стопанска гранка каде што можат да се видат опипливи резултати е туризмот, а тоа е на албанската страна, каде граѓаните на Србија и Македонија ја преминуваат границата само со лична карта.

Ни бројот на работници од Македонија кои доаѓаат на работа во Србија е значително зголемен од започнувањето на иницијативата „Отворен Балкан“. Ако го погледнеме периодот од 2015 до 2022 година, најмногу работни дозволи се издадени во 2017 година – 523, додека во 2022 година таа бројка е 498.

Број на дозволи за работа издадени во Србија на граѓани од С. Македонија и Албанија 2015-2022 г.

С. Македонија

Албанија

otvoren balkan gi podotvori granicite no barierite ostanaa tabela 1
Најмногу работни дозволи во Србија за граѓани од Македонија се издадени во 2017 година (Извор: Национална служба за вработување Србија)

Интересно, ако го споредиме бројот на работни дозволи издадени на државјани на Северна Македонија и Албанија во Србија со, да речеме, бројот на работни дозволи издадени во Хрватска, очигледна е разликата.

Ал џезира објави дека во 2022 година, бројот на работни дозволи издадени од Хрватска на државјани на Северна Македонија е 9.584, а на државјани на Албанија 3.939. Значи, значително повеќе отколку на Србија.

Од Националната служба за вработување на Србија велат дека во последните неколку години во Србија е забележано високо ниво на вработување во одредени дејности кои главно се однесуваат на градежништвото, но голема побарувачка има и во ИТ -индустријата.

Кога станува збор за платата на градежните работници во Србија, тешко е да се утврди износот. Според различни извори, дневницата се движи од 30 евра за градежни работници до над 80 евра за поискусните и квалификувани мајстори. Просечната месечна плата на градежен работник во Македонија е околу 560 евра, а во Албанија дневницата е меѓу 9 и 20 евра. Платата на работниците во ИТ – секторот во Србија варира, но во просек е околу 1.400 евра, а исто толку пари добиваат и ИТ експертите во Македонија на месечно ниво, додека просечната плата на вработените во овој сектор во Албанија е околу 700 евра.

Треба да се нагласи и дека не е познат вкупниот број на странски работници во Србија. Порталот Данас пишува дека се проценува дека во 2021 година во Србија биле издадени околу 26.000 работни дозволи за странци. Најмногу работници доаѓаат од Русија, Кина, Турција и други азиски земји.

Исто така, не е познато колку српски државјани работат во Македонија и Албанија. Српските амбасади во Тирана и Скопје не одговорија на прашањата за бројот на српски работници во овие земји и нивната положба. Но, со оглед на споменатите просечни плати, сигурно е дека Македонија и Албанија не се поволни дестинации за српските работници во економска смисла.

Нова власт во Белград и Тирана – крај на „Отворен Балкан“?

Дали оваа иницијатива ќе исчезне уште пред да започне“? – прашавме неколкумина граѓани во Србија за значењето што за нив го има „Отворен Балкан“.

Лани бев во Албанија на море и искрено не ме засега многу Отворен Балкан, не ни размислував за тоа, но многу пријатно ме изненади тоа што немаше роаминг. Можев да им се јавам на родителите, пријателите и без проблем да ги користам интернет, како да сум во Србија“, изјавува 26-годишната Сања.

„Често одам во Македонија и приватно и службено, а тоа олеснување веќе го почувствував со самото воведување на Отворен Балкан, каде повеќе не мора да го покажуваш пасошот на границите“, вели 27-годишниот Марко.

Но, треба да нагласиме дека укинувањето на роаминг е овозможено со Берлинскиот процес.

Од друга страна, Наим Лео Бешири од Институтот за европски прашања во Србија објаснува дека „Отворен Балкан“ се отвора премногу бавно и дека „може да падне уште пред да полета“.

Ми се чини дека иницијативата беше, сепак, само можност за лидерите да се покажат пред електоратот како некаков гарант за мирот и соработката на Балканот. Со промена на власта во Белград или Тирана, целата идеја може и да умре“, вели Бешири.

Бешири нагласува дека „Отворен Балкан“ може да ги подготви економиите на трите земји за конкурентноста на европскиот пазар, но може да предизвика и спротивен ефект. Додава и дека може да се појави проблем и со државните администрации на земјите членки, бидејки немаат капацитет да ги спроведат реформите и да управуваат со процесите.

Наим Лео Бешири
Наим Лео Бешири

„Анализата на државната администрација на овие три земји сугерира дека ниту една од нив нема доволно капацитет да се справи со реформите само во рамките на интеграцијата во ЕУ, а камоли во ‘Отворен Балкан’. Потсетувам дека покрај овие две иницијативи, тука е и Берлинскиот процес, кој е поинклузивен бидејќи активно се вклучени шест земји од Западен Балкан. Со други зборови, гломазната, неорганизирана и во последната деценија кадровски десеткувана јавна администрација нема ниту човечки ниту финансиски капацитети да управува со неколку процеси истовремено, што може да доведе до неуспех на сите процеси“, заклучува Бешири.

Судејќи според граѓаните што ги анкетиравме и во Македонија, одењето да се работи во Србија не е толку исплатливо како на пример во земји членки на ЕУ од Балканот.

„За 200 евра повеќе оттука да бегате во Србија, како што имаше случаи досега, мислам дека тоа е илузорно. Тоа е само одење од едно место во друго. Еве, нели во Хрватска заминуваат огромен број на работници од услужните дејности. Подобро е таму отколку во Србија или во Албанија – за таму воопшто да не правиме муабет“ , вели еден од анкетираните.

Друг наш граѓанин смета дека плановите се далеку од реализација. „Да – има олеснет пристап. Меѓутоа, од тоа што го слушам и тоа што го гледам, никој досега не се пофалил дека го искористил, дека видел бенефит и дека му се случило нешто добро нему и на неговото семејство. Токму на тоа и алудирам: Сметам дека сето тоа сѐ уште е далеку од реализација и дека ќе треба да поминат месеци додека да дојде конкретната придобивка за обичните граѓани“.

Просечните нето плати кај земјите членки на „Отворен Балкан“ не се мотивирачки фактор за еден македонски работник да замине да работи во Србија или Албанија, или некој од овие две земји да дојде во Македонија. Во Македонија просечната нето плата изнесува 524 евра, во Србија 682 евра и во Албанија 522 евра.

Детален документ – нула имплементација

Од Агенцијата за вработување велат дека работодавачите од Македонија имаат потреба од програмери, информатичари, комерцијалисти, продавач(к)и,  хигиеничари на станбен и деловен простор, шивачи, келнери, готвачи, градежни работници, возачи на товарни возила, камиони и автобуси), заварувачи, електричари.

Што предвидува договорот за слободен пазар на труд, склучен меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија? „Граѓаните ќе имаат право слободно да се движат, престојуваат и работат на територијата на договорните страни“, се вели на почетокот на документот, притоа дополнително појаснувајќи ги поедноставените услови и процедури за стекнување на право на работа. Пристапот до пазарот на трудот мора да биде одобрен од земјата-домаќин од случај до случај, дозволувајќи му на работникот да остане во земјата домаќин само две години, со можност за обновување. Од друга страна, одобренијата може да се отповикаат и поради различни причини. За надзор на активностите поврзани со спроведувањето на Договорот, ќе биде одговорен заеднички работен комитет, со по пет претставници од секоја страна.

„Мешовитиот комитет ќе се состанува најмалку еднаш годишно и на секои шест месеци ќе ги известува договорните страни за спроведувањето на овој договор“, пишува во договорот, каде што се нагласува дека првиот состанок на Комитетот требало да се одржи на 02.03.2022 година, еден месец по стапувањето во сила на договорот. Врз основа на овој документ, Комитетот требаше да се состане најмалку двапати во текот на минатата година.

Документот е детален, но кога станува збор за имплементација, работите се менуваат. Евидентен е молкот кога побаравме податоци и од Агенцијата и од Стопанската комора за тоа дали имаа согледувања колку наши граѓани од овие струки може да апсорбираат пазарите на труд во Србија и во Албанија. Истото се случи и кај албанската страна. Барањето информации од кабинетот на премиерот Еди Рама, како и од Агенцијата за медиуми и информации и Министерството за финансии каде нашето барање беше проследено, не вродија со резултат.

Според достапните статистики, на крајот на 2022 година 8.621 странски државјанин имаат документи за вработување во Албанија, од кои само 356 државјани се од балканскиот регион и се вработени особено во секторите како преработувачка индустрија, трговија, телекомуникации, транспорт, сместување, услуги и градежништво.

Официјалните податоци што можевме да ги обезбедиме преку Националната агенција за вработување и вештини покажуваат дека најголем број вработени од земјите од Западен Балкан во Албанија има од Косово – 221 вработен, додека 93 лица се од Северна Македонија и само 22 од Србија.

Број на вработени од Западен Балкан во Албанија во 2022 година

otvoren balkan gi podotvori granicite no barierite ostanaa tabela 2
Официјални податоци за вработени од Западен Балкан (Извор: Национално вработување и вештини на Албанија)

Надвор од политичката реторика, официјалните бројки покажуваат дека договорот „Отворен Балкан“ за капацитети за вработување не дал резултати во првата година од своето постоење. Уделот на вработените од Северна Македонија и Србија на албанскиот пазар на труд е низок.

Приватните агенции за регрутирање во Албанија го потврдуваат овој факт.

 „Да бидам искрен, до сега немав ниту еден заинтересиран од Србија или Северна Македонија). Што ќе се случи подоцна, не знаеме. Слушнав за договорот, но не сум ја тестирал неговата применливост“, вели Ералд Пашај, администратор на приватна агенција за Албанија и Косово.

Од нашето искуство со кандидатите и од желбата на луѓето да се преселат, трендот е секогаш кон поразвиените земји. Значи, постои тенденција да не се оди во Србија, дури и во Северна Македонија или Грција, туку во развиените земји како што се Швајцарија, Германија, Северна Италија, бидејќи потенцијалот за заштеда на пари во овие земји е голем. Моментално платите во Србија и Северна Македонија не даваат голем потенцијал за заштеда, но во иднина останува да се види колку овој договор ќе биде вреден за пазарот на трудот во нашите три земји, истакнува Пашај.

Во Тирана, главниот град каде живее околу 1/3 од населението, ни беше тешко да најдеме граѓани од Северна Македонија кои избрале да работат во Албанија.

Арјан Ручај од компанијата „Рекруит плус“ вели дека главните пазари за регрутирање во Албанија немаат врска со регионот, напротив.

Арјан Ручај
Арјан Ручај

Тоа се главно работници кои доаѓаат од трети земји и повеќето од нив се  неквалификувани. Има голема побарувачка за работа овде од земји како што се Филипините, Непал, Бангладеш, па дури и Индија и Африка. Албанците, од друга страна, се повеќе ориентирани кон европските земји, особено скандинавските земји. Станува збор за квалификувани работници, електричари, водоводџии, механичари“, ни изјави тој.

Нашето истражување покажува дека дури и различни стопански комори во Албанија немаат објавено конкретен проект поврзан со регионалните размени на пазарот на трудот, во рамките на „Отворен Балкан“.

Арбен Скадар од Сојузот на албанските производители вели дека малку може да се направи во однос на размената на работна сила.

Целиот регион гледа кон Германија или други развиени земји. Олеснувањето на процедурите за поздравување. Но, она што го гледаме е дека нема огромна потреба за размена на квалификувана работна сила во регионот“, вели Скадар, нагласувајќи дека го цени секој билатерален договор што ги олеснува работите, но сегашниот не е употреблив и видлив.

Арбен Скадар, генерален секретар на Сојузот на албанските производители
Арбен Скадар

„Ни треба работна сила надвор од регионот, дури и самиот регион го гледа тоа. Србија, Македонија или Црна Гора и Косово бараат квалификувана или неквалификувана работна сила која очигледно има поевтина цена во земји како што се Индија, Бангладеш, Пакистан. Иницијативата ја поедноставува процедурата, но од друга страна, не е дека има толку голема потреба или дека има влијание како што очекуваа луѓето од таквиот договор“, тврди Арбен Скадар.

„Мода“ во Свети Николе ќе кројат Непалци

Бидејќи се е поврзано со политика, прашањето што се наметнува е дали „Отворен Балкан“ е конкуренција на преговорите за членство на Северна Македонија, Србија и Албанија.

Гледис Ѓипали
Гледис Ѓипали

„Мислам дека прашањето за отворање преговори за Албанија и Северна Македонија имаше влијание врз намалувањето на видливоста на иницијативата ‘Отворен Балкан’. Но, исто така, мислам дека влијание имаше фактот што имаше и други важни случувања во регионот. Како и дијалогот Косово-Србија, кој не остави многу простор за овој дел од ‘Отворен Балкан’, бидејќи доби целосно национално, но и европско внимание. Во меѓувреме и Северна Македонија е малку заглавена во ќорсокакот на уставните измени што мора да ги направи за отворање на преговорите, односно за започнување на поглавјата. Мислам дека сите овие фактори влијаеја на намалувањето на видливоста на иницијативата. Сите овие елементи се испреплетени, но мислам дека ќе заживеат со Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи во Тирана“, вели Гледис Ѓипали, извршен директор на Европското движење во Албанија.

Но, Драган Шормаз од Евроатлантскиот совет на Србија вели дека „Отворен Балкан“ како иницијатива не само што не ја загрозува европската интеграција на земјите членки, туку ги „подготвува“ за членство во ЕУ.

Покрај уривање на рампите во рамките на Отворен Балкан, се подготвуваме и за членство во Европската Унија. Тие не се исклучуваат меѓусебно. Имаме регионални иницијативи во самата ЕУ. Не гледам зошто Отворен Балкан би се мешал во членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ и дали членството би променило нешто за нас“, вели Шормаз.

Прашањето му го поставивме и на Петар Стано, портпарол на Европската комисија за надворешна политика и безбедност, кој вели:

ЕУ ги цени неодамнешните договори на партнерите за слободно движење и признавање на лични карти за сите граѓани од регионот, како и за заемно признавање на универзитетските дипломи и професионалните квалификации во регионот. Комисијата се радува на нивната брза ратификација и имплементација, така што придобивките од овие договори ќе станат достапни за граѓаните во регионот“.

Тоа значи дека поддршка има и од ЕУ, но ниската цена на трудот во трите членки на „Отворен Балкан“ и релативната изедначеност во платите се бариера која ја прави неисплатлива размената на работници.

Вицепремиерот за економски прашања во Владата на Македонија, Фатмир Битиќи, неодамна рече дека недостатокот на работна сила во градежништвото, туризмот и хотелиерството ќе се пополнува со увоз на работници од странство. Проценка е дека недостасуваат околу 10.000 работници во земјата. За дел од потребните профили ќе се вршат доквалификации на работниот кадар во земјата, но за дел ќе се бара можност за доселување.

Во овој момент разговараме со стопанските комори во кои гранки евентуално би увезле работна сила. Најзагрозени се градежништво, хотелиерството и туризмот“, рече Битиќи, дополнувајќи дека постои голем одлив на сезонски работници кои одат во други земји во регионот како Хрватска, Словенија и други земји на ЕУ.

Партнерските држави од „Отворен Балкан“ Србија и Албанија, Битиќи не ги ни спомна. Ниту како работни дестинации а ниту како земји од каде може да се очекува пополнување на делот што нам ни недостасува.

Просечната плата кај нас достигна 550 евра, платата каде што одат нашите работници е 1.100 евра, а земјите од каде што најверојатно ќе доаѓаат работници во рударството, па и во градежништвото е просечни 200 евра. Тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро“, рече во таа прилика вицепремиерот. Оваа изјава на Битиќи, само го потврди тоа што претходно го кажа во интервју дека во нашата земја веќе имаме работници од Индија кои работат во автоиндустрија и во секторот за информатичка технологија. Исто така и во делот во градежништвото каде имаме работници од источна Турција, или во делот на автопатот Кичево кон Охрид каде се ангажирани работници од Кина.

Оттука, разбирливо е што изостана сензацијата кога минатата седмица беше објавена веста дека модната конфекција „Мода“ од Свети Николе има понуда за увоз на работници од Непал, со што, како што изјави управителот Ангел Димитров, ќе биде првата фирма во државата што проблемот со недостиг на работници ќе го реши со увоз на работна сила од Азија.

Неколку агенции преговараат и регрутираат странски работници, кои се заинтересирани да работат во земјава. Таква понуда за работници од Непал пристигна и до нашата компанија“, рече Димитров.

Надворешно-трговската размена во аут

Ако се погледнат економските параметри – трговска размена и извоз, се доаѓа до сознанието дека „Отворен Балкан“ не игра пресудна улога во соработката на земјите членки, туку пазарот е тој што ги поставува правилата. Надворешно-трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија и Албанија расте, но Албанија на пример статистички не е значаен надворешно трговски партнер на Србија бидејќи не е ниту во првите 30 земји со кои Србија има најголема трговска размена, покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика од Србија.

Ако го гледаме извозот од Србија во Албанија како параметар, во 2022 година се извезени стоки во износ од 206 милиони евра, додека увозот изнесува 82 милиони евра.

Северна Македонија е малку „повисоко“ рангирана кога станува збор за трговијата со Србија. Минатата година во Северна Македонија е извезена стока во вредност од 970 милиони евра, а вредноста на увезената стока е 511 милиони евра. Исто така, надворешно-трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија расте во последните години.

Вкупниот извоз од Србија за С. Македонија и Албанија

Вредностите се изразени во милиони евра

С. Македонија

Албанија

otvoren balkan gi podotvori granicite no barierite ostanaa tabela 3
Србија има висок раст на трговијата со Македонија (Извор: Републички завод за статистика)

Сепак, треба да се нагласи дека трговската размена на Србија не расте само со Северна Македонија и Албанија. На пример, иако трговската размена со Северна Македонија е зголемена, уделот на извозот во оваа земја во 2015 година изнесуваше 3,9 отсто од вкупниот извоз на Србија, додека во 2022 година уделот на извозот во Северна Македонија беше 3,5 отсто во однос на вкупниот извоз.

„Отворен Балкан“ во очите на граѓаните

Минатата година, владата на Албанија спроведе анкета при што помеѓу 12-те прашања кои започнуваат со социјалниот статус на многудетните мајки, легализацијата на канабисот, фискалните политики и интеграцијата во ЕУ, имаше и прашање за „Отворен Балкан“.

Резултатите покажаа дека само 59% од испитаниците го оцениле позитивно „Отворен Балкан“. Иако гласовите на граѓаните против оваа иницијатива изнесуваа значителни 41%, премиерот Еди Рама ја оцени како многу силна поддршка.

„Прво, 59% е многу силна поддршка. Иако има посилна поддршка за другите. Второ, не заборавајте дека војната што Русија ја започна против Украина имаше психолошко влијание и дека се крена голема врева, во врска со позицијата на Србија во таа војна“, рече Рама.

Бијанка Шкурти, студент на факултетот за историја и филологија при Универзитетот во Тирана зборува позитивно за „Отворен Балкан“.

„Мислам дека иницијативата ‘Отворен Балкан’ е многу добра за балканските земји, бидејќи овозможува поголема соработка меѓу нив. Јас лично ја гледам како реалност, иницијатива која ќе има резултати“, прогнозира таа.

Политиката несомнено одигра улога во подгревањето на тие надежи, и затоа на политиката останува да го заживее економскиот дел на „Отворен Балкан“ и слободниот проток на работна сила.

Шемата, или чекорите се едноставни.

Граѓанинот од одредена земја – еве на пример граѓанин на Србија доколку сака да работи во Северна Македонија, најпрво ќе отиде на својот портал за Е-услуги, ќе се пријави дека бара Open Balkan ID number или идентификациски број, потоа системски ќе биде пренасочен кон системите на Министерството за внатрешни работи за да се провери дали од безбедносен аспект има право да му се издаде тој број и потоа добива потврда дека може да бара работа на пазарот на труд на Северна Македонија. Од тој момент, тоа е исто како да добил работна дозвола. Повеќе нема да има потреба од барање, чекање, па издавање на работни дозволи туку само се вади бројче и со тоа бројче слободно се бара работа на пазарот на труд. Оттука па натаму сѐ е исто како и претходно, тој/таа граѓанин/ка слободно има право да аплицира, да бара работа на пазарот на труд во нашава земја и обратно, се разбира – од кај нас во Албанија, од Албанија па кај нас, од Албанија во Србија и во сите можни правци на овие три држави“, вели координаторот за Северна Македонија, Марјан Забрчанец.

Но, не случајно во нашето истражување сакавме да го слушнеме мислењето на обичниот граѓанин. Пропагандната машинерија го таргетира токму него, а експанзијата од „добри вести“ вообичаено не оди рака под рака со реалноста.

Кога ја прашавме 24-годишната Аманта Џ. од Северна Македонија дали нејзините познаници или пријатели сакаат да дојдат на работа во Албанија, и кои професии најдобро се рангирани, таа ни одговори:

„Не верувам дека тие ја гледаат Албанија како омилено место за доаѓање и работа. Меѓутоа, кога би идентификувала подобри услови за работа или подобри можности во Албанија, би рекла дека ова се однесува на професиите како дигитален маркетинг или програмирање, вели таа.

Конкретните согледувања добиваат на острина кога се споредуваат пораките на лидерите на „Отворен Балкан“ со тоа што е направено во реалноста.

Новинарката од Албанија Лона (27) смета дека мерките треба(ло) да бидат дизајнирани согласно потребите на секоја од земјите. „Колку што знам, не функционира ниту една работна група која ќе биде одговорна за спроведување на договореното. Од она што го слушаме и гледаме за ‘Отворен Балкан’, ми изгледа дека се е само пропаганда за да се одржи во живот идејата“, констатира таа.

Или како што вели еден од анкетираните во Македонија: „Засега ги имаме само убавите зборови, а така и ќе биде во наредните неколку месеци или можеби и следните година-две“.

Крајниот заклучок е дека „Отворен Балкан“ можеби нема да го катапултира регионот во орбитата на Европската унија, но дефинитивно ќе доведе до нови разочарувања ако плановите фатат прашина во фиока.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии и редакциите на Autonomija и Faktoje.

Уредничка: Соња Крамарска
Новинари: Петар Догов (МК), Петар Алимпијевиќ (СРБ), Виола Кета и Есмералда Топи (АЛБ)
Снимател: Зоран Догов
Монтажер: Борче Крстевски