fbpx

Со доследно применување на Законот за правда на деца до намалување на деликвенцијата

Детството е период во кој децата треба да растат и да постават здрава основа врз која ќе се гради нивниот карактер како возрасни луѓе. За жал, постојат поединци кои имале тешко детство, кое многу лесно се трансформира во деликвенција, која пак често е дефинирана како социјална болест бидејќи тие деца не живеат во согласност со моралните и позитивни норми и поради тоа, многу често се наоѓаат во конфликт со законот.

Законот за правда на децата вклучува различни можности за превенција, рехабилитација како и за користење на услугите за помош и поддршка и мерки на заштита на децата. Тој во својата широка „палета “ на можности, за децата во судир со законот ја вклучува и медијацијата која има цел преку дијалог, детето да сфати што сторило, како се чувствувала жртвата во текот на делото и по него. Да сфати дека со своето дејствие повредило туѓи чувства, тело или имот, да ги слушне страдањата на жртвата и последиците што ги претрпела. Секако, крајниот ефект е чувство на сочувство со жртвата, преиспитување на сопственото однесување и пронаоѓање на причините што довеле до настанот и негова ресоцијализација.

Во Република Северна Македонија, според Државниот совет за превенција на детско престапништво – ДСПДП, во практиката на јавните обвинителства и на судовите, медијацијата кон деца е применувана во многу мал број случаи.

Податоците од Годишниот извештај на Државниот совет, обезбедени според индикаторот со кој се мери бројот на упатени деца на постапката за медијација, покажуваат дека судовите во 2020 и 2018 година не упатиле ниту едно дете на медијација, а во 2019 биле упатени четири деца.

За разлика од судовите, јавните обвинителства во 2020 година упатиле 11 деца на медијација, девет од ЈО Тетово и две од ЈО Струмица и кај сите деца била успешна. Во 2019 биле упатени исто така 11 деца, но медијацијата успешно завршила кај седум деца, а во 2018 година од упатени три деца успешна медијација била завршена само кај едно дете.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 1

Претседателката на Државниот совет, професорката Гордана Лажетиќ, за МИА истакна дека Советот, заедно со неколку релевантни институции, пред две години потпишал договор за заживување на медијацијата и користење на нејзините можности.

- Со цел нејзино заживување во 2020 година беше потпишан трипартитен Меморандум за соработка помеѓу Државниот совет, Академијата за судии и јавни обвинители и Комората на медијатори, со цел изготвување курикулум и програма за обука на медијатори за деца, обуки на судиите и обвинителите за предностите и бенефитите од медијацијата и другите ресторативни форми на постапување, појасни Лажетиќ.

Согласно структурата на Годишниот извештај и дефинираните индикатори, Државниот совет ги прибира, споредува и следи податоците добиени од МВР, центрите за социјална заштита, јавните обвинителства и од судовите.

Податоците во 2020 година бележат намалување на детско престапништво, а според Лажетиќ, тоа се должи пред сè поради пандемијата, при што поради ограниченото движење се редуцираа и можностите за вршење кривични дела.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 2

- Но не би биле реални ако го исклучиме постоењето на голема темна бројка на непријавени или неоткриени кривични дела. Затоа е потребно да се следат стапките од година во година и трендовите во подолг временски период за да се изведат релевантни заклучоци, појаснува таа.

Сепак, податоците на МИА покажуваат дека има дури 87 пресуди за малолетници од Основниот Кривичен суд – Скопје, поради „непостапување според здравствените прописи за време на пандемија“.

Во земјава мерката упатување во ВП Дом ја издржуваат деца осудени за убиство, дрога, крадење...

Помеѓу мерките кои им се изрекуваат на децата во судир со законот, се воспитните мерки „укор“ или „упатување во центар за деца“, „засилен надзор од страна на родителите/или/от, односно старателите/или/от“, „згрижувачко семејство“ или од страна на центарот и заводски мерки „упатување во Воспитна установа“ и „упатување во Воспитно-поправен дом“.

Заводски мерки се изрекуваат нa дете кога постои потреба од потрајни мерки на воспитување, превоспитување или лекување и негово целосно одвојување од дотогашната средина. Траењето на овие мерки не може да биде подолго од пет години, но најмногу до наполнети 23 години.

Според податоците до кои дојде МИА преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од вкупно изречени 405 пресуди од Основниот Кривичен суд – Скопје за период од 2019 до 2021 во ВПД биле упатени шест малолетници сторители на кривични дела - две за „убиство“, две за „тешка кражба“, едно за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и едно за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 3

Засилен надзор во згрижувачко семејство добиле тројца, двајца биле протерани од земјата, а со условна осуда завршил еден малолетник.

Децата жртви на дејствија кои со закон се предвидени како кривични дела ги имаат истите права што ги имаат и полнолетните лица жртви пред, за време и по завршувањето на кривичната постапка, како и посебните права признати со Конвенцијата за правата на детето и другите ратификувани меѓународни договори. Овие деца уживаат засилена заштита и поддршка од сите институции, органи и поединци во системот на правда за децата, со цел да се намалат негативните последици врз нив од кривичното дело и да се спречи негативното влијание на постапувањето на институциите врз правилниот развој на детето.

Токму поради тие законски можности, најчести пресуди за малолетните лице во истиот период, односно последните три години, според податоците до кои дојде МИА од Кривичен суд - Скопје, биле „засилен надзор од страна на центарот“ - вкупно 187 и имало исто толку „мерки на засилен надзор од родител-старател“. Осуммина поминале со „укор“, а седум со „условна осуда со заштитен надзор“.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 4

Од правосилните пресуди кон малолетни лица сторители на кривични дела од страна на Основниот Кривичен суд – Скопје, од изминатите три години, најмногу добиле пресуда за „тешка кражба“, односно вкупно 102. Поради „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ биле казнети 87 малолетни лица. За „насилство“ пресудено било им било на 51 малолетник, „разбојништво“ - 23, а „тешка телесна повреда“ - 20.

Кривично, дете над 16 годишна возраст може да се казни само ако поради тешките последици од стореното дело и високиот степен на кривичната одговорност не би било оправдано да се изрече воспитна мерка. Под условите определени со овој закон, на детето над 16 годишна возраст можат да му се изрече затвор за деца, парична казна, забрана на управување со моторно возило од определен вид или категорија и протерување на странец од земјата.

Oд Управата за извршување на санкции за МИА информираат дека во Казнено-поправната установа - Затвор Охрид, број на деца кои издржувале казна затвор за деца во текот на 2019 и 2020 година е по девет, а 2021 година четири.

Општински совети да издвојат Буџет за превенција на детско престапништво препорачува Државниот совет

Со Законот за правда на децата, меѓу другото, се уредува и постоењето на Државниот совет за превенција на детско престапништво, кој е формиран во 2009 година страна на Собранието на Република Македонија. Во него е предвидено да членуваат професионалци, стручни и научни работници, вработени во државни и јавни установи, приватен сектор или претставници на граѓанските здруженија.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 5

Претседателката на ДС, Лажетиќ за МИА појасни дека покрај тоа што Советот дава иницијативи за измени на законски решенија и мислења во однос на закони важни за заштитата на правата на детето, има надлежност и за пошироко запознавање на граѓаните со правата на децата, што се остварува со изготвување брошури, флаери, редовно ажурирање на интернет страницата со корисни содржини и учество во работилници.

- Надлежностите на Државниот совет за превенција на детско престапништво се дефинирани со Законот за правда за децата, во кои спаѓаат донесување Национална стратегија за превенција на детското престапништво, донесување годишни програми и планови за работа, дава иницијативи за измени на законски решенија и мислења во однос на закони важни за заштитата на правата на детето. Државниот совет редовно изготвува Годишен извештај за работа што го доставува до Собранието и Владата, Судскиот совет и Врховниот суд, кои се должни да го разгледаат и да преземат соодветни мерки и активности, информира Лажетиќ.

Од Државниот совет велат дека постојано ги потсетуваат градоначалниците за нивната обврска согласно Законот за правда за децата за формирање општински совети за превенција на детско престапништво. Според ДС, еден од главните проблеми со непостоење или нефункционалност на формираните општински совети се должи на фактот што не се издвојуваат средства од буџетот на општината за валоризација на активностите на општинските совети, поради што не постои доволна мотивираност и овие одредби не се имплементираат.

ВПД-Тетово со одлични услови, но премногу оддалечен од населено место за непречено одвивање на настава

Новинарска екипа на МИА го посети објектот на Воспитно поправниот дом во Волковија, за кој објави репортажа и забележа одлични услови и доволно кадар за соодветна обука и ресоцијализација на децата престапници, штитеници на домот.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 6

За условите во ВПД-Тетово свое мислење дава и Државниот совет, од каде за МИА информираа дека повеќе пати укажале дека условите во Домот се неспоредливо подобри од условите во кои биле сместени децата во Затвор Охрид, но, како што велат, „ДС реагираше и дека објектот во Волковија е прегломазен и архитектонски неприлагоден кон потребите што треба да ги понуди воспитно-поправниот дом, премногу е оддалечен од населено место, без директна автобуска линија, со отежнати услови за одвивање настава и обезбедување здравствена заштита“.

И покрај овие забелешки, ДС има одлична соработка со управата на ВПД-Тетово, за која оценува дека вложува извонредни напори за спроведување на третманот, програмите, процесот на ресоцијализација и подготвување на децата за живот надвор од установата. Во оваа смисла, ставот на ДС е дека сместувањето на ВПД во објектот во Волковија треба да се смета за преодно решение, одосно не е доволно само да се пронајде и изгради соодветен објект, туку е потребно да се адресираат и другите проблеми.

Во Воспитно-поправниот дом – Тетово, со пристигнување на правосилното решение и упатниот акт, ги примаат децата како нови во таа институција и најпрво ги сместуваат во приемното одделение.

- Откако ќе биде изречена мерката упатување во ВПД, значи со пристигнување на правосилното решение и упатниот акт, ние ги примаме децата како нови во нашата институција со тоа што најпрво децата ги сместуваме во приемното одделение. каде што работи стручниот тим, составен од три члена, педагог, психолог и социјален работник, каде што детето престојува од 15 до 30 дена со нив. Го анализираат, го тестираат, користат разни методи, и педагошки, и психолошки, и социјални, за да ја видиме неговата структура. Секако, ние добивме и извештај за неговото минато, неговата историја и потоа ние го утврдуваме и на самото место. Гледаме детето најпрво од каде потекнува, дали од семејство, дали има родители, дали доаѓа од дом, го гледаме образованието, дали е писмено, неписмено. Ја гледаме целата индивидуа на детето, како надворешно така и внатрешно преку разни методи. И потоа од тие 15 - 30 дена, сега нормално и поради корона-ситуацијата во нашата држава, ги изолираме значи до 30 дена. Инаку, може за 15 дена детето веднаш да биде сместено во некоја од групите. Имаме две групи. Тоа го определува стручниот тим, во која група ќе биде. Значи, се гледа возраста на детето, појаснува директорот на Домот, Даниел Антоски, во интервју за МИА.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 7

Воспитно-поправниот дом е специјализирана воспитна установа, со посебна образовно-стручна програма и со посебен режим на обезбедување од типот на „училиште ‒ затвор“, каде детето лишено од слобода се вклучува во општа образовна програма или програма за стручно оспособување.

Третманот на детето во воспитно-поправниот дом се организира така што му се обезбедуваат услови за основно и средно образование и воспитување, за стекнување и развивање позитивни навики, на вредносни особини и за работно остручување и оспособување за одделни занимања. Во домот му се обезбедуваат и услови за активно користење на слободното време со културни, забавни и спортски активности, одржување контакти со семејството и други лица и институции што можат позитивно да влијаат врз неговата ресоцијализација.

So dosledno primenuvanje na Zakonot za pravda na deca do namaluvanje na delikvencijata 8

Меѓутоа, посетата на МИА во ВПД-Тетово и ВП Домот за девојчиња кој е сместен во рамките на Казнено-поправната установа – Идризово увиде дека во моментов, во двата дома образовниот процес е во застој, а кај малолетничките нема ниту соодветни услови за сместување, бидејќи практично се во затвор за возрасни, а исто така и слободните активности се ограничени.

Сепак, заводските мерки „упатување во воспитна установа“ и „упатување во воспитно-поправен дом“ се предвидени како исклучителни санкции, согласно меѓународните стандарди за правда за децата што го преферираат вонинституционалниот третман на децата во судир со законот. Нивната примена не е врзана со видот или тежината на дејството на детето, предвидено како казнено дело, туку, со неговата состојба и со потребата од потраен надзор и засилени мерки на воспитување, превоспитување и правилен развој.

Малолетникот не се раѓа деликвент и не одлучува да стане таков, туку постојат повеќе фактори кои влијаат врз креирањето на таков профил кај детето, а тоа најчесто е недостигот или несоодветното воспитување од семејството, училиштето, социјалната средина.

 

Новинари: Борис Куноски, Ангела Рајчевска, Ана Цветковска

Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

 

Повеќе на темата:

Антоски: Очекуваме наставата за штитениците во воспитно поправниот дом да почне месецов
Децата упатени во воспитно-поправен дом се лишени од задолжителното образование

Тагови: