fbpx

Ако Македонија влезе во ЕУ, следниот ден Македонците ќе ги фрлат бугарските пасоши

Во атмосфера на недоверба и поларизација помеѓу македонскиот и бугарскиот народ предизвикана од бугарското вето, а во светло на работата на Мешовитата историска комисија, отворањето на двата клуба за промовирање на бугарските културни вредности во Р С Македонија, наречени по две контроверзни историски личности, Иван Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, отвори сериозни политички, историски, но и безбедносни дилеми во нашето општество. Што ако наметнување на историски „вистини“ на една нација врз друга отвори Пандорина кутија во регионот и овој модел стане стандард во билатералното однесување на државите членки и кандидатките за влез во ЕУ, во поткастот In medias res зборуваме со политичкиот аналитичар, политолог и поранешен дипломат Ивица Боцевски од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и со проф. д-р Петар Тодоров од Институтот за национална историја при УКИМ.

Иван Ванчо Михајлов е осуден од македонската историска наука како соработник на нацистичкиот режим, најмногу поради контактите со усташкото движење во Хрватска, но и контактите со Адолф Хитлер. Причината за овие контакти, голем дел од јавноста верува е во обидот да се создаде клон на Независна Држава Хрватска (НДХ) на просторите на тогашна Македонија. Иако овој проект бил далеку од каква било реализација, ревизионистите во македонското општество сметаат дека ова бил вреден напор на Михајлов за создавање на независна македонска држава. Но, дали навистина било така и колку бил ваквиот проект воопшто реален?

Проф. Тодоров: Дали Македонија требаше да биде новата НДХ во визијата на Ванчо Михајлов?

Цар Борис Трети е уште една личност на која негативно се гледа во македонската историска наука. „Гревот“ кој најмногу го обележува како негативна личност е врзан со депортацијата на македонските Евреи во 1943 година во нацистичкиот логор Треблинка. Иако на погрешната страна на историјата, и за оваа личност постојат обиди да се претстави во позитивно историско светло, особено од претставниците на новоотворените бугарски клубови во државата, што претставува чин на опасен историски ревизионизам. Историскиот ревизионизам воопшто, како тренд во многу европски општества, е ризичен процес, кој може да не одведе во комплетна историска релативизација на досега прифатените историски оценки околу улогата на одредени личности.

Проф. Тодоров: Перцепцијата на македонската историја кон цар Борис и историскиот ревизионизам

Дали историските наративи на различните нации, особено ако се работи за соседи, мора да биде усогласен и идентичен од обете страни на границата? Дали разликите во историските перцепции мора и треба да постојат и дали историската наука мора да цели кон една единствена вистина? Можен ли е соживот на историски вистини и дали мора да се дојде до договор со соседите за секое историско прашање? Што ако моделот на наметнување на историските „вистини“ на една нација врз друга отвори Пандорина кутија во регионот? Што ако овој модел стане стандард во билатералното однесување на државите членки и државите кандидатки за влез во ЕУ?

Проф. Тодоров: Соживот на историски вистини

Дали мора да постои исклучивост во историските наративи на нациите? Дали таква исклучивост е воопшто нужна? Дали одредени историски личности може да им припаѓаат на повеќе нации или националните историографии мора да бидат изградени на ексклузивни основи? Како да се изградат мостови на поврзување меѓу различните нации и зошто во регионот упорно се одбива ваквиот пристап? До каде досегнуваат историските корени на една нација и дали потрагата по нив често оневозможува градење на мостови во скорешното минато на блиските нации?

Боцевски: За историските наративи и нивната ексклузивност

Историскиот ревизионизам е исклучително атрактивна политичка стратегија на многу партии во регионот но и пошироко. Релативизацијата на историските перцепции за одредени личности е феномен кој се јавува и кај левицата и кај десницата во Европа. Во македонското општество, по отворањето на билатералниот спор со Република Бугарија, се создаде нова наезда на интерпретации на одредени историски настани кои одат од потполна фикција до комплетно искривување на историските факти, а во функција на споменатиот историски ревизионизам. Дали во Втората светска војна биле стрелани 100 000 Бугари во Македонија? Постои ли фамозното „крваво Коледе“? Дали треба да се рехабилитираат Ванчо Михајлов и Џемо Хаса? Што со историската улога на цар Борис?

Боцевски: За историскиот ревизионизам повторно

Повеќе од седумдесет години, Република Северна Македонија и Република Бугарија имаат заладени односи кои кулминираа со ветото на Бугарија врз македонските евроинтеграции. Иако беше една од првите држави кои ја признаа Република Македонија во 1991 година, се чини дека ова не помогна претерано во подобрувањето на односите меѓу државите по осамостојувањето на македонската држава. Сепак, постои ли рецепт за подобрување на односите помеѓу двете држави и од каде е најдобро да се почне? Дали е потребна револуција во односите меѓу двете држави или довербата треба да се враќа постепено? Има ли воопшто волја и луѓе од обете страни кои овој процес би можеле да го направат возможен?

Боцевски: Како да се надминат лошите односи меѓу РСМ и Бугарија?

Целиот поткаст под наслов „Toxic clubbing“ може да го слушнете на следниот линк

Тагови: