Идеолошките врски се минато - односите меѓу Кина и Македонија сега се градат преку економија и мека моќ
- Трката на Кина по сојузници во светот кои ќе ја поддржат нејзината визија за новиот свет не ја одминува ни Македонија.
- Во последните години, Кина постепено го зацврстува своето присуство во Македонија преку тнр. стратегија на „мека моќ“ која е комбинација на културна дипломатија, академска соработка и технолошки донации.
- Домашните истражувања за присуството и прикажувањето на Кина во медиумите покажаа дека влијанието во Македонија е доста силно, рангирајќи се на 3-то место меѓу 17-те земји од Централна и Источна Европа.
- Бројот на стипендии од кинеска страна е во постојан раст – во периодот 2015–2023 година, 40 македонски студенти завршиле магистерски или докторски студии во Кина.
Мека моќ
Дали зборувате кинески? Мала е веројатноста да го добиете ова прашање на улица од кинески туристи кои дошле во посета на Македонија. Поверојатно е, некој од случајните минувачи, да го прашаат дали зборуваат англиски за да им го покаже патот кон нивната одредена цел.
Но, малку е познато дека, ако сакате да учите кинески јазик во Македонија, тоа може да го сторите бесплатно. Оваа можност е дел од соработката меѓу Кина и Македонија која, со одредена осцилации, се одвива речиси три и пол децении, колку што нашата земја патува низ историјата како суверена и самостојна по излегувањето од Југославија. Така, во нашата држава може да се најде и по некој што зборува кинески јазик.
Не случајно го спомнуваме излегувањето од Југославија, затоа што идеолошкото братство кое постоеше меѓу некогашната социјалистичка федерација предводена од Комунистичката партија и Кина, како сѐ уште да не е заборавено. Токму затоа се наметнува и прашањето – дали тоа идеолошко братство денес е темел за ново сојузништво меѓу Македонија како членка на НАТО и аспирант за ЕУ и Кина која учествува во изградба на нов глобален поредок за кој сите зборуваат, но тој сѐ уште не е верификуван од светските играчи.
Нашата соговорничка Ана Крстиновска е токму една од малкуте личности од Македонија кои го зборуваат тешкиот кинески јазик. Таа ги објаснува денешните релации меѓу Македонија и Кина.
„Тоа идеолошко братство беше засновано на вредностите на комунизмот на припадноста кон Алијансата на неврзани држави. За разлика од тој период, ние по нашата независност се определивме за евроатлантска интеграција, така што некако цврсто се одлучивме и се упативме во поглед на државното уредување, во поглед на сите процеси во државата кон демократскиот модел, тој либерално-демократски модел и како што гледаме со актуелната поларизација на глобално ниво, идеолошка, геополитичка и секаква, ние сѐ повеќе идеолошки се оддалечуваме од Кина“, вели Ана Крстиновска од невладината организација Естима која ги проучува македонско-кинеските односи.
Крстиновска, сепак, додава дека различните патишта кои ги одат Македонија и Кина, не значат дека нема простор за соработка. „Сепак е надмината студената војна и соработката се заснова на многу други вредности и заеднички интереси, а не само на идеологија“, нѝ рече Крстиновска.
Оценка на упатените е дека во последните години, Кина постепено го зацврстува своето присуство во Северна Македонија преку тнр. стратегија на „мека моќ“ која значи комбинација на културна дипломатија, академска соработка и технолошки донации. Таа стратегија е насочена кон создавање позитивен имиџ за Кина, нејзиниот модел на развој и нејзините компании и е особено видлива преку образовниот систем и универзитетите. Соработката во областа на образованието се реализира врз основа на „Спогодба за соработка во областа на образованието“ помеѓу двете Министерства за образование, која беше потпишана уште на 5-ти декември 2007 година во Пекинг, НР Кина, додека соработката во областа на науката и технологијата се одвива врз основа на „Спогодбата за научна и технолошка соработка“ помеѓу владите на двете земји потпишана на 7 март, 1995 година. Во 2017 година, исто така, беше потпишан и Договор за соработка меѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Универзитетот „Шенјанг“ во Кина.
Конфуциј како мост
Ударно место во образовната соработка меѓу двете држави има институтот „Конфуциј“ каде се одржуваат, меѓу другото, и бесплатните курсеви по кинески јазик. Според податоците од минатата година, расте бројот на студенти кои го изучуваат кинескиот јазик преку овој Институтот кој е отворен во рамките на Универзитет, „Св. Кирил и Методиј“ во 2013-та година, и според некои е веројатно најважната и долгорочна стратегија за зацврстување на кинеската мека моќ во Македонија, преку промоција на кинескиот јазик и култура.
Д-р Влатко Стоилков, директор на Институтот „Конфуциј“ од македонска страна (институтот има и кинески директор) во изјава за Само прашај посочува дека тој е дел од светското семејство институти, во партнерски односи со Универзитетот на југозападна Кина за финансии и економија од Ченгду, главниот град на провинцијата Сечуан.
„Дванаесет наставници од Кина и четири наставници од Македонија изведуваат бесплатни курсеви по кинески јазик и традиционални кинески вештини во неколку основни и средни училишта во Скопје, Битола, Пробиштип, Прилеп, Македонски Брод, Ресен, Вевчани, како и по електронски пат, за слушатели од целата држава“, изјави Стоилков. Директорот појасни дека во 2023 имале дури 1.500 слушатели на курсеви во сите нивоа и за различни возрасни групи.
„Од минатата година, намерата не е да се зголемува таа бројка туку да се одржи и да се зголеми квалитетот. Најголем број од слушателите се деца. Целта е додека да стигнат до универзитетско ниво, да имаат солидно познавање на кинескиот јазик”, истакна Стоилков.
Од друга страна, истражувањето на невладината организација „Естима“, покажува зголемен интензитет и на објавување на кинески наслови на македонски јазик. Така, од 1978 година на македонски јазик се објавени вкупно 90 кинески наслови, од кои 50 само од почетокот на 2018 година, а половина од нив – детски книги. Некои од преводите се објавени во соработка со издавачката куќа „Делфин книги“, со седиште во Пекинг, подружница на Кинеската меѓународна издавачка група (China International Publishing Group), која е во сопственост на Кинеската комунистичка партија.
Истото истражување посочува дека во 2022 Кина го постигна својот најдобар резултат во Глобалниот индекс на мека моќ, искачувајќи се на 4-то место, по САД, Велика Британија и Германија. Од позначајните показатели на истражувањето, чиј што автор е нашата соговорничка Ана Крстиновска, е и тоа дека домашните истражувања за присуството и прикажувањето на Кина во медиумите покажаа дека влијанието на Кина во Северна Македонија е доста силно рангирајќи се на 3-то место меѓу 17-те земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) зад Србија и Бугарија, и покрај фактот, како што се наведува, дека Кина инвестира многу помалку ресурси во земјава во споредба со други држави.
„Вообичаено се верува дека Северна Македонија е премала да биде од значење за Кина и повеќето активности на Кина не се поврзуваат со целта да се влијае на перцепцијата во јавноста. Сепак, поинформираниот дел од јавноста препознава дел од алатките за мека моќ што ги користи Кина во Северна Македонија, цитирајќи ги инвестициите, стипендиите и проектите како средство за постигнување на влијание“, заклучува Крстиновска во истражувањето.
Џин и џуџе
Дека Кина, не запира со својот интерес за присуство во македонското образование, покажува и Меморандумот за разбирање за заедничко финансирање проекти за истражување и развој. Со него е предвидено на база на реципроцитет да се финансираат истражувачки развојни проекти со кои ќе се обезбедат и средства за опремување на лаборатории за заеднички научни истражувања во земјите. Овој меморандум беше дел и од официјалниот стратегиски план на МОН за периодот 2022-2024 година. Паралелно, соработката меѓу Универзитетот „Гансу“ од Кина и Универзитетот за информатички науки и технологии од Охрид отвори простор за долгорочна академска и технолошка поврзаност, особено во областите на агротехнологијата и дигиталните системи.
Податоците велат и дека Кина секоја година прима студенти од Македонија на студии. Од крајот на 90-те години, бројот на стипендии од кинеска страна е во постојан раст: во периодот 2015–2023 година, 40 македонски студенти завршиле магистерски или докторски студии во Кина во специјалности како кинески јазик, традиционална кинеска медицина итн. Во сферата на научно-истражувачката соработка, Кинеската академија на науките заедно со македонските универзитети реализира заеднички истражувања во областа на иновациите и управувањето со технологијата. Една таква соработка се реализира и со охридскиот универзитет за информатички науки, а за неа разговаравме со професорот д-р Анис Сефиданис, истакнато име во областа на машинската интелигенција.
„Соработката меѓу универзитетот за информатички науки ‘Свети Апостол Павле’ од Охрид и Народна Република Кина може да се каже дека е долготрајна и повеќеслојна. Таа се базира првенствено врз договори кои ги имаат склучено Република Македонија и Република Кина од 1995 година, дополнително обновени и проширени 2007 година“, објаснува Сефиданис.
Тој дополни дека институционалната размена и имплементација на заеднички проекти помеѓу Универзитетот и НР Кина датира уште од 2015 година, при што се потпишани најмалку девет договори односно проекти, меѓу кои 2019 година за опремување на напредната компјутерска лабораторија за ИКТ истражувања која сѐ уште нашите студенти ја користат во рамки на нивниот образовен процес. Дополнително, вели, се развивани и реализирани проекти за меѓу – културна размена, мобилност, посети во НР Кина итн.
Се смета дека во последните години се случува еволуција во кинескиот концепт на мека моќ, како во научна смисла, така и во смисла на надворешно-политичките импликации. Културата и образованието, кои се ударна тупаници на кинескиот концепт за мека моќ, имаат потенцијал да ја зајакнат позитивната перцепција за Кина во Македонија. Во технолошка смисла, двете земји се џин и џуџе, па оттука несомнено за нашата држава е импресивно да се разменуваат образовни и научни искуства со овој источен партнер.
„Технологиите кои се изучуваат на нашиот универзитет, всушност, претставуваат еден тренд од глобална парадигма наречена четврта индустриска револуција каде што се предводници големите држави, меѓу кои е и Кина и бездруго Македонија мора да ги следи тие трендови, а потоа да ги адаптира праксите за своите потреби. Покрај договорите со НР Кина, универзитетот ‘Свети Апостол Павле’ има бројни потпишани договори и реализирани проекти со универзитети од ЕУ, така што секоја пракса се адаптира на нашите потреби и реалност“, истакнува Сефиданис.
Стипендии за „Свети Апостол Павле“
Потврда за блиската соработка беше и минатогодишната средба на ректорката на УКИМ д-р Биљана Ангелова и високата делегација од Центарот за јазично образование и соработка (CLEC) при Министерство за образование на НР Кина предводена од заменик-директорот г-ѓа Џинг Веи. Целта на средбата е размена на позитивните искуства од долгогодишната соработка на УКИМ со Центарот и реномираните универзитети во НР Кина, за програмите кои МОН на НР Кина ги нуди за странските студентите на сите три циклуси и за новите иницијативи за научно-истражувачки проекти и истражувања.
Нашиот соговорник професорот Анис Сефиданис вели дека образовната соработка е од огромно значење за охридскиот Универзитет, кој оваа година доби 18 стипендии од Кина.
„Кина е без сомнение лидер во светски рамки кога говориме за експоненцијални технологии, како што се вештачката интелигенција и роботиката, а нашиот Универзитет со пет факултети посветени на ИКТ технологии без сомнение има тука придобивки, првенствено од пристап до тие огромни инфраструктури за обработка на големи податоци поврзани со проекти со машинско учење и роботика, пристап до меѓународно знаење кое сѐ „локализира“ понатаму. Македонија има секако свои специфики и особености. Сите проекти кои се реализираат во рамки на мобилноста и на трансфер на знаење, пред сѐ се во линија и на европските нацрти за имплементација на новите технологии“, вели Сефиданис.
И улогата на Институтот Конфуциј, според некои е да го зајакнува капацитетот на кинеската држава да воспостави мека моќ и да проектира мирен национален идентитет во светот, при што ѝ помага на Кина да управува со неизвесноста и меѓународното јавно мислење, во поглед на нејзиниот пораст во светот кој се менува. Последните неколку години Институтот „Конфуциј“ организираше неколку изложби и предавања. Кон крајот на 2024 година се одржа ликовна изложба придружена со предавања во Скопје, но и во уште други два града, така отворајќи нови можности за будење на културниот дијалог.
Директорот на „Конфуциј“ Стоилков за Само прашај вели дека до ковид-кризата, наставата по кинески јазик ја држеле предавачи од Кина, а за време на пандемијата биле ангажирани наставници и од Македонија. Искуствата со наставниците од Македонија, вели, се позитивни, така што нивниот ангажман во одржувањето настава продолжи и по завршувањето на пандемијата.
„Во рамки на Институтот, освен по кинески јазик, изведуваме и курсеви по калиграфија, кинески танци, уметничко обликување хартија и боречките вештини Таи Чи и Чибонг. Организираме и испити по кинески јазик, НSК и натпревар ‘кинески мост’, при што победниците на тој натпревар одат во Кина на меѓународен натпревар“, додаде Стоилков.
Тој нѝ потврди дека се одвива и научна размена со Кина, како и културна соработка, при што гостувале кинески музички групи тука, а успешно се организирани и две научни македонско-кинески конференции.
Институтот „Конфуциј“ воспостави партнерства со локалните самоуправи низ земјата. Во 2023 година се потпишаа меморандуми за соработка со општините Охрид, Вевчани,
Ресен, Карпош и други, за спроведување настава по кинески јазик и културни активности во тие средини, при што локалните власти обезбедуваат простор и ресурси за поддршка. Тоа значи дека курсевите по кинески јазик и култура ќе навлезат во училиштата и културните центри во сè повеќе места, опфаќајќи уште поширок круг на луѓе.
Прашањето што произлегува од сето ова е: Дали вратите во Македонија се целосно отворени за Кина или се само подотворени? Нашата соговорничка од Естима Ана Крстиновска заклучува дека Кина е во трка по сојузници во светот кои ќе ја поддржат нејзината визија.
„Во моментов Кина е насочена кон собирање на сојузници кои што ќе ја поддржат нејзината визија за новиот свет, за тој мултиполарен свет, за нов начин на глобално уредување, реформи во меѓународните организации и сето тоа со цел да и обезбедат на Кина да продолжи да постои, да се развива и да просперира во ваква форма како што е денеска. Значи, да може да си ги остварува своите економски цели и да може слободно да го промовира нејзиниот модел на управување и да ја осигура на некој начин стабилноста на управувањето на Кинеската комунистичка партија“, истакнува таа.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
- Објавено:
- Прегледи: 608
Тагови:





