- Вината за пропаднатиот проект премиерот ја лоцираше кај некој кој се однесувал незрело и не бил разумен, но не посочи имиња, ниту институции, а не го повика ниту Обвинителството да започне истрага.
- Преговорите стартуваа на 10 септември, на денот кога истече и последниот рок за изградба на катната гаража, a фирмата требаше да почне да плаќа пенали зашто градежните работи не се ни започнати.
- За слични вакви случаи кога инвеститорот бил спречен да почне да гради, а земјиштето од приватна се враќа во државна сопственост, праксата кај нас покажува дека инвеститорите барале многу високи суми за отштета.
- Од компанијата „АНГО“ ДООЕЛ не кажуваат на кој износ типуваат, а за „Само прашај“ одговорија само дека проблемот ќе го решава работно тело.
- За професорот по управно право Борче Давитковски нема да биде изненадување, ако инвеститорот се обиде да добие отштета за неостварен профит, односно за загубите што ги трпи со неизградба на катната гаража.
По јавно искажаните инструкции од премиерот во кој правец очекува да се водат разговорите за најавената изградба на катна гаража веднаш до Собранието, почнаа преговори за обесштетување на инвеститорот „АНГО“ ДООЕЛ, компанија која десет години е сопственик на паркот каде требаше да се изгради овој објект. „Насоките“ беа дадени на прес-конференција на која премиерот Христијан Мицкоски кажа дека компанијата ги исполнила сите услови, но поради проценката на Министерството за внатрешни работи која ја објави „Само прашај“ дека изградба на катна гаража на овој простор претставува безбедносен ризик, таа не може да биде во загуба, туку треба „согласно законска процедура да се експроприра и да се обесштети“.
„Да точно е дека е Собранието со изградба на овој објект е небезбедно, но истовремено мора да водиме сметка и компанијата и инвеститорот да не бидат во загуба затоа што некој се однесувал незрело тогаш“, изјави премиерот.
Преговорите стартуваа на 10 септември, на денот кога истече и последниот рок за изградба на катната гаража, a фирмата требаше да почне да плаќа пенали зашто градежните работи не се ни започнати. Сопствениците на „АНГО“ ДООЕЛ беа повикани на средба кај претседателот на Собранието Африм Гаши, кој ја презеде улогата на „олеснувач“ откако прво се прогласи за ненадлежен за објектот, а потоа ги отвори вратите на својот кабинет за преговори. На средбата, според соопштението, биле сите инволвирани страни - од Министерството за транспорт, Државниот правобранител, од Општина Центар. Средбата заврши без договор за висината на оштетата, но преговорите продолжуваат и нова средба е закажана за крајот на неделава.
Од компанијата не кажуваат на кој износ типуваат. На прашањата кои им ги испративме на 27 август за опциите кои се прифатливи за нив, одговор стигна на 10 септември, во кој само информираат за средбата во Собранието. Во нивниот одговор стои дека проблемот ќе го решава работно тело.
„На состанокот се елаборираше за моменталните состојби и се предлагаат решенија кои ќе бидат за доброто на двете страни. Во насока на тоа, со интензивни состаноци при Собранието на РСМ преку работното тело во кое ќе учествуваат претставници на институциите и претставници од страна на инвеститорот ќе се изнајде соодветниот модел за донесување на решение во интерес на страните“, пишува во одговорот што „Само прашај“ го доби од компанија „АНГО“ ДООЕЛ.
Премиерот и инвеститорот со идентичен наратив
Она што е интересно од овој писмен одговор што го добивме е што компанијата користи речиси идентичен наратив како премиерот - дека се бара решение кое ќе ги задоволи двете страни и оти нема да има оштетени. И пораката на премиерот беше иста дека „сите ќе добијат и ќе немаме оштетена страна ниту една“.
Ваквите синхронизирани пораки делуваат и збунувачки, бидејќи создаваат перцепција за партнерски, дури и пријателски релации меѓу двете страни кои во спорот што се води треба да имаат различни интереси - додека државата сака да исплати помала штета, а инвеститорот се обидува да постигне што е можно поголема добивка. Освен ова, пораките се дискутабилни и во својата суштина - не може да се тврди дека нема да има оштетена страна кога е извесно дека случајот ќе заврши со исплата на отштета на приватната сметка на инвеститорот, со пари од државниот буџет. И ова нема да биде прв случај – граѓаните да плаќаат милионски суми за погрешни одлуки на политичарите, а никој да не зборува за одговорност.
И додека пред јавноста не се изнесуваат детали за сумите кои можат да бидат предмет на договор, „Само прашај“ консултираше експерти кои ги следат постапките за експропријација (што ја спомена премиерот Мицкоски) и другите можни начини за постигнување на договор за да го предвидиме можниот исход од разговорите.
Случајот оди кон плаќање отштета
Професорот по управно право Борче Давитковски очекува страните да се обидат да се договорат за висината на отштетата надвор од Судот и целата постапка да заврши без судски процес. Затоа, според него, на состанокот е присутен и Државниот правобранител кој има ингеренции директно да преговара со инвеститорот, но на крај за висината на исплатата ќе мора да се консултира со Владата, зашто парите се исплаќаат од државниот буџет, објаснува Давитковски. За него е сосема ирелевантно дали ќе се носи посебен закон за забрана на изградба на објекти околу Собранието (лекс специјалис) или не, зашто сите понудени опции се сведуваат на иста цел - плаќање на отштета.
За професорот нема да биде изненадување, ако инвеститорот се обиде да добие отштета за неостварен профит, односно да се обиде да добие отштета за загубите што ги трпи со неизградба на катната гаража.
„Мора да се има предвид дека сопственикот го купил земјиштето за да изгради катна гаража – односно да остварува профит“, вели Давитковски.
Адвокатката Весна Тренковска Апостолски, пак, не ја исклучува можноста случајот да добие разврска и на суд. Таа очекува „на инвеститорот да му биде доставен предлог за експропријација со сите услови, со елаборат за објектот што ќе се гради, со висина на надоместок што се понудува, со вешт наод и мислење“.
„Ако инвеститорот одлучи да не склучи спогодба тогаш може да поведе тужба пред Управниот суд“, вели Тренковска Апостолски.
Што покажува судската практика за вакви случаи?
За слични вакви случаи кога инвеститорот бил спречен да почне да гради, а земјиштето од приватна се враќа во државна сопственост, инвеститорите барале многу високи суми за отштета. Последен таков случај е со компанијата „Пуцко Петрол“ која не може да започне да гради бензиска пумпа зашто Уставниот суд го поништува ДУП-от, а МВР оценува дека „локацијата не ги исполнува потребните безбедносни услови за складирање на запаливи течности“. По ова, сопственикот на компанијата, покренува тужба и бара оштета во висина од 15 милиони евра за изгубена заработувачка и за камати и ги тужи општината и државата. Врховниот суд го враќа предметот на повторно судење и коректно му порачува на Судот, при носење на пресудата да води сметка за висината на побараното оштетување, односно фактички да се констатира реалното време во кое инвеститорот бил оневозможен да остварува профит и бара да се утврди дали и тој презел некакви активности за намалување на штетата, односно побарал друга локација за бензиска пумпа. Судот посочува одговорност и кај тужените страни зашто го продале земјиштето иако знаеле дека ќе има проблеми. На исход сè уште се чека.
Апетитите на компанијата „АНГО“ ДООЕЛ во оваа фаза не се јавно објавени. Но, при одредување на висината на отштета, сите наши соговорници се едногласни дека се очекува да се анализираат сите околности – на пример, ќе се земе предвид фактот дека фирмата десет години по добивање на одобрението за градба не започнала со никакви градежни активности, а на плацот кој е заграден повеќе го нема ниту багерот што беше паркиран со месеци.
Исто така важно е дека компанијата поради пробивање на рокот за започнување на градежните работи останала и без одобрение за градба, кое сепак успеала да си го поврати во судски спор, а сега од истите причини - непочитување на роковите, мора да плаќа казна. Почнувајќи од овој месец, па секој нареден сè до изградба на објектот, компанијата е должна да плаќа казна или може да остане без дозвола за градење.
„Сопственикот е информиран за обврската за уплата на Договорна казна. Доколку инвеститорот три месеци последователно не уплати договорна казна иако е уредно известен и знае за обврската како потписник се бара извршна клаузула на Договорот и еднострано се раскинува“, велат од Општина Центар за „Само прашај“.
Нема да се бара виновник за пропаднатиот проект
Вината за пропаднатиот проект премиерот ја лоцираше кај „некој кој се однесувал незрело и не бил разумен“. Тој не посочи имиња, ниту институции кои ги смета за одговорни, а не го повика ниту Обвинителството да започне истрага и да ги пронајде виновниците кои „направиле нешто со кое може да се загрози безбедноста на Собранието“. Бидејќи одговорноста не се утврди, сметката за наплата ќе се испорача до граѓаните.
Инаку, локацијата кај Собранието, уште кога пред 15 години за првпат се стави на продажба се поврзува со тогаш адвокатот, а сега министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Неговото име е лесно воочливо низ документите за целиот овој случај. Тој од 2008 до 2011 е советник во Министерството за транспорт, период кога локацијата за првпат ќе биде објавена на аукција (2009), а неколку години подоцна (2013) по купувањето на земјиштето од страна на компанијата „АНГО“ ДООЕЛ станува нивен правен застапник. Кога фирмата успева да си го врати одобрението за градење во судски спор, се чекаше само погоден момент за да го загради плацот што и се случи, неколку дена по конститутивната седница на новоизбраниот состав на Собранието. Но, градежните активности не започнаа – туку, напротив, откако „Само прашај“ го објави ставот на МВР дека не дава позитивно мислење за изградба на ваков објект на ова место бидејќи е безбедносен ризик, веднаш започнаа преговори, кои и според експертите кои „Само прашај“ ги консултираше водат кон отштета за фирмата „АНГО“ ДООЕЛ и враќање на земјиштето во државна сопственост. Така, никој нема да биде повикан на одговорност зошто воопшто паркот во вакво чувствително опкружување (Собранието, Дом на АРМ) е продаден на приватен инвеститор, зошто оваа ретка зелената површина во центарот на градот се пренамени во градежна парцела и зошто се менуваше ДУП-от и од подземна гаража, како што беше првично планирано, се вцрта маркичка за катна без да се направи безбедносна процена за објектот.
Експертите кои ги консултиравме сметаат дека никој нема да биде повикан на одговорност зошто се менуваше ДУП-от за да се вцрта маркичка за катна без да се направи безбедносна процена за објектот.
За професорот Давитковски токму отсуството да се лоцира индивидуална одговорност е најголема причина за промашените и скапи проекти во урбанизмот.
„Нема да плаќаме милионски суми ако политичарите се принудени да плаќаа отштета од својот џеб. Три пати ќе се помислат пред да стават потпис, ако секој плаќаше за своите грешки“, вели Давитковски.
Архитектката Дивна Пенчиќ, пак, се сомнева дека се работи всушност за организирана шема и дека намерно се вцртуваат маркички за изградба на објекти за кои е извесно дека нема да почнат да се градат, за потоа да се бараат високи сума на отштета.
„Голем број инвеститори, корумпирани службеници и планери, играат на карта да се вцрта нешто, дури и невозможно, па потоа не мора ниту да се гради за да се спечалат големи пари. А ние граѓаните сето тоа го плаќаме од џеб. Ова не е воопшто наивно е и разработена шема“ вели Пенчиќ, која смета дека одговорноста треба да започне од планерите и одговорните служби од општината, па до сите останати инволвирани во овој случај.
Во конкретниот случај, по 15 години, авантурата „катна гаража кај Собранието“ најверојатно заврши, а цехот уште се крои. Граѓаните ќе си го вратат паркот и зелената површина за која гласно протестираа уште кога се продаде и просторот се пренамени во градежно земјиште. За жал, толку години немаше кој да ги слушне издржаните критики и укажувањата дека проблемот со парцелата е значен не само од безбедносни причини, туку и од аспект на несоодветно сообраќајно решение и поради губење на скапоцена зелена површина и создавање уште еден топлотен остров во центарот на градот. За да ја откупи целата повшрина од 2.500 метри квадратни ,АНГО“ ДООЕЛ плати 300.000 евра. Колку ќе искешира, според закажаната динамика на средби, се очекува да се знае многу скоро. Но, сумата сигурно ќе биде многукратно повисока.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Фотографии: Дарко Андоновски
Поврзани стории:
МВР не дава согласност за катната гаража кај Собранието бидејќи е безбедносен ризик