Балканот и соседските релации: Напнатост зад превезот на соработката
- Од Белград до Сараево и Подгорица, од Софија до Скопје – балканските земји во трка за меѓусебно оцрнување.
- Бугарија се обидува да и диригира на Македонија, а Србија на БиХ и Црна Гора
- Кога историјата се меша со сегашноста се зголемува и ранливоста на државите од регионот
Соседски односи
Токму во миговите кога се чинеше дека бугарско-македонското „непријателство“ е на пауза, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје мораше да излезе со реакција на соопштение на бугарското МНР, со кои се пожали дека официјална Софија настапува како рецензент на изјави на македонски политички претставници. „Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации“, налутено порача институцијата што ја води македонската дипломатија.
Тоа не е првпат источниот сосед на Македонија да „упаѓа“ во политиката на официјално Скопје. И не само на официјалната. Откако избувна спорот меѓу двете држави околу идентитетските прашања на македонската нација, секое случување во Македонија поврзано со тој спор, речиси задолжително е проследено и со реакции од Бугарија, многу често и преку тамошните, но и преку македонските медиуми. Понекогаш ставовите на соседната земја се толку гласни што ги задушуваат домашните позиции.

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев е секогаш прв избор на медиумите кога треба да се анализираат односите меѓу Скопје и Софија. Нивното вжештување во последните години, повторно ја актуелизира темата дали Бугарија се обидува преку пропаганда да го смени текот на македонската политика во своја полза.
Слично е и во Босна и Херцеговина, но таму дипломатското „надвикување“ доаѓа од Србија. „Кога станува збор за влијанието на Србија преку Република Српска, реториката, која вклучува сецесионистички наративи, е сè поагресивна и сурова“, вели Денис Хаџовиќ, генерален секретар на Центарот за безбедносни студии од БиХ.
„Со усвојувањето на ‘Декларацијата за српскиот свет’ на Сесрпското собрание во 2024 година, Србија одлучи да игра уште поригидна игра кон БиХ. Оттогаш, никогаш не сме слушнале дека го поддржуваат суверенитетот на БиХ, тие само го нагласуваа територијалниот интегритет и им дадоа целосна поддршка на сите нелегални активности што ги спроведува раководството на Република Српска“, оценува Хаџовиќ.
Малку појужно на балканскиот простор, иако на референдумот за независност на Црна Гора одржан на 21 мај 2006 година, 55 проценти од црногорските граѓани гласаа за враќање на независноста, а 45 проценти гласаа за сојуз со Србија, и државата прогласи отцепување од Србија и независност, од Белград и денес добиваат „топли поздрави“ за братство и отворена покана да го вратат сојузништвото. Сентиментите се чини сѐ уште постојат, а Србија се труди да ги поттикнува.
„И покрај прогласената независност, сепак, тоа не значи дека приказната е завршена, барем за оние кои го гледаат проблемот од Белград. Многу често ќе слушнете изјави, почнувајќи од претседателот на Србија, г-дин Вучиќ, дека ако тој бил на тоа место во тоа време немало да се заврши така и дека за 20 години ќе видиме како ќе се променат работите“, вели Златко Вујовиќ, професор на Факултетот за политички науки при Универзитетот на Црна Гора.
За разлика од Црна Гора и БиХ, Македонија денес се наоѓа во акутна фаза на размена на наративи со Бугарија при што бугарските изгледаат дека се погласни. Серијалот почна уште во 2022 кога владата во Софија под водство на премиерот Кирил Петков успеа бугарските барања да ги протне во т.н. француски предлог за откочување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Притоа од Бугарија стигаа внимателно калибрирани информации до македонската јавност дека Македонија веќе нема да има проблем со Бугарија, туку со ЕУ во поглед на исполнувањето на обврските од преговарачката рамка. Информациски „бомби“ пристигнуваа и за време на работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија за надминување на проблемите меѓу двете земји, при што Бугарија повторно го рашири својот информативен балон над Македонија.
„Како тргна работата на Комисијата дојде едно агресивно мешање од страна на политиката во Бугарија во работата на Комисијата со изјавите и на премиери на претседатели и на министри за надворешни работи и веќе стана јасно дека Бугарија, бугарската политика во тоа време ќе ја користи историјата како алатка да направи притисок врз преговорите што требаше да ги започне Македонија и да ги уценува тие пристапни преговори со некакви историски компромиси“, вели денес академик Драги Ѓорѓиев, историчар и поранешен копретседател на Мешовитата комисија.
Потсетувајќи се на тоа време, тој посочува дека „стануваше сѐ повидливо дека Бугарија ќе настојува преку Комисијата да направи што поголеми измени овде во историскиот наратив и тоа ни стана јасно и на нас“.
Денес, кога сагата меѓу Македонија и Бугарија трае веќе четири години, маглата е погуста од било кога досега. Тоа се виде и од најновата бугарска реакција што ја споменавме на почетокот, со која македонскиот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски беше обвинет за „манипулативна изјава“ откако рече дека Бугарија одбегнува средби со македонските државни претставници. „Ова не е првпат Македонија официјално да изнесува вакви нејасни и манипулативни тврдења“, гласеше пораката од Софија која медиумите во Скопје ја пренесоа. Целта на пораката беше многу јасна: Македонија демек лаже, а Бугарија демек ги разбива лагите.
Комуникологот Бојан Кордалов вели дека проблемот лежи во тоа што наместо дијалог единствено се произведуваат медиумски наративи насочени со контрааргументи од страна на секоја од двете земји. „Водењето на дебата базирана на таквите контрааргументи е логично дека ќе разбуди емоции, стереотипи и дополнително ќе го продолжи кругот на ширење на меѓусебни поделби, па дури и омраза меѓу луѓето“, оцени тој.
Од Белград до Сараево
За Балканот, и на Балканот, веќе има воспоставено мислење дека отстапува од сите политички теории за односите меѓу државите и секогаш одржува висока температура во соседските релации. Нашиот соговорник Дамир Машиќ, шеф на клубот на владејачката СДП во Федералниот парламент на БиХ, истакнува дека во позициите на Србија кон БиХ, дури и постои стратегија во таа насока.
„А тоа е дека од време на време, во зависност од потребите не само на Србија, туку и на Русија и нивното негативно малигно влијание во целиот регион, вклучително и во Босна и Херцеговина, сервираат одредени наративи, кои објективно ги нарушуваат, не само односите меѓу БиХ и Србија, туку ги нарушуваат и внатрешно-политичките односи во самата држава БиХ“, смета Машиќ.
Од Србија, вели тој, има многу негативно влијание и силно негативно мешање во внатрешните работи на БиХ. „Тие наративи за ‘загрозеноста’ на српскиот народ во Република Српска од кого друг може да ги чуете? Можете да ги чуете само од Додик и Вучиќ. Никој друг не споменува, ниту пак е воопшто тема, нарушување на било какви односи, ниту пак гаснење на Република Српска или угнетување на овој или оној народ“, посочува Машиќ и заклучува: „Значи, очигледно овие наративи им служат, пред сè, за опстанок на власт, за хомогенизација внатре во своето избирачко тело, што е очигледно потребна за завршување на работи, бизниси како што тоа се случува на Балканот. Кога ќе кренете национални знамиња, обично има некој сериозен криминал што се случува во позадина“.
Такво нешто ѝ се случува и на Црна Гора, иако независноста од Србија е конечна и прифатена од доминантното мнозинство црногорски граѓани. Официјалната политика преферира односите со Србија да ги оценува како најдобри во однос на другите земји од поранешна Југославија, но сепак преовладува мислењето дека официјална Србија влијае на внатрешните прашања во Црна Гора, а таквото мешање е видливо и кога станува збор за Српската православна црква. Србија се обидува да влијае и на ставот на Подгорица кон независноста на Косово и кон НАТО.
Во една од студиите на Дигиталниот форензички центар е оценето дека европската интеграција на Црна Гора се соочува со сериозни предизвици поради сè поинтензивните активности на просрпските и проруските актери кои дејствуваат во земјата. Студијата „Инструменти на мека моќ во хибридни стратегии“ покажа дека интересите на Србија во Црна Гора опфаќаат политички, медиумски, културни и религиозни аспекти. Како што исто така е наведено во студијата „режимот на српскиот претседател Вучиќ“ се обидува да постигне хегемонистички амбиции преку спроведување хибридни активности.
„Тие се дел од софистицирана стратегија која комбинира различни механизми на мека моќ и малигно влијание со цел зајакнување на своето присуство во земја-членка на НАТО, која е воедно и најсериозен кандидат за членство во ЕУ“, се вели во студијата.
Во истиот документ се додава дека еден од клучните механизми на влијание од Србија во Црна Гора е дистрибуцијата на дезинформации преку медиумите и социјалните мрежи, кои, како што се наведува, имаат за цел да го дестабилизираат националниот идентитет на Црна Гора, а Српската православна црква (СПЦ) игра клучна улога во мобилизацијата на граѓаните и промоцијата на политички опции кои се блиски до српските интереси. Се истакнува и дека просрпските и проруските портали во Црна Гора преземаат содржини од српски таблоиди или од филијали на руски медиуми со седиште во Србија. Овие медиумски наративи се карактеризираат со силен антизападен тон, негирање на црногорскиот идентитет и култура и величење на Србија и Русија како чувари на традиционалните вредности.
„Кога ќе земеме предвид дека Црна Гора е членка на НАТО, и е пред вратата на ЕУ, а Србија не е ниту членка на НАТО ниту на ЕУ, самиот тој контекст не дозволува такво нешто. Сепак, тоа не значи дека се помириле со тоа во Белград. Напротив, Белград има јасни планови и ако го земете однесувањето на официјален Белград, ќе видите многу сличности со официјална Москва“, истакнува нашиот соговорник од Црна Гора Златко Вујовиќ.
Поради фактот што Црна Гора е погодна за странско влијание, експертите сметаат дека е потребно да се формира парламентарно тело или државна институција што би се справила со овој проблем. Во моментов, црногорските закони и институции немаат никакви механизми за спречување или сузбивање на негативните странски влијанија. Неодамна усвоената медиумска стратегија предвидува формирање тело за борба против дезинформациите, говорот на омраза и насилството на интернет – Мрежа за борба против дезинформациите, чии членови би биле претставници на универзитетите, медиумите, невладините организации, полицијата, обвинителството, судовите и надлежното министерство.
Бугарски ултиматум за Македонија
Во Македонија веќе постојат такви тела, меѓутоа одредени специфики во спорот со Бугарија и нејзиниот европски статус, ја прават државата поранлива, меѓу другото и затоа што Бугарија преку европската преговарачка рамка ѝ постави услов на Македонија за преговорите за членство во ЕУ. Сето тоа има и свој историски предговор кој лежи во односот на Бугарија кон Македонија.
„Митот за Македонија во Бугарија е голем. И мислам дека тој мит сѐ уште постои во Бугарија, а тоа е дека Македонија е бугарска земја, дека ова население овде до 1945 година беше бугарско население, и ќе се осмелам да кажам дека дури ако во еден момент дозволат меѓународните прилики, овие драматични промени кои се случуваат сега во односите на највлијателните политички сили, Бугарија повторно би претендирала на Македонија“, вели македонскиот историчар, академик Драги Ѓорѓиев.
Проблемот е, како што вели Ѓорѓиев, што тој мит е пренесен и во современоста. „И зад сето тоа мислам дека стои таа нивна не би рекол порака, но сѐ уште една прикриена желба за овој простор и за Македонија и македонскиот народ“, вели тој.
Но, немаат сите среќа или несреќа да бидат на удар од влијание од европска земја како што е тоа случајот со Македонија, каде што источниот сосед Бугарија пласира свои ставови за внатрешни прашања кои ја засегаат само Македонија. Ако се погледне состојбата во Босна и Херцеговина, таму иако тензиите не се чувствуваат толку како што се меѓу Македонија и Бугарија, се гледа друга шема која исто така може да биде штетна за иднината на државата.
Имено, информациите за активностите на Српската разузнавачка агенција на територијата на БиХ често се појавуваа во медиумите, иако ваквите активности сè уште не се официјално потврдени дури ни од институциите во БиХ. БиХ, според разговорите што ги водевме таму, вели Хаџовиќ од Џентарот за безбедносни студии од БиХ, генерално, се соочува со проблем поврзан со недостатокот на заедничка визија во рамките на државата кога станува збор за иднината, надворешната и внатрешната политика, и како таква, многу е тешко соодветно да одговори на ваквите надворешни влијанија и станува бојно поле за интересите на разни регионални и светски сили.
„БиХ токму поради ова не може да воспостави ефикасни механизми на државно ниво кои би работеле на заштита на државните интереси. Ова има негативно влијание и врз самите граѓани. Се обидува сè да се реши, особено на ниво на агенции, кои не соработуваат доволно и не се доволно силни за да се спротивстават на ова идеолошко и национално ниво. Русија, на пример, често ги наметнува своите интереси во БиХ преку Србија, ја промовира својата идеологија и дејствува како посредник“, оценува Денис Хаџовиќ.
Странското мешање е во тесна поврзаност со степенот на медиумска писменост во земјите затоа што колку е тој степен повисок помали се шансите за приемчивост на пропаганда. Истражувањата, меѓутоа, покажуваат дека Црна Гора, заедно со соседните балкански држави, се на дното на европската листа кога станува збор за медиумска писменост, а медиумската сцена во Црна Гора се карактеризира со активност на неколку различни медиуми чија содржина и уредничка политика се обликувани од политичките и идеолошките преференции на нивните сопственици, кои се доминантно странски актери.
Иако Црна Гора е членка на НАТО и се перципира како следна членка на ЕУ, досега покажа низок степен на отпор кон странско мешање, особено она што доаѓа од Русија и Србија. Клучните наративи се заканата за Србија, дека српскиот народ и Српската православна црква во Црна Гора се дискриминирани и дека Србите во Црна Гора се лишени од право на глас. Некои од наративите, дури и вклучуваат враќање кон традицијата – традиционална Црна Гора, потоа се наведува дека Црна Гора е „амбасадористан“, односно не е суверена држава, туку дека западните амбасади и странските центри на моќ ја регулираат внатрешната и надворешната политика на земјата.
Соговорникот од БиХ, Дамир Машиќ за сето тоа коментира дека е „очигледно кој е всушност регионалниот проблем“.
„Ако ретроспективно се вратите низ одредени настани, кога се правеа обиди за дестабилизација на политичките и другите ситуации, и во Македонија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, што беше заедничкиот именител? Русија и Србија“, изјави тој.
Но, не е секаде така. Или барем во случајот со Македонија. „Во политиката решенијата мора да се бараат преку комуникација, дијалог и креативност“, вели комуникологот Бојан Кордалов од Македонија. Алиби, пак, за нерешавање на проблемите, додава тој, се бара во гласното повторување на вашите ставови или, пак, со емоционални ставови и нагласување на меѓусебната несоработка како вредност.
„Често нагласувам, а би сакал да го споменам и тука, дека ако земјите основачи на денешната ЕУ го имале ваквиот пристап по Втората светска војна и доколку не се фокусирале на заедничката иднина, слобода и економските потенцијали, никогаш немала да се создаде ЕУ, ниту денес граѓаните на Унијата би живееле, тргувале, студирале, работеле итн. слободно меѓусебно, со отвореност и безвизни режими кон сите останати демократски системи во светот“, смета Кордалов.
Во обид да сфатиме како странците го перципираат Балканот и луѓето кои живеат овде ги најдовме овие дефиниции: Постои перцепција дека балканските луѓе можат да бидат тврдоглави или отпорни на компромис, особено во прашања поврзани со личната гордост или културниот идентитет. Балканските луѓе понекогаш се стереотипизираат како луѓе кои брзо се лутат или се склони кон емоционални испади. Овој стереотип често се овековечува со прикажување на страсни расправии или конфликти во медиумите и популарната култура.
Важно е да се знаат овие перцепции, затоа што низ нив може да се дефинираат и конфликтите кои постојат меѓу земјите кои ги вклучивме во оваа анализа.
„Ние всушност, свесно или несвесно, велам ние, медиумите, општеството, влијаеме и помагаме на некои одредени политики и на задоволување на политичките интереси на оние кои за жал во овој момент немаат добронамерен став“, вели Дамир Машиќ. Неговиот коментар се однесува на босанско-херцеговското општество, но може да се примени и на останатите земји од опкружувањето.
На пример, Македонија, која во моментов се наоѓа среде вртлог од приказни, лансирани од Софија, дека го дискриминира бугарското малцинство како и сограѓаните со бугарска самосвест. Земјата е политички „бомбардирана“ преку медиуми, а најмногу преку социјалните мрежи и дека повеќе го симпатизира Белград отколку својата европска иднина.
„Ако земеме предвид дека основниот канал за комуникација меѓу двете влади и институции се медиумите и испраќањето на пораки и жалби преку јавните гласила, тогаш европските добрососедски односи стануваат уште подалечна цел“, нагласува македонскиот комуниколог Бојан Кордалов.
И БиХ е контаминирана со кампања дека не се грижи доволно за Република Српска, а Црна Гора дека иако ита кон Европската унија гледа преку рамото дали зад петиците не и е „братска“ Србија.
Некои таквите ситуации ги нарекуваат „балкански јазол“, но можеби е време тоа да го надградиме со популарната реченица на албанскиот премиер Еди Рама – Sorry for being so Balkanic.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска, Амил Дуциќ (БиХ), Александра Мудреша Крачковиќ (Врна Гора)
Сниматели: Наке Батев, Слаѓан Фатиќ, Дамир Беговиќ
Фотографии: Наке Батев и Дарко Андоновски
Монтажа: Ристо Душковски
Поврзани стории:
„Бајати“ наративи го разгоруваат македонско-бугарскиот спор
Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание
- Објавено:
- Прегледи: 967

