fbpx

Регион под закана од епидемии: Тивки доктори, гласни антиваксери

  • Има многу причини како одговор на прашањето: Зошто во 21 век ни се случуваат епидемии на болести кои се искоренети во претходниот век?
  • Во Македонија во моментов има епидемија на голема кашлица, а сериозна закана стануваат и морбилите.
  • Црна Гора се бори со епидемија на голема кашлица, а пикот бил достигнат кон крајот на декември и почетокот на јануари.
  • Србија и БиХ регистрираат најниски вредности на опфат со ММР вакцини во последните 20 години.
  • Иновативноста на родителите е неисцрпна, попустливоста на градинките и училиштата е голема, инспекциските контроли се недоволни, а паралелно со тоа се и некои лекари „тивки саботери“ на вакцинациите, со што се и „тивки антиваксери“.

Вакцинација

Иновативноста на родителите е неисцрпна, попустливоста на градинките и училиштата е голема, а инспекциските контроли се недоволни. Има многу причини како одговор на прашањето: Зошто во 21 век ни се случуваат епидемии на болести кои се искоренети во претходниот век?

Како еден од најеклатантните примери на кршење на законот е ситуацијата што е откриена на некои од вакциналните картони. Ако се споредат датумите на вакцинација со оној на раѓање на детето, излегува дека некои вакцини се примени и пред детето да се роди. Некои пак, се обидуваат да го заобиколат законот и со тоа што, од сите задолжителни вакцини за прием во градинка, доставуваат потврда само за примена МРП.

Од детската градинка „Срничка“ во скопската населба Аеродром, велат кај нив има мала бројката на невакцинирани, само оние што досега биле покриени со потврда од специјалист дека од некоја причина не смеат да бидат вакцинирани.

„Многу е интересно што претседателот на Комисијата за заразни болести јавно кажа дека сите тие извештаи не треба да бидат прифатени од наша страна, затоа што си постои Комисија којашто е задолжена да одлучи, дали тоа дете може да биде вакцинирано или не. Јас мислев дека постои и периодично одлагање, меѓутоа кажаа дека такво нешто не постои. Дека постои само ситуација кога детето нема да биде вакцинирано поради тоа и тоа. Така што повеќе специјалистички упати и особено потврди од матични лекари нема да се уважуваат“, вели директорката на градинката „Срничка“, Александра Јелиќ.

Но, ваквите ситуации не се новина за д-р Татјана Баевска Вучковиќ. Во нејзината кариера неретко сретнувала родители кои сами поставувале дијагнози и барале тоа да биде ставено на хартија со потпис и печат.

„Јас имав активно учевство во Националниот комитет за имунизација во тек на осум години и она што најмногу да кажам придонесовме е проширување на календарот за имунизација којшто тоа понатаму исто продолжи, бидејќи според Светска здравствена организација има еден базичен календар, а понатаму се даваат препораки. Технологијата оди напред, се развиваат процеси каде што, покрај тие вакцини што биле започнати од пред 50 – 60 години, да се надградува со она што друго е актуелно за да се заштитат децата. Така што, во 2015 година беа донесени поливалентните вакцини, бидејќи имавме повеќе реакции од класичната вакцина на Ди-Те-Пер што беше и главно за да го подигнеме опфатот, и навистина таа година и 2016 одбележавме високи 95-98% вакцинација“, објаснува д-р Баевска Вучковиќ.

Вели, нашата држава ги почитува постулатите на Светската здравствена организација. Вакцините во нашата држава се висококвалитетни и се задолжителни на листата од Светска здравствена организација. Тоа значи дека децата во нашата држава што се вакцинираат, се вакцинираат и во Германија и во Франција и во Грција.

Во 2004 година е воведена вакцина против хепатитис Б, пред пет години се воведоа Рота –вакцината и Пневмококната вакцина.

Преглед на извршена вакцинација во Македонија години од 2017 до 2021/2022
Вид на вакцина Возраст Вакцинација (%)
Хепатитис Б 0,2,6 месеци 87% (2017), 84% (2022)
ХиБ 2,4,6 месеци 87% (2017), 83% (2022)
ДиТеПер 2,4,6 месеци 87% (2017), 83% (2022)
ИПВ 2,4,6 месеци 87% (2017), 83 (2022)
МРП 12 месеци 76% (2017), 70% (2022)
ХПВ 12 години 47.7% (2017), 52% (2022)
Рота вирусна инфекција 2,4,6 месеци 66%
Пневмококна вакцина 2,4 месеци 79%

Прегледи на вакцинација во Македонија од 2017 до 2022 година (Извор: ИЈЗ)

Преглед на извршена ревакцинација во Македонија години од 2017 до 2021/2022
Вид на вакцина Возраст Вакцинација (%)
ХиБ 18 месеци 78% (2017), 69% (2022)
ДиТеПер 18 месеци 78% (2017), 69% (2022)
ДиТеПер 7 години 79% (2017), 88% (2022)
ДиТе 14 години 83% (2017), 89% (2022)
Те 18 години 84% (2017), 83% (2022)
ИПВ 18 месеци 78% (2017), 69% (2022)
ИПВ 7 години 77% (2017), 88% (2022)
ИПВ 14 години 80% (2017), 89% (2022)
МРП 6 години 86% (2017), 89% (2022)
Пневмококна вакцина 12 месеци 56%

Прегледи на ревакцинација во Македонија од 2017 до 2022 година (Извор: ИЈЗ)

Според податоците на Институтот за јавно здравје сите вакцини што се примаат до 12 месеци со исклучок на пневмококнтата и рота-вакцината во 2022 година, имаат опфат околу 84 отсто. Со МРП вакцината покриеноста е 70 насто. Пред две години најмал опфат на ревакцини со пнувмококната вакцина имало кај 12 месечни бебиња, 56%, вакцините што се даваат на 18 месеци се со 69% опфат, другите имаат опфат од 89%.

region pod zakana od epidemii tivki doktori glasni antivakseri 1
Специјалистички упати и потврди од матични лекари нема да се уважуваат како доказ зошто некое дете не е вакцинирано

Но, од овие бројки не се разликуваат ниту другите земји од регионот. Во Црна Гора, во моментот, има епидемија на голема кашлица, а пикот бил достигнат кон крајот на декември и почетокот на јануари.

„Најмногу заболени имаме на возраст од 11-15 години, потоа постари на возраст од 26-65 години, потоа помлади од 6-10, па од 1-5, а имаме и бебе до 12 месеци кои се најзагрозени и во најголем ризик од компликации. Кај малите деца, најчесто кај доенчињата, во првите шест месеци, доколку не успеале да примаат ниту една доза вакцини може да дојде до прекин на дишењето кога е неопходна и кислородна терапија и хоспитализација“, објаснува педијатарката Ивана Лакичевиќ.

Сепак, од црногорскиот Институт за јавно здравје велат дека сѐ уште е голема и бројката на деца кои не се вакцинирани.

„Што се однесува на голема кашлица, во Црна Гора има актуелна епидемија. Почна некаде во декември, крајот на декември и почетокот на јануари беше пикот. Во последните денови регистрираме пад. Но, зборувам за регистрирани случаи, кај случаите што сме препознале и сме ги потврдиле. Имајте предвид дека ние имаме една субрегистрација затоа што не се обраќаат на лекар сите луѓе што имаат симптоми. Така што веруваме дека вистинскиот број на заразени во Црна Гора е многу поголем од оној кој ние официјално го пријавуваме на нашиот сајт кој брои близу 800 случаи. Што се однесува на малите сипаници, ситуацијата сѐ уште е стабилна, но треба да се има предвид дека се наоѓаме во регион каде што веќе се регистрирани случаи и во Босна и Херцеговина и во Србија, така што само прашање на време е кога ќе го имаме првиот случај во Црна Гора“, вели д-р Милена Поповиќ-Самарџиќ (2 дел) – Институт за јавно здравје на Црна Гора.

Морбилите -закана што го демне регионот

И покрај актуелните епидемии на голема кашлица, регионот подолго време се „тресе“ пред можната епидемија од морбили. Во Босна и Херцеговина сè уште беснее епидемијата на морбили, која беше прогласена во неколку региони. Така е и во и околу главниот град, Сараево.

За многу кус период, заклучно со 28 февруари, констатирани се вкупно 142 случаи, од кои 26 лабораториски потврдени случаи. Оваа информација ни ја потврдија од Министерството за здравство на кантонот Сараево.

До тој ден, како што ни рекоа, бројот на дози од вакцината МРП спроведени во предучилишните и училишните амбуланти во Сараевскиот кантон и на два пункта за вакцинација (Центар и Нови Град) изнесува 3.719. Последната епидемија на мали сипаници во Босна и Херцеговина се случила во 2019 година. Нагласуваат дека со оглед на малиот процент на невакцинирани деца со МРП вакцината, не е неочекувана епидемијата што беше прогласена на крајот на јануари. За безбеден колективен имунитет, напоменуваат, неопходно е да се вакцинираат 95 отсто од населението.

region pod zakana od epidemii tivki doktori glasni antivakseri 2
Босна и Херцеговина во јануари годинава прогласи епидемија на мали сипаници

Институтот за јавно здравје на кантонот Сараево располага со податоци дека во 2023 година, вкупно 27,87% од децата во првата година од животот и 13,91% од децата од другите возрасни групи биле вакцинирани со првата доза од MRP вакцината. Втората доза на МРП ја примиле 34,6% од децата под програмата за имунизација, односно на шестгодишна возраст и пред да тргнат на училиште, и 25,8% од децата од другите возрасни групи.

„Затоа, како што покажуваат податоците, ниската стапка на имунизација и послабата реакција на родителите на календарот за задолжителна имунизација на нивните деца е причината за ширењето на оваа заразна болест и прогласувањето на епидемија во 2024 година, која може да се сузбие. со придржување кон пропишаните мерки и со зголемување на бројот на вакцинирани население во Сараево и пошироко. Состојбата е стабилна и засега нема страв од растечки тренд на заболени од морбили“, велат од Министерството за здравство на Кантонот Сараево.

Опфат на вакцинирани деца со ММР
Родени година Процент (%)
2021 46%
2020 65%
2019 74%
2018 80%
2017 84%
2016 85%
2015 87%
2014 88%
2013 90%

Со текот на години во Црна Гора видливо опаѓа бројот на вакцинирани деца со ММР (Извор: Институт за јавно здравје, Црна Гора)

Лошиот вакцинален опфат на ММР вакцината која што треба да штити од мали сипаници е потенцијална причина за голем проблем и во останатите земји од соседството. Особено е лоша ситуацијата во Црна Гора

„Децата родени во 2022 година, тоа се деца кои што ги исполнуваат критериумите што се однесува на старост, да примаат ММР вакцина, вакцинирани се само околу 20% деца. Кога зборуваме за апсолутни броеви, имаме вакцинирано околу 1.500 деца. а 5.800 кои се невакцинирани, кои се чувствителни. Можете само да замислите што би се случило да влезе во волку чувствителна популација во ваква ризична група која што е родена само во 2022 година, објаснува д-р Милена Поповиќ-Самарџиќ од Институтот за јавно здравје на Црна Гора.

Заради морбилите, од 7 февруари во Србија на сила се поостри мерки од епидемиолошки надзор. „Лесно е да ги осудите родителите, многу е потешко да го смените системот“, вели психологот Јасмина Михнјак од Србија.

Во текот на 2020 и 2021 година во Србија се регистрирани најниски вредности на опфат на ММР вакцини во последните 20 години. Опфатот на вакцинирани во втората година од животот во 2020 година изнесувал 78,1% а во 2021 вкупно 74,8%. Опфатот на втора доза, пред упис на прво одделение во 2021 година изнесувал 85,8% во Србија.

Недоверба во институциите

За слабата општа покриеност со вакцинирање во Македонија, пак, стручњаците упатуваат на повеќе проблеми. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, доктор Злате Мехмедовиќ, има забелешка до институциите коишто го спроведуваат процесот на вакцинација.

„Во Скопје недостасуваат половина од здравствените тимови коишто се надлежни за вакцинација, доколку би ги имале и тие тимови наместо да работат вакциналните тимови само прва смена, ќе имаме прва и втора смена, па ќе биде многу полесно на секој родител на којшто има работни обврски во прва смена да го однесе детето и во втора смена. И втората забелешка во делот на организацијата беше за тоа што немаме стандардна оперативна процедура за тоа како треба да се известуваат родителите. Видете сега од еден вакцинален пункт ќе ви пратат писмо коешто е со повратна потврда дека истото е примено или некој ќе ви се јави од вакциналниот пункт или ќе ви забележат во книшката со моливче кога следниот пат ќе треба да се јавите на вакцина, меѓутоа тоа е еден ретроактивен систем, ако јас го добијам писмото или ако јас го добијам повикот или ако јас ја отворам книшката и го видам тоа, дури тогаш ќе бидам свесен дека моето дете треба да се вакцинира“, објаснува д-р Мехмедовиќ.

И епидемиологот, професорот д-р Драган Даниловски вели дека здравствените власти не одговорија соодветно на епидемијата со пертусисот што ни се појави, не одговорија навремено и според него, ако во некое идно време хипотетички ни се случи некоја глобална криза како како што беше ковидот, којзнае каде би ни бил крајот. Вакви работи се случуваат токму поради непочитување на законите и поради лабаво спроведување на тие закони. Вина гледа и во матичните лекари кои ја саботираат имунизацијата.

„Во целата таа работа, носители би требало да бидат докторите од примарната здравствена заштита, ама добар дел од нив, јас ќе ги наречам ‘тивки саботери’ на вакцинациите, воопшто на методот на вакцинација, со што се тивки антиваксери. И како ние сега да се потпреме на столбот на здравствената заштита, којашто е столб на здравствениот систем и тоа е прва точка на контакт на граѓанинот со здравствениот систем? Основна мисија на приватните доктори е едукацијата, не е да лекуваат туку да се грижат. Има една англиска реченица која вели – мисијата им е ‘to care, not to cure’, не да лекуваат туку да се грижат, да воспитуваат, да едуцираат. Како ќе едуцираат кога и самите тие се вакцинални скептици? Значи, клучно е да се подигне нивото и на свеста на едуцираноста и, ако сакате, да се елиминираат или санкционираат, колегите во примарната здравствена заштита кои се однесуваат саботерски, конкретно во случајов во однос на вакцинациите, има лекарски комори има суд на честа, па има и други инстанци. Сè додека сеопфатно не го опфатиме проблемот, постојано ќе бидеме изложени на случајност, ќе зависиме од случаи и не ќе знаеме од која страна не демне опасност“, објаснува д-р Даниловски.

Психологот Јасмина Михнјак од Србија укажува дека една од причините за тоа е и недовербата во институциите. „Младите родители пред сѐ, не веруваат во институциите зашто системот е тој кој ги изневерил родителите повеќе пати“, вели таа.

„Довербата кај лекарите се гради во однос со педијатарот кој често нема време за родителите. Советувалиштето се сведува на мерење на тежина и должина на бебето и вакцини, па родителите често остануваат пократки за важни информации. Додека оние што пропагираат штетност на вакцините се гласни додека експертите се речиси нечујни. Во такви околности пред родителите се става одлука околу вакцинацијата на децата што никако не би смеело да биде. Не се сите родители лекари, уште помалку епидемиолози“, завршува Михнјак.

Битка со инфордемија

Српскиот педијатар Слободан Маричиќ смета дека во време на достапност на информации како и дезинформации, а сѐ поприсутна инфордемија, тешко е младите родители во целост и безрезервно да веруваат на медицината.

„Затоа е најважно да се воспостави доверба помеѓу родителите и избраниот педијатар на детето и тој педијатар повремено да работи на уништување на секој сомнеж и секоја неточна информација“, вели д-р Маричиќ.

Во традиционалните медиуми во Црна Гора не се застапени ставови против вакцинација. Таканаречените антиваксери слабо се појавуваат и своите ставови најчесто ги споделуваат по Вибер групи или анонимно на интернет. Сепак, експертите во оваа земја потсетуваат дека ковид – епидемијата покажа дека механизмите за задолжителна вакцинација со кои треба да се зголеми опфатот на вакцинација мора да се менуваат.

„Тоа е регулатива пропишана со Закон за заштита на граѓаните од заразни болести и попрецизно со правилникот за имунизација каде точно таксативно се набројуваат одредени болести во однос на кои е задолжителна вакцинацијата, конкретно деца до одредена возраст и каде што, меѓу другото, се пропишани во законот и казнени одредби доколку не се испочитува таа законска одредба. Тие почнуваат со парични казни, ми се чини некаде од 100-500 евра за родителите кои нема да ги однесат своите деца на вакцинација. До тогаш постојат некои посредни санкции како што се оневозможеност за упис во училиште и веројатно некои други наставни активности и друго“, вели адвокатката Андријана Разиќ.

Во Македонија не се санкционираат ниту лекарите антиваксери, ниту родителите антиваксери.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат – за родителите кои нема да ги вакцинираат своите деца согласни календарот за задолжителна имунизација е предвидена глоба од 300 до 650 евра. Некои родители плаќаат по половина од износот ако постапката се завршува со порамнување. Казните не им влеваат страв на родителите. Минатата година вакциналните пунктови до ДСЗИ пријавиле дека 141 дете не ги прима редовно вакцините.

Оваа наша анализа во која опфативме четири држави од регионот – Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора покажува дека регионот генерално го тресе епидемија од недоверба кон државните институции. Тоа е децениска работа на која треба да се почне што поскоро. До тогаш, сите земји ќе бројат невакцинирани и ќе се плашат од враќање на заборавени болести.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Катерина Топалова Дејановска и Наташа Јанчиќ Менковски (Македонија), Вања Велисављев (Autonomija, Србија), Александра Мудреша Крачковиќ (Vijesti, Црна Гора), Динко Дундиќ (Fokus, Босна и Хергеговина), Гјон Ракипи (Tirana Times)
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Слаѓан Фатиќ
Монтажа:Давид Милошевски