Без јавна дебата и спротивно на основните урбанистички правила за пристоен живот во Општина Центар тече постапката за изградба на висококатници на парцелата спроти „Холидеј Ин“. Направена е пресметка за износот на комуналии што фирмата-инвеститор „Обновители“ на бизнисменот Зоран Антиќ и МПЦ-ОА треба да им го плати на Општина Центар и на Град Скопје. Станува збор за околу 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Од вкупната сума, 60 отсто или околу 1,4 милиони евра ќе легнат на сметката на Град Скопје, а останатите 40 отсто (1 милион евра) ќе завршат во касата на Центар.
Градежната дозвола последен чекор
Од Општината велат дека договорот сè уште не е потпишан, но извесно е дека тоа ќе се случи откако ќе биде поднесена потребната документација.
„По уплатата на комуналиите, неопходно е да се обезбеди цела, потполна документација потребна за аплицирање, па дури потоа да се бара одобрение за градење. Од предвидените 200.000 квадратни метри кои ги предвидува ДУП-от донесен во 2012-та година, а стапи на сила откако Уставен суд одлучи да го укине „мораториумот“, според поднесениот идеен проект, се планира искористеност од 83.000 квадратни метри. За тоа што точно ќе се гради, зависи од планираниот проект на сопственикот“, велат од општина Центар.
Оттаму не сакаат да прецизираат за колку и за какви објекти станува збор иако добиле идеен проект за оваа локација.
Од Град Скопје потврдуваат дека ја направиле пресметката, бидејќи инвеститорот ги имал документите и морале да го почитуваат Законот, но оттаму укажуваат дека тоа не значи дека Општината е обврзана да издаде дозвола за градба.
„Град Скопје направи пресметка, следејќи ги обврските од управната постапка и Законот за градба“, велат од Градот.
Станбено деловни објекти високи над 80 метри
Според неофицијалните информации, предвидено е проектот да се реализира во три фази. Во првата фаза предвидена е изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ. Во втората фаза се предвидува изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри. Во третата фаза се предвидува изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда - кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.
Планот за оваа локација не предвидува зелен простор од 20 отсто во парцела согласно Законот за урбано зеленило, а несоодветно е решено и движењето на пешаците. Не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на рекава Вардар односно отвореноста на реката кон просторот. Нејасно е како ќе се обезбеди движење на огромниот број возила по постојните сообраќајници.
Се отвораат и прашањата како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото? Дали за жителите во истата градска четврт ќе може се обезбедат пристојни услови за живот? Дали комуналните и други јавни сервиси ќе можат да ги издржат новите градби?....
Паркингот ќе стане еден од најгусто населените делови од светот
По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар и очекуваната уплата на комуналиите, практично останува уште добивањето градежна дозвола, по што ќе започне изградбата на висококатници спроти хотелот „Холидеј Ин“.
На потегот кај огромниот паркинг спроти хотелот, во ДУП „Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2“ првично беа нацртани три 60-катници, поврзани со 20-катници.
Монтажа на 3Д-модел од ДУП Ц 08 во реални позиции
Иако е неспорен јавен интерес, надлежните сега јавно не соопштуваат што точно ќе се гради и како треба да изгледа овој дел на градот. За оваа локација се поврзува и скандалозниот предлог од планерската куќа „Билд урбан“, кој како што пишуваше „Сакам да кажам“ предвидувал изградба на градинка под земја, што децата осум часа би ги оставил без свеж воздух, а инвеститорот би добил повеќе простор за згради и деловни објекти. Според оваа верзија, на локацијата би се граделе шест кули со висина од 25 до 30 катови.
ДУП Ц 08 2012
ДУП за градска четврт Ц 08 до последната одлука на Уставниот суд беше ставен под мораториум. ДУП-от не е усогласен со повисокиот Генерален урбанистички план на Град Скопје, донесен на 4.12.2012 година со важност до 2022 година. Според направени пресметки, овој ДУП за 8,8 пати ги надминува параметрите на ГУП-от во однос на површината за домување и бројот на жители. Планот предвидува 200.000 квадратни метри развиена површина за трите парцели, а според она што е замислено за домување, таму би имало најмалку 11.000 жители.
Графички приказ на несогласувањата помеѓу ДУП Ц08 2012 и ГУП на Град Скопје 2012-2022
Дозволената густина на население според ГУП-от е 805 жители на хектар, а со ДУП-от се предвидуваат 2.400 жители, доволно за центарот на Скопје да го претвори во еден од најгусто населените делови во светот. Ова ќе ги направи сообраќајот и паркирањето во овој дел на градот речиси невозоможни.
Антикорупционерите се интересираа за продажбата
Антикорупциската комисија минатата година отвори предмет за продажбата на земјиштето спроти „Холидеј ин“. Претседателката на комисијата, Билјана Ивановска соопшти дека ДКСК утврдила оти градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ пред продажбата на земјиштето издал извод од ДУП во кој не назначил дека планот е под мораториум. Како што информираа од Антикорупциската комисија, планот бил издаден поради наводно решавање на имотно-правни односи, но на истиот тој извод се повикало Министерството за транспорт и врски при продажбата на земјиштето.
„Продажбата ја извршило Министерството за транспорт и врски врз основа на извод од ДУП кој не се применува, согласно одлука донесена од Општина Центар за запирање на спроведувањето“, информираа лани од Антикорупциската комисија.
Сепак, Државниот правобранител дал позитивно мислење, а од Министерството за транспорт и врски тврдеа дека нема ништо спорно во продажбата.
„Отуѓувањето е извршено според законската регулатива. Согласно членот 68 од Законот за градежно земјиште, градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија се отуѓува со непосредна спогодба за оформување градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација доколку лицето има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежната парцела“, рекоа од Министерството за транспорти и врски.
Земјиштето спроти „Холидеј ин“ беше продадено во октомври 2018 година, по цена од 19.200 денари (312 евра) за квадратен метар. Тогаш Министерството продаде 9.048 квадрати, кои заедно со земјиште во приватна сопственост, добиено по пат на денационализација овозможија оформување на парцела од над 13.000 квадратни метри.
Префрлањето на топката меѓу институциите, одлуката на Уставниот суд и сè поизвесниот почеток на изградба на висококатниците ќе го претворат центарот на Скопје во бетонски монструм во кој условите за живот ќе станат целосно нехумани.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Мартин Пушевски Фотографии и графички решенија: МАРХ
{loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}