„Бетон Штип“ е фирмата што периодов стана актуелна со истрагата „Тендер“ на СЈО, но тоа е и изведувачот на „барокните“ факултети во кампусот на УКИМ. За дел од јавноста е непознато дека и во овој случај имаше наводи за наместен тендер за „Бетон Штип“, а дополнително целиот градежен процес го „тресеа“ голем број контроверзии - преку нетранспарентна постапка и договор за локација, изборот за идејно решение, па сѐ до полноќната сеча во кампусот и протестите. МКД.мк се обиде да направи ретроспектива и деконструкција на целиот случај, кој дава поширока слика и за односот власт - високо образование.
Во некогашниот зелен појас во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), кој одбележува 67 години од основањето, сега со полна пареа се подигнуваат оспоруваните објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура (ФФК). Не е тајна дека нивниот изведувач „Бетон Штип“ е фирма блиска со бизнисменот Орце Камчев.
Базата на податоци на БИРН покажува дека „Бетон Штип“ за владиниот проект „Скопје 2014“ добила тендери од скоро 55 милиони евра. Интересно е што првичниот тендер за двата „барокни“ факултети најпрво се проценуваше на близу 13,6 милиони евра, договорот наскоро „нарасна“ на 16,8, а потоа изведбата на високообразовните институции дојде и до финална сума од околу 20 милиони евра, што ги прави најскап зафат на „Бетон Штип“ за потребите на „Скопје 2014“.
Уште поинтересно е што ВМРО-НП тврдеше дека тендерот е наместен. Критериум за доделување на тендерот беше најниската цена, а оваа партија, по договорот, јавно му соопшти на инвеститорот (Министерство за образование) дека ја имаат кај нив понудата од фирма што е подготвена да го потпише истиот договор за сума од 13 милиони евра, 7 помалку од онаа на „Бетон Штип“.
Партијата на Љубчо Георгиевски обвини дека фирмата што понудила најдобри услови и најниска цена незаконски била предвреме елиминирана со образложение што целосно е спротивно со одредбите од Законот за јавни набавки. Според ВМРО-НП, ова е сторено со цел „да се спречи учеството на лицитацијата и заради најповолно понудени услови да не го попречи изборот на однапред утврдениот победник“.
Ова беше демантирано од МОН со став дека „сето е согласно со законот“ и е „политички обид за дискредитација на капитален инфраструктурен проект“. Истовремено, досега од МОН не одговорија на нашите прашања колку понуди стигнале, од кои фирми, за целосниот тек на постапката и условите на понудувачите, а не вратија ниту дали има официјален записник од јавното отворање на понудите, обврска што е во рацете на посебната Комисија за јавно надавање (согласно со Законот за јавни набавки).
Тендерската документација со техничките спецификации на факултетите се појави откако беше склучен договорот. Претходно јавноста долго време преку Јавни набавки можеше единствено да прочита „Конечната одлука за оваа постапка ќе ја донесе одговорното лице, за што ќе бидете дополнително информирани“. И толку. Потоа само беше објавено дека е реализиран договор со „Бетон Штип“.
Според Бирото за јавни набавки, договорот со „Бетон Штип“ е склучен на 26 ноември 2015 година. Ова значи дека само две недели потоа, на 12 декември (утрото околу 2:30 часот), по налог на инвеститорот пристигнаа машинерија и екипи за да сечат децениски дрвја и поставуваат градежни тараби во кампусот на УКИМ. Ваквото ноќно работење, далеку од очите и ушите на пошироката јавност, низ последните години стана рутина, особено кога се работи за градбите од „Скопје 2014“.
Тајмингот за сечата е симптоматичен - само 10-12 часа откако младинската организација „Мугра“ испрати писмо до тогашниот министер Абдулаќим Адеми со аргументи против градење во универзитетскиот простор, а притоа најави камп за одбрана на кампусот. Познато е дека „паркобраните“ со ноќи дежураа за паркот кај „Бристол“, но „Мугра“ и студентите не успеаја ни да постават шатори - дрвјата веќе беа соголени, почнаа зафати, протести, полиција во УКИМ, по што следуваа лавина од реакции од голем дел од јавноста.
Истовремено, бранувањата на УКИМ се случуваа во време кога Владата по барање на МОН донесе одлука да се оформи нов државен универзитет - „Мајка Тереза“.
Како почна сето тоа?
Од она што го имаме добиено како информација, целиот контроверзен процес за изградба на факултетите во склоп на Кампусот за општествено-хуманистички науки е зачнат во периодот меѓу 2013 и 2014 година. Дека тие не се изградени преку ноќ, постојат различни контрадикторни информации, изјави и соопштенија.
Дел од академската фела се повикува на одлука на Универзитетскиот Сенат од 2013 година. На записникот од седница од Сенатот од 29.11.2013 за прв пат стои „изградба на зграда". Таа предлог-одлука била ставена на дневен ред како „дополнителна точка", а Сенатот ја усвоил со 51 глас „за", 3 „против" и „2" воздржани. Дел од професорите нагласија дека тогашниот ректор со ваквиот негов предлог ја „аминувал" изградбата на објектите.
Од друга страна, довчерашниот ректор Велимир Стојковски за МКД.мк тврди дека таа зграда не прераснала во идеја за подигнување два „барокни“ објекти за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. Туку, вели тој, точката на дневен ред била ставена по барање на еден од факултетите, само како утврдување потреба „со намера факултетот да направи обид да се обезбедат средства, пред сè од странски инвеститори, за градење мултифункционална универзитетска зграда, во која би биле сместени и технолошки парк, центар за иновации, други центри на УКИМ и сл“.
„Но тие напори не дадоа плод. Така што, ниту едната зграда се претворила во две, ниту двете во една. Изградбата на двете факултетски згради не е поврзана со таа одлука. Имено, градењето на двете згради е резултат на постапките што самостојно ги започнале факултетите во 2014 година, со одлуки на своите факултетски органи, без инволвирање на Универзитетот“, вели Стојковски.
Според Стојковски, тргнувајќи од сопствените потреби и ситуацијата во која се наоѓаат, органите и телата на факултетите со одлуки ја утврдиле потребата за нови згради. Потоа, во соработка со стручни лица подготвиле и доставиле до МОН проектна програма со сите потребни содржини и површини за изработка на техничка документација за објекти за факултетите со инкорпорирани функционални потреби.
„МОН врз основа на барањата и проектните задачи подготвени и доставени од двата факултети, како инвеститор, спровело постапка по конкурс за идејно решение за зградите, а во жири комисијата членови биле и деканите на двата факултети. Понатамошните постапки околу изградба на нови згради за потребите на факултетите продолжуваат во рамките на МОН“, тврди Стојковски.
Ова што го зборува Стојковски делумно го потврди и наш извор од УКИМ. Тој за МКД.мк тврди дека одлуката најверојатно „паднала“ во периодот меѓу 2013 и 2014, и тоа на маса меѓу деканите на ФИНКИ и ФФК, Димитар Трајанов и Вуица Живковиќ, кои заедно договарале и преговарале со високи владини претставници и луѓе од МОН, а потоа предлогот минал низ филтри од нивните факултети, без притоа да биде консултирано највисокото раководство на УКИМ.
Дополнително, изворот од УКИМ ни достави документи од крајот на април 2014 година. Тие, вели тој, се и воопшто првите документи што стигнале до Универзитетот од деканите од двата факултети, каде што се образложува потребата од нови објекти, но и дека МОН веќе започнало постапка за нивна изградба - внатре во кампусот.
Дали ова било комплетно самостоен потег на ФИНКИ и ФФК, не добивме одговори од овие факултети и нивните декани.
Двајцата декани ретко излегуваат со изјави во јавноста по ова прашање, освен кога студентите и МО „Мугра“ протестираа пред Ректоратот. На жестоката дебата, на денот на сечата во УКИМ (12 декември 2015), деканите рекоа дека дознале за ова предлог-решение во мај 2014. Но немаше одговор зошто во целиот овој период не повикале на поширока трибина каде што би биле вклучени повеќе студенти, професори, сенатори од УКИМ, луѓе од целата академска заедница.
Не се знае ниту дали се точни шпекулациите дали при изборот на идејното решение, на професорите при гласањето им било дадено до знаење дека доколку не го прифатат „барокниот“ изглед на фасадата, нема да добијат нова зграда!?
Нетранспарентен избор за изгледот на факултетите
Конкурсот за избор на идејно решение на двата факултети го привлече вниманието на јавноста, а внесе револт кај архитектонската фела. На конкурсот за изгледот на ФФК беа доставени 10, а за ФИНКИ - 7 труда. И за двата беа избрани делата на Жарко Чаушевски, кој поради претходните барокни решенија во духот на „Скопје 2014“ доби „титула“ на „владин архитект“.
Проблем е и што по повеќе месеци од објавувањето на резултатите од конкурсот, ресорното министерство молчеше околу организирањето на целокупната постапка за проектната документација за идните згради на факултетите. Службите од МОН не беа расположени да ја споделат одлуката на жирито во која се образложува изборот на победничкиот авторски труд од Конкурсот.
Не се организираше ниту соодветна изложба, што е нормално за поразвиените земји, каде што пошироката јавност би се запознала со визијата на сите 17 вклучени труда за факултетите од кампусот на УКИМ, особено што се работи за објекти од исклучително јавно значење.
За несоодветниот Конкурс јавно реагираше Дејан Ивановски, дел од студиото „Архитектри“ и член на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Тој појасни дека во барањата за конкурсот во ниту еден момент не бил споменат архитектонскиот стил барок. Па, со тоа, помислиле дека е логично во рамките на Универзитетот, како независна институција, да биде распишан и независен конкурс.
„Цртавме 30 дена, надевајќи се дека конечно дојде време да нацртаме зграда со која ќе се гордееме. Но згрешивме. Во тимот работеа и млади луѓе, патем одлични, одговорни личности, кои се надеваа на некаква награда за својот сработен труд, признание за тоа што заедно со своите постари колеги одлучиле дека на самото место треба да застане современа зграда што ќе биде репрезент на младите луѓе што утре ќе се борат за своите права“, нагласува Ивановски.
Работеле на зграда што со своите карактеристики ќе одговара на местото и на контекстот во кој е поставена, почитувајќи ја изворната идеја. Гледале примери од локации што им биле референтен пример, главно од Европа, како географска одредница.
„Потоа, легално, во рокот што беше предвиден од комисијата (во која нема ниеден проектант, баш ниеден) добивме одговор дека победник на легалниот конкурс во кој вистински, веруваме за последен пат, победил некојси Жарко Чаушевски. Не на едниот, на двата победил човекот! Истиот оној што ја поправи зградата на Владата, истиот оној што сака да го промени и ГТЦ...“, рече Ивановски.
Главниот аргумент што сиот овој период доаѓаше од МОН, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но и од деканите и студентските парламенти на ФИНКИ и ФФК беше дека овие факултети немаат сопствени простории, односно предавањата се одвиваат во ужасни и дотраени постземјотресни бараки, па се нужни нови објекти за соодветна настава. И тие би го решиле проблемот за 4.000-5.000 студенти. Ова беше повторувано насекаде. Десет, педесет, сто, илјада пати. Постојано. Повторно и повторно. Буквално на сите соопштенија откако официјално почнаа градежните зафати.
Притоа, никој не се потруди да објасни зошто не е побарана различна, посоодветна локација, со оглед на реакциите и забелешките што непрекинато доаѓаа од голем број активисти, разни здруженија и организации, партии од лев и десен блок, од академската заедница, сите пленуми, архитектонската и урбанистичка фела...
Студентите и професорите прашуваат зошто не се инсистираше да се одбере друга локација, особено ако се знае дека МОН во текот на 2012 година ја прекина постапката за изградба на нова зграда на ФФК на местото на постојните бараки на овој факултет, на парцела од 18.353 квадрати на „Јордан Мијалков“.
Исто така, во 2002 година претседателот Борис Трајковски пресече лента за почеток на изградба на Факултет за информатички науки. Предвидената зграда во просторот на ПМФ била започната со изградба и напуштена, a, во меѓувреме, на просторот на бараките во склоп на ФЕИТ има вцртано објект од 21.000 квадрати.
„Зарем местото на ФИНКИ не е кампусот на техничките факултети, каде што веќе природно функционира со другите?“, прашуваат од Студентски пленум, од каде што неколку пати нагласија дека потребата од нови објекти на ФИНКИ и ФФК не е предмет на расправа, туку проблематична е новата локација во однос целата градежна постапка и правната основа на активностите, но и потенцијалниот сообраќаен хаос што би се создал на просторот меѓу УКИМ, „Мавровка“ и судовите.
Според Студентски пленум и „Мугра“, прекршени се Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање објекти и Законот за градење. Во однос на првиот правилник, при оформување на градежни парцели за објекти за високо образование, како минимална површина на градежната парцела се утврдени 30 квадратни метри по студент. Истовремено, според архитектонско-урбанистичкиот проект за комплексот на УКИМ, површината на градежната парцела изнесува 91.779 м2 за сите факултети заедно. Беше речено дури и без вклучување на нови факултети и изградба на нови објекти во комплексот, не се испочитувани законските регулативи. Во сегашните услови бројот на студентите веќе е преголем за површината со располага кампусот, сметаат студентите и од МО „Мугра“.
Исто така, во проектната задача за изработка на идејно решение за ФИНКИ, за објектот била предвидена површина од 9.625 м2 за 3.200 студенти, односно 3 м2 по студент, а минимум површина предвидена според член 9 од Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање објекти, изнесува 7 до10 м2.
Професорскиот пленум ја поздрави одлуката на Владата најпосле да одвои средства за ФИНКИ и ФФК, но потенцираше за нетранспарентноста на целата процедура, како и игнорантноста на принципот на партиципативност на сите засегнати страни. Сметаат дека локацијата во Кампусот кај Ректоратот нема капацитет да опслужи уште најмалку 5.000 вработени и студенти, предвидената локација, особено на ФФК, кој своите спортски активности треба да ги изведува покрај раскрсница, е посебно проблематична и од аспект на здравјето на студентите.
Пленумот ги повика одговорните институции, МОН, Град Скопје и Ректоратот на УКИМ да објаснат и да се најде посоодветно решение. Такво нешто досега не се случи. Иако на неколку пати беше побарана, немаше ниту вонредна седница на Сенатот.
Авторството на УКИМ заборавено
Од МОН досега не одговараат, а на бившиот ректор Велимир Стојковски не му е познато дали некој од УКИМ контактирал со авторот на изворното идејно решение за Универзитетскиот кампус - словенечкиот архитект и академик Марко Мушич. Стојковски вели дека УКИМ не е инвеститор на градбите, тие се градат на државно земјиште, па не знае дали некој надвор од Универзитетот го консултирал Мушич, со оглед дека факултетите влегуваат во неговиот архитектонски изворен концепт.
„Она што знам, е дека последните контакти на УКИМ со Мушич во врска со кампусот, беа по реакцијата за изградбата на Италијанскиот мултимедијален центар, кога тој прати претставник да ја документира состојбата. Што потоа се случувало, немам информации“, вели Стојковски.
Самиот Мушич, пак, објаснува дека во 2006 година добил барање за да се одрекне од авторските права за Универзитетскиот центар во Скопје, и со тоа да даде согласност за изградба на Италијанскиот медиа центар во заднината на Филозофскиот факултет, објект проектиран од друг архитект. Негативно одговорил, а Претседателството на Словенечката академија на науките и уметностите (САНУ) до МАНУ испратил официјално протестно писмо против постапката и барање што е „против етичките и моралните кодекси и авторски права“.
„И покрај наведениот протест и непотпишаниот документ на авторот за согласноста со другиот проект, објектот беше изграден. Уште повеќе, дознав дека негов проектант е професор на Архитектонскиот факултет во Скопје“, рече Мушич за build.mk.
Потврдува и дека оттогаш никој од одговорните лица, како од МОН, така и од Универзитетот, никогаш не го исконтактирале за актуелниот проект за изградба на идните факултети во подрачјето на Универзитетскиот центар.
„Мојот став е сосема идентичен со оној што веќе еднаш, на средбата по сопствена иницијатива, му го нагласив на Ректорот во 2006 година. Тоа значи дека би било нормално и етички, па дури поволно и корисно, да се вклучи изворниот автор во понатамошните процеси на уредување, проектирање и изградба, односно авторот на првонаградениот проект за урбанистичко и просторно решение и архитектура на изградените објекти. Во ова и понатаму верувам. Не се работи за мојот личен интерес. Станува збор за многу позначајна тема. Станува збор за почитување на континуитетот и традицијата на просторното творештво, тема која е пресудна за идентитетот на еден народ, неговото наследство и култура. Тема што била присутна во сите епохи на минатото и која воедно е уште позначајна во денешниот глобален свет. Во ситуација во која еден по друг се губат идентитетите на малите народи и средини. Следствено на ова, неопходно е идентитетот не само да се чува, туку и да се зацврстува. Само преку националниот идентитет може успешно да се спротивставите на интересите и намерите на другите народи и цивилизации, кои се засноваат на аргументите на моќта и големината“, вели Мушич.
За сето ова го прашавме и Мартин Пановски, новиот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Тој не сака да дискутира за„барокните" згради во УКИМ. Вели дека малку се чувствува глупаво кога треба да коментира за објектите од „Скопје 2014", односно да дава некакво архитектонско мислење.
„Тоа е отприлика како доктор да го прашаш дали е добро да одиш на бајачка. Таа е споредбата. Досега се одржаа повеќе дебати, размена на мислења... Но во 2010 бев во управниот одбор на Асоцијацијата и уште тогаш сфатив дека џабе се објаснуваат објектите од ’Скопје 2014’, бидејќи си ги срозуваш сопствените критериуми, знаења и нивото на стручност. Така што, не сакам да ги разговарам“, вели тој во разговор со МКД.мк
Од аспект на урбанистичка поставеност, смета дека се поставени буквално како сето останато - насилно вметнати за да се затвори универзитетскиот кампус.
„Приказната на ’Скопје 2014’ не е само за да бидат видени, туку објектите да затворат и други објекти. Пример, за да не се гледа МОБ, и ред други, бидејќи некој во главата ’сфатил’ дека се тие некакви објекти од ’комунистички или социјалистички систем’, а тие всушност се ултрамодерни во своето време. Ги имате во Англија, Франција, Америка и по разни книги, трудови итн. За жал, некој со образование во минус, а за жал и некои архитекти, иако веројатно учеле и читале книги, го мислат тоа. Ова е буквално затворање на тој дел од кампусот. Ред вакви случаи, кога се работи за објекти од европска современа архитектура, се несфатливи за наши колеги од други земји. Несфатливи се за цивилизираниот свет“, подвлекува Пановски.
Бojaн Шашевски
Документи: Teкстот е првично објавен на mkd.mk.