Стотици странски канали, малку контрола: Кој го обликува македонскиот ТВ-простор?

  • Телевизискиот простор во Македонија одамна ги надминува домашните граници — со еден претплатнички пакет граѓаните добиваат пристап до стотици канали од регионот и пошироко.
  • Странските телевизиски програми можат да влијаат врз културните претстави, јазичните навики и изборот на информативни извори, но и врз начинот на кој публиката ги толкува општествените и политичките настани.
  • Широката понуда отвора и прашања за можноста за странско мешање и манипулирање со информации, како и за механизмите за заштита од ваквите влијанија.
  • Ја анализиравме понудата на ТВ-операторите со најголем пазарен удел за да утврдиме кои странски канали стигнуваат до домашната публика и дали постојат соодветни процедури за заштита од потенцијални негативни влијанија.

Што нудат операторите?

„Македонски Телеком“, „А1 Македонија“ и „Телекабел“ се трите оператори кои имаат најголеми удели во преносот на ТВ содржини до крајните корисници на македонскиот пазар. Според податоците на Агенцијата за електронски комуникации, на крајот на минатата година во нашата земја имало вкупно 443.780 претплатници на ТВ-услуги, а наведените оператори зафаќале вкупно 83,3 проценти од пазарот.

Меѓу трите оператори најголема збирна понуда односно број на телевизиски сервиси има „Македонски Телеком“, потоа следува „А1 Македонија“, а на третото место е „Телекабел“. Разбирливо е што телевизиската понуда на операторите се состои претежно од странски телевизиски сервиси, а со оглед на тоа што домашната понуда е ограничена. Меѓутоа, забележлива е големата понуда на српски и албански канали, која на пример кај „Македонски Телеком“ го надминува бројот на канали на англиски јазик. Од друга страна, кај „Телекабел“ е карактеристично дека бројот на српски канали доминира, а нема ниту еден странски албански канал.

Во збирните пакети на овие оператори можат да се најдат ТВ-канали и од другите земји од регионот како од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија, како и по некој француски и германски ТВ-канали, но нивната бројка е занемарлива во однос на телевизиите на албански, српски и англиски јазик.

Овие бројки, сепак, треба внимателно да се читаат. Тие не значат дека просечниот граѓанин подеднакво гледа стотици странски канали, а мора да се земе предвид и дека понудата се менува во зависност од претплатничкиот пакет. Исто така, секој канал нема има исто влијание врз публиката. Еден оператор може да има десетици специјализирани спортски, филмски или музички сервиси што имаат многу мала гледаност, додека еден информативен или забавен канал може да има значително поголема публика. Затоа бројот на достапни канали е пред сè показател за структурата на медиумскиот пазар и потенцијалот за изложеност, а не директна мерка на влијанието. Сепак, нивната структурата е важна.

Во листата на „Македонски Телеком“, на пример, се појавуваат голем број српски канали – Pink, RTS, Prva, Happy, KCN, B92, N1, Grand, IDJ, но и голем број албански сервиси од Албанија и Косово, меѓу кои RTSH, Klan, Tring, Top Channel, News 24, RTV21, RTK и низа специјализирани канали.

Збирни понуди на програмски сервиси на „Македонски Телеком“, „А1 Македонија“ и „Телекабел“

Слична структура се гледа и кај „А1 Македонија“. Српскиот простор го сочинуваат, меѓу другото, Prva, KCN, B92, Happy, Pink и други канали, додека албанскиот е претставен со TeVe, DigitAlb, News 24, RTSH, Klan Kosova, Dukagjini и други.

Кај „Телекабел“ српските канали имаат особено видливо присуство: покрај RTS и B92, присутни се Prva, Happy, N1, NOVA S, Grand и други.

Дали јазична блискост е доволно образложение за ваквата понуда?

Јазичната блискост го прави регионалниот телевизиски пазар различен од глобалниот. Англискиот јазик веројатно создава бариера за дел од публиката, а содржината во некои случаи е преведена односно титлувана на македонски. Српскиот, напротив, за голем дел од македонската публика е директно разбирлив. Истото важи за албанскиот кај албанската публика во земјата.

Јасно е дека јазичните преференции можат силно да влијаат врз изборот на публиката, а во македонскиот случај ова има уште поголема тежина поради регионалната јазична и културна поврзаност. Медиумите од една земја во регионот можат да таргетираат публика во друга земја, додека регулаторите имаат многу помала контрола врз телевизиските сервиси што доаѓаат преку кабел и сателит.

Тоа нужно не мора да биде проблем. Напротив, регионалната телевизија може да има позитивна функција: граѓаните добиваат повеќе информации, културни содржини, спорт, филмови и забавни програми, а јазичната блискост им овозможува да следат содржини без превод. Проблемот започнува кога од достапност се преминува кон доминирање на одредени извори, особено во информативната сфера.

Телевизијата не пренесува само содржина, туку и ја врамува

Телевизискиот канал не е само технички сигнал. Со секоја емисија се избираат теми, соговорници, фотографии, зборови, контекст и начин на кој одреден настан ќе биде објаснет. Начинот на кој медиумите ги претставуваат политичките и општествените теми може да влијае врз перцепцијата на публиката. Ефектите од новинарското „врамување“ се поврзани со промени во содржината и важноста што луѓето им ја припишуваат на своите верувања.

Со други зборови, два телевизиски канали можат да известуваат за истиот настан, а сепак публиката да добие различна слика за тоа што се случило, кој е виновен, кој е жртва и кое решение е прифатливо.

Тука се појавува првиот важен ризик за Македонија: ако голем број граѓани редовно следат информативни содржини од соседна земја, станува важно што тие канали емитуваат, кои теми ги избираат и во каква рамка ги поставуваат.

Српскиот медиумски простор е особено важен за СММИ

Ова прашање станува посериозно кога ќе се стави во контекст на странското мешање и манипулирање со информации. Станува збор за комплексен механизам што ги комбинира тактиките на пропаганда, манипулација на медиуми, дестабилизација преку социјални мрежи, економски и политички притисоци, па дури и сајбер-активности. Нивната суштина е во контролираното искривување на информацискиот пејзаж со цел да се постигне долгорочно геополитичко влијание. Повеќе истражувања покажуваат дека некои српски медиуми се користат како извори за ширење проруски пораки во Македонија, токму затоа што значителен дел од населението го разбира српскиот јазик.

Тоа значи дека содржината не мора директно да стигне од Москва до македонскиот гледач. Таа може да биде објавена од руски државен медиум, потоа пренесена преку медиум на српски јазик, преземена од македонски портал или телевизија и на крај да се појави на социјалните мрежи. Во таков процес првичниот извор може да стане помалку видлив, додека пораката продолжува да циркулира. Токму тоа е една од причините зошто јазичната блискост е релевантна за СММИ. Таа го намалува трошокот за дистрибуција и ја зголемува можноста содржината да биде разбрана, преземена и реобјавена.

Тоа не значи дека сите српски телевизиски канали се СММИ. Тоа би било погрешен заклучок. Ризикот се појавува кога медиумскиот канал станува дел од инфраструктурата преку која определен манипулативен наратив може лесно да стигне до публиката, да биде прифатен како познат и близок извор и потоа да продолжи да циркулира низ домашниот информативен простор.

Што е со албанските канали?

Веќе напоменавме дека во понудата на „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“ се забележува голем број албански канали од Албанија и Косово. Покрај забавните и музичките сервиси, присутни се и повеќе информативни канали.

Овде, сепак, треба да се избегне симетрично и поедноставено читање според кое „српски“ и „албански“ автоматски значат два странски пропагандни блока. Албанските медиуми во Македонија се дел од поширокиот медиумски и јазичен простор на албанската заедница и нивното присуство има и легитимна културна и јазична функција.

Но, од перспектива на медиумскиот плурализам и СММИ, важно е да се постави истото прашање како и за српските медиуми: колку од информативните извори што ги следи албанската публика се домашни, а колку се надворешни, кои земји ги произведуваат тие информации, какви политички и геополитички рамки користат и дали нивната содржина подоцна се пренесува во македонскиот информациски простор?

Забелешки за Србија и Албанија од Европа

Кога веќе е јасно дека во Македонија преку понудата на ТВ-операторите има значително присуство на српски и албански медиуми, мора да се земе предвид и каква е медиумската состојба во овие земји.

Европската комисија во еден од последните извештаи за Србија годинава изрази загрижености во врска со уредувачката независност и плурализмот на јавните радиодифузни сервиси.

„Во услови на натамошна концентрација на медиумскиот пазар, политичкото и економското влијание врз медиумите претставува сериозен проблем. Медиумската легислатива и стратегија не се спроведуваат соодветно, особено во однос на правичноста на јавното финансирање и транспарентноста на сопственичките структури. Новинарите често се соочуваат или со одбивање од страна на јавните институции да достават информации, или пак воопшто не добиваат одговор. Безбедноста на новинарите дополнително се влоши, при што се забележува пораст на физичките напади и заканите“, се наведува во извештајот.

Европската комисија предупреди на слични проблеми и во Албанија односно укажа дека постои загриженост во врска со независноста на регулаторното тело за медиуми, што произлегува од постапката за номинирање на членовите на одборот и нивната политичка припадност.

„Ограничената независност на јавниот радиодифузен сервис, исто така, е загрижувачка. Иако беа преземени чекори за решавање на транспарентноста на сопственоста на медиумите, концентрацијата на медиумите и пенетрацијата на пазарот од страна на бизнис групите со политички врски остануваат сериозна загриженост. Иако се преземени некои чекори кон воспоставување систем за мерење на публиката, сè уште не е обезбедена фер распределба на државното рекламирање и другите државни ресурси. Остануваат недостатоците во однос на правото на пристап до информации. Случаите на вербални и физички закани, кампања за клевета и стратешки тужби против учеството на јавноста (SLAPP) насочени кон новинарите продолжија“, пишува во документот на ЕК.

Културното влијание е загрижувачко

Потенцијалното влијание на странската телевизија не се ограничува на вести и политика. Телевизијата може да влијае врз јазикот, навиките, претставите за успех, семејството, родовите улоги и претставата за други земји. Пораките што ги испраќа турбофолк музиката, телевизиските серии со низок квалитет и евтина продукција и реалните шоу-програми можат да ја искриват диоптријата на домашната публика за тоа што е нормално и квалитетно живеење. Имено, телевизиската содржина може да стане дел од начинот на кој публиката го разбира светот и другите општества, дури и кога не станува збор за политичка пропаганда.

Има ли соодветна контрола?

За оваа проблематика поставивме прашања до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), а со цел да видиме дали и каква контрола постои врз програмите што ги нудат ТВ-операторите.

Од АЕК одговорија дека не можат да дадат соодветен одговор од причина што согласно Законот за електронските комуникации се пропишани надлеженостите на АЕК, а согласно овој Закон, АЕК нема надлежност да ја регулира содржината на програмските канали кои оператор на јавни електронски комуникациски мрежи ги емитува или реемитува.

„Оваа надлежност согласно Закон и е доверена на друга институција, во случајов Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги АВМУ е надлежен за регистрирање на програмски пакети“, наведуваат од АЕК.

Од АВМУ информираат дека процедурата за регистрација на програмски сервиси и условите за реемитување преку операторите на јавни електронски комуникациски мрежи се уредени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно со членовите 44, 141 и 143.

„Со член 44 од Законот се гарантира слободата на прием и реемитување на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги од државите членки на ЕУ и другите европски држави потписнички на Европската конвенција за прекугранична телевизија. Член 143 став 2 предвидува реемитување странски програмски сервиси во Северна Македонија согласно член 44 и врз основа на договор за уредување на авторското право и сродните права. Согласно член 141, пред реемитувањето операторот доставува пријава до АВМУ за евидентирање во регистарот и регистрација на програмските сервиси како пакет“, наведуваат од АВМУ.

Од Агенцијата објаснуваат дека пријавата содржи податоци за операторот и одговорното лице, листата на сервиси, начинот и подрачјето на реемитување, датумот на започнување и др. Дополнително, операторите се должни со пријавата да доставуваат изјава на одговорното лице, под целосна кривична и материјална одговорност, за уредени авторски и сродни права и копии заверени на нотар од договорите за реемитување.

На прашањето дали АВМУ при издавањето на потврдата ја разгледува содржината на програмскиот сервис или проверката е првенствено формална – регистрација, авторски права и исполнување на законските услови, од Агенцијата велат дека издавањето на потврдата има исклучиво правно формален карактер, односно се утврдува исполнувањето на законските услови и постоењето документација што го поткрепува правото на реемитување и воопшто не се разгледува содржината која се емитува преку програмскиот сервис кој операторот бара да го реемитува.

Од Агенцијата посочуваат дека Законот не и дава на АВМУ општо дискреционо овластување да одбие регистрација врз основа на неодредена оценка дека странски канал е непожелен или претставува ризик за информацискиот простор.

„Како што претходно посочивме, член 44 ја гарантира слободата на прием и реемитување на програмски сервиси од државите членки на ЕУ и другите европски држави потписнички на Европската конвенција за прекугранична телевизија“, велат од АВМУ.

Сепак, додаваат оттаму, законодавецот предвидел ограничувања на прием и реемитување. Имено, член 45 предвидува времено ограничување на приемот и реемитувањето под конкретни услови: отворени, сериозни и тешки повреди на забраните за јавно поттикнување тероризам, насилство или омраза, на правилата за заштита на малолетните лица, како и загрозување или сериозен и тежок ризик за јавното здравје или јавната безбедност, вклучувајќи ги националната безбедност и одбраната. Примената зависи од јурисдикцијата над сервисот и исполнувањето на законската постапка, вклучително известување, соработка со надлежниот странски регулатор и улогата на Европската комисија во случаите предвидени со законот. Мерките мора да бидат засновани на конкретни факти, пропорционални и со почитување на правото на одбрана. Општите поими „јавен интерес“ и „медиумски плурализам“ сами по себе не ја заменуваат потребната законска основа.

„Дополнително, забрана за реемитување може да произлезе и од одлуки на Владата донесени врз основа на Законот за рестриктивни мерки. Овој механизам беше применет во 2022 година за одредени руски програмски сервиси, меѓу кои RT – Russia Today и Sputnik. Тогаш, АВМУ ги извести операторите за обврската да ги спроведат владините одлуки и да престанат со реемитување на опфатените сервиси“, објаснуваат од АВМУ.

На прашањето дали при регулаторниот надзор се зема предвид структурата на понудата, односно дали постои прекумерна концентрација на програмски сервиси од една земја или еден медиумски простор, од АВМУ велат дека ја евидентираат листата на програмските сервиси во пакетот на секој оператор и ја проверуваат усогласеноста на реемитуваната понуда со регистрацијата и законските обврски.

„Законот не утврдува квоти или максимален дозволен удел на канали од одделна странска држава или медиумски простор. Поради тоа, нивната бројност сама по себе не е критериум за одбивање регистрација или исклучување од пакетот. Законските правила за недозволена медиумска концентрација се однесуваат на сопственоста, поврзаноста и контролата врз медиумските субјекти и тие важат само за домашните радиодифузери кои се емитуваат во Македонија“, велат од Агенцијата.

Во однос на прашањето дали АВМУ врши редовен мониторинг на странските канали што ги реемитуваат македонските оператори или контрола врши само врз основа на пријави и утврдени прекршувања, оттаму информираат дека АВМУ врши редовни, вонредни и контролни програмски надзори над операторите.

„За таа цел Агенцијата носи Годишен план за програмски надзор со кој се предвидува редовен надзор на нивните програмски пакети двапати во годината, по еднаш во секое полугодие. Тој ги опфаќа регистрацијата на реемитуваните сервиси, почитувањето на правилата за титлување и задолжителното бесплатно обезбедување на сервисите на јавниот радиодифузен сервис. Вонреден надзор може да се спроведе по службена должност или по иницијатива на државни органи, правни и физички лица, додека контролниот надзор служи за проверка на постапувањето на операторите по изречените мерки јавна опомена. Оттука, контролата не зависи само од поднесени претставки“, посочуваат од Агенцијата.

На прашањето дали АВМУ во својата регулаторна методологија го препознава странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) како потенцијален ризик во телевизискиот простор, од Агенцијата велат дека немаат директни надлежности во поглед на ова прашање, но претставници на Агенцијата учествуваат во различни активности и иницијативи кои доаѓаат од државни или невладини организации.

Како се формира ТВ-понудата?

Ги прашавме и трите најголеми ТВ-оператори како избираат кои странски телевизиски канали се нудат на македонскиот пазар, а со цел да испитаме дали постојат процедури или анализи за потенцијалното влијание врз јазикот, културата или вредностите на домашната публика, како и за ризиците од странско мешање и манипулирање со информации (СММИ).

До објавата на текстот одговорија само од „Македонски Телеком“, додека „А1 Македонија“ и „Телекабел“ не одговорија.

На прашањето кои се критериумите според кои се одлучува кои странски телевизиски канали ќе бидат дел од понудата – гледаност, цена на лиценцата, интерес на корисниците, регионална популарност или други фактори, од „Македонски Телеком“ велат дека компанијата од почетокот на својата услуга континуирано прави анализа на пазарот и ги следи трендовите, навиките и потребите на корисниците.

„Првенствено се водиме од интересот и барањата на нашите корисници, како и од достапноста на каналите/содржините на пазарот. Воедно, ги земаме предвид популарноста и релевантноста за локалната публика, програмската содржина, квалитетот и условите под кои каналите се достапни. На овој начин настојуваме понудата континуирано да ја прилагодуваме на интересите на корисниците и на актуелните состојби на пазарот“, велат од „Македонски Телеком“.

Дали при изборот на регионални канали се зема предвид нивната продукциска содржина и потенцијалното влијание врз јазикот, културата или вредностите на домашната публика или изборот првенствено се води од комерцијални критериуми?

„Секако се зема предвид и нивната програмска и продукциска содржина, како и нејзината релевантност за домашната публика. Изборот не се темели исклучиво на комерцијални критериуми, туку се води сметка содржините што се дел од понудата покрај со интересот на публиката да бидат соодветни и усогласени со важечката регулатива. Во таа насока, регулаторната рамка јасно ги уредува условите под кои може да се емитуваат аудиовизуелни содржини, вклучително и обврската тие да не бидат спротивни на Уставот, законите и уставниот поредок на Македонија. Оттука, при креирањето на понудата се води сметка и за поширокиот општествен контекст, покрај интересот на корисниците и останатите пазарни критериуми“, велат од „Македонски Телеком“.

Колку е важна цената на содржината при одлуката дали одреден странски канал ќе биде вклучен во пакетот? Дали поевтината регионална продукција создава економски поттик да се понуди повеќе таква содржина?

„Цената на содржината е еден од факторите што се земаат предвид при креирањето на понудата, но не е единствен, ниту пресуден критериум. За жал во услови на скромна домашна продукција и секојдневно згаснување на домашни национални, регионални и локални ТВ канали принудени сме поголем простор во понудата да отстапуваме на регионални и странски канали и продукции. При одлуката за вклучување на одреден канал се земаат предвид и интересот на корисниците, понудата на конкуренцијата, атрактивноста и релевантноста на содржината, како и целокупната вредност што ја носи понудата. Токму затоа, понудата на регионални канали во значителен дел е конципирана преку дополнителни програмски пакети, кои корисниците имаат можност самостојно да ги изберат и дополнително да ги активираат и платат, согласно нивните интереси. На овој начин се овозможува корисниците кои имаат интерес за ваква содржина да можат да ја изберат, без таа да биде дел од основните тарифни пакети. Од друга страна, кај повисоките тарифни пакети, дел од регионалните пакети се вклучени како дел од самата тарифа. На тој начин се настојува да се постигне баланс помеѓу разновидноста и атрактивноста на понудата, интересот на корисниците и економската оправданост на ТВ понудата на ‚Македонски Телеком‘“, наведуваат од компанијата.

Дали при изборот и вклучувањето на странски информативни и документарни канали правите анализа на сопственичката структура, уредувачката политика или можните ризици поврзани со странско мешање и манипулирање со информации (СММИ), особено кога станува збор за државно финансирани или меѓународни медиумски сервиси?

„При изборот и вклучувањето на странски информативни и документарни канали, применуваме интерни процедури за секој потенцијален партнер. Тие процедури опфаќаат повеќе релевантни аспекти, вклучително и дел од елементите наведени во прашањето како и други релевантни фактори и потенцијални ризици. Овие процедури се применуваат конзистентно при изборот на секој партнер, со цел одлуките за вклучување на каналите да бидат донесени врз основа на јасни и однапред утврдени критериуми. На тој начин, покрај комерцијалните и корисничките аспекти, се земаат предвид и пошироките регулаторни и содржински аспекти релевантни за понудата“, посочуваат од „Македонски Телеком“.

Потребно е освестување

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги неодамна спроведе истражување на репрезентативен примерок од испитаници кое покажа дека дури 86 проценти од испитаниците го поврзуваат својот главен ТВ приемник преку кабелски оператор, додека процентот на оние кои користат сопствена дигитална или сателитска антена е значително многу понизок (вкупно околу 10 проценти).

При информирањето за актуелни настани, најголем дел од испитаниците секојдневно ги користат социјалните мрежи (62,3 проценти) и телевизијата (61,2 проценти). Телевизијата се перципира како најобјективен медиум, при што вкупно 56,2 проценти од испитаниците сметаат дека таа е целосно или претежно објективна. Телевизијата е медиум во кој испитаниците имаат најголема доверба (37 проценти), што е повеќе од двојно во споредба со интернет порталите (14,8 проценти) и социјалните мрежи (7,8 проценти). Најголем дел од испитаниците (34,3 проценти) гледаат телевизија помеѓу половина и два часа во текот на денот. Речиси секој четврти граѓанин (24 проценти) поминува повеќе од четири часа пред екранот, додека само занемарлив дел од 0,3 проценти изјавиле дека воопшто не гледаат телевизија, што го потврдува широкиот опфат на овој медиум. Вестите претставуваат најчест избор кај публиката, при што 31 проценти од испитаниците ги посочуваат како содржина што најчесто ја следат.

Ако се земе предвид дека значаен дел публиката во Македонија е изложена на странската понуда од јазично блиски медиумски простори, пред сè српскиот и албанскиот, кои се доволно разбирливи за значаен дел од домашната публика за да не им биде потребен превод јасно е дека кај нас е развиен специфичен медиумски простор во кој информацијата може да се движи низ границите со многу мал отпор: од телевизија во Србија или Албанија, до македонски портал, оттаму до Фејсбук или до некоја друга социјална мрежа. За СММИ оваа циркулација е поважна од самото потекло на каналот. Странските операции сè почесто користат мрежи на различни канали, повторно објавување, адаптација на содржини и меѓусебно засилување.

Тоа значи дека телевизискиот оператор можеби воопшто нема намера да шири странско влијание. Неговата задача е да понуди атрактивен пакет на корисникот. Но самиот канал, доколку е дел од поширока мрежа за производство и дистрибуција на манипулативни наративи, може да стане една од точките низ кои таа содржина стигнува до домашната публика.

Затоа прашањето за Македонија не е дали треба да има странски канали, туку како да се воспостави соодветна контрола и процедури за тоа кои странски канали се нудат, што емитуваат, од каде ги добиваат информациите, кои наративи ги користат и што се случува со нивната содржина откако ќе стигне до македонската публика.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фотографии: magnific.com и envato.com