fbpx

За Старата скопска чаршија надлежни се само оние кои уриваат и градат на диво

  • На две локации зјаат огромни градилишта, а инвеститорите се невидливи за оние кои треба само да го спроведат законот за заштита.
  • Законот за прогласување на Старaта скопска чаршија за културно наследство не дозволува никакви интервенции без дозвола од неколку институции.
  • Сите тврдат дека го спровеле законот, но ниту сторителот е познат ни активностите се запрени.
  • Во близина на црквата „Свети Спас“ урнат и приватен и државен објект, но никој не го знае сторителот бидејќи има над 20 сопственички дела на парцелата.
  • И покрај решението од Општина Чаир за запирање на градбата кај хотел „Арка“, таму за неполни два месеци се стаса од дупка до арматура.
 

Седум институции со месеци се обидуваат да решат два големи случаи на незаконско уривање и незаконско градење во Старата скопска чаршија, која е заштитена со закон како културно наследство. Две министерства, за култура и за транспорт и врски, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Општина Чаир и Општина Центар, Управата за заштита на културното наследство и Конзерваторскиот центар Скопје – сите преку своите надлежности регистирале незаконски дејства, но како што може да се види на терен конкретни активности нема. Се работи за две локации – едната во близина на црквата Свети Спас, а другата кај хотелот „Арка“.

Првата е во заштитената зона и во директна надлежност на сите овие институции. Таму, сопственик на стар објект без известување го урнал својот објект, а притоа урнал и објект во државна сопственост.

„Државниот градежен инспектор во вонреден инспекциски надзор на парцела до хотел ‘Шар’ во Старата скопска чаршија извршен по барање на Управата за заштита на културно наследство, утврдил дека непознат сторител извршил рушење на објект во сопственост на Република Северна Македонија, без конзерваторско одобрение“, велат од Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво, во одговор на нашето прашање кој и што ќе гради во Старата скопска чаршија веднаш зад црквата „Св. Спас“ и во непосредна близина на НУ „Конзерваторски центар“ - Скопје.

Од Инспекторатот велат дека увидот е направен на петти минатиот месец, по што ја известиле Управата за заштита на културно наследство за наодот од надзорот. Но, еден месец подоцна Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам нема одговор кој е тој што урива објекти во Старата скопска чаршија која е под заштита.

Село без кучиња

Старата скопска чаршија во 2008 година е прогласена за споменична целина и културно наследство од особено значење. Одговорни за спроведување на прописите за заштита на чаршијата со Законот за прогласување на Старaта скопска чаршија за културно наследство се општините Центар и Чаир, а Националната установа Конзерваторски Центар - Скопје е одговорна за преземање на заштитно-конзерваторски мерки, во согласност со Законот за културно наследство. Тоа значи дека двете општини може да носат детални урбанистички планови за деловите од чаршијата кои се во нивна надлежност, а врз основа на заштитно-конзерваторски основи, изготвени од Конзерваторскиот центар.

Нема закон што може да ја заштити

Со Законот за градба за објекти од прва категорија кои претставуваат заштитено недвижно културно наследство, превидено е одобренијата за градба да ги издава Министерството за транспорт и врски, а во случај на појава на дивоградби надлежен е Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Во документацијата за издавање дозвола за градба од Министерството за транспорт и врски треба да има и одобрение со конзерваторски насоки од НУ Конзерваторски центар - Скопје и од Управата за заштита на културно наследство.

Од Управата за заштита на културно наследство велат дека за случајот со уривањето на објектите во чаршијата веднаш реагирале и испратиле барање за инспекциски надзор до Државниот градежен инспекторат, а случајот го пријавиле и во полиција.

„Ниту од Управата, ниту од Конзерваторски центар-Скопје не е побарано одобрение за градежни активности на таа локација во чаршијата. Урнат е приватен објект, но со него е урнат уште еден објект во сопственост на државата. Затоа, веднаш го известивме Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и побаравме да изврши надзор. Управата донесе решение со кое се изрекува парична казна до непознат сторител, а случајот е пријавен и во Министерството за внатрешни работи“, вели Ариан Асланај, директор на Управата за заштита на културно наследство.

Ниту уривањето на сопствен објект во Чаршијата не смее да се случи без дозвола

Тој објаснува дека еден од урнатите објекти конкретно не е под строга заштита, но со самото тоа што се наоѓа во чаршијата која е заштитена со закон, за какви било интервенции на постоечките објекти и за изградба на нови, потребно е одобрение од Управата за заштита на културно наследство и соодветни конзерваторски насоки како и што може да се гради.

„Управата и Козерваторскиот центар даваат конзерваторски услови како да се гради, до која висина може да одат објектите, какви материјали да се користат и без тоа одобрение никој од сопствениците во чаршијата не смее да прави реконструкција, а не па да урива цели објекти“, вели Асланај.

Конзерваторскиот центар - Скопје нема никакви сознанија кој и што гради на оваа парцела во чаршијата, иако за случајот и самите направиле увид.

„Во конкретниот случај извршени се два увиди со изготвени стручни извештаи и пропратна фотодокументација, по што постапката продолжува во Управата за заштита на културното наследство и Државниот градежен инспекторат“, велат од НУ Конзерваторски центар - Скопје.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција на крајот на декември лани, одговарајќи на новинарско прашање рече дека е поднесена пријава до МВР за овој случај.

„Објектот ’Шар‘ е под надлежност на Управата за културно наследство, но тоа не значи дека Министерството за култура не е во тек со тоа што таму се прави. Испративме соодветна пријава до МВР и сега МВР треба да постапи за сега ние понатаму да можеме да видиме, да се преземат соодветни мерки во однос на тоа кој се осмелил да руши и да гради наново без никаква дозвола“, рече тогаш Костадиновска-Стојчевска.

Од Министерството за транспорт и врски, кое е надлежно да издава градежни дозволи за објекти од прва категорија на заштита, како што е Старата скопска чаршија, велат дека за конкретната локација немаат издадено дозвола за градба и како надлежни за понатаму го посочуваат Инспекторатот.

„Последно одобрение за градба на објект во Старата скопска чаршија е издадено пред четири години и на сосема друга страна на чаршијата. За конкретната локација не е издадено одобрение за градба и во случајот одговорите треба да ги даде Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам“, велат од Министерството за транспорт и врски.

И така повторно доаѓаме до Државниот градежен инспекторат од каде што и тргна нашата потрага по институцијата која треба да го открие сторителот и да го спречи градежното лудило во чаршијата. Но, кругот се затвори. Сите тврдат дека го спровеле законот, но ниту сторителот е познат ни активностите се запрени. Или, кажано со речникот на претставник од една од институциите „таму има еден куп сопственици, којзнае кој од нив е“.

Се работи за парцелата 9200, со имотен лист 101691, и со увид преку Агенцијата за катастар на недвижности може да се види дека се дели на над 20 дела во различна сопственост. Ги прашавме дуќанџиите во чија непосредна близина е градилиштето. Сите креваат раменици, велат не знаат кој урива, а впечатокот е дека сакаат да ја избегнат оваа тема на разговор.

Сите ги гледаат дивоградбите, никој ништо не им може

Само една обична прошетка низ чаршијата е доволна за да се забележат скелиња, тараби и заштитни мрежи на повеќе локации. Но, она што веќе подолго време буквално боде очи е секојдневното растење на објект со голем габарит во непосредна близина на хотелот „Арка“. Формално, ова не спаѓа во заштитениот дел на чаршијата туку е во таканаречената „контактна зона“, за која исто така има правила кога станува збор за градење.

Од дупка до арматура за два месеци

Уште лани пред Нова година е забележано дека багери секојдневно копаат веднаш до улицата 113. Овој дел е под надлежност на Општина Чаир и за овој објект во деталниот урбанистички план донесен од општината има вцртано маркичка.

Но, од она што се забележува на терен е дека инвеститорот се „проширил“ на многу поголем простор од предвидениот со маркичката, па по проверка на катастарските парцели, се гледа дека дел од земјиштето на кое се гради овој објект е државно.

Жолтиот „триаголник е маркичката на која може да се гради

Црвениот правоаголник е место каде фактички се простира градбата

Од Општина Чаир тврдат дека за конкретниот објект не е издадено решение за градба туку напротив дека издале решение за прекин.

„Во катастарските парцели каде е утврдено дека во моментот се изведуваат градежни работи без соодветна градежна документација, од страна на Општина Чаир е донесено решение за прекин на работите сè до обезбедување на потребните градежни дозволи. Во останатите катастарски парцели, доколку има изградени објекти, тие ќе се третираат во согласност со Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и доколку некои од нив не ги исполнуваат законските норми, ќе се постапува во согласност со регулативата која ја третира оваа материја“, ни изјавија од Општина Чаир.

Но, повторната посета на истата локација по празниците покажува дека градежните работи не само што не се запрени, туку тие и напредуваат уште побрзо. И тука следува прашањето, кој е јунакот кој одлучил да не ги ферма одлуките на институциите?

Сите ја гледаат градбата, никој не ја запира

При проверката во Катастар, парцелата 8986 се води на име на Исљам Зибери од скопското село Копаница.

Во Катастарот како сопственик на парцелата се води Исљам Зибери од Копаница (Извор: Катастар)

Но, кај четири парцели стои градежно изградено земјиште кое е сопственост на Република Северна Македонија.

Невидливиот инвеститор се проширил и на државно земјиште (Извор: Катастар)

Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу за „Само прашај“ изјави дека човекот што таму гради дошол кај нив откако бил повикан од Секторот за урбанизам. Ни рече дека се вика Ислам, но дека не му го памти презимето. Во телефонскиот разговор беше дециден дека таму нема да се гради и дека е веќе дадено решение за запирање на градежните работи.

Во ниту една од институциите каде што се обративме за информација, не одговорија на прашањето како овој инвеститор успеал да си се прошири на државно земјиште.

Се обративме и до Министерството за внатрешни работи за тоа дали некој до нив реагирал или побарал некаква интервенција за обете локации. Ни одговорија дека ниту за уривањето на објектот во Старата чаршија, ниту пак за дивоградбата кај хотелот „Арка“ не е евидентирана пријава ниту во полициските станици Центар и Бит Пазар, ни во полициската станица Чаир.

Веднаш по новогодишните и божиќните празници, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам преку медиумите објави дека почнале голем инспекциски надзор на објектите во Старата скопска чаршија. Директорот на Инспекторатот Фатмир Арифи тогаш изјави дека според првичните сознанија дел од сопствениците на објектите во чаршијата ги почитуваат правилата, но дека има и случаи каде се узурпирани парцели и улици кои се општествен имот.

Го контактираме Арифи за да ни каже каква слика затекнале. Но, тогаш ни рече да почекаме целосно да заврши надзорот.

Еден месец подоцна повторно го побаравме Арифи. Иако се согласи да ни каже и за двата конкретни случаи, на крајот го добивме следниот писмен одговор:

„Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на почетокот на јануари 2023 година спроведе вонреден инспекциски надзор над бесправно изградени или доградени објекти во старото јадро на Скопската чаршија, каде неселективно на лице место се вршеше проверка колку сопствениците документирано ја користат јавната површина во чаршијата. Во согласност со надлежностите, надзор се вршеше во старото јадро кое е составено од градби кои претставуваат заштитено недвижно културно наследство во согласност со Законот за градење, каде имаме директни надлежности. Но, чаршијата е составена и од контактни зони кои се во директна надлежност на општините Чаир и Центар, каде постојано се појавуваат обиди на дивоградби и узурпирање на земјиште. Затоа ги повикуваме општините смело, во согласност со законите и надлежностите да го следат нашиот пример во борбата против дивоградбите. Општинските градежни инспектори на Чаир и Центар секојдневно да го контролираат теренот на чаршијата и да се воведе ред во овој урбан простор, кој ја претставува нашата традиционална архитектура и градежништво“.

Всушност се работи за истото соопштение со кое на почетокот на јануари оваа институција информираше за почетокот на инспекцискиот надзор. Нема ниту збор што откриле за овие инспекции и по повеќе од еден месец, дали некој е казнет, дали нешто е спречено. Ништо.

Се „крстиме“ во совесните

Конзерваторите од НУ „Конзерваторски центар“ - Скопје велат дека меѓу сопствениците на објекти или дуќани во Старата скопска чаршија има и совесни кои главно ги почитуваат прописите за заштита и грижа за објектите, се грижат за објектите и ги почитуваат прописите. Тоа значи дека се држат до законската регулатива и процедурата за издавање конзерваторско одобрение од страна на Управата за заштита на културното наследство.

Оние пак, кои преземаат несоодветни постапки и интервенции се свесни за ризикот од санкции и казни поради деградации на одредени делови од целината.

Од Конзерваторскиот центар тврдат во вакви случаи на бесправни интервенции во заштитеното подрачје, како што е случајот со урнатите објекти во близина на црквата „Св. Спас“, навреме реагираат до Управата за заштита на културно наследство.

И од Управата за културно наследство го тврдат истото, како и од Општина Чаир и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Но, нашиот случај покажа дека овој систем на поврзана надлежност не функционира, бидејќи не само што не завршува со санкционирање на оние кои секојдневно ја уништуваат културната скопска оаза, туку не може дури ни да ги открие кои се.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Елица Бочвароска
Фотограф: Дарко Андоновски