Старата скопска чаршија станува нова жртва на градежната експанзија и алчноста за профит. На местата на малите двокатни куќи се почесто „никнуваат“ огромни згради, иако станува збор за дел од Скопје кој би требало да биде под заштита бидејќи важи за значајно културно-историско наследство. Тоа најдобро го илустрира состојбата во која се најде една од најстарите куќи во чаршијата. Лоцирана е на улицата „113“ на десетина метри од нејзината соврсничка, позната како куќата на Ганчо.
Една од најстарите куќи во Старата скопска чаршија на улицата „113“
Таа и денес е семејна куќа - на три ката кои се издигнуваат над деловен простор во кој е сместена маалска берберница.
Помеѓу куќата и зградата има едвај два метра |
Иако со очигледни промени од првобитниот изглед и габарит, таа во просторот е како џуџе меѓу џинови. Од левата, десната и задната страна буквално е опколена од три станбени згради повеќекатници збиени на тесен простор, на оддалеченост од едвај неколку метри. Нејзината предна страна преку тесната раскопана се „огледува“ во стаклените ѕидови на хотелот „Арка“.
„Се задушуваме“, ни коментираат нашите соговорници во берберницата и додаваат дека она што се прави последниве години тука е надвор од секакви стандарди.
Во кусиот разговор, нашите соговорници споменаа дека веќе меѓуредови им било кажано дека наскоро ќе мора да го напуштат деловниот простор, што го толкуваат како најава дека и на овој простор најверојатно ќе никне нова градба.
Дали и нејзините денови на пркос се одброени?
Сликата од улицата „113“ (каллив пат од десетина метри должина и два метра широчина) е парадигма за она што се случува во Старата скопска чаршија, што буквално наликува на градежно силување на еден од најавтентичните делови од градот, кој меѓудругото е заштитен со закон.
Во поширокото истражување што го подготвува Институтот за комуникациски студии, трагаме по одговори на прашањата кои институции се грижат за ова културно наследство, дали се почитува регулативата за заштита, кој контролира што се гради и дали некој треба да понесе одговорност за менувањето на ликот на чаршијата.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Трајковска Фотографија: Томислав Георгиев