fbpx

Образованието на децата во Воспитно-поправен дом бара системско решение

Секој малолетник кој е на возраст кога образованието е задолжително има право на образовна и стручна обука. Децата во судир со закон кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“ во Република Северна Македонија веќе неколку месеци никој не ги образова. Од Министерството за правда посочуваат дека уште во септември испратиле дописи до Министерството за образование, од каде, пак, велат дека оваа година очекуваат воспитно - образовниот процес да продолжи.

Но, годината изминува, во тек е второто полугодие, а штитениците во Воспитно-поправниот дом -Тетово, каде мерката ја издржуваат момчиња, и штитеничките, кои оваа мерка ја издржуваат во прилагодени простории во Казнено-поправната установа - Идризово, од септември до сега сè уште се без настава.

Обврска на ВПД е да овозможи услови за основно образование во самата институција, а надлежно за спроведувањето на процесот е Министерството за образование.

При посетата на МИА во Воспитно-поправниот дом за момчиња во Тетово, во кој се сместени 21 штитеник и одделението во Казнено-поправната установа – Идризово, каде оваа мерка во моментов ја издржуваат три малолетнички на возраст од 15 и 17 години, МИА имаше можност да разговара со осудените кои изразија желба за учење и изјавија дека им недостига образовниот процес и сметаат дека застојот во истиот негативно влијае врз нивниот развој. Во овие установи веќе неколку месеци не се одржува настава. Боењето е единствена активност на трите малолетнички сместени во несоодветни услови во Идризово, а соодветните училници во ВПД-Тетово од септември се празни.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 1

Според податоците до кои дојде МИА, поголема група деца од 12 до 13 години сместени во ВПД-Тетово, немаат завршено основно образование. Во интервјуто со директорот, Даниел Антоски, дознаваме дека во Домот изминатата година се спроведувало основно образование. Процесот бил организиран како проект на УНДП и Министерството за образование. Децата, поделени во две групи, учеле во двете, сега празни, училници во Домот, во согласност со тестирањата на наставниците од училиштето „Гоце Делчев“, најблиското до ВПД – Тетово. Во моментов основното образование е во прекин. Завршил договорот меѓу УНДП и МОН.

– Министерството за образование и УНДП го прекинаа договорот за соработка. Јас минатата недела имав средба со министерот за образование. Имав средба на која најдовме, мислам, заеднички јазик да се надмине конечно тој проблем, вели Антоски во разговор за МИА.

Тој нагласува дека законска обврска на државата е да обезбеди образование за овие деца и изрази надеж дека ова ќе се реши најскоро, дури и овој месец.

Од Министерство за правда велат дека согласно член 8 од Правилникот за начинот на избор на основно училиште, поблиските критериуми и начинот на организирање на наставата во здравствените установи, казнено-поправните установи како и во домашни услови, e наведено дека во казнено-поправните установи се организира основно образование како дел од општиот систем на образование и воспитување.

Министерство за правда од септември чека одговор од МОН

Од Министерството за образование, пак во одговорот на нашето прашање зошто сè уште нема образование за децата кои се во судир со законот, ни одговорија дека согласно законските прописи имаат надлежност да организираат воспитно - образовен процес во воспитно-поправните и казнено-поправните домови во државата, а по претходно барање на Управата за извршување на санкции.

- Заклучно со минатата календарска година, овој процес успешно се спроведуваше, со поддршка на УНДП и со училиштата кои се наоѓаат најблиску до овие установи, од каде воедно и се ангажира наставен кадар. Па така, за децата кои се наоѓаат во ВДП Волковија образовниот процес се реализираше по експериментални наставни програми изготвени од БРО и со наставен кадар од ОУ „Гоце Делчев“ во село Стенче, Брвеница, додека, за лицата сместени во женскиот дел во КПУ Идризово наставата се реализираше со кадар од ОУ„Његош“, велат оттаму.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 2

МОН очекува воспитно - образовниот процес да продолжи по целосно усогласување на активностите на засегнатите страни, односно институциите и установите вклучени во овој процес со кои, како што наведуваат во моментов се во интензивна комуникација.

- Важно е да се напомене дека со измените на Законот за образованието на возрасните кои се доставени во Собранието е предвиден основ за донесување на програми за основно образование за учениците кои ја имаат надминато возраста (како што се учениците во КПУ и ВПД), со што тие повеќе не би се едуцирале по т.н. експериментални програми, туку по редовни програми и на крајот од завршувањето на одреден степен би добивале свидетелство кое ќе биде со идентична вредност и важност како и свидетелствата издадени во редовните основни и средни училишта, посочуваат од МОН.

Сепак, конкретен одговор за тоа кога ќе почне образовниот процес за децата во ВПД-Тетово и за штитеничките, кои се сместени во КПУ-Идризово не добивме, иако очекувањата на директорот на Домот во Волковија се дека тоа може да се случи овој месец. Образовниот процес не смее да зависи од проекти, кои имаат одреден рок, а, како што посочи и Антоски во интервјуто, проблемот треба да се реши системски, еднаш - засекогаш.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 3

Од Министерството за правда, на прашање на МИА зошто изостанува образовниот процес во ВПД-Тетово и тој за штитеничките во Идризово изјавија дека Управата за извршување на санкциите со дописи до Министерството за образование и наука, уште во септември 2021 година, доставила барање со списоци за вклучување на децата и на осудени лица од воспитно-поправните и казнено-поправните установи во образовниот процес, но, како што велат „сѐ уште се чека одговор од оваа институција“.

Момчињата немаат образование но имаат можност за изучување на струка, девојчињата ниту тоа

Посетата на МИА утврди дека можностите и условите кои ги имаат момчињата сместени во ВПД-Тетово, се далеку подобри од оние кои ги имаат девојчињата.

Работни навики малолетничките кои престојуваат во Идризово немаат како и каде да стекнат, додека, момчињата во ВПД – Тетово се обучуваат за ѕидари, молери, водоинсталатери, работа во кујна и слично.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 4

Единствена еднаква навика која што ја стекнуваат и девојчињата, и момчињата, се елементарните хигиенски навики, личната хигиена и хигиената во просториите во кои престојуваат.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 5

Со личниот развој на момчињата во Волковија работат 13 вработени во Секторот за ресоцијализација, додека, во Идризово, едната иста воспитувачка е надлежна и за малолетничките, и за сите останати затворенички во рамките на Казнено-поправната установа.

Во слободно време, момчињата играат фудбал, кошарка и се забавуваат со музика, додека, на девојките им е овозможена само ограничена прошетка во дворот во рамките на Казнено-поправната установа Идризово.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 6

И од Хелсиншки комитет посочуваат дека условите во женското одделение при КПУ Идризово се такви да не ги исполнуваат потребните стандарди за издржување на мерката упатување во ВПД.

Дополнуваат дека во изминатиот период се направени реконструкции на просториите во кои тие се сместени со цел подобрување на материјалните услови, меѓутоа, сепак, имаат помалку можности за спортски и вокациски активности со цел исполнување на нивното слободно време, но и нивна соодветна ресоцијализација.

Проблемот со процесот на образование на овие деца, како што велат од Хелсиншки „сериозно загрижува“.

- Тоа што процесот на образование во Тетово е паузиран, а во Идризово воопшто го нема, сериозно загрижува. Имајќи предвид дека образованието е клучно за ресоцијализација на децата и нивно вклучување на пазарот на трудот по напуштање на воспитно поправната установа, велат оттаму.

Социјалните работници и судиите ретко ги посетуваат штитениците, забележува Хелсиншки

Она што е забелешка на Хелсиншкиот Комитет е тоа дека социјалните работници и судиите ретко спроведуваат посети на децата штитеници во ВПД Тетово и женското одделение во рамки на КПУ Идризово што, според нив, директно влијае врз нивниот процес на ресоцијализација, а имајќи предвид дека судиите се тие кои ја носат одлуката кога децата треба да прекинат со издржување на воспитно поправната мерка.

- Оваа одлука не треба да се темели само врз основ на документацијата која ВПД ја доставува до надлежниот суд, туку е потребно и нивно активно вклучување во целокупниот процес, велат оттаму.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 7Директорот на Воспитно-поправниот дом – Тетово, Даниел Антоски, во интервју за МИА вели дека има одредени судии кои често доаѓаат, и како што рече, „или сме во контакт по телефон или доаѓаат на лице место“.

Во однос на прашањето кој ја прави процената во врска со траењето на мерката која ја издржуваат штитениците тој посочи дека тоа се прави во соработка со судиите.

- Ние праќаме најпрво шестмесечен извештај до нив. Ние сме тие кои кажуваме како се одвива процесот на ресоцијализација. Нашето мислење го даваме до судијата, но, тоа не значи дека нашиот предлог мора да биде прифатен од страна на судијата или на јавниот обвинител. Може да не биде прифатен, да не му се укине мерката, ако така смета јавниот обвинител и судијата или пак може да биде обратно, ние да не се согласуваме со укинување на мерката ако сметаме дека детето не ги исполнило условите, појаснува директорот.

Од информациите кои ги има Хелсиншкиот комитет, воспитувачките во установата каде што се сместени девојчињата кои ја издржуваат мерката „воспитно-поправен дом“, континуирано се залагаат да воспостават и развијат одредени хигиенски, културни и работни навики кај овие девојчиња, како и се стремат девојчињата да имаат континуиран контакт со членовите на нивните семејства.

Функционалноста и семејната кохезија основен услов за формирање на здрава и интегрирана личност

Постепено враќање во социјалните структури на општеството бара сериозен пристап и ангажирање на сите расположливи средства и мерки од страна на релевантните институции во спречувањето на факторите и условите кои доведуваат до малолетничко престапништво.

Од Хелсиншки велат дека иако условите во ВПД-Тетово за сега се добри, потребно е тие да продолжат и понатаму да бидат одржливи.

- Кога зборуваме за услови, не мислиме само на материјалните услови туку и на стручноста на кадарот кој работи со децата, образовниот процес кој мора непречено да се одвива со поддршка на Министерството за образование, но и поголема инволвираност на судиите, центрите за социјални работи и Агенцијата за вработување кои имаат обврска да им помогнат на децата по напуштање на установите да се стекнат со работни вештини и активно да бидат вклучени во пазарот на труд, велат од Комитетот.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 8

Дополнуваат дека ако се земе предвид фактот дека голем број од децата кои се во судир со законот потекнуваат од сиромашни и дисфукционални семејства, нивната работна неангажираност може да придонесе тие повторно да дојдат до судир со законот.

Психологот Весна Аврамовска, од Центарот за социјални работи на Град Скопје, посочува дека девијантното однесување на децата во судир со законот најчесто се должи на социо-економските услови во државата, семејните односи и релации, влијанието на надворешните фактори во периодот на раст и развој на детето, како што е влијанието на врсничката група, достапноста и неконтролираната употреба на социјалните мрежи, и недоволни превентивни активности во насока на спречување на општествено неприфатливо однесување.

- Семејството е најзначајната примарна група во која се раѓа, воспитува и развива младата личност. Детето првите општествено прифатливи облици на однесување ги усвојува во примарното семејство. Оттаму функционалноста и семејната кохезија е основен услов за формирање на здрава и интегрирана личност, вели таа.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 9

Таа го дополнува и влијанието на врсничката група, од причина што, како што вели, детето во оваа развојна фаза има потреба од идентификација и прифаќање на одредени обрасци на однесување во врсничката група и го посочува училиштето е средината во која децата поминуваат поголем дел од времето и улогата на сите чинители во воспитно-образовниот процес кој, според неа, има суштинско значење во делот на препознавање и превенција на малолетничкото престапништво.

Во однос на стигматизацијата, таа вели дека негативно се одразува врз децата и затоа е потребно нејзино препознавање и надминување.

Успехот на рехабилитацијата на штитениците во ВПД, како што вели, во голема мера зависи од активностите на сите чинители вклучени во процесот на рехабилитација.

- Потребата на младите за психолошка поддршка по излегување од ВПД е од особено значење, во насока на усвојување на општествено прифатливи обрасци на однесување, прифаќање и интегрирање во примарната средина и превенирање на понатамошно девијантно однесување, вели таа.

Obrazovanieto na decata vo Vospitno popraven dom bara sistemsko resenie 10

Познатиот италијански правник, криминолог и филозоф, Чезаре Бекарија, во неговото дело „За злосторствата и казните“ од 1764 година, отворено го нагласува значењето на образованието за превенција на криминалот, каде, според него, најсигурно, но истовремено и најтешко средство за борба против криминалот, е подобрување на образованието, кое се заснова на искреност и борба за вистината, а не врз авторитетот за да се постигне само лицемерен и привремен ефект.

Процесот на ресоцијализација на децата кои се во судир со законот треба да е во основата на изрекувањето сите мерки, меѓу кои и упатувањето во ВПД. Целта на издржувањето на мерките е оспособување на осудените лица да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот. Неопходно е, на децата како главни актери во престапничкото однесување да им се овозможи процес на ресоцијализација во кој ќе бидат опфатени сите оние сегменти како што се образование, работа, здрави навики, личен развој и слободно време, кои ќе им овозможат понатамошен непречен развој и еднакви можности.

 

Новинари: Ангела Рајчевска, Борис Куноски, Ана Цветковска

Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Тагови: