fbpx

Бајрамовска Мустафа: Образование на штитениците во ВПД-Тетово нема важност како формалното

  • По двомесечен прекин, 15 деца во воспитно-поправниот дом во Тетово продолжија со образование.
  • За образованието кое сега се спроведува тие добиваат потврди кои немаат важност на јавна исправа.
  • Народниот правобранител формира предмет по сопствена иницијатива за овој случај.
  • Решението е образованието да влезе во Законот за возрасни и така беше и најавено.
 

Штитениците во Воспитно-поправниот дом Тетово по речиси двомесечниот прекин во образовниот процес, од 13 декември повторно имаат образование.

Прекинот настана кон средината на октомври, поради непродолжување на договорите со наставниците од Основното училиште за возрасни „Антон Семјонович – Макаренко“. По реакцијата на Народниот правобранител до Министерството за образование на крајот на минатиот месец, на 13 декември образованието за 15 деца кои издржуваат мерка „Упатување во воспитно-поправен дом“ продолжи.

Дисконтинуитетот во образованието за штитениците во ВПД-Тетово, каде се сместуваат машки деца кои дошле во судир со законот, не е новина. Во серијата стории кои МИА и „Само Прашај“ ги објави за состојбата во домот, беше констатирано дека штитениците во Волковија имаа прекин во образованието од септември 2021 година, за да процесот продолжи во јуни 2022 година и повторно се соочи со нов прекин. Станува збор за основно образование на повозрасна група деца, кои од различни причини пред да се упатат во домот не успеале да го завршат задолжителното основно образование. Во ВПД-Тетово се упатуваат деца кои се судриле со законот на возраст од 14 до 21 година, поради тоа што и нивното образување мора да се прилагоди на возраста, како и на степенот на подготвеност кој го имаат.

Отворен е предмет за образованието во ВПД-Тетово

Народниот правобранител формира предмет по сопствена иницијатива за образованието во ВПД-Тетово, во кој освен забелешката дека образованието беше прекинато, се наведуваат и останатите недоследности во целиот овој процес на уставно загарантираното право на основно образование.

Државниот советник во институцијата Народен правобранител, Васка Бајрамовска,  која го предводеше тимот на институцијата кој во октомври ги посети штитениците во Волковија во интервју за МИА и „Само прашај“ нагласува дека е добро што се прават напори за повторно воспоставување на образованието, но потенцира дека тоа не смее да биде сведено на проекти.

Основното образование за штитениците во Волковија во моментов се спроведува преку проект на Министерството за образование и наука и УНДП, пракса, која се применува изминативе години. Решението е ад-хок, од година за година, процесот е непостојан, а по завршувањето на школската година тие деца не добиваат класични дипломи, туку Потврди за завршен одреден степен на образование, кои немаат важност на јавна исправа.

За трајно решавање на овој проблем потребни се измени во законите за основно образование и за образование на возрасни, кои МОН ги најавуваше уште на почетокот на годинава, но процесот според Бајрамовска Мустафа се уште не е почнат.

Неодамна оформивте предмет по сопствена иницијатива за недостиг на образование во Воспитно-поправниот дом „Тетово“. Дали сте информирани за состојбата, како тече моментално образовниот процес во Волковија, каде што се сместени машки деца кои дошле во судир со законот и поради тоа им е изречена оваа мерка „Упатување во воспитно-поправен дом“?

Она што го имаме како информација е податокот дека образованието продолжи на ист начин како и досега, како што се одвиваше до октомври со склучен договор помеѓу Министерството за образование и наука и УНДП за ангажирање на наставници коишто ќе одржуваат настава во двете прилагодени или оформени училници за овие две групи на штитеници, коишто ќе следат образование. Познато Ви е дека во информацијата која што ја доставивме до Министерството за образование и наука укажавме на потребата од изнаоѓање на формално системско решение на проблемот на начин со кој со почеток на секоја учебна година ќе започне учебната година и за штитениците во Воспитно-поправната установа. Образованието е задолжително и тоа го обврзува секој орган којшто е задолжен – во случајот Министерството за образование и наука во соработка со Управата за извршување на санкциите да преземат мерки да нема прекин на процесот на образование, односно прекин на настава на децата коишто се во судир со законот и се сместени во домот во Тетово.

По двомесечен преќин петнаесетте штитеници се вратија на настава

Каде го лоцирате проблемот на овој дисконтинуитет? Како овој проблем трајно би се решил и дали она што се одвива во ВПД-Тетово е класичен образовен процес? Дали тие деца учат како што учат децата во училиштата, од септември до јуни, или имаат малку поинакви програми според коишто го довршуваат основното образование?

Првенствено треба да имаме предвид дека се работи за образование, воспоставување на образовен процес во една поинаква средина, односно во установа која што и со Законот за правда на децата е поинаку дефинирана како една специјална установа која што треба да има поинаков режим имајќи го предвид карактерот, типот на децата коишто се сместени таму, нивната безбедност, потребата од обезбедување итн. За нас сметаме дека е добро тоа што се прават напори за воспоставување на образование, меѓутоа не е добро тоа што се решава проблемот со проектно изнаоѓање на решение на едно значајно прашање, кое што има големо значење во процесот на ресоцијализација на оваа група деца, што е од битно значење тогаш кога ќе заврши издржувањето на мерката и треба да се вратат надвор во општеството помеѓу другите луѓе, да можат да се вклопат и да го продолжат нормално животот.

Решението е во измена на Законот за образование на возрасни

Дали има потреба само од промена на Законот за основно образование или тука го вклучуваме и Законот за образование на возрасни?

Тука сакам да потенцирам дека се работи за образовна структура од една страна, меѓутоа и возрасна структура која што не го опфаќа оној возрасен период што би требало да го имаат, нели, децата за возраста да речам од прво до деветто одделение, за следење на настава итн., туку овде имаме група на деца коишто се со најмала возраст од 14 до 21 година. Но, она што сметаме дека е најбитно треба по завршување на ова образование на децата во Воспитно-поправниот дом да се здобијат со знаење, да се здобијат со вештини, меѓутоа и секако да имаат сертификат како јавна исправа, која што понатаму ќе му послужи на тоа дете, на тие деца, потоа по излегување од установата доколку сакаат да го продолжат образованието, да го продолжат таму каде што може да го продолжат во некоја друга установа или доколку има потреба, а секако дека ќе има потреба од нивно вработување заради обезбедување на средства за егзистенција лична и на нивните семејства, да може да бидат конкурентни и да може да одговараат на потребите на пазарот на трудот. За да го утврдат нивото на нивното знаење им се издаваат потврди за одреден степен на образование, којшто укажува на тоа дека тие имаат некакво познавање, меѓутоа не и степен за завршено образование.

Потврдата не претставува јавна исправа и тоа е факт. Меѓу другото, ако се гледа потврдата и на самата потврда пишува дека тоа не претставува доказ за стекнат одреден степен на образование.

Нашата забелешка е дека образование на овие деца мора да биде формално и мора на крај да заврши со добивање диплома, уверение или сертификат, од којшто нема да биде препознаено, да има знак, дека тие образованието го завршиле во казнено-поправна установа, воспитно-поправна установа, а на тоа впрочем укажува и Законот за правда на децата.

Дали ова, како што се нарекува, проектно образование е всушност формално образование или можеме да го сведеме на некое ниво на обука, неформално образование?

Ако се има предвид кои предмети ги изучуваат децата, што изучуваат, значи тоа се седум наставници ако не се лажам од „Макаренко“ кои држат предавања и најголемиот дел од нив се на одделенска настава, значи почетно описменување бидејќи ние затекнавме девет деца целосно без никакво образование при посетата или седум деца без нецелосно основно образование, што значи дека тие се описменуваат, учат македонски јазик, учат математика или учат изборен јазик, ликовно, музичко или некои вештини итн., што значи дека ова не е класично формално образование, имајќи предвид дека тие не учат согласно програма. Порано знам дека се образуваа согласно експериментална програма, која што ја изработува Бирото за развој на образованието, а сега се нарекува програма за нивна едукација, која што искрено не знам ни каде се вкрстува. Не може да се вкрсти ниту во Законот за основно, уште помалку во Законот за средно образование, а ја нема согласно оние правила кои ги бара образованието за возрасни. Можеби решението е тука, за оваа категорија на деца да се изработи програма од Бирото за развој на образование или во надлежните други органи во рамките на Министерството за образование и наука која што ќе потпаѓа под режим на она што значи стекната квалификација, стекнат степен на образование, за да може понатаму да има валидност, да може да се мери, односно да може да се знае дека определено дете кое што било сместено во воспитно-поправен дом добива такво образование, се стекнало со определено звање кое што ќе му овозможи понатамошно образование.

Во ВПД-Тетово има 20-тина деца на возраст од 14 до 21 година

Каква состојба затекнавте на терен, какви се условите воопшто, а во однос на образованието колку деца моментално се сместени таму и каков е степенот на нивното образование?

Во моментот кога ја извршивме посетата, значи во октомври, затекнавме 20-тина деца на возраст од 14 до 21 година. Три деца беа со завршено средно образование, едно со целосно завршено основно образование, останатите како што споменав и претходно се или без никакво образование или се без целосно оформено образование.

Условите се без никаква забелешка, тоа е факт имајќи предвид дека проблемот со децата во воспитно-поправниот дом го следам долги години ако компарирам со нивното сместување во Велес, во затворот во Охрид и сега овде во Воспитно-поправниот дом во Тетово, во Волковија, слободно можам да кажам дека оваа зграда или оваа установа изградена за децата е согласно стандардите.

Она што искрено мене ми остави впечаток и тоа го забележав во нашата информација е тоа што и покрај напорите и добрата волја на директорот и на стручната служба во однос на тоа да укажат колку е важно образованието и за овие деца, опремија и библиотека со разни видови книги, сепак, за жал, ако се има предвид колку од децата знаат да читаат, колку од нив се писмени, многу е веројатно е крајниот одговор да се даде за тоа колку од нив навистина реално може да ја искористат оваа библиотека.

Добро е тоа што во разговорот со децата, но и од активностите кои ги спроведуваме ние надвор од установата ние ги среќаваме овие деца, што е за поздравување. Значи тие се вклучени во проектни активности коишто се надвор од воспитно-поправната установа, меѓу други деца и млади од државата, каде што даваат свој придонес, изнесуваат свои мислења, искажуваат свои перцепции за определени прашања. Во домот бевме информирани дека за нив таму е подготвено и специјално музичко студио, во кое тие самите поминуваат определен дел од денот, компонирајќи музика, снимајќи песни итн., што е добар знак во помагање за квалитетна, ефикасна ресоцијализација на децата.

Образованието во ВПД-Тетово не е формално

Како системски да се реши овој проблем тие деца да имаат валидно завршено основно образование?

Решението е образованието да влезе во Законот за возрасни и така беше и најавено. Ние го следиме процесот. Сѐ уште не е донесен овој закон во Собрание, иако беше најавен дека е влезен во собраниска процедура, со што ќе се најде решение за моменталната состојба и секако ќе има поинаков ефект генерално на сето тоа што се вложува во процесот на образование. Сметам дека многу посериозно треба да се посвети внимание на ова прашање, кое што е клучно за понатамошниот развој на секое од овие деца, на понатамошната нивна промена, стекнување на определени позитивни навики. Не смееме да зборавиме дека сите овие деца, најголемиот дел од нив потекнуваат од дисфункционални, необразувани, нецелосно образувани семејства и ако и во установата каде што ќе поминат една, две, три или пет години во зависност од оценката на установата или надлежниот суд за ефикасноста на ресоцијализацијата ние не успееме преку процесот на образование да им помогнеме и да им овозможиме кога ќе излезат со сертификат во рака да можат да се вработат, големи се можностите и шансите повторно некое од нив повторно да го видиме или во воспитно-поправниот дом или во малолетничкиот затвор или во некој од казнено-поправните установи, а на што впрочем наидувавме во нашите посети.

Во продолжение следува целото видео интервју.

Новинар: Ана Цветковска
Снимател и монтажа: Андреј Бранковиќ
 

Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата Само прашај (www.samoprasaj.mk) на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Употреба на новинарство, засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформации во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти), што го финансира Британската амбасада во Скопје.