fbpx

Балканско судство: Исклучете го судијата кој не ви се допаѓа

  • Злоупотреби при автоматското распределување на судски предмети му пресудија на судството во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
  • Судството е темелот на секоја правна држава, но се чини дека во регионот тој темел во земјите надвор од ЕУ е разнишан со „земјотрес“ од висок степен по Рихтеровата скала.
  • Катастрофата не успеаја да ја спречат ниту високите износи на странска помош и домашни вложувања за дигитализација и неутрализирањето на влијанијата при носењето на судски пресуди.

Европски испит

АКМИС сега се злоупотребува повеќе од времето на Груевски, рече министерот за правда во Владата на Северна Македонија, Кренар Лога во ноември годинава. Оваа оцена како никого да не го вознемири во судскиот естаблишмент на земјата. Помина како и да не се случила, бидејќи овој вид на злоупотреба е јавна тајна. Како што е и јавна тајна дека состојбите во судството се драматични речиси во сите држави од нашиот регион.

Во Црна Гора, веродостојноста на статистичките податоци во правосудството е проблем кој не е решен ниту по повеќе од една деценија, а „правосудство без хартија“ е сè уште далечна цел. Од година во година, Европската комисија (ЕК) во своите извештаи повторува дека Црна Гора не ги применила целосно сите упатства за собирање статистички податоци во согласност со стандардите на ЕК за судска ефикасност (CEPEJ) и дека треба да го модернизира Судскиот информациски систем PRIS. Во извештајот на Европската комисија (ЕК) за минатата година се посочува дека останува предизвикот целосно да се имплементираат упатствата за собирање статистички податоци во согласност со насоките на CEPEJ.

„Судскиот информациски систем (PRIS) мора да се модернизира и да се изнајдат алтернативни решенија, со цел да се подобри судската статистика и да се зголеми ефикасноста и транспарентноста на судскиот систем“, се вели во извештајот на ЕК.

Извештаите на ЕК претходно предупредуваа дека PRIS не е целосно функционален и се наведува дека се планира да се замени PRIS со нов ИТ систем. PRIS е, меѓу другото, систем во кој електронски се евидентираат информациите за судските предмети, а овозможува и избор на судија според случаен избор, без влијание на човечкиот фактор.

Независноста и непристрасноста на судството и во БиХ сѐ уште е под знак прашалник, и во овој аспект нема значајни подобрувања во однос на минатата година. Европската комисија во својот Извештај за БиХ за 2023 година наведе дека лошото функционирање на судскиот систем продолжува да го поткопува уживањето на правата на граѓаните и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Дополнително, Собранието на Република Српска донесе голем број неуставни закони и го легализираше неприменувањето на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Европската комисија, меѓу другото, уште еднаш укажа на она што со години го нагласува, а тоа е неопходноста од спроведување итни мерки за зајакнување на интегритетот и враќање на довербата на јавноста во судството во БиХ. Единствениот забележан напредок се однесува на усвојувањето на измените на Законот за Високиот судски и обвинителски совет (ВССК БиХ) во врска со верификацијата на финансиските извештаи на судиите, обвинителите и членовите на ВССК БиХ.

Македонското судство падна на европскиот испит

И Македонија последната година не постигна никаков напредок во клучните области – судството и борбата со корупцијата. Европската комисија во последниот извештај само го потврди тоа што граѓаните секојдневно го живеат, корупцијата цвета, неказнивоста ја гуши секоја пора на општеството.

balkansko sudstvo isklucete go sudijata koj ne vi se dopagac 1
Најсериозни критики од ЕК годинава доби Судскиот совет (Извор: МИА)

Најсериозни критики доби Судскиот совет, телото кое треба да биде чувар на интегритетот на сопствената фела. Повеќе од една година никој не се заинтересира да дознае какви политички притисоци ја натераа екс-претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска да поднесе неотповиклива оставка, а црвениот аларм во Брисел го вклучи и контроверзното разрешување на нејзината наследничка Весна Дамева.

Заеднички именител за сите три држави е изигрувањето на системот за автоматска распределба на судски предмети. Причините се јасни: Моќни учесници во судски постапки тужени или тужители имаат лична желба кој да биде судија во нивниот спор, односно тоа да биде судијата кој ќе им „досуди“ победа.

Во Македонија овој систем е познат како АКМИС. Седум години по неговото воведување ревизијата покажа дека скопскиот Кривичен, Апелацискиот и Врховниот суд не ги почитувале процедурите на АКМИС, односно наместо компјутерот, предметите ги доделувале претседателите на судовите. Осуден беше само поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски. Во 2020-та Панчевски доби три и пол години затвор затоа што, како што гласи пресудата во периодот од 2013-2016 успеал рачно кај подобни судии да додели околу 50 предмети, меѓу кои два предмети и на тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, и оваа пресуда шеташе по судските лавиринти. Апелацискиот суд му ја намали казната за една година, Врховниот суд ја укина пресудата на Апелацискиот суд и го врати предметот на повторно одлучување, но и во повторената постапка на Панчевски му беше одредена истата казна затвор од две и пол години која почна да ја издржува во јули минатата година.

balkansko sudstvo isklucete go sudijata koj ne vi se dopagac 2
Владимир Панчевски е единствениот осуден за зоупотреби на АКМИС (Извор: МРТ)

Ова е засега единствената судска пресуда за злоупотреби на АКМИС-от иако Панчевски не е единствениот кој нашол начин да го „надитри“ системот. Судската пресуда веројатно не ја заплаши неговата наследничка Татјана Михајлова, која поради злоупотреба на примената на АКМИС системот остана само без својата функција. Судскиот совет ја разреши Михајлова во 2021 година.

Комисијата за надзор над функционалноста на АКМИС по извршена контрола летово утврди сериозни злоупотреби и во Кумановскиот суд, но овој извештај не беше пречка за Судскиот совет само три месеци подоцна, на Снежана Манев да и додели нов мандат како претседателка на судот.

Оваа мала илустрација на состојбите во Македонија ќе нѝ послужи како вовед во описот на катастрофата во судството која се случува и во Црна Гора и Босна и Херцеговина. Катастрофата не успеаја да ја спречат ниту високите износи на странска помош за неутрализирањето на влијанијата при носењето на судски пресуди.

Застој во Црна Гора

Црна Гора ги потроши последните четири години развивајќи судски софтвер кој се покажа како неупотреблив. По усвојувањето на три стратегии од 2011 година, во 2019 година Црна Гора започна со развој на нов информациски систем за судовите вреден речиси два милиони евра, но компанијата ангажирана за работата одолговлекуваше и на крајот донесе решение кое се покажа како неупотребливо.

Развојот на  Правосудниот информациски систем (PRIS), кој се користи и денес, започна во 2000 година, а оваа технологија се смета за застарена со голем број безбедносни пропусти.

Новиот унифициран информациски систем на судството (ISP) треба да поврзе четири потсистеми – Министерството за правда, судовите, Државното обвинителство и Управата за извршување на кривични санкции (UIKS). Во тој систем беше планирано да се инвестираат нешто повеќе од седум милиони евра во последните три години.

Од Министерството за правда на Црна Гора тврдат дека немаат точни информации колку е потрошено, а ќе ги имаат на почетокот на следната година, но дека досега се потрошени околу половина од тие пари.

Судскиот потсистем требаше да биде завршен минатата година. Во извештајот на Судскиот совет (СС) за 2022 година пишува дека изминатата година ја одбележа застојот на проектот за воведување нов информациски систем за судовите (ISP), кој настана поради неисполнување на обврските од страна на партнерите за имплементација на проектот.

„Проектот беше стопиран поради недоволен капацитет на тимот за развој на изведувачот“, се вели во извештајот.

Од Министерството за правда на Црна Гора за Само Прашај тврдат дека ангажираната компанија практично само за една година направила деловна анализа, а целата работа требало да ја заврши за две години.

drazen radonjik 300x300 1

„Проектот пропадна. Договорот е истечен, може да има арбитража. Секако во следните пет-шест години можеме да очекуваме целосна стабилност на системот и поврзување со другите институции“, нѝ изјави Дражен Радоњиќ, директор на Дирекцијата за информатички технологии во Министерството за правда. Сега се планира надградба на постојниот PRIS, кој треба да заврши во текот на следната година, со што Црна Гора би можела да добие систем кој ќе ги исполни и барањата на Европската унија.

Парите потрошени, реформите ги нема

Значајни финансиски средства се вложени и во БиХ. Според податоците од Годишниот извештај за 2022 година, во периодот од 2004 до 2022 година, во БиХ биле обезбедени 120 милиони КМ (околу 61 милион евра) за реализација на проектни активности во правосудните институции на сите нивоа на власта. Најголем донатор е ЕУ со 64,4 милиони КМ (33 милиони евра). Парите се потрошени за набавка на компјутерска опрема, софтвер и друга опрема за потребите на компјутеризацијата на судството на сите нивоа на власта, како и за реконструкција и опремување на зградите на правосудните институции. Следат Кралството Норвешка со 15,8 милиони КМ (8 милиони евра) и Кралството Шведска со 10,4 милиони (5,3 милиони евра) и други донатори.

Од буџетот на институциите на БиХ, за наведениот период се издвоени 20,9 милиони КМ (10,6 милиони евра) за набавка на компјутерска опрема, софтвер и друга опрема во рамки на Проектот за информатизација и зајакнување на капацитетите на правосудните институции во БиХ, а за одржување на судскиот информациски систем и други тековни трошоци за потребите на судството.

Што се однесува до првичната верзија на Автоматизираниот систем за управување со предмети во судовите (CMS) и Автоматизираниот систем за управување со предмети во обвинителствата (TCMS), таа беше развиена од проектот на УСАИД. Оваа верзија беше донирана на Високиот судски и обвинителски совет (ВССК) на крајот на 2006 година, оттогаш тој ја развива, одржува и подобрува користејќи сопствени ресурси.

Во Македонија, пак, ретко од која институција ќе добиете одговор – колку пари се потрошени за реформирање на судството. Според податоците кои ги добивме од Судскиот совет во изминатите три години се издвоени 5 милиони евра, пари кои во најголема мера биле наменети за дигитализација, набавка на нови сервери за непречено функционирање на АКМИС системот, реновирање на судски згради.

Сепак, ако се направи куса споредба, овие пари се далеку помалку од оние кои судството ги добива како донации.

Веројатно и затоа јавноста има впечаток дека реформите живеат само од донации на странски амбасади, а амбасадорите се најгласни критичари. Со европски пари пред 17 години формирана беше Академијата за судии и јавни обвинители, која требаше да го издигне квалитетот на судството.

„ЕУ изминатите години потроши милиони за владеење на правото во Македонија, но нѐ разочаравте“, порача амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир. 

Во следните три и пол години амбасадата на ЕУ ќе вложи и дополнителни 10 милиони евра како поддршка за владеење на правото и на правосудните институции. 

Но, состојбите во судството во Македонија доведоа и до не толку дипломатски изјави и потези од дипломатите и странските партнери. Холандија стави во мирување милионски проект за подобрување на ефикасноста на Судскиот совет, откако избувнаа серија скандали во највисокото судско тело во земјата. Разочараноста не ја кријат ни САД од каде Македонија ја добива најголемата помош во судските реформи.

balkansko sudstvo isklucete go sudijata koj ne vi se dopaga 1
Со донација на САД, сите 34 судови во државата во 2010-та добија и автоматизиран систем за распределба на судски предмети познат како АКМИС

Благодарение на Амбасадата на САД, 25-те судници во скопскиот Кривичен суд имаат опрема за снимање на судењата, реновирани се судници, кабинети на судии, сали за состаноци во повеќе судови низ државата.

„САД во последните 30 години инвестираа половина милијарда долари во обуки на судски службеници и обвинители, а во Македонија има епидемија од корупција“, констатираше неодамна амбасадорката Анџела Агелер.

Со донација на САД, сите 34 судови во државата во 2010-та добија и автоматизиран систем за распределба на судски предмети познат како АКМИС. Но овој систем, кој требаше да го исклучи човечкиот фактор и да го реши проблемот со „местени предмети“, досега е многупати изигран. Некои од актерите во овие ујдурми, како што рековме на почетокот, добија затворска казна, некои останаа неказнети, но никој не може да гарантира дека предметите се доделуваат без субјективно влијание.

Претседателот на судот во Брчко го „спаси“ пензијата

Такви потреси се случија и во судството во Босна и Херцеговина. Извршната директорка на Транспаренси Интернешнл БиХ, Ивана Корајлиќ, потсетува дека Транспаренси Интернешенал БиХ поднесе пријава против актуелниот главен обвинител на БиХ, Миланко Кајганиќ, за манипулации со автоматското распределување на предмети. Сепак, сѐ уште не се знае дали се преземени некакви дејствија во врска со овој случај.

balkansko sudstvo isklucete go sudijata koj ne vi se dopaga 2
Корајлиќ: Има селективен пристап во процесуирањето на случаите на висока корупција во БиХ

„Апликацијата ја поднесовме врз основа на информации од Обвинителството на БиХ за бројот на предмети доделени надвор од системот за автоматска распределба. Таа бројка е сепак многу значајна во однос на вкупниот број предмети во Обвинителството на БиХ, што создава показател дека практиката на самоволно доделување предмети воопшто не престанала“, изјави Корајлиќ за Фокус.

Корајлиќ, исто така, укажува на селективен пристап во процесуирањето на случаите на висока корупција, многу јасни политички притисоци и корупциски афери во самото судство каде клучните луѓе се поврзани со организираниот криминал и корупцијата.

„Сето тоа е дел од една многу лоша слика што им се испраќа на граѓаните, поради што тие имаат се помалку доверба во работата на судството“, вели Корајлиќ.

Ваквата перцепција на граѓаните е под влијание и на злоупотребите на системот за автоматско управување со предмети (CMS/TCMS) на тој начин што предметите се доделуваат на „подобни“ судии и обвинители, што ја доведува во прашање непристрасноста. И Европската комисија во претходен извештај го идентификуваше овој проблем, а неколку високи лица од судството беа санкционирани поради отстапување од случајното распределување на предметите.

Судијата на Основниот суд на округот Брчко на Босна и Херцеговина, Недељко Табаковиќ детално опишува како се „заобиколува“ системот со цел да се доделат предмети на „подобни“ судии. За манипулациите сведочеше пред три години пред Привремената истражна комисија на Парламентот на БиХ, но постапката против претседателот на судот во Брчко, Јадранко Грчевиќ, немаше епилог, бидејќи се пензионираше. Според Табаковиќ, постапката се одолговлекувала без причина до моментот кога Грчевиќ се пензионирал.

„Системот е добро осмислен за да се изврши автоматска електронска дистрибуција на предмети без ничие влијание однадвор. Но, има и злоупотреби. Тие се направени на тој начин што ИТ техничарите го оставаат поврзан само судијата на кого сакаат да му го доделат предметот, а сите други судии ги исклучуваат од системот. После тоа, тие повторно ги вклучуваат сите. Значи, случајот го добива само судијата кој бил поврзан“,  објаснува Табаковиќ.

Тој укажува и на спорните случаи на прераспределба на предмети. Иако е прецизно пропишано во какви ситуации и под кои услови може да се прави тоа, искуствата на нашиот соговорник говорат за сосема поинаква практика.

„Претседателот на судот мора да дава причини за секое прераспоредување на предмет. Јас, на пример, во еден предмет донесов одлука, меѓутоа постапката се повтори и предметот беше прераспределен на друг судија, без образложение. После тоа, предметот повторно ми беше вратен. И овој пат без образложение и без наредба за прераспределба. Само добив ливче на папката на кое пишуваше „документи за судијата Табаковиќ“, вели тој.

Во октомври 2021 година, главната обвинителка на Босна и Херцеговина, Гордана Тадиќ, беше дисциплински санкционирана и преместена од оваа функција на позиција обвинителка поради манипулации со распределбата на предметите. Поради истиот прекршок, Високиот судски и обвинителски совет го префрли Махмут Шврака од функцијата главен обвинител на функцијата обвинител на Јавното обвинителство на Република Српска. Утврдена е и дисциплинската одговорност на главниот обвинител на Кантоналното обвинителство на босанско-подринскиот кантон (БПК) Мирсад Билајц, поради што е преместен на функцијата обвинител.

Не може било кој да ѝ суди на Весна Меденица

Во Црна Гора владеат слични состојби иако земјата за разлика од БиХ на пример се смета за поблизу до Европската унија поради својот статус на преговарач за членство. Уште во 2017 експертот на Европската унија (ЕУ) Маја Грубишин подготви извештај во кој наведува дека поради старата технологија, недокументираните промени во базата на податоци и структурата на податоците, „беше невозможно да се имплементира која било модерна алатка за деловна интелигенција (PI)“.

„Црна Гора имаше во свои раце една од најдобрите PI алатки достапни на пазарот но и покрај тоа, не беше во можност да ја поврзе со базата на податоци на PRIS поради големи недокументирани промени кои беа направени во одреден временски период…“, се велеше меѓу другото во извештајот.

Во Црна Гора алгоритмот за доделување предмети се користи повеќе од седум години. Но, во пракса неколку пати се појавија сомнежи за злоупотреба при случајно доделување предмети. Судската инспекција на Министерството за правда пред една година изврши вонреден инспекциски надзор во Вишиот суд во Подгорица, каде се судат најтешките кривични дела, а инспекцијата констатира дека случајната распределба на предметите била доведена во прашање со воведувањето на практика за составот на судскиот совет да одлучува претседателот на судот. Записникот од увидот на инспекцијата завршил во Специјалното државно обвинителство (SDT), но не се знае дали обвинителството покренало постапка за проверка на овие сомнежи.

Од Министерството за правда на Црна Гора велат дека немаат информации што направило обвинителството, а од Специјалното државно обвинителство не одговараат на нашите прашања дали е покрената истрага и во која фаза е постапката.

При надзорот, Министерството за правда утврди дека претседателот на судот издал усни наредби на неговиот стручен соработник кој е администратор на PRIS, кој врз основа на наредбата го ажурира планот за распределба, што влијае на алгоритмот за случајна распределба.

Од Министерството посочуваат дека ваквиот начин на ажурирање на планот за распределба по наредба на претседателот на судот остава можност да се влијае врз изборот на одреден судија или да не се додели предмет на одреден судија.

„Една од можните злоупотреби, односно пример кога беше исклучена случајната распределба, се однесува и на формирање судиски совет во случајот во кој беше обвинета поранешната претседателка на Врховниот суд, Весна Меденица“, истакнаа тогаш од Министерството за правда.

На поранешната претседателка на Врховниот суд и долгогодишна шефица на Обвинителството, Весна Меденица, ѝ се суди под обвинение дека посредувала за некои предмети во судовите да завршат во корист на приватни фирми, а за тоа примала мито.

Извештајот од судската инспекција потоа бил доставен до Врховниот суд на Црна Гора, во кој било констатирано дека нема пропусти. А претседателот на Вишиот суд, Борис Савиќ, ги отфрли обвинувањата за злоупотреба на случајното доделување на предмети, наведувајќи дека станува збор за непознавање на начинот на кој функционира и функционира судскиот информациски систем.

Експертите, пак, со години тврдат дека овој систем може да се злоупотреби, меѓу другото, и со недоставување на одредени предмети од обвинителството до судот на денот кога „непожелниот“ судија е прв по редослед да му се додели предмет на судење, но и да се измени редоследот на доспевање на предметите во суд. Исто така, некои тврдат дека клучот е во промената на судскиот деловник, бидејќи со тоа се стеснува можноста за манипулација.

Координаторот на информатичкиот систем на Судскиот совет во Црна Гора, Немања Звицер, оценува дека надградбата на PRIS конечно ќе ги исполни барањата на меѓународните партнери во влезот во ЕУ.

„Судскиот совет во февруари годинава донесе одлука да работи на решение кое ќе даде резултати и ќе задоволи сѐ што е побарано со стандардите на Европската комисија за судска ефикасност во поглавјата 23 и 24 во однос на квалитетот на податоците“, посочува Звицер.

Тој очекува во следните две години сѐ да биде завршено и системот да профункционира.

Неуспешната мисија на Прибе

На јавноста во Македонија и во Босна и Херцеговина добро и е познато името на поранешниот германски судија и независен правен експерт на Европската комисија, Рајнхард Прибе. Тој е првата личност што јавно проговори за местењето судски предмети во Македонија. Во првиот извештај во 2015 експертската група на Прибе го отвори прашањето за непочитување на правилата на АКМИС-от со предупредување дека македонските судии нашле начин како да го заобиколат системот. Во вториот извештај во 2017-та, Прибе отиде чекор понатаму, сликовито објасни и како „неподобните“ судии биле префрлани во различни оддели. Тој притоа препорача длабока ревизија на системот.

Извештај со црвен аларм, потпишан од Прибе доби и БиХ во 2019 година. Извештајот на Прибе истражуваше различни аспекти на владеењето на правото во БиХ, вклучувајќи го судството, корупцијата, борбата против организираниот криминал и други релевантни сектори. Со оглед на спецификите на извештајот, препораките и заклучоците можеа да имаат значително влијание врз реформите во судскиот систем и другите области клучни за владеењето на правото во БиХ. „Ова не е ништо друго туку пропадната можност да се постигне напредок“, коментираше тој две години подоцна во интервју за босански Фокус.

Но, и домашни експерти не штедат зборови да укажат дека судството одамна ја помина црвената линија. По шлаканицата што македонското судство ја доби во најновиот извештај од Европската комисија, Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ вели дека 2023 беше една од најлошите години за македонското правосудство.

„Видовме дека политиката уште еднаш успеа да ја покаже својата надмоќ врз судството“, изјави тој. За автоматската распределба на судските предмети според АКМИС системот оценува дека не постои систем што може да се заштити од злоупотреби ако некој реши да ги прави.

„Ниту еден систем не е совршен и ќе можете да го злоупотребите доколку тргнете со интенција да го злоупотребувате. Во нашето судство често среќаваме кадри кои наместо да ги пополнуваат законските празнини со добра практика, ги експлоатираат и ги злоупотребуваат. Точно дека АКМИС системот беше воведен, но мора да имаме предвид дека се работи за компјутерска програма, а компјутерската технологија оди напред со геометриска прогресија која не можеме ни да ја сфатиме во дадени моменти, затоа е неопходно тој систем да се одржува, да се надградува, па дури и ако има потреба целосно да се промени за да може да одговара на реалните состојби и потреби во пракса“, вели тој.

Во Македонија кружи саркастичен коментар дека „во затвор се лежи само за украдени ќебапчиња, додека ако украдете милиони од буџетот, многу веројатно е дека државата за тоа ќе ви плати и отштета“. Коментарот сосема кореспондира со довербата што јавноста ја има во македонското правосудство. Во анкетата на американски институт ИРИ во 2021 довербата во правосудството искажаа само 23%, додека пак минатата година судиите и јавните обвинители ја почнаа со доверба од 8%, а ја завршија со доверба од 4%. Стрмоглавиот пад продолжи и годинава. Најновата анкета на ИРИ во јули за овој сектор е поразителна – на правосудниот систем му веруваат само 1% од граѓаните. Македонија слободно може да го понесе неславниот „трофеј“ во регионот, за земја со целосно урнисано судство.

Последното истражување спроведено од Транспаренси Интернешенал во БиХ претставено во средината на декември на конференција што се одржа во Сараево по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата покажа дека граѓаните таму најмногу гледаат корупција во здравството (53,9%) и полицијата (43,1%). На трето место е судството со процент од 40,7 отсто. Претседателот на Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина, Халил Лагумџија, говорејќи на оваа конференција оцени дека „корупцијата е зло што стана модел на однесување во општеството на Босна и Херцеговина“.

Во Црна Гора, според последните истражувања на јавното мислење, поддршката за судството опаѓа, додека поддршката за обвинителството расте. Помалку од половина од полнолетните граѓани имаат доверба во правосудниот систем, но тој број се зголемува во однос на претходниот период, покажува истражувањето на Центарот за мониторинг и истражување (CeMI), спроведено на почетокот на оваа година. Но, ова зголемување во суштина е поврзано со зголемувањето на довербата во обвинителството, кое доби поголема поддршка од јавноста по изборот на главниот специјален обвинител Владимир Нововиќ. За време на неговиот мандат беа покренати повеќе случаи против високи функционери во правосудството, но сите овие предмети се или на почетокот на судењето или не се ни почнати.

Судството е темелот на секоја правна држава, но се чини дека во регионот тој темел во земјите надвор од ЕУ е разнишан со „земјотрес“ од висок степен по Рихтеровата скала. Надежите на граѓаните се дека приближувањето кон Европската унија ќе го намали цунамито од политички и секакви други влијанија врз судството.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Крамарска, Деспина Тодоровска (ТВ Сител), Маја Боричиќ (cin-cg.me Црна Гора), Динко Дундиќ, Санела Караица (focus.ba)
Сниматели: Наке Батев, Дамир Беговиќ, Славен Томовиќ
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Тагови: