
- АНБ откри организирана мрежа на портали и социјални медиуми кои ширеле пропагандни содржини за поттикнување омраза, нетрпеливост и поделби меѓу Македонците, Бугарите и другите етнички заедници во земјата.
- Зад мрежата стоел бугарски државјанин кој дејствувал како недржавен прокси-актер, а му помагал и македонски државјанин против кого е поднесена кривична пријава.
- Преку десетина портали, Фејсбук-страници и профили на социјалните мрежи се ширеле координирани наративи за македонско-бугарските односи, идентитетски прашања и етнички тензии, за да се влијание врз јавното мислење.
Додека лежерно „скролаат“ на социјалните мрежи, многу македонски граѓани не ни претпоставуваат кој сè може да стои зад порталите кои преку објави го ловат нивниот клик. На илјадници корисници им излегуваат провокативни наслови, бомбастични изјави, кратки видеа или фотографии со силен емотивен набој за македонско-бугарскиот политички спор. Во некои од објавите се потпалува нетрпеливост помеѓу Македонците и Албанците, но и се величи воената моќ на Бугарија.
Се пренесуваат изјави кои алудираат дека Македонците и Бугарите се ист народ или објави со натписот „Бугари во устав“. Во дел од нив се обвинуваат македонските власти дека се раководат според директиви на Кремљ или се објавува дека 300 илјади граѓани платиле за да станат Бугари.
Под провокативните објави има стотици реакции, споделувања и коментари во кои корисниците на социјалните мрежи се навредуваат и разменуваат остри и непристојни зборови.
Дел од овие содржини се произведуваат од десетина портали, за кои Агенцијата за национална безбедност, во март годинава, потврди дека се организирана мрежа која преку пропагандни активности поттикнува омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји.
Зад активностите на мрежата стои бугарски државјанин кој преку социјалните мрежи овие активности ги врши подолг период, како што наведуваат од АНБ „од позиција на недржавен прокси актер во функција на хибридно поткопување на стратешките евро-интегративни процеси на Македонија и загрозување на европската безбедност“.
Му помагал македонски државјанин, 30-годишен скопјанец против кого е поднесена кривична пријава за „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
Агенцијата постапила со Државното јавно обвинителство и Бирото за јавна безбедност „по претходно обезбедени информации кои укажуваат на субверзивно – пропагандни активности на домашни и странски недржавни актери и откако одзеле пропагандни материјали чија цел била да предизвикаат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните“.

Истите лица, преку социјалната мрежа Фејсбук, на страната „Историски податоци за Македонија“, споделувале содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација.
Од АНБ велат дека со други надлежни органи ќе продолжат да преземаат активности за детектирање и спречување дејства со кои се дискредитираат и повредуваат чувствата на граѓаните, но и се загрозува националната и регионалната безбедност.
Против странскиот државјанин кој стои зад поттикнувањето и финансирањето на субверзивно – пропагандните активности изречена е забрана за влез во земјава.
Од Бирото за јавна безбедност за ИКС велат дека до овој момент, во Македонија не се евидентирани слични примери.
Од Агенцијата за разузнавање соопштуваат дека не се во можност да одговорат на барањата за повеќе детали околу случајот. Велат дека немаат овластувања да коментираат и јавно да споделуваат разузнавачки информации.
„Согласно законските надлежности, Агенцијата собира разузнавачки информации за закани и ризици од странство со цел заштита на националната безбедност и ги известува Претседателот на државата, претседателот на Владата, претседателот на Собранието и други органи на државната управа во зависност од прашањето што е предмет на известувањето“, соопштуваат од Агенцијата.
Јавното обвинителство сè уште прибира докази за овој случај по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. Сепак, прибирањето на доказите се однесува само за вклучените македонски државјани, во овој случај 30-годишниот скопјанец за кој е утврдено дека му помагал на бугарскиот државјанин.
Кој и чии интереси стојат зад ботовската мрежа?
Македонските медиуми во март објавија дека Виктор Стојанов, бугарски државјанин и претседател на Фондацијата „Македонија“ е лицето кое е опфатено во пријавата за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Стојанов во јавноста е познат по своите негаторски и навредливи изјави за македонскиот народ и држава.
На насловната страница на Фондацијата „Македонија“, која тој ја предводи, пишува дека има цел „бугарското и македонското општество да станат едно општество во две држави, да се изградат мостови во сите сфери на животот, економски, културни, социјални и општествени“.

Од АНБ соопштија дека, активностите се вршени „од позиција на недржавен прокси актер“ – што значи дека актерот тие дејства не ги прави за сопствената држава, туку за некој друг.
Наративите на Стојанов се совпаѓаат со оние на бугарската парламентарна партија „Преродба“, која ја предводи Костадин Костадинов. Доминантни им се темите за непостоењето на македонскиот народ, односно таканаречениот вештачки идентитет на Македонците и прашањето за историскиот ревизионизам.
Партијата има потпишано договор за соработка со -Единствена Русија-, владејачка руска партија и главна политичка потпора на претседателот Владимир Путин. Приврзаниците на „Преродба“, минатата година, ги предводеа протестите против воведување на еврото во Бугарија.
Извори од македонските безбедносни структури велат дека Стојанов, иако е близок до таа структура, не е член на „Преродба“ и оти неговите активности се насочени против Македонија во функција на руската хибридна политика.
Во земјава Стојанов поседува цела медиумска мрежа – портали, Фејсбук страници, профили на Икс. Дури и еден популарен поткаст на кој гостуваат актуелни и поранешни политичари, професори, аналитичари, новинари. Целата опрема со која се реализира поткастот е набавена и финансирана од Стојанов, велат извори од безбедносните структури.

Во една од објавите на социјалните мрежи, Стојанов објаснува дека Фондацијата во Македонија креирала „најмалку десет бугарски медиуми и едно телевизиско студио“ и бара финансиска помош за, како што вели „Бугарите од Република Северна Македонија да отворат повеќе од 50 медиуми и многу телевизиски студија за да се направи силно влијание“.
Еден од македонските државјани, вклучен во работата на овие портали, според изворите на безбедносните служби, активист е на здружение на Македонци со бугарска самосвест, а бил и кандидат на „Преродба“ на последните избори во Бугарија.
Интересот поради кој македонските државјани се вклучуваат во работата на овие портали е најчесто – финансиски.
Еден од медиумите се смета за главен, генерален, и од него, преку клон портали се шират истите наративи. Така во суштина функционира една ботовска мрежа. Преку координирано делување на социјалните мрежи и со помош на алгоритмите креираат лажен легитимитет и кај јавноста наметнуваат вештачки теми и ставови. Во оваа координирана операција можат да се препознаат тактики, техники и процедури на странско влијание и манипулација со информации. Нивната цел е да се зголеми омразата меѓу граѓаните од двете држави и тој наратив да стигне до што поширока публика, додека на терен се печатат материјали кои можат да поттикнат протести и физички инциденти.
Хибридната активност на Русија е динамична и има различни форми, велат изворите од безбедносниот сектор. Додека во периодот пред членството во НАТО беа употребувани анти-ЕУ наративите, во моментов е актуелно отворањето на замрзнати конфликти. Односно, спорот со Бугарија се користи како алатка за пропагандните активности. Преку негативната кампања, целта е да се поттикне сомнеж во институциите на државата, евроскептицизам, негативни реакции и непријателска атмосфера.
Странско мешање – тешко за докажување
Пропагандните активности имаат цел да ја девалвираат државата, да предизвикаат немири на меѓунационална или меѓуверска основа или да доведат до летаргичност кај населението, објаснува Злате Димовски, професор од Факултетот за безбедност во Скопје, дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола. Тоа, додава, им оди во прилог на екстремни структури кои не сакаат напредок на државата. Според него вакви активности се случувале долг временски период пред војната во Украина.
„Сето тоа го ослабе капацитетот на граѓаните, моралот, верувањата, доведувајќи ги во позиција да веруваат дека државата не е моќна да се справи со сè она што Русија го пласира и на крајот кај нив кулминираше со војна. Во нашиот случај не го мислам истото, туку, тука ќе се продолжи со, би ги нарекол, напади, односно хибридно делување кое што во содејство со другите елементи, сè она што спаѓа во хибридно војување, тоа е еден широк поим каде што може да подведеме многу активности кои што дефинитивно може да не ги сврстуваме во безбедносна закана или ризик, но може да претпоставиме дека и понатаму ќе се продолжи со оваа тензија“, вели Димовски.
Методи Хаџи Јанев, професор по меѓународно право од Воената Академија во Скопје, дел од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вели дека е многу тешко да се докаже кој стои зад случаите на странско мешање и манипулација со информации затоа што слични методи користат не само противниците на евроатланските интеграции, туку и актери од бизнис секторот и други области.
„Дали зад тоа стои бугарската држава или тоа се прокси индивидуалци – треба да докаже и утврди истрагата. Меѓутоа, фактот дека во време на масовна дигитализација и конвергенција на двата света: дигиталниот и физичкиот, оние претпоставки и регулативи кои што се направени да функционираат врз претпоставките на физичкиот свет каде што имате проверување и утврдување на идентитет и така натаму, кои се востановени и етаблирани методи, во дигиталниот свет не можете да го направите тоа многу лесно. Дури и зад ваквите методи да стои државен актер многу е тешко тоа да го докажете“, вели професорот.
Меѓутоа Хаџи Јанев смета дека самите граѓани може да препознаат дека читаат текст објавен на мрежата ботови.
„Ќе видите кај некои зборови постои кованица со бугарска азбука. Сето тоа е говор кој што треба да биде “ред флег” или сигнал дека со таа информација не е нешто до крај чисто, иако заради демократичноста, демократските принципи треба да го оставиме да биде право на избор на секој граѓанин да утврди дали е за него таа информација, дали тој може да изгради став за таа информација и како ќе реагира кон неа. Зошто е битна реакцијата? Бидејќи треба да разбере дека таа информација е пласирана за да поттикне порив затоа што тоа подоцна се користи во геополитичката борба која Бугарија ја наметнува и од позиција на сила се обидува да го користи тоа како аргумент дека ние имаме нетолерантност кон нашите соседи“, вели професорот Хаџи Јанев.
Формализирање на кривично дело „Странско мешање и влијание со информации“
Странско мешање и манипулација со информации сè уште не е формализирано како кривично дело во македонското правосудство. Попречените хибридни активности на недржавни прокси актери од почетокот на март се водат како „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
Прашањето за регулирањето и евентуалното санкционирање на странски влијанија и манипулација со информации е чувствително поради тенките граници со кои може да се навлезе во прекршување на правото на слобода на говорот.
Од Владата на Северна Македонија за ИКС велат дека континуирано работат на подобрување и формализирање на состојбите кои се однесуваат на странското мешање и манипулирање со информации. Целта е, додаваат, не да се игнорира оваа состојба, туку да се настапи институционално, пристапот да биде сеопфатен затоа што не постои институција која може сама да одговори на предизвиците. До сега, додаваат, не постои унифициран модел кој е најсоодветен за примена и за таа цел ќе направат сеопфатна анализа за изнаоѓање на најдоброто решение.
Професорот Димовски објаснува дека во ваквите случаи на странско мешање најчесто се повикува на законски ограничувања и лимитирање на одредени активности не сфаќајќи дека пропагандните активности не е лесно да се препознаат.
„Факт е дека правосудството, односно судските органи работат со докази, ние не ќе можеме да обезбедиме докази за сето тоа, факт е дека постојат инструменти и тоа на меѓународно ниво, но, сепак ние мора да разбереме дека сето она што се шири кај нас – оди преку нашите медиуми, многу медиуми кои се креирани токму за таа цел во нашата држава“, вели професорот.
Професорот Хаџи Јанев вели дека регулацијата зависи од два фактора: подготвеноста да се жртвува демократијата, односно неприкосновеноста на правото на говор и на слободата на изразување до моментот до кога тие нема да ја загрозат националната безбедност. Другото прашање, додава, е како ќе се дефинира националната безбедност, дали освен војската и полицијата, ова прашање ќе се однесува и на останатите инструменти на политичка моќ: информациите, дигиталниот свет, економијата и дипломатијата.
„Ако ја редефинирате на тој начин, во тој случај би можеле да донесете законско решение. Кои ќе бидат резултатите треба да видиме бидејќи со тоа досега се покажа дека вие автоматски генерирате храна за оние кои што се поттикнувачи на манипулациите на информации. За тоа ќе треба да имате беспрекорен систем кој што знае добро да управува, кој што е крајно чесен и каде што има максимална способност за стратешко комуницирање со јавноста кога се пренесуваат информациите и каде што едноставно имате толкава политичка доблест да се признае било каква грешка, на корупција, аномалија“, вели Хаџи Јанев.
Тој додава дека „маглата“ ја креира и фактот дека дел од овие активности доаѓаат од земји на Европската Унија, односно не само од земји со авторитарни режими.
Во услови кога не е можно да се препознае странското влијание, професорот Димовски вели дека ќе мора да се зајакнат капацитетите кај граѓаните да ги препознаат нападите – на идентитетот, државата, напредокот, како и заканите по личната безбедност, која е, според него, дел од колективната безбедност.
„За жал безбедносната култура се гради од мали нозе, ние може да земеме за пример многу држави, а Израел е класичен пример како децата од мали нозе се учат на безбедносна култура, не во смисла да се спасат од некаков напад, туку како да ги примат севкупните информации, како евентуално да ги проверуваат што понатаму, каква е постапката“, вели Димовски.
Додава дека граѓаните треба да се потпираат на официјални информации од институциите и оти безбедносната култура е процес кој што треба долгорочно да се гради.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Маја Блажевска Евросимоска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Ристо Душковски

