Различни влади, ист шаблон за странско влијание преку економска моќ

Различни влади, ист шаблон за економско влијание

  • Нетранспаретност и свесно заобиколување на законските процедури за јавни набавки се главните карактеристики на неколку договори за крупни инвестиции во патната и енергетската инфраструктура што во изминативе децении ги склучиле различни состави на македонската Влада под превезот на стратешки партнертства.
  • Ова е еден од главните наоди во новата студија „Економски канали на странско влијание во Северна Македонија“ којашто предупредува дека феноменот на странско мешање и манипулација со информации (СММИ) не е ограничен само на дезинформациски кампањи и сајбер напади, туку дека „економските инструменти на моќ претставуваат еден од централните столбови на стратегиите за влијание“.
  • Во студијата се анализирани четири клучни случаи: приватизацијата на „ОКТА“ со грчки капитал, гасните проекти со Русија, автопатите финансирани од Кина и проектите во патната инфраструктура што ги реализира „Бехтел и Енка“.

Еден од централните случаи анализирани во студијата е приватизацијата на рафинеријата „ОКТА“ во 1999 година, којашто беше продадена на грчката компанија „Хеленик Петролеум“. Договорот, постигнат во период на политичка и економска нестабилност, подоцна беше оценет како пример за создавање асиметрична зависност.

Според ИКС, договорот вклучувал „монополска позиција, даночни олеснувања и гарантиран откуп на гориво“, што ја ограничило конкуренцијата и ја оптоварило државата. Уставниот суд подоцна утврди дека ваквите одредби го нарушуваат принципот на еднаквост на пазарот.

razlicni vladi ist sablon za ekonomsko vlijanie 1
Приватизација на рафинеријата „ОКТА“ е еден од најконтроверзните случаи за нетранспарентен влез на странски капитал од осамостојувањето на нашата држава. Освен огромната материјалната штета од овој договор, никој до денес не знае какви се политичките последици.

Последиците беа не само правни, туку и финансиски. По арбитражни постапки, државата исплати над 60 милиони евра оштета. Но, како што нагласува студијата, уште поважен е политичкиот ефект: „Голем дел од енергетскиот суверенитет беше фактички пренесен на компанија од соседна држава“. Ова, во контекст на тогашниот спор со Грција околу името, дополнително ја ограничило преговарачката позиција на државата.

Студијата на ИКС укажува дека енергетскиот сектор останува клучен канал за влијание, и поради зависноста од руски гас. „Газпром“ е главниот снабдувач на државата, што ја прави Северна Македонија ранлива на надворешни притисоци. Дополнително, случајот со изградбата на гасоводната мрежа финансирана преку расчистување на советскиот долг отвори сериозни сомнежи. Како што се наведува во студијата, истрагите покажаа дека „реалната цена на проектот била значително пониска од договорената“, што упатува на можни злоупотреби.

razlicni vladi ist sablon za ekonomsko vlijanie 2
Македонските граѓани уште чекаат на долго најавуваната целосна гасификација на земјата, а руски „Газпром“ и понатаму останува главен снабдувач на земјава со природен гас /Фото: Архива на ИКС

Иако случајот не доби судска разрешница, тој останува пример за тоа како економските договори можат да создадат простор за влијание преку нетранспарентни практики.

Уривање на легислативата за јавни набавки

Студијата ја анализира и улогата на Кина, која финансираше големи проекти во патната инфраструктура во земјава,а  кои беа доделени на кинеската компанија „Синохидро“. Кинескиот заем стана своевиден преседан во македонското законодавство поради рекордниот број анекси на првичниот договор.

„Дополнително, проблематична е таинственоста на преговорите за доделување на заемот, што создава сомнеж за намерно одолговлекување на изградбата на штета на државниот буџет и македонските граѓани“, се наведува во студијата.

razlicni vladi ist sablon za ekonomsko vlijanie 3
Автопатот Кичево-Охрид, проект кој беше најавуван како успешна соработка меѓу Македонија и Кина почна да се гради во 2014 година, а до денес сè уште не е изграден.

Недостатокот на транспарентни тендерски постапки и честите анекси на договорите доведоа до значително зголемување на трошоците и доцнења.  Особено се нагласува случајот со автопатот Кичево-Охрид, кој стана симбол на институционални слабости и кој денес, 13 години откако е започнат, се уште не е изграден. Студијата предупредува дека ваквите проекти создаваат „долгорочни финансиски обврски што ја ограничуваат фискалната и политичката автономија“.

Посебно значаен аналитички придонес на оваа студија е надминувањето на дихотомијата меѓу „добар“ и „лош“ странски капитал. Имено во неа се укажува дека начинот на доделување на проектите за изградба на автопати од коридорите 8 и 10д на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ покажува дека дури и инвестиции поврзани со западни партнери можат да произведат несакани ефекти, доколку се спроведуваат во услови на нетранспарентност, правни исклучоци и ограничен демократски надзор.

„Оттука, проблемот не лежи исклучиво во геополитичкото потекло на капиталот, туку во моделот на управување и во институционалната рамка во која тој се вградува“, наведуваат од ИКС.

Клучни последици

Емпириските наоди во студијата укажуваат дека овие механизми произведуваат три клучни последици. Прво, тие создаваат структурна зависност – во енергетскиот сектор преку монополски или квазимонополски позиции, а во инфраструктурата преку долгорочни финансиски обврски што ја ограничуваат фискалната и политичката автономија на државата. Второ, тие поттикнуваат институционална ерозија, бидејќи се реализираат преку заобиколување на јавните набавки, селективна примена на законите и ослабен парламентарен и судски надзор. Трето, тие влијаат врз политичките процеси индиректно, преку обликување на опсегот на моќ на јавни политики и преку создавање асиметрични односи на моќ меѓу државата примател и странските актери.

Што треба да се направи?

Главната порака што произлегува од оваа студија дека е неопходно Северна Македонија да ја зајакне домашната рамка на управување преку која таквите проекти се преговараат, се одобруваат и се спроведуваат.

Тоа подразбира враќање на приматот на транспарентните и конкурентни јавни на бавки, зајакнување на парламентарниот, судскиот и ревизорскиот надзор над стратешките економски проекти, како и вклучување на проценки на ризик од странско влијание во разгледувањето на големи инвестиции, особено во енергетската и инфраструктурната политика.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фотографии: Наке Батев

Тагови: