Лажни видеа, вистински ризици: Како да се заштитат изборите од злоупотреба на ВИ?
- Со вештачката интелигенција да се влијае врз гласачите ќе стане многу полесно, многу поубедливо и уште потешко ќе може да се дојде до изворот
- Странското влијание најчесто не измислува целосно нови теми туку постоечки проблеми и поделби за да создадат апатија, страв, меѓуетнички тензии или недоверба во институциите и изборниот систем
- Особено чувствителна е ситуацијата кога лажна содржина се појавува непосредно пред гласањето, а времето за проверка и демант е кратко.
- На изборите во Германија, САД и други европски земји откриени се операции со кои со ВИ се имитираат светски медиуми за да шират лажни содржини со проруски наративи. Најпозната е операцијата „Допелгенгер“
Вештачката интелигенција сè повеќе се користи за производство на политички содржини — од виртуелни презентери со политички пораки до илустрации и кратки видеа насочени кон политичките противници. Истовремено, таа добива поголема улога и во начинот на кој гласачите се информираат за политиката и изборите. Со тоа расте и загриженоста дека овие алатки можат да бидат искористени за странско злонамерно влијание и манипулирање со информации во изборните процеси.
Од чет-ботови до интернет-пребарувања, граѓаните доаѓаат во контакт со содржини генерирани со ВИ, понекогаш и без да бидат свесни за тоа. Некои ја користат како помошна алатка за добивање информации, додека други ја доживуваат како авторитетен советодавец.
Овие промени ги ставаат пред нови предизвици и изборните штабови и надлежните институции. Партиите треба да ги преиспитаат своите дигитални стратегии, а Државната изборна комисија и другите органи — начините за заштита на податоците, информирањето на гласачите и довербата во изборниот процес.
Странските операции за влијание низ светот
Вештачката интелигенција може да помогне во унапредувањето на демократските процеси, но нејзината злоупотреба за манипулација и дезинформации создава ризици, особено во изборни периоди.
Во пресрет на парламентарните избори во Германија во 2025 година се ширеа фабрикувани содржини против тогашниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц. Во едно видео, лице претставено како психијатар лажно тврдеше дека го лекувал по психичка криза во 2017 година. BBC Monitoring го документираше ширењето на ова тврдење преку веб-страници поврзани со операцијата „Сторм-1516“.
Во друг случај се ширело лажно сведочење против Роберт Хабек од Зелените, со обвинувања за наводен коруптивен скандал поврзан со продажба на слики од Пикасо на украински милијардери. Истражувачите од „Проект Гнида“ ги поврзуваат овие случаи со руската дезинформациска операција „Сторм-1516“, чии содржини се пренесуваат преку мрежа веб-страници и профили на социјалните платформи.
Друга операција е „Допелгенгер“ (Doppelgänger), позната по имитирањето веб-страници на угледни медиуми. Преку такви копии и лажни содржини се шират проруски наративи и се дискредитираат западните политики, особено поддршката за Украина. Во септември 2024 година американските власти презедоа мерки против актери поврзани со оваа операција, во рамките на напорите за спречување странско влијание врз изборите.
За време на американската претседателска кампања во 2024 година, разузнавачките служби предупредија дека Русија и Иран користат генеративна ВИ за засилување на операциите за влијание. Меѓу забележаните содржини имаше и манипулирани говори на Камала Харис.
Во пресрет на изборите за Конгресот на САД, закажани за 3 ноември 2026 година, истражувачите предупредуваат и на нова кампања на мрежата „Матрјошка“, поврзана со Русија.
Според објавата на MS NOW, истражувачите од Antibot4Navalny идентификувале 16 видеа со манипулирани снимки на познати личности и содржини што го имитираат CNN. Во нив се шират неосновани обвинувања против демократите и се повикуваат гледачите да не гласаат за нивните кандидати. Анализа на Brennan Center исто така го опишува ширењето синтетички видеа со познати личности и лажни прилози што се претставуваат како содржина на CNN.
Извештаите на технолошките компании покажуваат дека ВИ станува редовен дел од ваквите операции. Според анализата на Brennan Center, која ги разгледува нивните наоди, Мета идентификувала употреба на генеративна ВИ во сите мрежи на координирано неавтентично однесување опфатени со наведениот извештај — од генерирање профилни фотографии до автоматизирано производство на содржини.
И Anthropic известува за операции во кои ВИ се користи за создавање лажни профили и веб-страници што се претставуваат како медиуми, со прикривање на субјектите што стојат зад нив.
Што е вистина а што лага?
Странското влијание треба да се разбере не само како ширење пропаганда, туку како обид за нарушување на стабилноста на некоја земја или заедница.
Колку лесно ВИ може да се злоупотреби за создавање лажни вести, дипфејк-видеа и манипулација со јавноста? Колку е тешко да се открие дали зад таквата содржина стои домашен автор или странска операција за влијание?
„Начинот на кој се влијае нема да се промени, но со ВИ ќе стане многу полесно, многу поубедливо и можеби нема да може ни да се дојде до изворот“, смета професорот Димитар Трајанов од ФИНКИ.
Според него, опасноста е во можноста за создавање многу повеќе содржини, со значително подобар квалитет од претходно.
Комуникологот Сеад Џигал предупредува дека последиците можат да бидат пошироки.
„Најголемата опасност не е само во тоа што граѓаните можат да поверуваат во лажна содржина, туку и во тоа што самото постоење на лажни содржини може да создаде сомнеж во сè што следиме во медиумите“, вели Џигал.

Прочитајте го целото интервју со комуникологот Сеад Џигал
Вештачката интелигенција овозможува брзо создавање убедливи лажни содржини, но и персонализирана пропаганда. Џигал објаснува како тоа влијае врз изборите и како да се реагира на лажно видео.
Што покажуваат досегашните примери во Македонија?
Анализите за претседателските и парламентарните избори во 2024 година и за локалните избори во 2025 година не даваат целосна слика за распространетоста на ВИ во политичката комуникација. Остануваат отворени прашањата колку таа се користела за лажно претставување, дискредитирање политичари или манипулативно насочување на јавната дебата, како и кој стоел зад поединечните објави.
Во извештајот на International IDEA, подготвен во соработка со „Метаморфозис“ и објавен во 2025 година, се наведува дека до 2024 година влијанието на содржините генерирани со ВИ во земјата било ограничено.
Еден од документираните примери кое се појавува на социјалните мрежи по претседателските избори е видео со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во кое таа наводно го „честита 2 август, Митровден“. Во проверката објавена на 4 август 2025 година, „Вистиномер“ утврдува дека видеото е создадено со вештачка интелигенција и дека претседателката не ја дала таквата изјава. Како показатели за манипулацијата се наведуваат разликите во гласот и во изгледот и изразите на лицето.
На прашањето на ИКС до четирите најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ, СДСМ и ДУИ, како дали користат вештачка интелигенција во политичката комуникација и дали стравуваат од странско влијание на следните избори и како ќе се заштитат, ниту една од партиите не одговори.
Сепак, постоењето на лажна содржина само по себе не покажува дали станува збор за изолиран случај или за дел од организирана кампања.
Препознавањето дополнително се усложнува со напредокот на технологијата. Трајанов објаснува дека содржините создадени со поевтини платформи полесно можат да се забележат, но софистицираните алатки овозможуваат многу поуверливи видеа. Ако авторот има доволно знаење и буџет, на гледачот може да му биде исклучително тешко да разликува генерирана од автентична снимка.
Професорот Трајанов ја посочува и можноста ВИ да се користи за проверка и откривање сомнителни содржини.
„Ако земете некоја вест да пробате да ја ставите на Chat gpt и да му кажете, да проверите дали ова е точно лажно, ќе ви даде некоја информација. Меѓутоа, прашањето е колку од луѓето ќе го направат тоа“, вели Трајанов.
Манипулација со вниманието, емоциите и довербата
Особено чувствителна е ситуацијата кога лажна содржина се појавува непосредно пред гласањето, а времето за проверка и демант е кратко.
„Во брзата дигитална комуникација првата информација има многу поголемо влијание од подоцнежните реакции или корекции. Исто така, ВИ овозможува персонализирана пропаганда, односно различни пораки да се насочуваат кон различни групи гласачи, така што на тој начин тие се поефектни во своето штетно и манипулативно влијание. Затоа проблемот не е само ширењето на лажни информации, туку штетните ефекти на манипулацијата со вниманието, емоциите и довербата на граѓаните“, вели комуникологот Џигал.
Вештачката интелигенција е закана за слободни избори кога се заведуваат гласачите и се нарушува изборниот процес.
Што се подразбира под тоа:
Лажни медиуми и лажни објави
- Deepfake содржини: Вештачката интелигенција може да создаде хиперреалистични лажни видеа и аудиоснимки на политички лидери.
- Лажни изјави: На овие лажни снимки кандидатите изгледаат како да кажуваат нешта што никогаш не ги кажале.
- Мамење на гласачите: Со лажна содржина може да се доведе јавноста во заблуда и да го нарушат угледот на одреден кандидат.
Сајбернапади
- Откривање безбедносни слабости: Вештачката интелигенција им помага на хакерите многу побрзо да ги скенираат компјутерските мрежи на изборните институции и да ги пронајдат безбедносните пропусти.
- Софистициран фишинг: ВИ може да креира многу убедливи лажни електронски пораки со цел да се украдат лозинки и податоци од изборни службеници.
- Нарушување на системите: Ваквите напади можат да го забават или да го нарушат секојдневното функционирање на изборните процеси.
Целта на странското злонамерно влијание не мора да биде убедување на гласачите да изберат определен кандидат. Таа може да биде и предизвикување апатија, страв, меѓуетнички тензии или недоверба во институциите и изборниот систем.
„Странското влијание најчесто не измислува целосно нови теми. Многу поефикасно за нив е кога успеваат да пронајдат веќе постоечки проблеми и поделби во општеството коишто ги засилуваат. Во македонски контекст тоа може да бидат меѓуетничките односи, прашањата поврзани со идентитетот и јазикот, односите со соседите, ЕУ и НАТО, миграцијата, корупцијата, економската несигурност“, објаснува Џигал.
Тој предупредува и на можноста за ескалација. Кога манипулативната содржина допира чувствителна тема и поттикнува страв, бес или чувство на неправда, може да придонесе за вербални конфликти, протести, па дури и инциденти. Затоа, според него, странското влијание треба да се разгледува и како обид за нарушување на стабилноста на една земја или заедница.
Безбедносни протоколи и можни законски измени
Злонамерната употреба на ВИ може да биде насочена и кон информирањето за самиот изборен процес. Наместо да убедуваат за кого да се гласа, манипулативните содржини можат да ги збунуваат граѓаните со неточни информации за гласачките места, потребните документи или постапката за гласање.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, вели дека се преземаат безбедносни мерки во кои се вклучени повеќе институции и тимови од ИТ-експерти ангажирани за изборите.
Според него, усвоена е комуникациска стратегија што ги опфаќа безбедноста на комуникацијата, обработката и објавувањето на изборните резултати, како и секојдневното функционирање на Комисијата.
„Имаме и постапка, која предвидува специјален протокол на комуникација во време на избори, но и специјален протокол на функционирање и комуникација при инциденти или при вонредни ситуации и катастрофи“, вели Маричиќ.
Сепак, во оценката за локалните избори во 2025 година, ОДИХР посочува ограничени ресурси и застарена инфраструктура што влијаеле врз дел од работата на изборната администрација. Претседателот на ДИК признава дека ниту институциите не се свесни за сите закани и ниту дека регулативата не е сè уште целосна.
Маричиќ смета дека при разгледувањето на новиот Изборен законик, законодавецот би можел да размисли и за регулирање на употребата на ВИ во изборниот процес. Притоа, нагласува дека таквите решенија треба да бидат „во баланс со слободата на изразување и со слободата на изборниот натпревар“.
Единствената заштита за граѓаните е медиумската писменост и довербата во професионалните медиуми и институции.
ВИ може да помогне во изборната организација, обработката на информации и комуникацијата со граѓаните, но, нејзината употреба бара човечки надзор и јасна одговорност. Таа треба да биде помошна алатка, додека одлуките остануваат во рацете на луѓето.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Сања Васиќ
Монтажа: Ристо Душковски
Фотографии: envato.com, sec.mk и chatgpt
- Објавено:
- Прегледи: 251
Тагови:

