Отворен Балкан пропадна во јазот помеѓу Белград и Приштина
- Тајмингот во кој албанскиот премиер го соопшти повлекувањето од Отворен Балкан укажува дека овој неочекуван потег на Тирана е можеби изнуден од тензиите меѓу Србија и Косово.
- Со ескалацијата на односите меѓу Белград и Приштина, премиерот на Албанија Еди Рама се најде во вкрстен оган меѓу Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
- Додека Македонија сѐ уште се надева на Отворен Балкан. а Србија е зафатена од вителот на ескалацијата на односите со Косово, Албанија ги прави последните подготовки за Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи на 16 октомври.
- Вучиќ го игнорира повлекувањето на Еди Рама и сѐ уште го смета Отворен Балкан за активен проект.
Тирана се повлече, Белград тактизира – ќе остане ли Македонија приврзок на Србија во редуцираниот Отворен Балкан откако албанскиот премиер Еди Рама рече ја исполнил мисијата за која бил формиран и дека е време регионот да се насочи кон Берлинскиот процес?
Две години откако започна под името „Отворен Балкан“, иницијативата беше завршена од нејзиниот главен поддржувач, албанскиот премиер Еди Рама.
„Во октомври, Албанија првпат го чека Самитот на Берлинскиот процес на Балканот, во Тирана. Се разбира, Берлинскиот процес сега е нашиот главен фокус. Отворен Балкан беше иницијатива која произлезе од потребата да се турка напред Берлинскиот процес и ја исполни мисијата за која е создаден“, рече Еди Рама на 1 јули 2023 година.
Со оваа изјава ги изненади своите колеги Александар Вучиќ и Димитар Ковачевски. Вучиќ одби да верува во изјавата на Рама, додека пак според Ковачевски „Отворен Балкан“ сѐ уште не е завршен.
Освен изненадување, изјавата на Рама создаде конфузија за причините што го диктираа крајот на иницијативата. Но, во Скопје одлучија да ја игнорираат ситуацијата. Дури откако се случија последните настани на Косово, шефот на дипломатијата Бујар Османи изнервирано порача:
„Отворен Балкан беше добронамерна идеја, меѓутоа мислам дека после случувањата во Косово на 24 септември, навистина треба Србија да направи напори и да докаже дека не се вмешани во тој настан”.
И додаде:
„Доколку има било какво државно вмешување од Србија, тоа навистина го прави невозможно нашето учество, а и на другите земји во регионот, бидејќи идејата на Отворен Балкан беше помирување. Ова што се случи во северно Косово со нападот, се надевам дека ќе се докаже дека нема државно вклучување, но ако се докаже навистина мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество во Отворен Балкан”, рече Османи.
Но, додека за тоа не се произнесе и македонскиот премиер како шеф на Владата во чии раце се такви одлуки, пораката на Османи може да ја сметаме само како реторика во зовриените односи меѓу Србија и Косово кое ја има поддршката од албанските партии во Македонија.
„Изјавата (на Рама) која што ја споменувате никогаш не ја видовме изворно. Овде беше прераскажана во некои од медиумите, меѓутоа неколку дена по таа изјава премиерот Рама беше во посета на Скопје. Имаа заедничка прес конференција со нашиот премиер Ковачевски и заеднички изјавија дека Отворен Балкан продолжува да функционира, дека не е завршена приказна и дека дава одлични резултати“, нѝ рече Марјан Забрчанец координатор во Владата за Отворен Балкан додавајќи:
„Оваа изјава е целосно спротивна на оваа на која што вие се повикувате и која што беше интерпретирана, додека пак изјавата која следеше неколку дена подоцна во медија- центарот на Владата беше директно од устата на Рама и на Ковачевски“.
Меѓутоа, ако добро се погледнат изјавите на двајцата премиери, јасно се гледа дека Ковачевски зборуваше за Отворен Балкан во сегашно време, а Рама мошне прецизно се изрази – во друга насока. „Неопходност е сите заедно да влеземе под чадорот на Берлинскиот процес кој по повторно заживува и затоа Отворен Балкан го оставаме настрана“, рече тој.
Забрчанец, потврдувајќи ја во име на македонската Влада позицијата дека Отворен Балкан сѐ уште постои, додава и дека тоа што Отворен Балкан ја исполнува својата мисија не значи дека е завршен.
„Неколку недели по овие две изјави, во Париз, министерките за култура на трите земји, вклучително и министерката за култура на Албанија отворија заедничка изложба под капата на Отворен Балкан на уметници од Северна Македонија, Албанија и од Србија“, категоричен е тој.
Оттука, како што вели, Отворен Балкан не е на пауза, но ако се продлабочи конфликтот меѓу Србија и Косово генерално ќе замре регионалната соработка. Тоа не е ризик само за Отворен Балкан. Тоа е идентично силен ризик и за Берлинскиот процес и за било која друга регионална соработка“, додаде Забрчанец. Сепак, вели тој, ако останат само Македонија и Србија во Отворен Балкан тоа ќе биде само билатерална соработка.
Под радарот на граѓанскиот интерес
Граѓаните што ги анкетиравме на граничниот премин Табановце кон Србија не сметаат дека Отворен Балкан навистина ги отворил границите, а добар дел не ни слушнале за овој проект.
„Може и подобро да биде на оваа граница. Може и побрзо да биде поминувањето. Бидејќи има задржување. Треба граничните службеници да се во иста просторија. Како Црна Гора– Албанија што е. Не пример, пасошот го зема Црногорецот му го дава на Албанецот за побрзо да се поминува. Овде се две контроли“, нѝ рече еден од анкетираните. Тој додава и дека Отворен Балкан треба да продолжи и да се прошири и со други држави.
Против долгото чекање на границата реагираше и друг граѓанин. „Мислам дека треба да има слободен проток, а не да се чека вака по границите. Чекаме по два часа за назад или за нагоре“, вели тој, додека пак трет граѓанин на Отворен Балкан се сеќава дека тоа било „нешто за економска соработка“ и им порачува на властите да помагаат во движењето на капиталот меѓу земјите.
Од оваа наша мини анкета може да се заклучи дека Отворен Балкан освен што не ги отвори границите за побрзо движење, не се наметна ниту во топ темите во регионот туку остана под радарот на интересот на граѓаните на кои всушност им беше наменет.
Критичарите ќе отидат и чекор понатаму со тврдење дека Отворен Балкан служеше на српскиот интерес и желбата на Белград да биде лидер на земјите од Западен Балкан. Но бомбата што ја фрли Рама се почувствува и во Србија и доведе до спротивставени реакции. Д-р Дејан Бурсаќ научен соработник на Институтот за филозофија и научна теорија од Белград вели оти е факт дека сите регионални иницијативи во последните десет или повеќе години се бесмислени и недефинирани.
„Отворен Балкан имаше навистина добра цел, отвори трговија меѓу Албанија и Србија, отвори туризам, ја зголеми довербата меѓу Србија и Северна Македонија, заедно со некои други акции како што се вакцинацијата, решението на спорот за црквата, така што во некои анкети минатата година Србија се најде на врвот меѓу македонските граѓани како нај пријателска земја, што е успех за две соседни балкански земји“, ни изјави тој.
Од друга страна, како што додава, Берлинскиот процес немаше големи успеси во десетте години од своето постоење, освен некоја младинска соработка, соработка на невладиниот сектор и слично.
„Сè разбира, сите овие паралелни процеси, и Берлински процес и Отворен Балкан и, да потсетиме, Енергетската заедница и Транспортната заедница кои срамежливо се појавуваат, за жал се последица на тоа што западните политичари односно ЕУ се плашат од сопствените гласачи јасно да ја одредат агендата за прием на Западен Балкан, затоа што им е страв дека ќе го изгубат рејтингот ако кажат – ок сега ќе примиме уште шест нови земји во Европската унија“, смета Бурсаќ.
Рама ја отвора „Пирамидата“ за Берлинскиот процес
Додека Македонија сѐ уште се надева на Отворен Балкан, а Србија е зафатена од вителот на ескалацијата на односите со Косово, Албанија ги прави последните подготовки за Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи на 16 октомври.
„Земјите од регионот на тој Самит ќе потпишат нов договор за признавање на професионални квалификации на медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки согласно Централноевропскиот договор за слободна трговија, од кој ќе има директни и опипливи придобивки. Ќе биде објавена и многу важна иницијатива за регионот – отворање на филијала на една од најпрестижните високообразовни институции во Европа, ‘Колеџот на Европа’. Сега, покрај ограноците на Колеџот на Европа во Белгија и во Полска, ќе има и кампус во Тирана. Многу важна компонента на овогодинешниот самит ќе биде партнерството во областа на климата и енергетиката. Се очекуваат и значајни случувања во областа на транспортната инфраструктура“, нѝ рекоа од Агенцијата за медиуми и информации на Албанија.
Самитот ќе се одржи во импозантната „Пирамида“, некогашен музеј на диктаторот во комунистичкиот период Енвер Хоџа, а денес Центар за информатичка технологија. Албанскиот премиер Еди Рама не можеше да избере подобра локација за да ги пречека клучните политички фигури од регионот и од ЕУ, бидејќи „Пирамидата“ беше користена и како база на НАТО при косовската криза во 1999 година. На тој начин ќе ја искористи нејзината симболика за да ги истакне одличните односи со САД кои беа поддржувачи на Отворен Балкан.
На нашето прашање, зошто Албанија наеднаш го преферира Берлинскиот процес и го трга настрана Отворен Балкан, директорот на Институтот за политички студии од Тирана Африм Красниќи, вели дека крајот на Отворен Балкан беше очекуван, бидејќи тој не само што не даде резултати, туку и предизвика конфликти.
„Берлинскиот процес е европски проект со значајна политичка моќ, поддржан и од САД, а дел од него се сите земји од регионот. Тоа е проект кој ги опфаќа сите сектори и е стратешки пристап на ЕУ кон Западен Балкан. Од друга страна, Отворен Балкан е периферна иницијатива, главно меѓу Тирана и Белград која никогаш не успеа да ги обедини сите политички актери. Наместо да ги зближи земјите, создаде конфликти, особено во случајот со Косово. Тоа значи дека ако не може да функционира во својата ембрионска фаза не може да функционира ниту на долг рок“, нѝ изјави тој.
Красниќи дополнува и дека Отворен Балкан беше паралелна иницијатива создадена за изборен ефект и за потребите на премиерот Рама да креира идеја дека ако нема перспектива за Западен Балкан, самиот Балкан има опција односно план Б.
„Берлинскиот процес доби вредност и поради Самитот што го одржаа земјите од Европската унија во Тирана и фактот што претстојниот Самит на Берлинскиот процес ќе се одржи во Тирана. На ваков Самит не можат да му парираат други иницијативи. Мислам дека е позитивен развој на настаните што Берлинскиот процес доби на значење“, вели Красниќи.
Изнуден потег на Тирана?
За две години интензивна соработка, трите земји-учеснички на Отворен Балкан – Северна Македонија, Србија и Албанија, потпишаа низа меѓусебни договори. Иако Албанија мисијата на Отворен Балкан ја смета за завршена, договорите ќе се почитуваат.
„Тие договори не се во спротивност со правилата на ЦЕФТА или со иницијативата за регионален заеднички пазар, туку напротив, тие служат само како катализатори на регионалната соработка. Всушност, договорите за мобилност потпишани минатата година во Берлин во рамките на Берлинскиот процес беа потпишани и на трилатерално ниво во рамките на Отворен Балкан“, нѝ изјавија од Агенцијата за медиуми и информации на албанската Влада.
Тајмингот во кој албанскиот премиер го соопшти повлекувањето од Отворен Балкан укажува дека овој неочекуван потег на Тирана е можеби изнуден од тензиите меѓу Србија и Косово. Со ескалацијата на односите меѓу Белград и Приштина, премиерот Еди Рама се најде во вкрстен оган меѓу Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, што несомнено го доведе во деликатна позиција.
Д-р Милан Крстиќ, доцент на Факултетот за политички науки од Белград:
Отворен Балкан на „линијата на огнот“ меѓу Белград и Приштина
„На динамиката на имплементација на иницијативата Отворен Балкан од самиот почеток влијаеле односите меѓу Белград и Приштина, како и американскиот интерес за нејзино спроведување. Отворен Балкан сѐ уште не е мртов, иако е повторно во хибернација. Иницијативата Отворен Балкан беше создадена на крајот на 2019 година, кога приштинските царини од 100 отсто за српска и босанска стока доведоа до криза во ЦЕФТА системот и застој во регионалната економска соработка. Клучната поддршка, дојде од Вашингтон, каде администрацијата на тогашниот американски претседател Доналд Трамп го игнорираше фактот дека ЕУ веќе има развиено сличен концепт за регионална економска интеграција преку Берлинскиот процес.
Потпишувањето на договорот од Вашингтон во септември 2000 година, со кој, под притисок на Белата куќа, и Приштина се обврза да влезе во тогашниот Мини Шенген, ѝ даде нов импулс на иницијативата. Кога на почетокот на 2021 година Албин Курти ја презеде власта во Приштина а Џозеф Бајден во Вашингтон, се чинеше дека проектот е завршен. Меѓутоа, бидејќи ригидноста на Курти го запре планираното продолжување на економската интеграција во рамките на Берлинскиот процес, Вашингтон продолжи да поддржува помала и покомпактна иницијатива поддржана само од Белград, Тирана и Скопје, која беше преименувана во Отворен Балкан во летото 2021 година.
Во актуелниот контекст, кога односите меѓу Белград и Приштина се нај напнати во последните 15 години, САД даваат поддршка за спроведување на германско-францускиот план за Косово. Како дел од тоа, покрај отворениот притисок врз Приштина, се врши и нешто по скриен притисок врз Белград – делумно преку прекин на јасната поддршка за Отворен Балкан.
Вашингтон исто така испраќа порака до Брисел дека стои зад сите иницијативи на ЕУ во регионот. Сето ова го натера Рама да ја ревидира својата поддршка за проектот во овој момент. Сепак, ситуацијата може повторно да се сврти и проектот повторно да заживее, како летото 2021 година“, смета експертот за меѓународни односи д-р Милан Крстиќ.
Александар Попов, директор на Центарот за регионализам од Нови Сад на нашето прашање дали Отворен Балкан е сѐ уште дел од агендата на трите земји учеснички, одговори дека неговата приказна е завршена.
„Мислам дека Отворен Балкан е завршен, бидејќи ако излезе од таа приказна една од трите држави основачи, зошто би влегувале нови држави. Дополнително, не е јасно зошто Отворен Балкан воопшто е формиран на таа основа како што е формиран, ако веќе постои Берлински процес, кој веќе ги обединува сите шест земји, кој го прави сето тоа што Отворен Балкан си го има поставено како задача. Единствено што Берлинскиот процес имаше предност е што зад него стојат европски пари“, ни изјави тој.
Попов смета дека Отворен Балкан уште при формирањето имаше „костури во плакарот“ со оглед дека во него членуваа држави со различни интереси.
„За мене голема непознаница е што Америка цело време стоеше зад Отворен Балкан, зошто САД ја поддржаа оваа приказна со сите овие недостатоци кои беа веќе познати во тоа време“, додава тој.
Македонија не го дава Отворен Балкан
Едно од прашањата е и дали Отворен Балкан се постави далеку над реалните можности и пречки што му стојат на патот на регионот. Координаторот од македонска страна Забрчанец е категоричен дека проектот дал резултати.
„Зелени ленти на границите на Ќафасан и на Табановце за транспортните возила. Од тоа имаат огромен бенефит компаниите кои увезуваат и извезуваат особено во делот на исхраната, но и сите вработени и сите семејства на тие вработени. Станува збор за брз проток на транспортни возила на границите. Има посебна лента за камионите на Отворен Балкан. Патарините ги усогласивме, со популарниот mTAG кој што го има во земјите од Отворен Балкан. Северна Македонија и Србија се поврзаа, а ќе следи понатаму и поврзување на Албанија бидејќи таму се уште нема доволен број патарини со mtAG . Toa е една придобивка за побрз проток на граѓаните, да нема застанување на патарините, рампите автоматски да се креваат. Имавме одлични заеднички иницијативи, и се уште течат соработките на тема туризам, таканаречените кружни тури од кои што, особено македонскиот туризам имаше бенефит. Ние имаме вртоглав раст во развојот на туризмот. И во областа на културата веќе има конкретни соработки меѓу уметници од Северна Македонија, Србија и од Албанија“, вели Забрчанец.
Но, клучната работа остана заборавена. Идентификацискиот број кој требаше да обезбеди размена на работна сила меѓу трите држави и покрај многубројните најави и рокови, не заживеа. Неодамна имаше најави во Србија дека ќе почне прво од јуни, а потоа од 1 јули, но остана само на најава.
„Идентификацискиот број за работниците од Србија е веќе тестиран и сѐ е подготвено, изгледа само чекаме ’официјален амин’“, нѝ изјави соговорник од Стопанската комора на Србија. Додека пак, Забрчанец вели дека во Македонија „се чека само едно притискање на копче за да се активира како мерка“.
Вака интонираните информации говорат дека Србија, како и Македонија сѐ уште цврсто се држат за Отворен Балкан. Дури и саемот на вино „Wine vision by Open Balkan“ кој по минатогодишниот успех во Белград стана заштитен знак на Отворен Балкан, веќе е закажан и за годинава од 16 до 19 ноември. Од Србија порачуваат дека подготовките за второто издание на настанот се во тек иако безбедносната ситуација во регионот може да ги загрози тие планови.
„Засега сѐ уште стои дека саемот ќе се одржи во ноември, а ние се подготвуваме за тоа“, нѝ рече сопственик на винарија кој и минатата година учествуваше на саемот. На прашањето колку излагачи ќе има годинава, од Белградскиот саем, каде што е планирано да се одржи манифестацијата и годинава, одговорија дека не можат да ни дадат точни податоци за бројот на пријавени учесници, но дека е извесно дека годинава ќе има излагачи дури од 26 држави (лани имаше од 22), како и дека се пријавени „поголем број вино производители од членките на Отворен Балкан во споредба со лани“. Минатогодишното издание на „Wine vision by OB” успеа да собере и голем број изложувачи како и највисоките функционери на земјите од Западен Балкан и од поширокиот регион.
Од Агенцијата за медиуми и информации на владата на Албанија не одговорија на нашето прашање за учеството на Албанија на овој настан, но неколку производители на вино во Албанија веќе го потврдиле своето учество на овогодинешниот саем.
Отворен Балкан беше регионална иницијатива создадена од Северна Македонија, Србија и Албанија посветена на обезбедување услови за практикување на четирите европски слободи за што е можно повеќе граѓани и компании на Балканот. Беше замислен како забрзувач на регионалната соработка и поврзаност кога станува збор за слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги. Кон Отворен Балкан досега пристапија само три држави – Србија, Албанија и Северна Македонија, а во Берлинскиот процес (востановен по иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година) учествуваат сите шест земји од Западен Балкан. Крајот на Отворен Балкан сѐ уште не е официјално прогласен, но повлекувањето на Албанија е бездруго чекор во тој правец.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска, Катерина Ѓуровски, Денис Колунџија (Автономија, Србија), Виола Кета, Есмералда Топи (Фактоје, Албанија)
Сниматели: Иван Поповиќ, Марјан Петковски, Далибор Ступар
Монтажа: Давид Милошевски
- Објавено:
- Прегледи: 5.356
Тагови: